„Глобалната слобода опаѓа 20-та година по ред“, пишува во извештајот на меѓународната организација Фридом Хаус.
Се наведува дека вкупно 54 земји доживеале влошување на политичките права и граѓанските слободи, додека само кај 35 се забележани подобрувања.
Од оваа организација објаснуваат дека овие падови се главно предизвикани од воени удари и напори на лидерите да го потиснат мирното несогласување или да ги променат уставните правила во нивна корист.
Сите земји од Западен Балкан се означени со жолта боја, што претставува делумно слободни земји.
Србија е меѓу земјите каде што Фридом Хаус забележа најголем пад на слободите во текот на претходната година. Србија е на 5-то место кога станува збор за пад на слободите, а го дели местотот со Бугарија и Соединетите Американски Држави.
Најголем пад во 2025 година е забележан во Гвинеја-Бисао, Танзанија, Буркина Фасо, Ел Салвадор, Мадагаскар и Грузија.
Фридом Хаус, исто така, наведува дека последните две децении на демократски пад влијаеле на широк спектар на права и слободи, но дека слободата на медиумите, слободата на лично изразување и фер судските постапки претрпеле најголема штета.
Северна Македонија - делумно слободна земја
Северна Македонија и годинава останува делумно слободна земја, покажува последниот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2025“.
Земјава, исто како и минатата година, има индекс на слобода од 67 од можни 100 поени.
Рангирањето на „Фридом хаус“ е врз основа на два критериуми - политички права и граѓански слободи. Политичките права се оценети со индекс 28 од можни 40, а граѓанските слободи со 39 од 60 поени.
Во извештајот се наведува дека земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашување.
Во делумно слободни, пак, се Црна Гора(69), Албанија (68), Косово (60), Србија (56) и Босна и Херцеговина (52).
Беше наведено дека Црна Гора изгубила еден поен во споредба со претходниот извештај, а причината е што бројни предлог-закони поднесени од владата биле усвоени по итна постапка и без парламентарна дискусија.
„Политичкиот застој ги попречија другите владини функции низ целиот регион“, се вели во извештајот. Беше наведен примерот на Косово, каде што новоизбраните пратеници не успеаја да формираат влада поголемиот дел од годината, додека има обвинувања дека владата ги пречекорила своите овластувања во технички мандат, што доведе до вонредни избори.
„Тоа запирање ги намали придобивките на земјата во областа на судската независност и физичката безбедност“, соопшти Фридом Хаус.
Сепак, во извештајот се наведува и дека, и покрај значителниот политички притисок, судовите во Косово и Босна и Херцеговина донесоа пресуди што ја демонстрираа нивната независност.
Глобален пад на демократијата
Извештајот на Фридом Хаус посочува дека властите во Русија продолжиле да ги потиснуваат гласовите на несогласување.
„Додека Кремљ ја продолжи својата инвазија на Украина четврта година по ред, руските власти гонеа сè поголем број луѓе во земјата поради нивниот антивоен говор и активизам. Во јануари 2025 година, два медиума беа означени како терористички организации за прв пат“, се вели во извештајот.
Се забележува дека е сличен случај и во Кина, каде што владејачката партија продолжува да врши контрола врз политичките права и граѓанските слободи, гонејќи новинари, сузбивајќи ги зголемените протести и ограничувајќи ги меѓународните патувања.
Кога станува збор за Европа, Фридом Хаус наведува дека почитувањето на политичките права и слободи било претежно стабилно и дека континентот останал најслободен во светот.
Меѓу земјите оценети како слободни, Бугарија, Италија и САД забележаа најголем пад.
Во Бугарија, причината се последиците од парламентарните избори во 2024 година, кои беа обележани со купување гласови и изборни измами, додека во Италија владата ги ослабна механизмите за заштита од корупција.
Во извештајот на Фридом Хаус, исто така, е забележан пад на слободите во Соединетите Американски Држави.
Особено беше истакната извршната наредба од јануари 2025 година со која се затвори Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), преку која беа финансирани бројни проекти на организации на граѓанското општество и независни медиуми низ целиот свет, како и наредбата со која се наредува затворање на Американската агенција за глобални медиуми, која го надгледува Гласот на Америка, како и Радио Слободна Европа и Радио Слободна Азија како корисници на грантови.
„Овие промени беа спроведени брзо и надвор од законодавниот процес“, се вели во извештајот, објаснувајќи дека тоа влијаело на илјадници организации во најмалку 129 земји.
Во Белорусија, според Фрид Хаус, владата употребила непропорционално насилство врз демонстрантите, при што полицајците апселе, тепале и пукале во новинари, а десетици илјади луѓе биле приведени, што резултирало со тоа што многу продемократски лидери и активисти биле испратени во егзил.
Грузија беше наведена како пример за поголем пад на слободите, каде што противниците на владата наводно биле подложени на физички напади, малтретирање и законски ограничувања насочени кон попречување на активностите на опозициските партии и граѓанското општество.
„Авторитарните режими продолжуваат да напредуваат низ целиот свет, а само заедничките напори на бранителите на човековите права, организациите на граѓанското општество и демократските влади можат да го забрзаат денот кога сите луѓе ќе можат да живеат во слобода“, заклучува извештајот на Фридом Хаус.
Оваа меѓународна организација евидентира закани за демократијата и слободата низ целиот свет повеќе од 50 години.
Во своите извештаи, секоја година ја проценува состојбата на слободата во 195 земји и 15 територии и ги рангира врз основа на различни индикатори.