Достапни линкови

Дрекслер: Со 40 отсто испразнети места во правосудството нема ефикасност


Дрекслер: Германија има трговски суфицит со Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:20:21 0:00

Дрекслер: Германија има трговски суфицит со Северна Македонија

Добро што има критичка дебата за буџетот во правосудството, а контроверзната дебата на крајот на краиштата е добар доказ за демократијата, вели германската амбасадорка Петра Дрекслер. Таа посочува дека не може да се очекува ефикасност од судството, ако не се пополнат испразнетите места.

Амбасадорке, како ја оценувате сегашната состојба со македонските евроинтеграции?

Односите меѓу Северна Македонија и ЕУ - Северна Македонија, Западен Балкан е интегрален составен дел на Европа. За тоа постои консензус од пред многу години.

Тоа е декларираната цел на многу влади тука во земјата, и тоа е декларираната намера на Сојузната влада што наидува на широка поддршка од Бундестагот, а и многу претставници на Европската Унија го поткрепија тоа во изминатите месеци.

Тоа значи дека во поставувањето на целите сме сложни. Во последниот извештај на ЕУ-Комисијата за состојбата на пристапните преговори имаше јасни показатели во кои области мора да се вложат големи напори за напредок, бидејќи и за нас е исто така јасно, клучот кон членството во ЕУ лежи во реформите.

Во нацрт заклучоците на Европската унија коишто беа објавени викендов, во кои радио Слободна Европа имаше увид, е наведено дека Советот на Европска Унија е подготвен за наредната втората меѓувладина конференција со македонските власти без понатамошни одложувања и дополнителни политички одлуки штом се спроведат уставните измени коишто на коишто државата се обврзала. Како треба да се толкува ова?

Следниот чекор во преговарачкиот процес е јасен и Вие штотуку го опишавте. ЕУ, земјите-членки на ЕУ и Северна Македонија се договорија за тоа во 2022 година. Исто така е јасно дека пристапниот процес е процес базиран на заслуги. Тоа значи дека луѓето имаат оправдано очекување дека големите вложувања во процесот на ЕУ-интеграцијата ќе се исплатат. Тоа го сфаќаме сериозно и на тоа мора да работиме.

Тоа значи дека ако има опасност да се изгуби довербата во оваа пристапна логика, дека пристапниот процес е процес базиран на заслуги, тогаш ќе мора да работиме на тоа, оваа доверба повторно заедно да ја вратиме. За тоа постои, на пример, „Планот за раст“ на ЕУ-Комисијата, кој ја следи токму оваа логика. И Сојузната влада ќе се залага за враќање на оваа доверба.

Во нацрт забелешки е поставена фразата без понатамошни одложувања или дополнителни политички одлуки. Дали ова треба да се толкува како негативен одговор на владиното барање за гаранции во однос на уставните измени или за евентуалниот нов протокол со Бугарија за којшто неодамна алудираше македонската председателка Гордана Силјановска-Давкова?

Прво треба да се нагласи дека ова уверување дека „нема да има натамошни одложувања, дополнителни услови надвор од веќе договореното“, тоа е важечко. Тоа не е само видување на ЕУ-Комисијата, туку и на целата ЕУ.

Начнувате важна тема, тоа е темата за добрососедските односи. Добрососедските односи се суштинска основа на Европа, кога ќе ја погледнете историјата на нашата Унија.

Тоа значи дека добрососедските односи играат важна улога не само во пристапниот процес, туку и за соработката меѓу земјите-членки на ЕУ. Не постои сомнеж во тоа дека мора да се работи на добрососедски односи.

Не постои само едно валидно решение како тоа точно ќе се спроведе во практика. Можам да Ви дадам примери од германските искуства, погледнете го, на пример, односот меѓу Германија и Полска, меѓу Германија и Франција.

Значи дека не постои еден модел кој секогаш, во секое време и насекаде ќе биде успешен. Важно е да има консензус дека ќе се работи на добрососедски односи и тоа мора да биде на сите нивоа, на влади, на институции, на општества.

Кога ги спомнавте добрососедските односи, според ваша проценка, колку постои политичка волја помеѓу македонската и бугарската влада за дијалог и надминување на пречките коишто се поставени?

Мислам дека има објективен интерес за функционирање на добрососедските односи. И во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија од поновото минато може да се препознаат добри примери како да се зајакнат овие односи.

Земете ја спогодбата на двете влади за продолжување на прекуграничната изградба на Коридорот 8. Тоа е инвестиција, од која ќе профитира цела Европа, кога нашата европска мрежа на железнички сообраќај ќе се комплетира.

Тоа е нешто од кое силно ќе профитираат двете земји, ќе ги зајакне нашите економии, нешто што може да ја придвижи и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Според мене, секако, дека постои интерес и политичка волја за напредок и тоа Германија целосно го поддржува, како и Европската Унија.

Владеењето на правото е столбот во преговорите со Европската Унија. А кои реформи според вас се наитни да се преземат и спроведат во во земјава? Дали можеби се тоа измените на Kривичниот законик или сметате дека е потребно нешто друго итно да се преземе за да се започнат вистинските реформи во правосудството?

Македонската Влада со нејзината реформска агенда за спроведување на Планот за раст исцрта јасен патоказ за реформите во правосудството.

Го поздравувам многу тоа што Владата во поново време уште еднаш ја потврди својата волја за уште годинава да продолжи понатаму. Тоа значи дека патот, потребните законски промени, беа дефинирани од самата Влада. И тоа е важечко.

Ги спомнувате промените на Кривичниот законик од 2023 година. Важно е тоа да не се изгуби од вид, барањата на Уставниот суд за уште една проверка брзо да се спроведат. Бидејќи Владата исто така изјави дека борбата против корупцијата ќе биде еден од приоритетите во овој мандат.

И тоа е заеднички интерес, ние, од европска страна го делиме тој став: тоа е ефективно можно само ако нема неказнивост. И на крајот, секако дека станува збор за зајакнување на независноста, ефикасноста и транспарентноста на правосудството во целина, а за тоа ќе биде исто така важно, да се пополнат празните места во судовите и да се гарантира обука на нови судии и јавни обвинители.

Kога ги спомнавте судовите, за дебатата околу буџетот за правосудството неодамна изјавивте дека ја следите со загриженост. Што мислите дали дебатата за парите во моментов во овој сектор е еден вид дефокус од вистинските проблеми во правосудниот систем?

Напротив! Сметам дека се зборува многу јасно и многу гласно за проблемите во правосудството тука од сите страни. Важно е да постои таква дебата.

Мислам дека реформите во правосудството се централни, тоа и Вие го потенциравте со Вашето прашање. Критичката дебата може да придонесе да се постигне напредок.

Верувам дека предизвикот лежи во тоа, од анализа на проблемот да се премине во конкретно решавање на проблемот. Тоа е задача на политиката.

Една област, којашто е помалку видлива во актуелнава дебата се оние аспекти на правосудството кои веќе добро функционираат. А има такви.

Ако ги погледнете анкетите, кои ЕУ секоја година ги прави за состојбата на правната држава во поединечните ЕУ земји-членки, а во меѓувреме и кај земјите-кандидати, ќе видите дека во Евробарометарот, 28% од анкетираните тука во Северна Македонија се изјасниле дека независноста на судиите и судовите е добра или многу добра.

Тоа е секако бројка која може значително да се зголеми. Мора на тоа да се работи. Но, таа сепак значи дека речиси третина од населението има позитивно искуство.

А тоа е уште позначајно од уделот на анкетираните кои во изминативе 2 години самите директно имале искуство со судски процеси, тука во државата тој е 12 % и е повисок од ЕУ просекот кој е 7%.

Мислам дека оние ангажирани судии, ангажирани обвинители, кои се одговорни за ваквите позитивни искуства заслужуваат да им се слушне гласот во дебатата. Мислам дека тоа е нешто што би можело да биде повидливо во медиумите, бидејќи и тоа би придонело да се зголеми довербата во правосудството. Тоа е наш заеднички интерес.

Во вашата последна изјава за 360 степени, ако можам слободно да ја интерпретирам велите дека германскиот буџет за пет пати е поголем од македонскиот сметано по глава за жител во правосудството. Мицковски пак изјави во едно друго интервју дека таквата математика е манипулативна. Како го коментирате тоа?

Мислам дека е добро што има таква критичка дебата за буџетот во правосудството. А контроверзната дебата на крајот на краиштата е добар доказ за демократијата.

И секако дека се случува изјави на поедини политичари, па и изјави на амбасадори да се прикажуваат заострено во медиумите. Тоа е легитимно, но не е од помош.

Бидејќи кај начелните цели, ние сме согласни, имено јакнењето на правната држава. Тоа стои во владината програма и Владата многу јасно го потенцираше ова во нејзината агенда на реформи, а мислам дека ова е нешто што граѓанките и граѓаните на оваа држава го очекуваат.

Па, оттаму и сум согласна со тоа дека дебатата за буџетот во правосудството и јакнењето на правната држава не треба да се сведе на поединечни прашања како платите на судијките и судиите. Бидејќи ако сакате да ги зајакнете независноста и ефикасноста на правосудството, тогаш тоа е структурно прашање. Секако и дека ако во правосудството 40% од работните места се непополнети, тогаш не може да се обезбеди ефикасност на судството, тогаш тоа веќе не зависи од учинокот на поединците, туку станува структурен проблем.

Каква е вашата перцепција по последните најави на владата и обидите за да се смени државниот обвинител? Дали сметате дека со тоа се врши притисок и мешање на владата ?

Секако дека не е моја задача да се произнесувам за конкретни личности во правосудството. Она што е важно кај именувањето на носители на високо-рангирани позиции и кај прашања за завршување на мандати е да се почитуваат релевантните важечки законски постапки и процедури. Бидејќи само така може да функционира правосудството независно.

Како ја оценувате македонско-германската економска соработка?

Нашите економски односи се одлични. Германија е најголемиот пазар за извоз за македонските производи, 40% од македонскиот извоз во 2024 година беше во Германија.

Она што е изненадување и за многу Германци, е дека иако ние сме светски шампиони во извозот, ние сепак увезуваме од Северна Македонија многу повеќе отколку што извезуваме. Тоа значи дека имаме трговски суфицит, а тоа им успева на многу малку држави.

Оваа тенденција не продолжи во првата половина од 2025 година, но и годинава имавме можности уште повеќе да ги зајакнеме нашите економски односи.

Летово за првпат тука во Скопје имавме билатерален германско-македонски економски самит, којшто беше реализиран заеднички од АХК - германската комора за трговија во странство, Македонско-германското стопанско здружение и со голема поддршка и од страна на Владата. Последните статистики што ги објави Народната Банка покажуваат дека во првите 9 месеци од 2025 година, Германија беше на прво место кај странските инвестиции. Тоа е одличен резултат, што секако се должи и на добрата работа на АХК тука и за тоа ни е многу драго. Ќе продолжиме и понатаму да работиме на проширување на овие добри економски односи.

Кога ги спомнавте податоците за почетокот на годината, македонските компании велат дека стагнацијата на германската економија, особено во автомобилската индустрија, се прелеа и врз македонската економија. Какви се очекувањата за развојот на настаните во тој сегмент?

Да, начнавте една реалност, фактички е така, германските претпријатија тука работат, пред сѐ, како добавувачи во автомобилската индустрија. Тоа функционираше одлично во минатото.

Но, сега состојбата е таква што и во Германија има многу предизвици во оваа област што треба да се надминат, на што и работиме.

Мислам дека германско-македонските економски односи би профитирале ако се вклучат и се зајакнат и други сектори за германските инвеститори. Тоа би ја зајакнало отпорноста на македонското стопанство.

Во тој контекст, кои економски услови треба да се подобрат во земјава за да може да се привлечат повеќе германски инвеститори да инвестираат?

Мислам дека бројките што ги наведов, зборуваат сами за себе. Германските инвестиции играат голема улога тука, тоа значи дека веќе имаме многу добри услови. Ние сме во структурен дијалог со Владата преку економските здруженија. Секако и за германските претпријатија, силната правна држава претставува важен предуслов за успешно работење тука и многу го поздравуваме фактот што Владата сериозно гледа на ова.

Зборувавме и за проширувањето на секторите за инвестиции. Германското министерство за економија годинава поддржа германска фирма за економски консалтинг, која ги разгледуваше секторите во кои би се исплателе нови инвестиции од германска страна. Да се види што би било возможно.

Беа идентификувани цела серија на сектори: медицинска технологија, фармација, ИТ, роботика, автоматизација. Секогаш постојат можности, да се оптимизираат односите.

Област којашто ни падна во очи за целиот регион е тоа дека на Западен Балкан нема силни структури во After-Care- т.е. последователниот менаџмент на веќе постоечките странски инвестиции.

Тоа значи дека на претпријатијата кои веќе се тука и инвестирале, им е потребна добра придружба за да останат тука и да продолжат да инвестираат. Ако македонската Влада успее во оваа област уште повеќе да ги зајакне органите и структурите, тогаш тоа сигурно ќе биде една специфична карактеристика, уникатна во целиот регион.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG