Косово одржува предвремени парламентарни избори в недела, 28 декемвр по месеци политички ќорсокак што ја остави земјата под привремена влада предводена од премиерот Албин Курти и неговото движење „Самоопределување“.
Партијата на Курти, која победи на изборите во февруари, имаше два неуспешни обиди да формира влада, но не успеа да обезбеди коалициски партнери, отворајќи го патот за предвремени избори.
Вкупно 24 политички партии и коалиции се натпреваруваат на изборите, при што повеќе од илјада кандидати се борат за места во парламентот со 120 членови.
„Самоопределување“, кое обезбеди околу 42 проценти од гласовите во февруари, соопшти дека овој пат има за цел да освои повеќе од 50 проценти гласови за да избегне постизборни коалиции.
Други големи партии, вклучувајќи ја Демократската партија на Косово (ПДК), Демократската лига на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК), сакаат да спречат формирање на уште една влада предводена од Курти, иако ниту една од овие партии не се изјасни дали ќе соработува една со друга.
За разлика од кампањата во февруари, периодот пред изборите на 28 декември „Самоопределување“ го обележа со значително помек тон и кон медиумите и кон ривалските албански партии.
„Оваа промена е директно поврзана со потребата од коалиции“, изјави Доника Емини, виш истражувач во Групата за советување на политиките на Балканот во Европа (БиЕПАГ) за Радио Слободна Европа(РСЕ). „Самоопределување“ е свесна дека не може да владее самостојно како што владееше во 2021 година. Поумерен пристап помага да се подготви теренот за постизборна соработка“.
Политичкиот аналитичар Артан Мухаџири се согласува дека промената би можела да го олесни формирањето коалиции ако партијата на Курти повторно не успее да освои апсолутно мнозинство.
„Сè ќе зависи од резултатите од изборите“, изјави Мухаџири за РСЕ. „Доколку „Самоопределување“ постигне многу силен резултат, веројатно ќе се врати на својата поостра, поларизирачка реторика.“
Од изборите во февруари, има обвинувања и остар тон во политичкиот дискурс. „Самоопределување“ ги обвини другите албански партии за координација со Српската листа - главната партија на косовските Срби поддржана од Белград - со која Курти одби да соработува.
Курти, пак, беше обвинет од противниците, без докази, дека е поврзан со Србија и со Русија.
Буџетска неизвесност и финансиски ризици
Косово не одобри државен буџет за следната година, што предизвикува загриженост за институционална парализа и потенцијални финансиски загуби.
Во отсуство на одобрен буџет, земјата ќе работи со привремено финансирање, користејќи една дванаесеттина од буџетот за тековната година за секој од првите два месеци од 2026 година.
Продолжениот неуспех да се постигне политички договор, исто така, го стави во опасност финансирањето од Планот за раст на Европската унија(ЕУ), како и милиони евра во проекти поддржани од Светската банка, кои бараат ратификација на клучните закони.
Аналитичарите предупредуваат дека без постизборен консензус, Косово ризикува да влезе на непозната политичка и институционална територија. Почетокот на март е крајниот рок за Собранието да избере нов претседател, а неуспехот да се стори тоа би можел да предизвика уште една рунда предвремени избори - дури и пред да се формира нова влада или нови институции.
Затегнати односи со меѓународните партнери
Годината беше обележана и со контроверзни активности на привремената влада во северниот дел на Косово, со мнозинско српско население, кои меѓународните актери ги опишаа како некоординирани. Властите затворија неколку институции управувани од Србија кои работат според системот на Србија, а владата на Курти вели дека овие потези се неопходни за да се одржи владеење на правото.
Среде политичките превирања, Соединетите Американски Држави (САД) во септември објавија прекин на стратешкиот дијалог со Косово пред тој официјално да почне. Амбасадата на САД соопшти дека одлуката е донесена „поради загриженост за активностите на привремената влада кои ги зголемија тензиите и нестабилноста, ограничувајќи ја способноста на Соединетите Американски Држави продуктивно да работат со Косово по заедничките приоритети“.
Во писмена изјава за РСЕ на 17 декември, од амбасадата на САД рекоа дека по изборите „ќе се стремиме тесно да соработуваме со избраната влада за да ги унапредиме заедничките приоритети“.
Курти рече дека односите со Вашингтон „никогаш не биле подобри“, но аналитичарите ја оспоруваат таа проценка. Мухаџири рече дека врските со САД „никогаш не биле пооштетени“, додека Емини го обвини премиерот дека во последниве години го користи антагонизмот кон САД и ЕУ „за изборна и политичка добивка“.
Гласачи и влогови
Со изборите закажани за крајот на годината, излезноста би можела да се зголеми, бидејќи многу членови на косовската дијаспора обично се враќаат дома за време на празничниот период.
На изборите што се одржаа на 9 февруари, пак, излезноста на гласачите изнесуваше околу 46 отсто, вклучувајќи ги и гласовите на дијаспората, во споредба со повеќе од 48 отсто во 2021 година.
Право на глас имаат повеќе од 2 милиони граѓани на Косово, дома и во странство. Гласачите од дијаспората можеа да гласаат по пошта или лично во амбасадите и конзулатите на 27 декември.
Гласањето ќе го одреди составот на парламентот од 120 места, каде што 10 места се резервирани за српската заедница и 10 за другите немнозински заедници. Секоја партија или коалиција што сака да формира влада мора да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник.