Молчешкум, со солзи во очите и со порака на маичките кои ги носеа, а на кои пишуваше „Правда за Фросина, започна вечерашниот протест на голема група граѓани предводени токму од родителите и сестрата на загинатата студентка Фросина Кулакова.
Онаму каде се случи трагедијата, на булеварот Партизански одреди близу Универзална сала тргна маршот во чест на сите прерано изгубени животи поради дивеење во сообраќајот.
Голем гнев предизвикаа информациите за несреќата која се случи на 29 јануари, а за која подоцна се дозна дека ја предизвикал пијан возач, без возачка дозвола, кој возел со огромна брзина и поминал на црвено на семафорите каде на пешачки премин поминувала Фросина.
На денешниот втор протест беше упатена порака „Кој е следен?“ како реакција на сите инциденти со неконтролирано возење и неказнување, кои резултираат со трагични последици.
„Безбедноста е право, не луксуз“, „Ако корумпиран систем живее, народот умира“, „Денес правда за Фросина, утре за сите нас“, „Не е кобно местото, туку луѓето и системот“, „Her future stolen, his privilege exposed“, „Партизанска не е Формула1“, „Улиците не се тркачки патеки“ беа дел од транспарентите, кои ги носе учесниците на протестот.
Со извикување „бараме правда“, а се повтори и слоганот, „нема правда, нема мир“ демонстрантите го продолжија протестот марширајки кон Собранието и Кривичниот суд Скопје.
Инаку 22 годишната Фросина Кулакова беше студентка од Неготино, за загина откако во неа удри „пежо 207“ управувано од 20 годишниот Васил Јованов.
Револтот кај граѓаните кулминираше после информацијата дека тој претходно добил судска пресуда од Кривичниот суд Скопје „воспитна мерка“ иако бил гонет за поседување и дилање на голема количина дрога.
Несреќата се случи седум месеци по пресудата додека се чека одлука од Апелациониот суд по жалбата на обвинителството. Исто така Јованов во минатото предизвикал и сообраќајка во која повредил жена пешак, но исплатил само паричен надомест за тоа без да одговара.
Гневот на граѓаните е насочен кон неговите родители и судијката која ја донела одлуката.
Семејството на Фросина бара да одговараат и таткото на сторителот и судијката
Ѕвездено небо пред Собранието на Северна Македонија со светилките од мобилните телефони создадоа демонстрантите. Молчеа во чест на Фросина, но по тоа беа гласни особено нејзиниот татко. Порача дека судии, обвинители, проценители и извршители направиле друштво за надавање како аукциски куќи.
„Кој ќе плати повеќе мито тој добива“, рече таткото на трагично загинатата Фросина – Тодор Кулаков.
Денеска протест се одржа и во Кавадарци. Сестрата на Фросина, Росица од таму побара да одговараат и таткото на момчето и судијката од Кривичниот суд која го водела процесот за дрогата на Васил.
Росица Кулакова порача дека очекувале таткото и судијката да изразат сочувство, а наместо тоа како што рече тие кукавички бришат профили од социјалните мрежи.
„Оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Ние за Фросина бараме правда, не само од убиецот, бараме да одговара и татко му Зоран Јованов и од судијката Даниела Алексовска Стојановска, кои не излегоа јавно да изразат сочувство за семејството, туку кукавички се кријат и бришат профили. Правда за Фросина мора да има“ порача Росица, сестрата на загинатата Фросина.
Од Кривичниот суд Скопје во писмено соопштение денот по несреќата објаснија дека судот за две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“ донел осудителна пресуда за момче кое немало полни 20 години.
„Со упатување во воспитно поправен дом обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години“, се велеше во соопштението од Судот.
Оттаму велат дека според евиденцијата на судот, осомничениот не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела.
До сега не е процесурана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на сообраќајот, а лицето е евидентиран, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир, посочуваат од судот.
Но, иако од судот изразија жалење сепак сметаа дека сообраќајките се општествен проблем, а не проблем на судот.
Осомничениот успеал да дојде до мобилен телефон во притвор
По барање на обвинителството, Кривичниот суд следниот ден по несреќата му одреди 30 дневен притвор на 20 годишникот. Но, веднаш по тоа на социјалните мрежи се појавија негови фотографии каде тој држи мобилен во рака.
Дека тој поседува мобилен потврди и директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов. После силните реакции од јавноста Пандов изјави дека се сомнева во повеќе вработени лица.
„ Направени се претреси во повеќе ќелии по сознанието дека убиецот на Фросина телефонот го обезбедува од друго притворено лице од соседна ќелија, благодарение на затворски полицаец кој што од едната ќелија носи кутија со колачи во собава каде што се наоѓа Васил Јованов. За тоа е направено плаќање од 250 евра надвор на братов на лицето кое што му го обезбедило телефонот. Тие телефони се одземени, изјави Пандов.
Ова пак предизвика уште поголем револт кај јавноста која на денешниот порача дека се сомнева во системот.
Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за тоа „чија“ е судијката
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека судијката Даниела Алексовска Стојановска, која ја донела одлуката за Јованов да не оди во затвор а сепак го прогласила за виновен за трговија со дрога, е блиска до СДСМ. Пратеникот Миле Лефков, истакна дека штаб на СДСМ во општина Ранковце, се наоѓа во куќата на таткото на судијката Алексовска Стојановска.
„Ова се судиите на СДС, заради кои се потребни итни реформи во судството. Одговорност за слепите послушници на СДС во правосудството кои зацрнија цели семејства мора да има, додава Лефков.
Од опозициската СДСМ веднаш одговорија. Наместо да преземат одговорност и да бараат решенија за проблемите, од ДПМНЕ етикетираат луѓе, лажат и манипулираат.
Срамно и недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотребува овој трагичен настан, кога добро знаат дека и судијката и таткото на сторителот се блиски до нивната партија.
„Судијката Даниела Алексоска Стојановска е избрана токму од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на нивниот режим, на 8 февруари 2012 година. Таа е дел од фамозното „тефтерче“ на Гордана Јанкулоска, симбол на партиските влијанија врз судството. Граѓаните добро знаат како се избираа судии тогаш и чии кадри се тие“, напишаа од СДСМ.
Лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев најавува дека наскоро од страна на пратеничката група ќе бидат предложени законски измени со кои ќе се бара воведување на ограничен судиски мандат по примерот на уставните судии и воведување на кривична одговорност за судиите кои нема да ги применат или ќе ги злоупотребат законите.
Најмалку три жртви за десет години на „Партизанска“
Сообраќајката во која беше прегазена Фросина Кулакова не е прва која предизвикува бурни реакции и гнев кај граѓаните за дивеењето по улиците. Само на истиот булевар, „Партизански одреди“, изминатите години згаснаа неколку млади животи.
Во 2015 беше прегазена студентката Фросина Цековска од 26-годишен возач возач кој исто така беше под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената.
24-годишната Викторија Николова од Радовиш во јануари 2022 година, беше прегазена на истиот булевар, но кај трговскиот центар Сити мол. 22-годишниот возач, според Обвинителството, тогаш возел со поголема брзина од дозволената.