Достапни линкови

Партиската диплома најсилен адут за директорување


Учителки, келнери, „вечни директори“ ротираат од една до друга шефовска функција, за која го немаат потребното образование и искуство, понекогаш и не знаејќи со што всушност „директоруваат“. Со закон треба да се стави ред во поставувањето директори на државни фирми, но на тоа се уште се чека.

Професионалниот „лет“ на Миликије Халими од градоначалничка, преку инспекторка, до директорка ја брануваше јавноста. Откако истера еден мандат како прва жена градоначалник на Арачиново, општина со мнозинско албанско население, работеше како инспекторка за економски криминал во Царина, а на крај на октомври на владина седница била предложена за директорка на акционерското друштво во државна сопственост „Аеродроми“.

Таа на Фејсбук сама се пофали за новата функција и се заблагодари на матичната партија СДСМ што и ја дале довербата да ја води оваа институција.

Во биографијата на веб страницата на општината додека беше градоначалничка пишуваше дека учела средно медицинско, а во 2006 дипломирала на Педагошкиот факултет. Пред да се вмеша во политика работела во аптека. И на нејзиниот Фејсбук профил пишува дека завршила Педагошки, но по реакциите во јавноста и прашањата како учителка ќе раководи со претпријатието кое е задолжено за меѓународните и спортските аеродроми во државата, од нејзиниот Кабинет рекоа дека завршила Економски факултет.

Во нејзина одбрана застана и премиерот Димитар Ковачевски, кој вели дека е предложена и избрана врз основа на факултетска диплома, каква што имаат и други функционери кои вршат пратенички или други функции.

Родени за директори

Името на Халими е последно во низата. Неколку месеци претходно, медиумите пишува за новиот директор на државната фирма за пренос на струја МЕПСО, Зуди Енузи Кока.

Половина од својот четириесетгодишен живот, новиот директор на МЕПСО, е на некаква директорска функција. Прво во семејните фирми, па во Комунална хигиена и сега во МЕПСО.

Број на вработени во преносните оператори во регионот, по километар електрична мрежа
Број на вработени во преносните оператори во регионот, по километар електрична мрежа

Кока на 20 годишна возраст станува генерален менаџер во семејната фирма за мебел. Станува збор на мала фирма. Десет години го работел тоа, потоа уште две години бил генерален менаџер во семејниот хотел, лани директорувал со јавното претпријатие Комунална хигиена, а сега е назначен за прв човек на МЕПСО.

МЕПСО лани заработил чисти 22,6 милиони евра. Во државната фирма има над 600 вработени со просечна плата од 1000 евра.

Освен со неговата професионална биографија, медиумите се занимаваа и со роднинските врски. Неговиот брат, Цуфи Кока, лани впери пиштол кон толпата што протестираше против Францускиот предлог за преговори со ЕУ и тргање на бугарското вето. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тогаш рече дека требало да биде убиен од Цуфи Кока. Кока за настанот доби четири месеци затвор.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во април годинава реагираше дека „келнер е поставен за нов генерален директор на Македонски железници“. Фирмата е загубар, но атрактивно место за поставување партиски директори, поради високите плати. Оваа компанија е место за „вдомување“ на кадри од помалите партии од албанскиот блок кога ќе влезат о владина коалиција.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ вели дека Зуљхајрат (Зули) Демири е седми директор на железници за седум години. Од партијата го истражувале Демири и наведуваат дека според фотографиите на Фејсбук кој во 2017-та бил ангажиран во светот на угостителството.

Метрологија или метеорологија?

Во јавноста се прослави и в.д директорот на Бирото на метрологија, Авдуљ-Селам Селами. Тој рече дека пред да стапи на функција мислел дека оваа државна институција е за временска прогноза. Институцијата со која раководи всушност се занимава со мерни инструменти за контрола на квалитет. Во септември годинава му е продолжен мандатот како вршител на должноста директор. Овој триесет и девет годишник, е магистер по политички науки, а пред да стане директор бил инспектор во Управа за јавни приходи (УЈП), заменик директор на Агенција за финансиска поддршка на земјоделието и рурален развој, заменик директор на УЈП, член на Управен одбор во Универзитетска клиника за неврологија и член на Управен одбор во ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.

Летото уште еден новопечен директор ги „вознемири страстите“. Од поранешен градоначалник и потпретседател на СДСМ, Стефан Богоев стана прв човек на Македонска царина. Триесет и четиригодишниот Богоев, има искуство и како пратеник, а завршил Економски факултет. За вработување на „обичен“ работник во Царина се бара претходно да има работно искуство во царински работи, но тоа не важи и кога се назначува директор.

Законите за ставање ред се уште се во најава

Со години властите најавуваат дека со закони ќе стават ред и во администрацијата, која е преобемна и нефункционална и во назначувањето директори, но законите се уште не се донесени.

Предлог Законот за висока раководна служба на партиите треба да им ги скрати можностите да поставуваат свои (партиски заслужни) луѓе на раководни позиции во институциите. Самиот закон заглави во министерските смени, делумно и како резултат на коалициите. Беше најавен од Министерството за информатичко општество во 2018 година кога министер беше Дамјан Манчевски од СДСМ. Процесот забави во 2020 кога на министерското столче седна Јетон Шаќири од ДУИ, за следната година на истото место да дојде Адмирим Алити од Алтернатива, како резултат на влегувањето на оваа партија во владината коалиција. Во моментот Министерството за информатичко општество го води Азир Алиу, од Алијанса за Албанците.

Предлог Законите за вработени во јавниот сектор и за административни службеници предвидуваат да се вработи најдобриот кандидат, понатаму се забранува можноста за вработување на определено време на раководни работни места во јавен сектор и се забранува вработување преку Агенција за привремени вработувања.

Министерот Алиу на брифинг со новинари на 2 ноември рече само со системско решение е можно спречување на партиски вработувања во администрацијата, но, како што вели џабе се креирање на политики со закони ако институциите не ги спроведуваат. Кога станува збор за партиското поставување на директори на институциите, Алиу смета дека со условот најмалку три кандидати да се пријават на оглас за директор ќе се овозможи најдобриот да ја добие позицијата.

„Ирелевантна е политичката припадност, најбитна е компетентноста на кандидатите, која ќе се докаже со јасна и прецизна постапка“, вели Алиу.

Партијата од која доаѓа Алиу и се приклучи на владината коалиција во март. Коалицирањето им донесе триесетина директорски места во јавни претпријатија и клиники.

„Тоа што неквалификуван кадар раководи со некои институции е децениски проблем“, рече вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, неодамна на настан на кој се говореше за праксата во назначувањето директори и раководни лица. Затоа, вели, вицепремиерката, мора да се преземат сериозни чекори за надминување на состојбата.

Десетина дена по настанот, на владина седница е назначена Миликије Халими за директорка на „Аеродроми“.

На настанот беше промовирано и истражувањето што го подготви истражувачот Миша Поповиќ, кој со години ги следи реформите во јавниот сектор.

Истражувањето покажало дека назначувањето в.д. директори е редовна практика, наместо да биде исклучок. Во дури 37 отсто од случаите се поставени вршители на должноста. На тој начин не се прави оглас и не може да учествуваат повеќе кандидати. Истражувањето покажало и „дупки“ во законите при избирање на директори на јавни претпријатија, болници и друштва во државна сопственост со што не може да се обезбеди транспарентност и да се избере најдобриот кандидат.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG