Достапни линкови

Колеги во безбедносниот и академскиот свет - По Христовски, и Тошковски запиша докторат


Графичка илустрација - Бојан Христовски, Панче Тошковски и Игор Филков
Графичка илустрација - Бојан Христовски, Панче Тошковски и Игор Филков

Министерите Панче Тошковски и Игор Филков и директорот на АНБ Бојан Христовски напредуваа(т) во академските звања на теми од ресори од функциите што ги вршат. И додека експертите го отвораат прашањето на етиката за академски напредок, функционерите не гледаат никаква правна, ниту етичка дилема.

На 1 октомври 2025 година, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на свечениот прв академски час на Факултетот за безбедност–Скопје, при што одржа и поздравен говор пред новата генерација студенти.

„Присутните истакнаа дека новата генерација студенти претставуваат идни носители на развојот на безбедносниот систем во државата и дека нивниот труд и залагање ќе бидат вложени во зајакнување на јавниот интерес и општествената стабилност“, објави Факултетот на социјалните мрежи.

Министерот Панче Тошковски на стартот на новата академска година на Факултетот за безедност
Министерот Панче Тошковски на стартот на новата академска година на Факултетот за безедност

Во развојот на безбедносниот систем на Северна Македонија паралелно ќе придонесува и Панче Тошковски– но, не само како министер, туку паралелно и како студент на докторски студии на истиот Факултет на програмата за безбедност.

На 22 декември, факултетот објави дека Панче Тошковски е трето-рангиран на конечната листа на дополнителниот конкурс за запишување на студенти на докторски студии. Негов ментор во тригодишниот процес до стекнување на титулата ќе биде професорот Борис Мурговски.

Одлука за примени кандидати во трет уписен рок на докторски стуфии на Факултетот за безбедност
Одлука за примени кандидати во трет уписен рок на докторски стуфии на Факултетот за безбедност

Тошковски стигна до докторски студии откако на 22 октомври ја одбрани магистерската теза со просек 9,60 со наслов „Криминолошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во јавниот сообраќај“. Оваа теза се преклопуваше со министерските реформи кои ги спроведува во проектот „Безбеден град“.

Министерот се стекна со титулата магистер на науки после цели 20 години откако ги запишал магистерските студии на Правниот факултет.

Одбрана на магистерскиот труд на министерот Панче Тошковски
Одбрана на магистерскиот труд на министерот Панче Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за РСЕ вели одлуката за запишување на докторски студии е дел од неговата лична определба за професионална и научна надградба во областа на безбедноста, како продолжение на магистратурата поврзана со „Безбеден град“.

„Темата на мојот докторски труд, која е во фаза на дефинирање, ќе биде насочена кон безбедноста на патниот сообраќај, како јасен и логичен научен континуитет на мојата магистерска работа од истата област. Истражувањето ќе биде спроведено преку утврдени научни методи и ќе биде насочено кон унапредување на системските решенија и јавните политики, што е суштински различно и целосно одвоено од какви било конкретни оперативни проекти или тековни активности на МВР“, изјави Тошковски.

Првиот човек на полицијата влегува во академската сфера на Факултетот за безбедност, откако пред една година медиумите објавија дека неговиот баџанак Стевчо Јолакоски е избран за доцент на истиот факултет.

Наставно-научниот совет на седница го прифатил предлогот да биде избран избран Јолески по предлог на рецензентската комисија, иако на конкурсот другите двајца кандидати имале подобар просек од него.

Сепак, Вонредниот инспекциски надзор утврдил дека изборот формално е во согласност со одредбите на Законот за високо образование и Правилникот за посебните услови, по што постапката е запрена.

И Бојан Христовски се стреми за докторска титула

Покрај тоа што се колеги од клучните институции на безбедносниот систем на земјава, министерот Панче Тошковски ќе му биде и колега од факултет на Бојан Христовски, директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кој пред него запиша докторски студии.

И двајцата ќе слушаат предавања во шест семестри и ќе треба објават научни трудови со импакт фактор и на крај докторски труд во областа на безбедноста.

Според документ обајвен од Факултетот, и Христовски го фатил третиот уписен рок на објавениот конкурс на студенти на третиот циклус студии на Факултетот за безбедност 2025/2026 година.

Директорот на АНБ Бојан Христовски примен на докторски студии на Факултет за безбедност
Директорот на АНБ Бојан Христовски примен на докторски студии на Факултет за безбедност

Кога медиумите објавија за неговиот упис на докторски студии, Бојан Христовски изјави дека одлуката да запише докторат додека е директор на АНБ „не е ниту контрадикторна ниту спорна, туку напротив, претставува одраз на неговата свесност дека функцијата е минлива а образованието може да му послужи во понатамошната кариера во која и да е институција“.

Христовски смета дека функционерите не треба да се привилегирани, но, не треба ни да се дискиминирани.

И Тошковски и Христовски беа дел од церемонијалниот старт на новата академска година на Факултетот на безбедност, но, од позиција на државните функции со секторите во кои работат.

Прв академски час на Факултетот за безбедност, министерот Панче Тошковски (централно) и директорот на АНБ Бојан Христовски (втор од лево)
Прв академски час на Факултетот за безбедност, министерот Панче Тошковски (централно) и директорот на АНБ Бојан Христовски (втор од лево)

И двајцата изминатите месеци беа на средби со раководството на Факултетот за безбедност - Скопје, фокусирани на соработка меѓу академската заедница и институциите. На овие состаноци е разговарано за можности за директно вработување на најдобрите студенти во МВР и Агенцијата веднаш по дипломирањето.

Пред нив, со титула магистер од областа на правосудството се „закити“ и министерот кој раководи со ресорот правда, Игор Филков. Неговата теза „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“ ја одбрани на 12 септември, стои на официјалниот сајт на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

И Филков негираше каков било конфликт на интереси за изработка на магистерски труд од областа во која министерува, велејќи дека во македонското законодавство не постои категорија „конфликтна“ или „неконфликтна“ тема за магистерска работа. Тој не одговори на прашањето на РСЕ дали планира да го продолжи академското образование.

Докторати на функционери: Етичка дилема?

За последните академски напредувања на функционерите на теми кои се тесно поврзани со сферата од нивните позиции, РСЕ се обрати и во Државната комисија за спречување на корупцијата, прашувајќи дали законот препознава вакви случаи како потенцијален конфликт на интереси? Одговори на прашањата од Антикорупциската комисија не добивме.

За Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ е оправдано да се истражува етичката исправност на функционерите да пријавуваат магистратури и докторати онаку каде што имаат реално влијание.

За актуелните случаи, Тасева ја истакнува етиката како клучно прашање, особено кога постои потенцијален судир на интереси поради позицијата на кандидатите и врската со институцијата.

„Центарот за безбедност е директно под МВР, а Факултетот е под Битолскиот универзитет. Треба да се види дали Универзитетот во Битола има правила за оградување од судир на интереси и влијанија, треба да се провери етиката. Тие требало претходно да имаат магистрирано на нешто слично, па да поминал одреден период којшто бил исполнет со работа на таа тема и објавување на некакви трудови. Треба да се види што напишале претходно на темата за да може да подготвуваат и да работат докторати“, вели Тасева.

РСЕ се обрати до Универзитетот Св. Климент Охридски - Битола, од каде не препратија на Факултетот за безбедност. Прашавме дали институцијата има утврдени правила или протоколи за оградување од судир на интереси при упис или студирање на докторски студии за високипрофилни функционери, чии институции имаат директна врска со Факултетот за безбедност.

Но, од Факултетот не добивме конкретен одговор на поставените прашања. Од таму одговорија дека „условите за упис на трет циклус студии на Факултетот за безбедност се утврдени во јавно објавениот конкурс и други акти како Правилник за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трет циклус студии, со упатување на јавни линкови кои се објавени на веб - страницата на Универзитетот“.

Според министерот Тошковски, неговиот иден докторат не отвора никаква етичка дилема.

„Академските процеси се јасно уредени и институционално одвоени од надлежностите на МВР, а процесот на студирање и оценување се одвива согласно истите академски правила и критериуми што важат за сите кандидати подеднакво. Напротив, сметам дека академската надградба на носителите на јавни функции придонесува за поквалитетен пристап при креирање јавни политики и носење одлуки засновани на стручни и научни анализи“, вели Тошковски.

Инаку, пред 11 години, самата Тасева имаше слично искуство, но, од позиција на професорка. Како поранешна деканка на Факултетот за детективи и криминологија на приватниот Европски факултет, се судри со раководството на институцијата поради одбивањето да биде ментор на докторатот на тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈН), Љупчо Тодоровски – Радникот, веднаш по стекнатата магистратура. Таа подоцна и го напушти факултетот.

Многу пред него, Никола Груевски седна на премиерската функција како дипломиран економист. За време на премиерската функција одбрани магистратура на Економскиот факултет, а година и половина по заминувањето од функцијата стана и доктор на науки на тема „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“.

Во изминатите години, дел од функционерите се соочуваа со контроверзии околу автентичноста или начинот на стекнување на нивните дипломи, како и нивните напредувања на универзитетските скалила, но досега немало никаков инситуционален епилог.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG