Достапни линкови

Нов тендер за Чебрен или државата ќе го гради?


Визуелизација на хидроцентралатаЧебрен
Визуелизација на хидроцентралатаЧебрен

Грчката државна компанија кренала раце од проектот откако се жалеа дека условите „не даваат добри можности за да обезбедат средства од банките за да го градат Чебрен“. Министерката Шукова смета дека државата изгубила со пропаѓањето на 14-от тендер, но порача дека енергетичарите треба да одлучат дали ќе има нов или државата сама ќе гради. Од опозицијата, пак, обвинуваат дека тендерот пропаднал поради конфузни одлуки на власта.

Пропадна и 14-тиот обид на државата да ја изгради хидроцентралата Чебрен преку јавно-приватно партнерство. Овој пат, изградбата на проектот вреден милијарда евра требаше да се одвива во соработка со грчката државна компанија ППЦ „Архидрон“, но целиот процес пропадна со тоа што компанијата не ја продолжи банкарската гаранција што беше активна до 31 декември 2023 година.

„Со самото тоа веќе не е активна понудата“, соопшти министерската за животна средина Каја Шукова на 3 јануари.

Од нејзиниот ресор, сега ќе ги подготват информациите и ќе ја известат Владата дека пропадна и овој тендер.

Што понатаму, Шукова не сакаше да коментира бидејќи не е нејзин ресор, но им порача на енергетичарите добро да размислат.

„Министерството за животна средина го водеше процесот бидејќи стануваше збор за хидроелектрана. Јас мислам дека оние што се бават со енергетика треба да седнат и да размислат како ќе се одвива овој процес понатаму – дали ќе одиме понатаму со нов тендер или државата ќе го гради. Тоа би го оставила на енергетичарите“, рече министерката.

Државата не може да ја активира ниту банкарската гаранција

Сепак, според Шукова, со пропаѓањето на 14-тиот тендер државата е губитник. Таа вели дека зависи како се гледа на работите, но нејзиното мислење е оти земјава изгубила затоа што доделувањето на тендерот на грчката државна компанија ќе овозможело пристап и до европската енергетска мрежа, ќе се искористувале обновливи извори на енергија и државата немало да губи вода туку паметно ќе ја користела за енергија, а потоа и за наводнување и за другите потреби на граѓаните.

Владата нема можност да ја активира ниту банкарската гаранција за учество во постапката од 1,4 милиони евра што ја дадоа Грците. Таа, објаснуваше Шукова, се наплатува во корист на Владата само ако избраниот понудувач ја одбие поканата да склучи договор за концесија за добро од општ интерес и не го потпише договорот и доколку ја повлече понудата пред истекот на периодот.

„Понудата не ја повлекоа, само истече банкарската гаранција и со тоа автоматски понудата престанува да важи. Вчера со повеќе правници и консултантите што се ангажирани на процесот убаво ги разгледавме сите документи, државата во моментов нема услов да ја активира банкарската гаранција“, вели министерката.

Зошто грчката компанија се откажа од проектот?

За да се продолжеше проектот, покрај продолжување на банкарската гаранција, грчката ППЦ „Архиродон“ требаше да потпише и Договор за заедничко вложување и со македонската Електрани за Северна Македонија (ЕСМ). Тој беше продолжен до 15 јануари бидејќи траеше жалбената постапката што ја започнале од грчка страна, а власта во Скопје очекувала дека ако компанијата во меѓувреме ја продолжи гаранцијата и ќе го потпише договорот. Но, тоа не се случи.

Зошто Грците кренале раце од проектот, од Министерството за животна средина не сакаат да шпекулираат.

Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, 3.1.2024
Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, 3.1.2024

Она на што тие реагирале во жалбата, според брифингот од Шукова, е дека во тендерот што го добија има определени услови кои „не даваат добри можности за да обезбедат средства од банките за да може да го градат Чебрен“.

Станува збор за услови кои ги барале, а не биле дел од тендерската документација, па затоа Владата одлучила да не ги прифати.

„Очигледно компанијата не можеше да обезбеди бидејќи станува збор за голема банкарска конструкција“, рече Шукова.

Во таа насока, таа коментираше и дека од 2020 кога беше објавен тендерот, па до сега многу работи се промениле, не само во регионот туку и на светско ниво, како што се енергетската и кризата со ковид-пандемијата.

Можеби, според неа, и случувањата во јавноста влијаеле на обесхрабрување на компанијата, алудирајќи на тоа што голем дел од експертската јавност бурно реагираше и сметаше дека проектот Чебрен не треба да се гради со концесионер туку да биде целосно државен.

За тоа дали државата има капацитет самостојно да го изгради Чебрен, економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, кој беше дел и од Министерството за финансии, во изјава за Радио Слободна Европа излезе со став дека тоа е можно. Со оглед дека проектот вреден една милијарда евра е планирано изградбата да трае седум години, пресметки говорат дека се потреби околу 150 милиони евра годишно од државниот буџет кои, вели Јовановиќ, можат „многу комотно да се обезбедат“. Како пример, тој го посочи тоа што во буџетот за 2023 година до крајот на ноември од предвидените 800 милиони евра биле реализирани околу 500 што значи дека останатите остануваат неискористени.

ВМРО-ДПМНЕ: Чебрен пропадна поради пропусти и конфузни одлуки

Наспроти тврдењата на власта дека и покрај тоа што грчката компанија барала дополнителни услови, но на Илинденска бр.2 одлучиле да останат со истите услови како во тендерот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, изминатиот период неколку пати реагираше дека биле менувани одлуки и се создала сложена ситуација која ќе прави проблеми и во иднина.

Конфузните, според опозицијата започнале кога владата на Зоран Заев во 2019 година одлучила на компанијата што ќе го добие проектот за Чебрен, три месеци откако ќе почне да гради да и ја отстапи и хидроцентралата Тиквеш.

„По кратко време власта ја презема техничката влада предводена од Оливер Спасовски, која носи нова одлука на 4 февруари 2020, со која се бришат сите овие обврски наведени во првичната одлука. А две недели подоцна е објавен и јавниот повик, и во него избришаните обврски повторно се појавуваат. Ситуацијата дополнително се комплицирала со тоа што во меѓувреме е објавен повикот за компаниите да учествуваат во пред квалификацијата, во кој се вели дека победничката компанија ќе ја добие ХЕЦ Тиквеш три месеци откако ХЕЦ Чебрен ќе почне со работа, односно ќе биде завршена градбата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Конфузијата, додаваат, продолжила и понатаму, па лани кога била избрана грчката компанија власта се повикала на одлуките од пред три и пол години со кои еднаш ХЕЦ Тиквеш ќе се отстапи на компанијата, а потоа истото тоа како услов се брише.

Тендерите пропаѓаат 20 години, плановите стари шест децении

Реверзибилна хидроцентрала Чебрен на Црна Река, според планот, треба да биде со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река треба да се создаде ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

Доколку се изгради хидроелектраната Чебрен, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно.

За енергетски проект на Црна Река првпат се прават планови уште во 1963 година, и оттогаш Електростопанство на Македонија, според неколкуте идејни проекти, е главниот инвеститор во изградба на хидроцентрала, но само на хартија. Во 1964 година е изградена хидроцентралата Тиквеш додека другите две, Чебрен и Галиште останаа само како проекти на хартија. Кончениот и ревидиран проект со инвестициска рамка е направен во 1990 година, кој остана нереализиран до денес.

Првиот тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на хидроцентралата Чебрен се појави во 2006 година. Оттогаш, вклучително и со последниот пропаднаа 14 тендери.

Покрај грчката државна компанија ППЦ „Архиродон“, понуда достави и француската ЕДФ, но како што објавија поранешниот министер за животна средина Насер Нуредини во септември 2022, Французите доставиле необврзувачка понуда и во неа не е доставена бараната гаранција за учество во постапката.

Французите можеби ќе беа подобри, но доколку доставеа целосна документација, искоментира денеска наследничката на Нуредини, Шукова.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG