Достапни линкови

Државата со амбициозни планови за пост ковид економско закрепнување, но какви се капацитетите?


Илустративна фотографија. Македонија планира преку Интервентен план за инвестиции да постигнат раст на економијата од 4 до 5 отсто во следните години.
Илустративна фотографија. Македонија планира преку Интервентен план за инвестиции да постигнат раст на економијата од 4 до 5 отсто во следните години.

Закрепнувањето на економијата од ковид кризата Владата планира да го направи со јавни и приватни инвестиции од осум милијарди евра за неколку години. Планот е амбициозен, но експерти велат дека треба реално да се погледне на капацитетите за реализација на вакви проекти.

Земјите во светот во следните години, можеби и децении, ќе треба да се справат со последиците врз економиите кои ги предизвика пандемијата на ковид-19, според предвидувањата на експерти. Така е бидејќи кон крајот на 2020 година светската економија беше сериозно забавена, илјадници луѓе останаа без работа, додека затворањата предизвикаа промени кои влијаеа и врз технологијата, финансиите и трговијата.

Македонската еконимија исто така беше погодена од рецесијата, но сега е неизвесно какво ќе биде закрепнувањето во пост ковид периодот.

За опоравувањето на економијата од ударот на ковид кризата, Владата во јуни минатата година најави Интервентен план за инвестиции од осум милијарди евра за наредните шест години (ИПИ 2021 – 2027).

Како што соопшти Владата, Планот содржи јавни и приватни инвестиции кои се во согласност со идните стратегии за економски раст на земјата и дека од предвидените средства, пет милијарди и 791 милиони евра се јавни инвестиции, а две милијарди и 384 милиони се планирани приватни инвестиции.

Во однос на распределбата, над три милијарди се планирани за енергетика; 2,7 милијарди за патна и железничка инфраструктура; скоро 800 милиони евра за преработувачка индустрија; 500 милиони за здравството; над 500 милиони евра за животна средина - пречистителни станици и отпад.

Но, колку е реална реализацијата на овој План и дали, доколку биде реализиран, ќе значи и подобар животен стандард за граѓаните?

Академик Абдулменаф Беџети, кој учествувал во создавањето на концептот за Планот, за Радио Слободна Европа вели дека за ИПИ 2021 -2027 се предвидени реални извори за капитални инвестиции, средства од банки, како и донации и средства од други фондови.

„Тој план не е само сон. Планот е со механизми, со трансмисии и со приоритети на сектори. Покрај целосниот износ од осум милијарди за кој е предвидено и пресметано од каде се очекува да дојдат овие средства, предвиден е и начинот како тие средства ќе се трансмисионираат и во кои сектори ќе се позиционираат. Тука енергетиката е на прво место, потоа се разбира еколошките проекти, агробизнисот, инфраструктурата...“, вели Беџети.

Тој додава дека документот за Планот бил конципиран врз основа на консултации и средби со сите кредитори – билатерални и мултилатерални, со што е создаден тој потенцијал од осум милијарди евра за наредните осум години.

Според Беџети, Планот е проектиран со цел да биде постигнат раст на економијата од 4 до 5 отсто, односно во 2024 година да се постигне раст од 5,5 проценти.

„Затоа се вика финансиски план за поддршка на растот, но за поддршка на одржливиот раст. Тоа е на некој начин да се мобилизира целокупниот потенцијал којшто пости во државата“, вели Беџети.

Од Владата велат дека Интервентниот инвестициски план претставува јасен чекор за излез од пандемиската криза и дека со него ќе бидат обезбедени квалитетни услови за живот за секој граѓанин. Оттаму наведоа дека за реализација на Планот потребно е да добијат поддршка и од опозицијата.

Економскиот аналитичар Арбен Халили смета дека Планот е амбициозен и тоа според него е позитивно за развојот на домашното стопанство, но посочува дека е потребно реално да се погледне и кон капацитетите на државата за реализација на вакви проекти.

„Она што во моментов е потребно е брз излез од кризата. Мора да има конкретни капитални проекти кои ќе овозможат домашните компании, но и стопанството генерално, да опстанат во следните две години, а понатаму да можеме да ги имплементираме и овие проекти“, вели Халили.

Со планот најавена е изградба на скијачки центар на Попова Шапка во вредност од 50 милиони евра – проект кој се предвидува да биде реализиран со јавно-приватно партнерство со концесија од 99 години и туристички центар Царев Врв на Осоговските планини од околу 50 милиони евра.

Во однос на енергетските проекти, планирани се 400 мегавати ветерна електрана од 500 милиони евра; 100 мегавати фотонапонска електрана од 70 милиони евра; проектот Александруполи од 400 милиони евра кој претставува гасна централа од 800 мегавати и терминал на природен гас од 360 милиони евра; фотонапонска електрана меѓу 300 и 350 мегавати на локацијата од 477 хектари која беше предвидена за аеродром во Штип – инвестиција од 200 милиони евра.

Потоа, проекти од патна, железничка и комунална инфраструктура: Проект за пречистителна станица во Скопје од 136 милиони евра; фабрика за селектирање и преработка на отпад во Источниот и Североисточниот регион од 37 милиони евра; изградба на колектори за отпадни води во Битола од 30 милиони евра; прочистителна станица во Тетово од 32 милиони евра. Потоа, меѓу проектите за патната инфраструктура се планираат 1,6 милијарди евра и за железничката 1,1 милијарди евра, како што соопшти Владата.

Но, за постигнување на економски раст и истовремено зголемување на животниот стандард на граѓаните, Халили вели дека треба да се вложува во образовниот систем кој ќе нуди образование за потребите на пазарот на трудот, а според него клучни се и капиталните инвестиции во чија реализација ќе учествуваат многу компании кои ќе отвораат и нови работни места.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG