Достапни линкови

Синдикатот на М-НАВ обвинува за инцидент, МВР истражува


Илустрација, М-НАВ
Илустрација, М-НАВ

Нови депонирани оставки и можност за генерален штрајк кој ќе го затвори македонското небо, најави претседателот на Синдикатот на контрола на летање Александар Тасевски. Дополнително обвини дека преку МВР му се врши притисок за да се откаже од, како што вели, борбата против клиентелизмот. Владата најави разрешување на раководството на М-НАВ и ревизија на работењето.

За инцидент во просториите на контролата за летање на меѓународниот аеродром обвинува претседателот на Синдикатот за летање Александар Тасевски кој тврди дека неовластени луѓе влегле во просторите, предизвикале расправија со дел од вработените по неговата прес конференција. Тој тврди дека до објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и како што тврди нападнале вработени во контролата на летање вршејќи им пристисок. Тасевски вели дека случајот е пријавен во полициска станица Петровец, и дека со него се запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи.

„Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект. Овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата кога секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“, напишат Тасевски на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Од Владата најавија дека на следната седница закажана за во вторник, 9 јануари, ќе бидат донесени одлуки врзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување н целото раководство и ревизија за досегашното работење.

„На иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки: целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени и да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес“, стои во соопштението од владината прес-служба.

Воедно, се додава, дека премиерот Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.

Инаку претходно Тасевски најави дека најмалку 20 до 30 луѓе контролори на летање и техничари ќе почнат со депонирање на оставки, и со повлекување од работните проекти настрана од петте инженери и раководители кои на 31 декември си поднесоа оставка. Претседателот на синдикатот на контрола за летање Тасевски изјави дека очекува овој тренд да продолжи и од другите служби.

„ За да се покаже дека веќе е крај, не може да се продолжи на овој начин, ако мислат директорите дека можат да вршат притисоци спрема вработените со овој начин на вработување, нека продолжат да работат сами, ако се способни за такво нешто“, изјави Тасевски на прес конференција.

Тој додаде дека причината за овој потег е поддршка на синдикатот, одбрана на професијата и борба против клиентелизмот во М-НАВ.

Оваа е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.

Првиот човек на Сидникатот Тасевски изјави дека не е исклучена можноста за штрајк на сите вработени во М-НАВ што ќе значи тотално затворање на воздушниот сообраќај во земјава. Причините кои доведоа во ваквата состојба во М-НАВ се, како што вели тој, контроверзни одлуки за вработување во оваа компанија.

„Последниот оглас е контроверзен по неколку основи, временските рокови беа пробиени, селекцијата која ја предвидува законот била спречена, им се барало лекарски извештаи при конкурс за вработување, што по закон не смее да им се бара, ние како синдикат не бевме ниту известени за селекцијата, ниту бевме вклучени иако тоа е законска обврска според колективниот договор, но и според спогодбата која беше предуслов за да ја повлечеме одлуката за штрајк“ вели Тасевски.

Претходно од раководството на М-НАВ со писмено соопштение тврдеа дека огласот за инженери и техничари е согласно Законот за работни односи и условите предвидени со систематизацијата.

Во нивната реакција се наведуваше дека според систематизацијата за приправник, интервју се спроведува само ако за едно место има два или повеќе кандидати. Во случајот со последниот оглас имало само по еден кандидат за седумте работни места.

„Под вакви услови се примени инженери во М-НАВ и пред четири години, но тогаш немало негодување“, реагираа од компанијата.

Според нив, безбедноста на воздухопловниот сообраќај во ниту еден случај не е загрозена, бидејќи сега примените кандидати нема да бидат вклучени во оперативно делување пред да се стекнат со овластувања.

Тасевски потврди дека вчера бил повикан во Министерството за внатрешни работи во секторот за насилен криминал на информативен разговор на кој му била покажана кривична пријава од двајца директори Фахрудин Хамиди и Хасим Деари. Тие се пожалиле дека по маил Тасевски им се заканувал.

„Најодговорно тврдам дека во содржината на тој меил нема закани, од друга страна, сметам дека тенденциозно се интерпретира погрешно во таа насока за да може да се искористи против мене во вид на притисок, и кон синдикатот на контролори на летање и кон сите професионалци кои покажаа доблест да застанат во одбрана на својата професија против клиентелизмот. Последните чекори од инженерите и раководителите кои си поднесоа оставка кај директорите предизвикаа страв, но не по нивните животи, туку страв кој се однесува стриктно на нивните директорски фотелји“, вели Тасевски.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека законот ги обврзува да го повикаат Таевски на службен разговор.

„Секогаш кога ќе биде поднесена пријава од граѓанин за заканување или заплашување, МВР го поканува лицето против кое е поднесена пријава за да се изврши службен разговор. Тоа е направено и во конкретниот случај, се вели во соопштението од МВР.

По документирање на случајот, до ОЈО ќе биде доставен соодветен поднесок за нивно натамошно постапување, соопштија од МВР.

На 31 декември минатата година еден од тројцата директори на државната компанија за Контрола на летање М-НАВ, Љубе Стаменковски заедно со инженерите на раководните инструкторски места си поднеле оставка.

Оставките уследиле откако пропаднала селекцијата на кандидати на огласот на М-НАВ за инженери во Контролата на летање. Тие не ги решиле тестовите за селекција, оти не ги знаеле одговорите. Но и покрај тоа биле примени на работа, јави тогаш порталот Сакам да кажам (СДК).

На овој оглас се вработени двајца инженери и еден техничар, а поради неуреден статус во Агенцијата за вработување, иако биле задоволени критериумите на М-НАВ, не се вработени уште тројца инженери и еден техничар.

Од М-НАВ велат дека оние инженери и инструктори кои сега негодуваат и праќаат дописи за оставки биле вработени според истите законски критериуми.

„Новите инженери имаат дополнителна клаузула дека може да им се откаже работниот однос додека кај постоечките тоа не го пишуваше во нивните огласи. Негодувањата се тенденциозни и немаат основа“, се вели во соопштението од М-НАВ објавено на 31 декември.


Пред десет дена Синдикатот на Контрола на летање М-НАВ најави предупредувачки штрајк на 25 декември и за Нова година, како реакција на објавени огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми, кои според Синдикатот, се спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври годинава. Но, по преговорите со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, штрајкот беше откажан.

Тогаш од Синдикатот рекоа дека договореното за роковите за времетретрање на огласите за вработување не се почитува, а кадарот кој сакаат да го вработи менаџментот не е од суштинските дејности и се однесува на деловни асистенти и советник за човечки ресурси, што според нивни сознанија е за еден од поранешните директори во М-НАВ.

Синдикатот и во октомври најавуваше штрајк со барање да им се подобрат условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“.

И лани во ноември имаше проблеми со конкурсот за вработување во М-НАВ, откако Синдикатот на контролорите на летање изрази сомнеж дека во државната компанија има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери.

Тогаш од Синдикатот рекоа дека тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ и директори во агенцијата, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG