Достапни линкови

Отворени очи и искрен разговор со децата за траумите по убиството на Вања


Редица ученици и граѓани пред училиштето „Песталоци“ во Скопје
Редица ученици и граѓани пред училиштето „Песталоци“ во Скопје

Вознемирени и исплашени се и учениците и родителите по случајот со тинејџерката Вања Ѓорчевска, која беше пронајдена убиена, откако една недела се трагаше по неа. Родителите ги носат децата до училница и се стресуваат кога не крева телефон нивното дете. Психолозите порачуваат училиштата да им понудат психолошка поддршка на децата, а родителите да отворат четири очи.

„Како сега да ја пуштам сама да оди на училиште“, се прашува родител на шестооделенка во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската општина Центар.

Децата и родителите се вознемирени и исплашени, откако деветоодделенка од ова училиште во саботата беше пронајдена убиена по една недела откако исчезна тргната на пат кон школо.

Властите одлучија училиштето да остане отворено. Со повиските одделенија се разговарало за случајот, а помалите имале настава, оти на нив најтешко им било да им објаснат што се случува.

Полицијата соопштувајќи детали дека Вања ја грабнале во влезот на зградата кадешто живеела, и ги врзале рацете и нозете, ја ставиле во вреќа за спиење, а потоа во гепек на возилото со кое била однесена надвор од градот.

Според досегашните докази, осомничените планирале да бараат откуп, но до тоа воопшто не дошло. Девојчето е убиено неполни три часа по грабнувањето.

Училиштето е во центарот на Скопје, во прометен дел на главниот град на Северна Македонија, наоколу има кафулиња, кафеани, амбасади и постојана раздвиженост. Убиеното девојче живеело недалеку од училиштето, но во понеделникот на 27 ноември не стигнало на настава. Една недела подоцна учениците, наставниците, родителите, но и граѓани кои не ја познавале и оддаваа почит пред училиштето.

„Целата таа слика – книга на жалост, полиција, новинарски екипи дополнително ги вознемирила. Си пишуваат во групи на социјални мрежи за убиството, зошто се случило, но не можат да ја видат пошироката слика и дека и тие се потенцијални жртви“, вели таткото на шестооделенка во ОУ Песталоци за Радио Слободна Европа.

Ученици и одаваат почит на Вања Ѓорчевска во основното училиште „Ј.Х.Песталоци“, Скопје 4 декември 2023.
Ученици и одаваат почит на Вања Ѓорчевска во основното училиште „Ј.Х.Песталоци“, Скопје 4 декември 2023.

Порано децата растеа на улица

Уличките кои водат до училиштето во вторникот претпладне беа претесни оти сите родители ги носеа децата со автомобили.

„Јас ги оставив пред двор, а мајка и ја допрати до врата“, вели загрижениот родител и додава „На секое некревање на телефон сега реагираме побурно и веднаш се вознемируваме“.

Сепак вели дека родителите треба и да се внимателни и да балансираат за да не им предизвикаат дополнителни трауми на децата со својот страв, оти како што вели „дури тогаш воопшто не ќе може да се движат сами“.

Вознемирени се и бабите и дедовците, кои често ги носат и ги земаат своите внуци од училиште.

„Порано децата растеа на улица, а сега не смееш дете да пуштиш од куќа, од двор“, вели пензионерката Румена Ѓурчиќ, која беше дојдена да и оддаде почит на Вања пред нејзиното училиште.

„Внуците мои не знаат што е надвор да излезат да играат. Мора и до школо и секаде да се носат“, вели таа.

Порано децата растеа на улица
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:26 0:00
Директен линк

Психолошка поддршка за учениците

Од Министерството за образование и наука соопштија дека основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ им обезбедува психолошка поддршка за сите ученици во училиштето, за да им се зачувува менталното здравје и за да се справат со трауматските последици од целата ситуација.

Првата детска амбасада Меѓаши сподели насоки како возрасните, дали се родители или наставници, да разговараат со децата. Од таму велат дека во овие моменти најважно е да се разговара со децата.

„Еден од пристапите може да биде дека ви е важно да знаете како се чувствува, што знае, кои информации ги има и што сака да знае, да ве праша. Може и да нацрта, цртеж, да напише состав, оставете му слобода да се изрази како му е најлесно“, препорачуваат од Меѓаши.

Во насоките се посочува дека настанот е изолиран случај и дека сторителите се познати и приведени. Сепак, осомничениот дека е сторител и убиец избегал од државата. По него се трага и со меѓународна потерница.

Наставниците треба да одвојат време и да разговараат за случувањата со учениците, да не се шират дезинформации, да не глумат истражители. Акцент да се стави на вознемиреноста на децата и на тоа како таа да се намали.

„Нужно е на учениците да им се укаже дека станува збор за исклучително редок случај, поврзан со криминални активности, што никако не ги доведува во опасност сите деца и адолесценти. Односно, безбедноста на децата во Македонија не е загрозена“, стои во препораките.

Кутија на чувства

За денеска и утре се препорачува да нема тестови во училиштата, а на часовите да има и други активности, освен настава. Една од препораките е во училишните холови да се стави „Кутијата на чувства“ во која учениците ќе оставаат писмени пораки на жалост и ќе можат да ги изразат своите чувства.
На родителите им се препорачува да разговараат со своите деца и да чујат како тие размислуваат и што чувствуваат.

Едлира Дестани, е психолог за деца. Таа за РСЕ вели дека и децата и родителите се под голем емотивен удар, кој дополнително се зголемува оти се под постојан притисок од нефилтрираните информации кои доаѓаат пред сè од социјалните мрежи.

Родителите да отвораат четири очи

Училиштата треба да направат програми за тоа како децата да се заштитат во случај на опасност, вели таа, а родителите да отворат четири очи.

„Доколку забележат драстични промени кај децата во дневната рутина, во начинот на исхрана, несоница или покажат нервоза или други знаци кои ги немале претходно, треба да разговараат со своите деца и да побараат помош од психолози“, вели Дестани.

На социјалните мрежи се повикува на протести за в сабота во Градскиот парк во Скопје, кој се наоѓа спроти зградата од каде била грабната Вања. На протестот, како што се наведува ќе се бара правда за Вања.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG