Достапни линкови

Вработувањата во администрација без амин од Министерството за финансии


Илустрација - Вработени во државна администрација
Илустрација - Вработени во државна администрација

Од следната година на институциите нема да им треба потпис на министерот за финансии за вработувања во јавен сектор. Секој буџетски корисник ќе треба да си направи годишен план за вработување. Тој план ќе треба да биде одобрен од надлежна институција, на пример министерство, совет на општина, а за државно претпријатие загубар ќе одлучува Владата.

Од 1 јануари за вработување во јавен сектор нема да се бара согласност од Министерството за финансии.

Одговорност сега ќе биде на самите министерства, јавни претпријатија, институции, агенции, заводи, општини...

Досега тие институции што добиваат плати од Буџетот, правеа план за вработувања, па тој план го испраќаа до ресорните министерства, потоа Министерството за финансии кажуваше дали има пари за ново вработување и ако одобри, институцијата објавува оглас и вработува луѓе.

Од Министерството за финансии најавуваат дека од следната година нема да треба потпис на министерот, односно работите ќе се децентрализираат.

Секој буџетски корисник ќе треба да си направи годишен план. Тој план ќе треба да биде одобрен од надлежна институција, на пример министерство, совет на општина, а за државно претпријатие загубар ќе одлучува Владата.

Графички приказ за нова поедноставена постапка за процес на вработување во јавниот сектор
Графички приказ за нова поедноставена постапка за процес на вработување во јавниот сектор

Чекорот согласност за вработување од Министерството за финансии се прескокнува и институциите ќе може да си објават оглас за да вработат луѓе. Но раководното лице, дали тоа ќе биде министер, директор, управител, ќе треба да потпише изјава во Агенцијата за вработување дека се обезбедени пари за тие вработувања.

Таа изјава ќе биде основа, во случај на злоупотреби, полесно да се лоцира одговорноста, бирифираше министерот за финансии Фатмир Бесими на 22 декември.
„Ќе си одговараат ако потрошиле повеќе пари од граѓаните, Буџетот не е нивен“, вели министерот Бесими.

Доколку се огрешат, ќе може да одговараат за злоупотребат службената положба. Во септември годинава, преку брза постапка во Собранието, беа донесени измени на Кривичен законик, со кои казните за злоупотреба на службена положба и за злосторничко здружувење се намалија.

Досега две третини од барањата за согласност за вработување се одбивале

За да стапи на сила новата постапка за вработување во јавниот сектор на сила треба да поминат измените на Законот за Буџет, кој е во собраниска процедура и за кој од Министерството за финансии очекуваат да се усвои следната недела.

Досега околу две третини од барањата за согласност за вработување во јавен сектор биле одбиван, велат во Министерството. Институциите често барале повеќе работни места, отколку што имале потреба, за на крај да кажат дека им се неопходни само неколку.

„Но си поробуваат дали ќе им успее“, вели Бесими.

Од Министерството брифираат дека нема да се решат на овој начин сите проблеми во натрупаната и неефикасна администрација, но дека од некаде мора да се почне.

Најавената реформа отворила прашања кај одговорните на институциите, а дел од раководителите се исплашиле од новиот процес за да не згрешат нешто, велат до Министерството.

Но ова отвора други прашања - дали на овој начин институциите ќе добијат одврзани раце да вработуваат колку сакаат, дали администрацијата ќе биде Елдорадо за партиски вработувања, кој ќе регулира дали институциите постапиле според планот за вработувања и „не протнале“ некое вработување во друга ставка.

Но од Министерството за финансии уверуваат дека со новиот закон „ ќе биде многу подобро, и администрацијата нема да се полни со илјадници луѓе на годишни ниво“. Институциите нема да може намерно да го „дуваат“ планот за вработувања и тој мора да биде во рамки на тоа колку пари имаат за да може да вработат некого. Надлежни институции, како Државен ревизор ќе гледаат дали институциите постапиле според планот, а како што велат од Министерството за финансии, и ако некој чекал вработување, а не се вработил, ќе може да пријави евентуални злоупотреби, па институцијата да биде проверена.

„Нема да му помине планот за вработување, ако нема буџет. Нема да може да распише оглас за вработување“, брифираат од Министерството.

Стотици огласи за вработувања пред избори

Во меѓувреме, пак, голем број на државните институции од министерства до јавни претпријатија распишаа конкурси за вработување на административци.

Новите огласи доаѓаат на само два месеца пред формирање на техничка Влада, која треба да ги организира претседателските и парламентарните избои во мај следната година. Откако ќе биде формирана техничката влада на 27 јануари, според законот ќе треба да се „замрзнат“ сите огласи за нови административни службеници.

Според објавите на Агенцијата за администрација, само во изминатиов месец се отворени над 80 огласи во кои се бараа административци. Најдолг е списокот на државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со која раководи Васко Стефанов од СДСМ. Оваа фирма нуди работа за 500 луѓе од инженери до хаус мајстори, курири, возачи и секретари. ЕСМ во време на минатогодишната енергетска криза зависеше од државната владина помош.

Втор на листата „вработувачи во јавна администрација“ е Фондот за здравство со кој раководи Магдалена Филиповска Грашкоска од СДСМ. Фондот на оглас нуди 40 работни места за 36 работни позиции. Од министерствата најголем вработувач во овој период е Министерството за надворешни работи со кој раководи Бујар Османи од ДУИ, кое бара нови 15 административци, а веднаш по него е транспорт и врски каде што шеф е Благој Бочварски од СДСМ и во него се бараат деветмина, додека во министерството за информатичко општество со кое раководи Азир Алиу од Алијанса за Албанците, ќе вработува осум луѓе.

Според властите ова не е преизборно вработување, туку реална потреба од нов кадар во јавната администрација. Секој ден администрацијата има потреба од нови вработувања, изјави неодамна министерот за информатичко општерство и администрација Азир Алиу.

„Има луѓе кои заминуваат од јавен во приватен сектор имаме и пензионирање, така да тие потреби секогаш се такви. Јас бев на пат и не сум запознаен со бројката за колку е зголемен бројот, знам дека континуирано се отвораат огласи во различни институции.“ – вели Азир Алиу министер за информатичко општество и администрација.

Од Министерството за финансии велат дека дел од актуелните огласи за вработување административци се за луѓе кои работеле на определено време, за кои веќе се плаќаат пари и придонеси и тие треба да добијат договор за неопределено, но мора да се распишан огласи.

Според податоците од регистарот на вработени во јавниот сектор минатата година биле активни 1.354 институции во кои се вработени вкупно 129.374 администратици.

Влада - стоп за партиски вработувања од 2025

Дополнително вработување на административци се бара и преку Агенција за привремени вработувања. Во моментов, на сајтот e-nabavki.gov.mk услуги од овие агенции бараат 15 институции. Меѓу нив се Македонската академија на науките и уметностите(МАНУ), министерствата за финансии, за правда, за труд и социјална политика, Општина Битола, Клиника за ревматологија, градинки, јавни претпријатија...

Вредноста на тендерите за избор на Агенција за привремени вработувања е различна - по 300.000 евра, 400.000 евра и повеќе. Сите заедно, на годишно ниво, „тежат“ милиони евра.

Власта најави дека со закон ќе ги стопира партиските вработувањата, само што ако го помине собранискиот филтер по скратена постапка, на сила ќе стапи во 2025 година. Овој закон треба да обезбеди дека во постапката за вработување секогаш ќе се избира најдобро рангираниот кандидат. Но, додека да почне да се применува - карванот ќе врви како и досега.

Бројката на вработени преку Агенции за привремени вработувања не е позната. Податоците што Центарот за управување со промени ги прибавил според слободен пристап до информации од јавен карактер, упатуваат дека овој процент изнесува меѓу 7 отсто и 9 отсто од вкупниот број на вработени во јавниот сектор.

Предизборното вработување во јавниот сектор е редовна појава која е често критикувана во извештаите на Европската комисија. Претседателските и парламентарните избори ќе се одржат во април и мај догодина, што значи дека активни огласи и конкурси за вработување во јавната администрација може да се објавуваат до формирањето на техничка влада на 27 јануари.

Министерството за финансии досега мораше да даде известување за обезбедени финансиски средства, познато како ,,согласност” за вработување, па дури потоа институцијата објавуваше оглас.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG