Достапни линкови

„Отворен Балкан“ против даночно затајување и со меѓусебно признавање на дипломите


Состанок во Тирана на лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија Еди Рама и поранешниот македонскиот премиер Зоран Заев

Трите земји од „Отворен Балкан“ во Охрид ќе се обврзат на здружена борба против затајувањето данок, но и забрзување на процедурите за признавање на дипломите за високо образование меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија. Во план е туристичка карта и потпишување меморандум за културна размена. Милош Теодоровиќ

Србија, Северна Македонија и Албанија ќе се обврзат на заеднички договор за здружени напори за борба против даночното затајување во трите земји.

Ова се наведува во текстот на Меморандумот за разбирање до кој имаше пристап Радио Слободна Европа (РСЕ) и кој претставниците на трите држави треба да го потпишат во Охрид, на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ закажан за во среда, на 8 јуни.

Покрај ова, во Охрид ќе биде потпишан договор за признавање на дипломите за високо образование како и меморандуми за културна, како и соработка во областа на туризмот.

Ниту во еден од четирите планирани документи не се спомнува проширувањето, ама се упатува повик до другите потенцијално заинтересирани држави за идна соработка.

Инаку, на самитот во Охрид за првпат ќе присуствува и претставник на Црна Гора, премиерот Дритан Абазовиќ.

Тој е критикуван од јавноста во земјата бидејќи не ја исклучува можноста Црна Гора да се приклучи на „Отворен Балкан“, иницијатива покрената во 2019 година, која до денес, и покрај тоа што има поддршка од ЕУ како и од претходната и сегашната администрација на САД, не оствари проширување.

Тројцата иницијатори, Еди Рама, премиерот на Албанија, Александар Вучиќ, претседателот на Србија и Зоран Заев, поранешниот премиер на Македонија, го осмислија овој концепт со цел да воспостават зона за слободно движење на луѓе, стоки и услуги во Западен Балкан.

Што пишува во делот за даноци?

Во текстот на Меморандумот кој се однесува на даноците, а кој се потпишува десет месеци откако иницијативата за Западен Балкан официјално беше именувана како „Отворен Балкан“ наместо поранешното име „Мини Шенген“, се истакнува дека потписниците го имаат предвид „зголеменото значење“ на соработката во борбата против фискалната евазија, односно даночното затајување.

„Одредбите на овој документ нема да резултираат со посебни одлуки или активности кои се обврзувачки и наметнати на која било страна или трета страна“.

Меѓу другото, во вкупно осум члена од договорот се наведува потребата од заедничка работа за поттикнување на почитување на даночните обврски во трите земји, како и дека секоја страна може да назначи лице кое ќе ги координира активностите во нејзино име.

Исто така, секоја страна ги сноси своите трошоци за спроведување на Меморандумот.

Забрзување на признавањето на дипломите

Во текстот на предвидениот Договор во областа на меѓусебното признавање на дипломите, во кој РСЕ имаше увид, иницијативата се залага за забрзување на процедурите за признавање на дипломите за високо образование меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија.

Седумчлениот договор се однесува на квалификации од петто ниво (високо образование), како и на нивоа од шест до осум според Европската рамка на квалификации (од напредни до извонредни високообразовни знаења и вештини).

Се прецизира дека дипломите кои имаат Апостил печат на надлежната институција подлежат на директно признавање. Печатот Апостил е ознака за легализација на документите што се користат во меѓународната правна кореспонденција.

Доколку постои сомнеж во автентичноста на дипломата, предвидена е можност да се побара потврда од институцијата што ја издала по електронски пат. Рокот за одговор е 14 дена, а за целосно завршување на процесот на признавање 20 дена.

Се прецизира дека дипломите во Албанија ќе ги признава Центарот за образовни услуги при Министерството за образование, во Србија Агенцијата за квалификации за професионално признавање, а во Северна Македонија тоа ќе биде Одделението за признавање на професионални дипломи во Министерството за образование.

Трите членки на „Отворен Балкан“ и овојпат ги повикуваат останатите земји од Западен Балкан да се приклучат на Договорот.

Меморандум за културна размена

Како што се наведува, со цел да се промовира културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање, трите страни имаат намера да потпишат Меморандум за разбирање за културна соработка на Западен Балкан.

Во седумте члена од Меморандумот, до кои РСЕ имаше пристап, потписниците се залагаат за поттикнување на мобилноста на културните работници и за продлабочување на институционалната соработка.

Договорните страни наведуваат дека ќе се обидат да ги усогласат критериумите и да го зголемат бројот на конкурси за финансирање културни проекти.

„Приоритет ќе имаат проектите за мобилност кои се иновативни, експериментални и/или мултидисциплинарни и кои поврзуваат потенцијални оператори од повеќе договорни страни“, се вели во документот.

Во членот 6 од Меморандумот се прецизира дека државите потписнички ќе „развијат заеднички културен календар“во најкраток можен рок.

Во план е туристичка карта

Со Меморандумот за разбирање во областа на туризмот на Западен Балкан, кој исто така треба да се потпише во Охрид, а во кој РСЕ имаше увид, се предвидува формирање на туристичка карта наречена „Отворен Балкан“.

Државите потписнички се обврзани да ги поттикнуваат контактите меѓу нивните туристички организации и работниците, а предвидено е и формирање на посебна работна група за оваа област.

„Со формирање посебни работни групи, договорните страни се обврзуваат да ја идентификуваат правната рамка во областа на туризмот, како и да иницираат напори за усогласување на нивните закони со цел реципрочно прилагодување на системот на туристички оператори“, е прецизирано во еден од осумте члена на Меморандумот.

Дополнително, потписниците наведуваат дека ќе се обидат да разменуваат информации за нивната законска регулатива од областа на заштитата на природните ресурси и зачувувањето на историското и културното наследство, кои се туристички атракции.

„Договорните страни во согласност со нивните домашни закони ќе промовираат создавање поволни услови за привлекување инвестиции во туристичката индустрија“, се додава.

Како елемент на договор меѓу сите три страни во областа на туризмот, се прецизира дека проширувањето на поморскиот, речен и езерски туризам може да се смета за „порта кон регионалниот туризам“.

XS
SM
MD
LG