Достапни линкови

Вести

Грчка фирма ќе ја гради хидроцентралата Чебрен, ќе чини една милијарда евра

Зградата на ЕСМ во Скопје
Зградата на ЕСМ во Скопје

Грчката фирма ППЦ – Архиродон ја доби концесијата за користење на водата на Црна Река во Северна Македонија за производство на струја со изградба на хидроелектрични централи, соопшти владината прес-служба по одржувањето на 185-та седница.

Оттаму велат дека е донесена одлука со која се предвидува реализација на најважниот енергетски проект во државата- хидроцентралата Чебрен.

Ова е четиринаесетти обид за доделување на концесија на Црна Река. На овој му претходеа 13 неуспешни тендери за Чебрен во изминатите 20 години. Идејата, пак, за Чебрен потекнува од 60-тите години на минатиот век. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.


Грчката фирма доставила најповолна понуда, велат од Владата.

Фирмата има обврска во рок од три месеци да склучи Договор за заедничко вложување и со македонската Електрани за Северна Македонија (ЕСМ) да основаат акционерско друштво. ЕСМ ќе учествува со третина од акционерскиот капитал. Новоформираната компанија ќе треба да обезбеди дозвола за користење на вода.

„Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Хидроцентралата Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава“, велат од Владата.

Во Владата велат дека Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на земјата и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот, се додава во владиното соопштение.

Доколку се изгради хидроелектраната Чебрен, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Со инвестиции во оваа централа, Македонија, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении.

По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години.

види ги сите денешни вести

Западните претставници на протестите против спорниот закон во Грузија

Министрите за надворешни работи на Естонија, Литванија и Исланд на протест во Тбилиси, 15 мај 2024 година
Министрите за надворешни работи на Естонија, Литванија и Исланд на протест во Тбилиси, 15 мај 2024 година

Илјадници луѓе повторно излегоа на улиците на грузискиот главен град Тбилиси за да протестираат против контроверзниот закон за „странски агенти“ усвоен од парламентот и покрај повеќенеделните демонстрации и предупредувањата на Западот дека законот ја загрозува евроатлантската интеграција на Грузија.

На демонстрантите во Тбилиси им се придружија и министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија, Литванија и Исланд во маршот кон зградата на парламентот во средата во знак на солидарност со западните аспирации на Грузијците, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Демонстрантите се собраа и на плоштадот на хероите, главната раскрсница во главниот град на Грузија, јавија дописниците на РСЕ од теренот.

Законот, кој го усвои парламентот под контрола на владејачката партија Грузиски сон на 14 мај, беше осуден од САД, Европската Унија и групите за права поради неговата сличност со рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користи за да ја замолчи опозицијата и да ги задуши независните институции.

„Заедно го започнавме ова патување и нашите народи знаат што значи да се биде под притисок од Москва. Никогаш нема да ве оставиме, но сите треба да ја обликуваме судбината на нашите народи“, рече литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, чија земја, како Грузија и Естонија, беше дел од поранешниот Советски Сојуз.

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

„Вие како народ го одлучивте вашиот пат кон Европа. Ние сите заедно ќе направиме сè за да продолжиме по овој пат“, изјави естонскиот министер за надворешни работи Маргус Кахна.

„Јас сум овде денес, вие не сте сами и ја имате нашата почит“, рече министерот за надворешни работи на Исланд, Тордис Колбрун Гилфадотир.

На протестниот марш се приклучи и министерка за надворешни работи на Летонија, Баиба Бразе.

Четворицата западни претставници претходно се сретнаа со грузиската претседателка Саломе Зурабишвили и одржаа заедничка прес-конференција.

Зурабишвили на конференцијата предупреди дека опстанокот на Грузија како држава е во опасност откако парламентот го одобри контроверзниот закон за „странски агенти“ и повтори дека ќе стави вето на законот затоа што владата „не го послуша гласот на својот народ ниту советите на нејзините пријатели, ниту ничие предупредување и тргна по својот пат“.

Според законот, медиумските куќи, невладините и другите непрофитни организации ќе мора да се регистрираат дека „работат за интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 проценти од нивното финансирање доаѓа од странство.

Зурабишвили, која е во судир со владејачката партија Грузиски сон која го протурка законот во парламентот, има 10 дена да стави вето, но Грузиски сон и неговите партнери во парламентот имаат доволно пратеници за да го отфрлат ветото на претседателот.

Американскиот помошник државен секретар Џејмс О'Брајан, кој беше во Тбилиси на 14 мај, рече дека односите на Вашингтон со земјата ќе бидат загрозени и дека американската помош за Грузија ќе биде предмет на ревизија доколку нацрт-законот биде усвоен.

Постигнат договор за коалициска влада во Холандија

Речиси шест месеци по изборната победа на неговата партија, холандскиот политичар Герт Вилдерс објави дека е постигнат договор за формирање на десничарска коалициска влада. Тој исто така објави дека нема да биде премиер.

„Имаме договор меѓу преговарачите“, рече Вилдерс, кој уште во март се откажа од намерата да биде премиер, наведувајќи ги наводите дека е „исламофоб и противник на ЕУ“.

Договорот е постигнат меѓу четири партии - Партијата за слобода (ПВВ) на Герт Вилдерс, про-земјоделската партија БББ, либералната партија ВВД и новата партија против корупцијата НСЦ.

Сè уште не е познато кој ќе ја предводи десничарската владејачка коалиција која ќе го замени Марк Руте. Руте е кандидат за функцијата генерален секретар на НАТО.

Крајнодесничарската Партија за слобода, која победи на изборите во Холандија, а чиј лидер е Вилдерс е позната и по тоа што меѓудругото, повикува на забрана на џамиите, Куранот и шамиите, како и референдум за напуштање на Европската Унија.

Косово го информирал Советот на Европа дека подготвува нацрт-статут за формирање на ЗСО

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала
Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, изјави дека преку писмо го информирала Советот на Европа дека Косово подготвува нацрт статут за формирање „механизам за самоуправување, координација и соработка на општините со српско мнозинство на Косово (ЗСО)“.

Овој нацрт ќе биде испратен на толкување до Уставниот суд до крајот на мај.

Владата претходно призна дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е поставено како услов за прием на Косово во Советот на Европа.

Според Гервала, нацрт-статутот ги задоволува потребите на граѓаните на српската заедница и истовремено ги почитува Уставот на Косово и принципите на Советот на Европа.

„Нацртот обезбедува не само целосно почитување на Уставот и законите на Република Косово, туку во исто време спречува неовластени интервенции однадвор, како во општините на Косово, така и низ целата земја“, напиша Гервала на Фејсбук.

Гервала изјави дека заедно со конкретизирање на напорите за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, Косово очекува Советот на Европа да го исполни својот дел од обврската и да го покани Косово да се приклучи во Советот на Европа без одлагање, бидејќи Приштина ги исполнила сите услови.

Комитетот на министри на Советот на Европа заседава на 16 и 17 мај во Стразбур. Ова тело го дава последниот збор за прифаќање на една земја во членство.

Заменик министерот за надворешни работи Крешник Ахмети на 14 мај изјави дека прашањето за прием на Косово во оваа организација за човекови права не е на дневен ред на Комитетот на министри.

Џералд Кнаус, од Европската иницијатива за стабилност, го објави на интернет Х, целото писмо кое Гервала го испратила до претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, грчкиот пратеник Теодорос Русопулос.

Во писмото, чија автентичност за РСЕ ја потврдија од Владата на Косово, се наведува дека нацрт-статутот што Косово го подготвува ќе биде испратен на толкување до Уставниот суд на Косово до крајот на мај.

Франција го обвини Азербејџан за вмешаност во немирите на Нова Каледонија

Протести против промени во изборниот закон, Нова Каледонија, 15 мај 2024
Протести против промени во изборниот закон, Нова Каледонија, 15 мај 2024

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин денеска го обвини Азербејџан за мешање во политиката на пацифичката територија Нова Каледонија.

„Ова не е фантазија … Жалам што некои од сепаратистите се договорија со Азербејџан … дури и ако има обиди за мешање … Франција е суверена на својот сопствена територија“, истакна Дарман.

Немирите на Нова Каледонија почнаа на 13 мај поради уставната реформа, која предвидува промени на изборниот закон на француската територија.

Националното собрание во Париз ја усвои реформата со 351 глас „за“ и 153 „против“, со која на илјадници француски граѓани на јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право на глас, а со тоа и поголемо политичко влијание.

Во немирите во Нова Каледонија едно лице е застрелано, а повредени се стотици луѓе, вклучувајќи околу 100 полицајци и жандарми. Десетици домови и деловни објекти биле запалени за време на немирите, а повеќе од 130 лица се приведени.

Премиерот на Франција, Габриел Атал вчера изјави дека на Нова Каледонија ќе бидат распоредени дополнителни полициски сили.

Путин и Си ги фалат односите како „стабилизирачка“ сила на меѓународната сцена

Лидерите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, 16 мај 2024 година
Лидерите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, 16 мај 2024 година

Лидерите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, ги претставија односите на нивните земји како стабилизирачка сила во еден хаотичен свет на состанокот во Пекинг, каде што рускиот претседател бара поголема кинеска поддршка за неговите воени напори во Украина и изолираната економија.

Си и Путин потпишаа и заедничка изјава за продлабочување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Кина и Русија, објавија кинеските државни медиуми.

На прес-конференција Путин рече дека му е „благодарен“ на Пекинг што се обидел да најде решение за војната во Украина и дека ги поздравил растечките економски врски со Кина.

„Ќе го информирам претседателот на Народна Република Кина за ситуацијата околу украинската криза. Ние сме им благодарни на нашите кинески пријатели и колеги за иницијативите што ги даваат за решавање на овој проблем“, рече Путин.

Кинескиот лидер Си Џинпинг изјави дека тој и рускиот колега Владимир Путин се согласиле за потребата од „политичко решение“ за војната во Украина, по разговорите меѓу двајцата претседатели во Пекинг.

„Двете страни се согласуваат дека политичкото решение за украинската криза е правилна насока“, изјави Си за медиумите заедно со Путин на заедничката прес-конференција што ја емитуваше Руската телевизија.

Москва тврди дека е отворена за разговори со Украина за завршување на војната, но инсистира дека Киев мора да ја прифати ситуацијата на терен, односно да се согласи со тврдењата на Русија дека ги анектирала регионите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје.

Кина се позиционира како неутрална страна во конфликтот, кој никогаш не го осуди и во кој се обиде да се претстави како посредник. Западните земји велат дека нејасните мировни предлози објавени од Пекинг минатата година ќе и овозможат на Русија да задржи голем дел од територијата што ја зазеде во Украина.

Во Пекинг меѓудругото, Путин ги критикуваше и безбедносните сојузи предводени од Западот во азиско-пацифичкиот регион, што е заедничка грижа и за Москва и за Пекинг.

Тој рече дека „затворените воено-политички сојузи“ во регионот се „многу штетни“ и „контрапродуктивни“.

Претходно, Си го поздрави Путин на свечената церемонија за добредојде со воени почести пред Големата куќа на народот во Пекинг, на почетокот на дводневната посета на рускиот претседател, која се очекува да ги продлабочи односите меѓу Москва и Пекинг, за кои претходно рекоа дека „ без граници“.

Си му рекол на својот „стар пријател“ Путин дека односите меѓу Кина и Русија „водат кон мир“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Пекинг.

„Кина е подготвена да соработува со Русија за да ги зачува правичноста и правдата во светот“, додаде Си.

Путин, пак, му рекол на Си дека односите на двете земји се „стабилизирачки фактори на меѓународната сцена“.

„Односите меѓу Русија и Кина не се опортунистички и не се насочени против никого“, рече Путин, според соопштението на Кремљ.

Ова е прво патување на Путин во странство откако тој беше реизбран во март и негово второ за нешто повеќе од шест месеци во Кина, која обезбеди економски спас за Русија откако беше санкционирана од Западот поради нејзината агресија во Украина.

Се очекува Путин да разговара за Украина, Азија, енергијата и трговијата со Си - неговиот најмоќен политички поддржувач и колега во геополитичкото ривалство со САД.

Украина тврди дека го запрела напредувањето на Русија во некои области кај Харкив

Харкив, Украина
Харкив, Украина

Украинската армија денеска (16 мај) објави дека го запрела руското напредување во некои области на североисточниот регион Харкив, каде Русија започна нова офанзива минатата недела.

„Ситуацијата во регионот Харкив сè уште е комплицирана, но се развива на динамичен начин. Нашите одбранбени сили делумно ја стабилизираа ситуацијата. Напредувањето на непријателот во одредени зони и локалитети е запрено“, рече портпаролот на армијата.

Портпаролот на армијата рече дека руските сили „секогаш се обидуваат да создадат услови за нов напредок“ и додаде дека украинските војници „се обидуваат да ја стабилизираат ситуацијата, да нанесат штета и да го спречат непријателот да ја окупира територијата“.

Предупредување за воздушен напад беше прогласено рано во четвртокот во Киев и неколку украински региони, при што украинските воздухопловни сили предупредуваа на закана од балистички ракети истрелани од Русија.

Руските сили редовно напаѓаат цивили во регионите на Украина, со бројни фатални жртви, меѓу кои и деца, како и огромни штети на цивилната и енергетската инфраструктура, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Во средата две лица загинаа во руски артилериски напад во Днепар, соопштија локалните власти.

Заседание на Воениот комитет на НАТО- во фокусот Украина и одбранбените планови на Алијансата

илустрација
илустрација

Поддршката за Украина, имплементацијата на концептот за операции и на одбранбените планови, подготовките за јулскиот Самит на НАТО, како и прашања од стратешко значење за сојузниците, ќе бидат темите на денешното заседание на Воениот комитет на Алијансата на ниво на началници за генералштабови на земјите членки на Пактот во Брисел.

Со заседанието ќе претседава претседателот на Воениот комитет, адмирал Роб Бауер, а на почетокот на собирот ќе се обрати и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој, според најавите, ќе се осврне на клучните приоритети и предизвици на Алијансата.

Во рамките на првата сесија на заседанието, началниците ќе се фокусираат на имплементација на концептот за операции во повеќе домени и на Агендата за развој на војувањето, која го надополнува Планот за воената трансформација на НАТО за следните дваесет години.

Предвидени се и поопсежни дискусии во врска со усогласувањето на операциите и планирањето на одбраната во рамките на Процесот на одбранбено планирање на НАТО.

Како дел од заседанието ќе се одржи и состанок на Советот НАТО-Украина на ниво на началници на генералштабови, на кој е предвидено присуството и на началникот на Генералштабот на украинските Вооружени сили. Советот ќе расправа за ситуацијата на теренот поврзана со руската агресија врз Украина, како и за поддршката на државата од страна на НАТО и неговите земји членки.

На посебна сесија, врховниот командант на Силите на НАТО во Европа, генерал Кристофер Каволи ќе ги информира началниците за напредокот постигнат во имплементацијата на плановите од Концептот за одвраќање и одбрана на евроатлантската област (ДДА), што беа усвоени на ланскиот Самит на Алијансата во Вилнус, а во рамки на подготовките за претстојната средба на врвот во Вашингтон.

Во рамките на оваа сесија предвидено е да се одржат и дискусии за воената способност, интегрирана воздушна и ракетна одбрана, капацитетите на одбранбената индустрија и за општествената отпорност.

Претставници на Западен Балкан, ЕУ и САД во Котор ќе разговараат за планот за раст

Котор, Црна Гора
Котор, Црна Гора

Црна Гора денеска (16 мај) ќе ги собере лидерите од Западен Балкан и претставници на Европската Унија и САД на самит на кој ќе разговараат за планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Домаќин на самитот во Котор, под слоганот „Еден регион, заедничка визија“ ќе биде премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

На состанокот ќе учествуваат и европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеј и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О'Брајан.

Стејт департментот соопшти дека О'Брајан и другите учесници на самитот во Котор ќе се фокусираат на регионалната економска интеграција и можностите за раст понудени од Планот за раст на Западен Балкан и ќе ја зајакнат силната американска поддршка за патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ.

Заедно со лидерите и министрите на земјите од регионот, во Котор беа поканети и партнерски организации, како што се Советот за регионална соработка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка, Транспортната заедница, Атлантска алијанса, Енергетска заедница, Фондација Отворено општество, РеСПА, ГИЗ.

Планот за раст на Западен Балкан, што Европската комисија го усвои во ноември, а ЕУ пред две недели, предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ.

Услов за добивање средства е спроведување на реформите, пред се во делот на почитување на демократските механизми, владеењето на правото и основните права. Планот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан шест да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги спроведувала во тој период.

Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Северна Македонија

Љупчо Палевски - Палчо беше уапсен во Турција на 5 декември.
Љупчо Палевски - Палчо беше уапсен во Турција на 5 декември.

Првоосомничениот за убиството на малолетното девојче Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, вечерва (15 мај) со авионски лет е екстрадиран во Северна Македонија од Турција.

Од скопскиот аеродром, со полициска придружба, тој директно беше транспортиран во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи веќе има решение за 30-дневен притвор.

„Полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница“, наведоа од Министерството за внатрешни работи.

Министерот за правда, Кренар Лога, се заблагодари на брзата реакција и соработката од Турција за екстрадиција на Палевски која, оцени, била завршена во релативен краток период за околу пет месеци.

Ова следува откако на 30 април македонските власти добија официјално известување од турска страна дека е одобрена екстрадицијата.

По одобрувањето, екстрадицијата се спроведе во организација на Министерството за внатрешни работи.

Во притвор во „Шутка“ веќе се наоѓаат тројца осомничени соизвршители за грабнувањата и свирепите убиства на двете жртви.

Од безбедносни причини, од затворската управа за Радио Слободна Европа посочија дека Палевски ќе биде издвоен од останатите притвореници во посебна ќелија. За него ќе бидат задолжени само одреден дел од затворските чувари што значи дека останатите припадници на затворската полиција ќе немаат пристап до него. Во тој дел од затворот, објаснуваат оттаму, може да се влегува само со електронска партичка.

Исто така, велат од затворот за РСЕ, за осомничениот ќе се определи посебно време кога ќе може сам да излегува во затворскиот двор, ќе посетува посебна бања со придружба на чувари, ќе се проверува храната што ќе ја добива итн.

Палевски, како првоосомничен, избега од Северна Македонија преку Србија и Бугарија и стигна до Турција. На 5 декември турската полиција го уапси во градот Балибекир.

Кривичните дела за кој е осомничен се „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“. Предметот е се уште во фаза на истрага, но се очекува наскоро таа да заврши и да биде поднесено обвинение.

Двете жртви, 14-годишната Вања и велешкиот фризер Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември лани. Нивните тела беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

Во овој случај како петоосомничен се јавува и таткото на Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување. Тој во моментов се наоѓа во домашен притвор.

За помагање во бегството на Палчо, пак, е осомничено едно лице кое се наоѓаше во притвор, но на 12 март по барање на обвинителството му беше укината оваа мерка и наместо неа му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.

Пропадна и последната рунда преговори за динарот меѓу Косово и Србија

За употребата на динарот досега се одржаа седум средви помеѓу Белград и Приштина
За употребата на динарот досега се одржаа седум средви помеѓу Белград и Приштина

Без договор за прашањето за употребата на српскиот динар заврши и денешната (15 мај), седма по ред средба во Брисел меѓу главните преговарачи на Косово и Србија.

Косовскиот главен преговарач рече дека ќе нема повеќе средби во рамките на дијалогот на оваа тема. Европската унија потврди дека нема волја на страните да постигнат компромисно решение.

„Средбата пропадна затоа што немаше подготвеност од српската страна да се разговара за предлогот на (Мирослав) Лајчак [европскиот пратеник за дијалог]. Нивната позиција денес назадувала во споредба со претходните три состаноци“, изјави косовскиот преговарач Бесник Бислими на крајот од состанокот кој траеше повеќе од осум часа.

Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, одговорноста за неуспехот на преговорите за динарот ја префрли на косовската страна.

Но, призна и дека Србија дошла со нови предлози.

„Иако нашата страна повторно беше конструктивна, иако излеговме со нови предлози, покажавме дека сакаме договор. Излеговме со шест нови предлози“, рече Петковиќ.

На средбата, Косово и Србија требаше да се договорат за компромисниот предлог што го даде европскиот претставник Мирослав Лајчак.

Петковиќ рече дека Белград не ја затворил вратата за понатамошни разговори, бидејќи Србија, како што посочи, сака решение зашто без него „на Србите на Косово им е потешко“.

Ова беше седма средба за динарот која пропадна бидејќи Приштина и Белград не успеаја да најдат заеднички јазик. Целта на овие состаноци беше да се постигне привремено решение за примена на регулативата на Централната банка на Косово, според која од 1 февруари годинава еврото е единствената валута за готовинско плаќање во Косово.

ЕУ жали за исходот од состанокот

„ЕУ жали што денес не беше можно да се постигне договор. ЕУ оценува дека нема подготвеност да се најде компромисен договор во иднина“, се вели во изјавата на портпаролот на Унијата по средбата на преговарачите од Србија и Косово.

Во изјавата од ЕУ, се потврдува подготвеноста на Брисел да свика нова средба на оваа тема, „штом страните покажат волја за изнаоѓање заемно прифатливо решение“.

Како што се наведува во соопштението на ЕУ, меѓу предлозите што ги дала европската страна бил и договор за формирање на нов деловен субјект според косовскиот закон, кој би имал задача привремено да ја распределува финансиската помош за косовските Срби што ја дава Србија.

Сепак, како што соопшти прес-службата на ЕУ, и покрај тоа што Унијата доставила компромисен предлог, страните не можеле да се договорат за неколку клучни прашања, вклучувајќи го и вкупниот обем на активности што би ги имал тој нов субјект, опфатот на корисници на овој субјект и обемот на финансиска помош од Србија.

„Отсуството на договорен пат за напредок има негативни последици врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници низ Косово и е постојан извор на загриженост“, се заклучува во соопштението од ЕУ.

Меѓународната заедница претходно побара од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата на Централната банка на Косово и да најде краткорочно преодно решение, бидејќи декретот има влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години прима исплати во динари од буџетот на соседна Србија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG