Достапни линкови

Трагедијата ги сплоти револтираните граѓани


Транспарент на протестот во кој се бараше „Правда за Фросина“, 2 февруари 2025
Транспарент на протестот во кој се бараше „Правда за Фросина“, 2 февруари 2025

Наталожени фрустрации, толеранција на криминалот и пропусти во системот ги извадија македонските граѓани на улица за да побараат „Правда за Фросина“, вели политикологот Трошановски, кој смета дека ова е порака до целиот естаблишмент. Зошто потешките дела во сообраќајот уште се казнуваат прекршочно?

Неказнивност и инертност на системот, селективна правда, години ветување дека ќе биде подобро, а години терање по старо. Oва ги мобилизираше граѓаните да излезат на улица барајќи правда за 22-годишната Фросина Кулакова, вели за РСЕ политикологот Марко Трошановски.

Таа на 29 јануари беше прегазена додека минувала на пешачки, од автомобилот на 20-годишниот возач, кој според официјалните информации, немал возачка дозвола, имал алкохол во себе и поминал на црвено на булеварот Партизански одреди во Скопје.

Ова предизвикаа бурни реакции кај граѓаните, главно студенти и млади кои одржаа протестен марш на 31 јануари и втор, уште помасовен, на 2 февруари.

Граѓаните оддаваат почит на местото на несреќата близу Универзалната сала во Скопје, 31.1.2025
Граѓаните оддаваат почит на местото на несреќата близу Универзалната сала во Скопје, 31.1.2025

Слоганот дека корупцијата убива сега е точен повеќе од кога било и многу луѓе преку оваа трагедија се поврзаа уште посилно со проблемот што не се адресира, смета Трошановски.

„Главниот проблем е многу поширок, а тоа е една култура на инертност, на корупција, на толеранција на криминал, на тргување со влијание и така натаму којшто eве луѓето конкретно го гледаат преку ваквите трагедии“, додава политикологот.

Тој смета дека протестите низ Србија предизвикани од несреќата на железничката страница во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица при уривањето на бетонска настрешница, се мотивација плус за искажување на граѓански револт во регионот. Но, главен поттик останува наталожената фрустрација кај граѓаните поради тоа што нештата не се менуваат.

Предупредување до власта, порака до целиот естаблишмент

Промената на власта се случи неодамна, па Трошановски не очекува ескалација на протестите, а нив ги гледа како порака и предупредување.

„Добро е што на почетокот од мандатот на ВМРО-ДПМНЕ луѓето покажуваат дека се будни, дека будно ја следат бавната имплементација на реформите, особено во делот на судството и борбата против корупцијата. Не е тоа директно насочено конкретно кон ВМРО-ДПМНЕ туку кон целокупниот естаблишмент сите изминати декади во земјава којшто ги занемарува овие прашања. И е само предупредување за власта дека ќе ја изгуби таа поддршка ако продолжи да игнорира или бавно да се справува со истото“, смета Трошановски.

Секој еден може да е следен
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:19 0:00

И бавната имплементација на системот безбеден град, која се одложува со години, се посочува како причина повеќе за револт, бидејќи во меѓувреме улиците земаат нови жртви.

Кога и како градот може да стане побезбеден?

Според податоците со кои располага македонската полиција, дури 60 отсто од сите сообраќајни несреќи се препишуваат на брзото возење.

Во Северна Македонија во просек годишно на патиштата животот го оставаат 65 жртви на еден милион жители, односно за четвртина повеќе од ЕУ-земјите, беше соопштено на Третата меѓународна конференција за безбедност на сообраќајот одржана во 2024 во оранизација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Системот на камери и казни на домашна адреса беше најавен пред повеќе од една деценија. Во меѓувреме, беа распишани тендери и поставени камери, но досега не профункционира на начинот на кој беше ветено - автоматски да ги следи и казнува сите што прават грешки во сообраќајот.

Засега, статусот останува да биде- наскоро.

„МВР тоа како постапка го спроведува, и наскоро ќе имаме еден таков систем којшто ваков тип на дивеење ќе санкционира. И тоа мора да се случи. Колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме имплементираме и да преземеме казнена политика која што ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме сме ја постигнале целта“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на 31 јануари.

Ниту систем, ниту казни, ниту полиција може да не заштити од несовесни возачи, кои веруваат дека се семоќни, порачува професорот Никола Дујоски, од Факултетот за безбедност. Драконски казни би помогнале, но не би го решиле проблемот со нетолерантно ниската сообраќајна култура, смета тој.

„Ако возиме со 120 на главните градски булевари, што може полицијата да направи овде? Тука веројатно е подобро да се вклучуваат други служби, како што се психијатрите, затоа што нешто мора да му фали на човек кој што одлучил 120 да вози на место каде што е ограничено 50“, вели професорот.

Според него, треба да се размислува за заштита преку колку што е можно помал степен на допир меѓу учесниците во сообраќајот. Односно, или пешаците да се тргнат од коловозите или тие да се прилагодат за возачите да бидат должни да намалат брзина.

„Мора да се размислува за зони со смирен сообраќај. Или да се изградат надпатници, односно места каде што пешаците ќе може да се качат, па да поминат на другата страна на булеварот. На пример, кај Партизански одреди, од Буњаковец, па се некаде до крајот на Градежниот факултет или до семафорите со улицата Рузвелтова, да биде зона на смирен сообраќај. Единствено тоа може да не заштити“, вели Дујовски.

Затоа, предлага надлежните институции да побараат најоптимални решенија заедно со професорите кои се занимаваат со овие прашања и порачува дека за револтот да има ефект, освестувањето треба да трае, а правилата да ги почитуваат сите и целосно.

Потешките прекршоци во сообраќајот никако да станат кривични дела

Возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50г/промили во крвта или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина се уште се казнува прекршочно.

И покрај тоа што беа прифатени предлог измените на Кривичниот законик со кои секој што ќе го стори ова во сообраќајот ќе одговара кривично, сепак во пракса ова се уште не е влезено во сила. Од државното обвинителство велат дека овие дела се уште стојат и во законот за прекршоци од каде не се избришани, па не се применливи во Кривичниот.

Инаку, со новиот член 403 практично се вметнува ново кривично дело кое ќе гласи „Безобзирно управување со моторно возило“, а за ова се предлагаат парични казни или казна затвор до три години.


Ваквиот предлог стана актуелен во 2022 година кога во сообраќајка кај Сити Мол, на Партизанска, загина 24 годишната Викторија Николова од Радовиш.

Возачот беше обвинет за тешки тела против безбедноста и имотот од сообраќајот, а претходно ја призна вината. Судот го осуди како виновен бидејќи на раскрсницата на која имало семафор на кој трепкало жолто светло, не ја приспособил брзината.

Возел со 67 километри на час, што е за 17 поголема од максимално ограничената брзина и тоа на одбележан пешачки премин. Кривичниот суд му одреди три години затвор на возачот, 23 годишниот Јордан Ѓорѓиев, а скопскиот Апелационен суд му ја зголеми на 4 години затвор. Семејството на загинатата не беше задоволно од пресудата.

Во врска со актуелниот случај со Кулакова, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје отвори истрага против возачот, за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Кривичниот суд му одреди 30 дневен притвор.

Најтешка казна за сообраќајка е предвидена со членот 300 во кривичниот законик. Во него се делата во кои има тешко повредени или загинати и предвидуваат казна до 10 години затвор. Новиот член би требало да биде превентивен, а институциите очекуваат дека со него би се зголемила свесноста кај возачите.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG