Достапни линкови

Улиците стануваат опасни по живот


Илустрација

Стотици лица годишно се жртви во сообраќајни несреќи, што е далеку од европскиот просек. Најчеста причина за сообраќајките е пребрзо возење. Семејствата на жртвите реагираат на ниските казни за сторителите. Новите измени во кривичниот закон со построги казни се уште не се усвоени.

Речиси секој трет ден на македонските улици гине по еден човек. Ова го покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи, според кои само во првата половина на минатата година регистрирани се вкупно 3.567 сообраќајни незгоди, од кои 46 со смртни последици.

Брзо возење и алкохол - автомобилот смртоносно оружје
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Ако се анализараат билтените на МВР за јануари годинава, само во еден месец регистрирани се десеттина несреќи кои завршиле со тешко повредени лица, а во дел од случаите сторителите место да помогнат, побегнале од местото на несреќата. Најголем дел од нив биле млади луѓе кои возеле пребрзо.

Инфографика - Сообраќајки со смртни последици 2018 - 2022
Инфографика - Сообраќајки со смртни последици 2018 - 2022

Тешки дела, а ниски казни

Возачите кои предизвикуваат сообраќајни несреќи со смртен исход, често добиваат условни казни или затворски од по неколку години. Во последните години многу млади лица го загубија животот на улиците.

Токму удар од автомобил кој возел со преголема брзина била причина за смртта на 25-годишниот Оливер Петровски од Битола. Го удрил на пешачки премин. Како што објаснува неговиот брат Бојан, возачот добил 18 месеци затвор.

„Сторителот во мојот случај си го возеше истиот автомобил неколку дена, значи не му беше одземена ниту возачката дозвола. Замислете некој гази 25-годишно дете, не му е ниту возачката дозвола одземена, замислете кој апсурд е тоа и која навреда е за здравиот разум на оштетените од сообраќајката, на мене и на моето семејство, ниту возачка се одзема, ниту пак притвор се одредува во овие случаи и се остава слободно да шетаат сторителите“, вели Бојан.

Петровски вели дека е разочаран од пресудата и казните за возачите кои усмртиле луѓе и дека со вакви казни нема да се променат состојбите на патиштата. Токму ниските казни кои ги добиваат предизвикувачите на сообраќајките отвораат и сомнеж за корупција во судството.

„Човек кој што украде ќебапи беше осуден на три и пол години. Секаде казните се условни или година, година и пол, очај и беда, нема никаква правда, судиите се корумпирани и тотална негрижа за спроведување на правдата, ако некој збор постои кој може да ги оцени тие пресуди е зброт очај“, вели Петровски.

Неговиот пример е само еден од низата, во кои семејствата на жртвите во сообраќајките реагираат на судските пресуди. Таков беше случајот и со 24-годишната Викторија Николова која беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Возачот доби 4 години затвор, а семејството разочарано порача дека ваквата пресуда е ослободителна, и со истата се дозволува ваквите престапи да поминат неказнети. Последен случај кој ја загрижи јавноста беше минатиот месец, кога единаесет годишно девојче од Велес беше прегазено од автомобил, додека минувала на пешачки премин заедно со нејзината мајка.

Брзото возење најчеста причина за сообраќајките

Помошник-началникот на сообраќајната полиција, Дaрко Силјановски за РСЕ вели дека при сите контроли на терен, токму за брзо возење се пишуваат и најмногу казни.

„Најчести прекршоци при контролите на сообраќајната полиција се брзо возење, возење под дејство на алкохол, поминување на затворен семафор, користење на мобилен телефон“, вели Силјановски.

Сообраќајна (не)култура

Дејан Андоновиќ од Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) пак вели дека постојано работат на кампањи за подигнување на јавната свест бидејќи токму и сообраќајната култура е една од причините за црните статистики на патиштата.

„За некои прекршоци нема простување, или да поминуваат со опомена како што се возењето под дејство на алкохол, неприлагодена брзина и непочитување на правилата и прописите на сообраќајните сигнализации и оттука повторно сообраќајната култура и свест е најважна“, вели Дејан Андоновиќ од РСБСП.

Сепак и покрај кампањите, податоците на МВР покажуваат дека годишно во земјава над сто лица животот го губат во сообраќајки.

Сообраќајна некултура во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Законските измени за благите судски казни уште не се усвоени

Во меѓувреме, Министерството за правда веќе подготви измени во кривичниот законик, во кој меѓудругото се предвидува и ново кривичо дело „Безобзирно управување со возило“, за што се предлагаат парични казни или казна затвор до три години. Тука ќе влегува возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50г/промили во крвта или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Од Министерството за Правда за РСЕ велат дека годинава новиот кривичен законик ќе биде доставен до Европската Комисија, а откако ќе добијат мислење оттаму, ќе биде доставен на разгледување на Влада. Причините за ваквиот предлог се случувањата во изминативе години кога безбедноста на сообраќајот беше значително загрозена со многубројни дејствија наведени во членот 403, а сторителите одговараа само прекршочно.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG