Достапни линкови

Вести

Кавга на собраниската комисија за незаконското поставување на директорот на АНБ

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

На моменти жестоката дебата меѓу власта и опозицијата претходеше на прекинувањето на собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Првично како единствена точка на дневен ред беше ставена Информацијата за незаконското именување на директор на АНБ поднесена од пратеници од опозициската СДСМ.

Пратениците од власта укажаа дека седницата била закажана без да биде запазаен Деловникот и побараа да се дополни дневниот ред со две точки за посета на АР и на АНБ.

„Ве замолувам да ги ставиме точките на дневен ред што сум ги предложил, за што има согласност и од СДСМ, за нивно ставање. Да се произнесеме по првиот предлог, а потоа ќе се произнесеме и по предлогот на колешката Петровска, да не правиме од оваа Комисија театар“,побара пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска побара точките предложени од Ковачки да бидат ставени како втора и трета точка. Според неа, јасна е играта на парламентарното мнозинство да се блокира дебатата за информацијата поднесена од нивна страна, што како што рече зборува за демократскиот капацитет на парламентарното мнозинство.

„Кога зборуваме за надзор над работата на АНБ и на АР, треба да знаеме дека кон секое отворено прашање во јавноста треба да постапиме со ист аршин. Процедурално да одоговорам на колегите, ова не е барање за свикување седница туку иницијатива, насловена Информацијата за незаконското именување на директорот на АНБ, чија цел е сите прашања дебатирани во јавноста да ги дискутираме на отворена седница“, рече Петровска.

Претседателот на Комисијата пратеникот Скендер Реџепи одби да ги стави двете точки за гласање со образложение дека според Деловникот, може но и не мора да ги стави предложените точки на гласање и оти ниту тој ниту заменик претседателот на оваа Комисија немаат безбедносен сертификан, па затоа не можат да бидат дел од тие посети на двете безбедносни институции.

На прес-конференциите што уследија по Комисијата, власта и опозицијата повторно ги соочија неивните ставови околу денешната седница на Комисијата.
Славјанка Петровска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ потврдило дека Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски пак на прес-конференција во Собранието ги потвтори партиските ставови дека како што рече сите заедно бевме сведоци на еден груб обид, несмасен обид од страна на опозицијата на СДСМ и ДУИ и нивните коалициони партнери за грубото кршење на Уставот, законите, процедурите, во овој случај и Деловникот за работа на Собранието.

Пратениците на СДСМ го оспоруваат именувањето на директорот на АНБ Бојан Христовски. Сметаат дека Владата не ги почитувала одредбите од законот во кој се пропишани условите за избор на директор на АНБ. Според нив, Христовски нема соодветно стекнато образование, лице кое при реформата не го поминало ветингот заради негова претходна инволвираност во незаконски дејствија на УБК. Дополнително, Христовски, како што се наведува, има лажен сертификат за познавање на странски јазик.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите согласно законот. Во изјава за медиумите дадена на 27 октомври премиерот ја повика Антикорупциската комисија во најбрз рок да се произнесе по овој случај по обвинувањата од опозицијата дека Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ.

види ги сите денешни вести

Во својата божиќна порака, Папата ги повика Русија и Украина на дијалог

Папата Лав XIV на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ на плоштадот „Свети Петар“, Ватикан, 25 декември 2025 година
Папата Лав XIV на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ на плоштадот „Свети Петар“, Ватикан, 25 декември 2025 година

Во својата прва божиќна порака во четврток, папата Лав XIV ги повика Русија и Украина да најдат „храброст“ за директни разговори и зборуваше за тешката хуманитарна ситуација во Газа.

Американскиот понтиф, избран од кардиналите во мај по смртта на неговиот претходник, папата Франциск, исто така ја осуди „бесмисленоста“ на војната и „урнатините и отворените рани“ што ги остава зад себе.

Обраќајќи се пред околу 26000 луѓе собрани на плоштадот Свети Петар, папата повика на „солидарност со оние на кои им е потребна помош и нивно прифаќање“ во Европа, алудирајќи на растечкото антиимигрантско расположение на континентот.

„Да се помолиме на посебен начин за страдалниот народ на Украина. Нека вклучените страни, со поддршка и ангажман на Меѓународната заедница, најдат храброст да се вклучат во искрен, директен и меѓусебно почитувачки дијалог“, рече Папата Лав.

Руските и украинските претставници во последните недели разговараа одделно со американските преговарачи за предлози за ставање крај на војната што започна со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Десетици илјади луѓе беа убиени, источна Украина беше опустошена, а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела ги истакна клучните точки од планот за ставање крај на конфликтот по разговорите со Соединетите Држави.

Сепак, рускиот претседател Владимир Путин досега не покажа подготвеност за компромис, но дополнително ги заостри своите строги барања.

Во својата прва божиќна проповед како поглавар на Римокатоличката црква, Папата се осврна на суровите услови во Газа, каде што стотици илјади луѓе сè уште живеат во импровизирани засолништа во зимски услови, неколку недели откако стапи на сила кревкото примирје.

„Зборот го постави својот кревок шатор меѓу нас. Како тогаш да не помислиме на шаторите во Газа, изложени со недели на дожд, ветер и студ, и шаторите на толку многу други бегалци и раселени лица на секој континент или импровизираните засолништа на илјадници бездомници во нашите сопствени градови?“, рече Папата.

Обединетите Нации соопштија дека околу 1,3 милиони луѓе во Газа моментално имаат потреба од засолниште и предупредија на зголемен ризик од хипотермија поради падот на температурите.

Гаши апелира што побрзо да се избере Народен правобранител

Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ
Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ

Претседателот на Собранието Африм Гаши апелираше до пратеничките групи да се изнајде политичка волја и во Собранието да се избере народен правобранител. На денешната средба со новинарите тој кажа дека лично ќе се ангажира да се најде решение за ова прашање, бидејќи станува збор за важна институција и оти е недозволиво толку долго да нема прв човек.

„Што се однесува до процедурата ние сме направиле се таа да тече нормално, но затекнати сме со политичката волја на полтичките партии. Знаете дека треба да се изгласа со мнозинство и со Бадентерово мнозинство (20 пратеници од заедниците). Ја користам оваа можност преку вас медиумите да упатам апел до сите политички партии да го одблокираме овој процес, да најдеме решение, да седнат политичките актери да најдат решение. Пред се да бидеме совесни кон една многу битна институција како што е Народниот правобранител. Би сакал тоа најбрзо што е можно да се случи и веднаш би ја свикал седницата. Точката е на дневен ред, ќе ја изгласаме за да може да функционира и во однос на повторените избори кои се на 11 јануари, рече Гаши.

Доколку не се најде политичка волја да се избере народен правобранител, Гаши вели дека треба да се најде алтернатива за други решенија.

„Но, мислам дека не се исцрпени сите политички капацитети да се најде компромис и затоа повикувам уште еднаш овие денови да се седне да се најде решение и мислам дека немаме толку големи разлики за да не можеме да одлучиме кој ќе биде народен правобранител, рече претседателот на Собранието.

На 12 јули годинава Собранието го констатираше престанокот на функцијата Народен правобранител на Насер Зибери, поради исполнување на условите за старосна пензија.

Претходно, народниот правобранител Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција е неколку месеци без Омбудсман.

Во меѓувреме, Комисијата за избори и именувања го предложи Фатон Сељами за народен правобранител. Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан овој кандидат, но нема доволен број пратеници за гласањето по Бадентер. Мнозинството располага со најмногу 14 гласови по Бадентер, а недостасуваат гласови од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Зборувајќи за изборот на нови членови на Судскиот совет, Гаши рече дека тие ќе се бираат согласно новиот закон, што треба да биде донесен во вторник на 30 декември.

Инаку во Собранието сѐ уште не е формирана работна група за Изборен законик и сѐ уште нема јасен став дали ќе се работи на комплетно нов документ или дали ќе се земе предвид веќе готовиот драфт што го работеше работна група во Министерството за правда пред парламентарните избори.

Тој информираше дека еден месец откако пратил писма до политичките партии во Собранието да именуваат членови за работното тело за донесување на нов Изборен законик, освен Левица – не одговорила ниту една друга.

Исто се случува и со барањето на Гаши да пратат имиња за членови на паралелната Анкетна комисија за Кочани, што ја предложи владејачкото мнозинство. Гаши вели дека и во врска со овој случај партиите „треба“ да пратат предлози до Комисијата за избори и менувања за воопшто да се состави Анкетната комисија, а потоа и да заседава.

Одложено е објавувањето на целосните документи за Епштајн поради откривање на нови

Протестот за објавување на досиејата од случајот Џефри Епштајн пред Капитол, Вашингтон, 12 ноември 2025 година.
Протестот за објавување на досиејата од случајот Џефри Епштајн пред Капитол, Вашингтон, 12 ноември 2025 година.

Министерството за правда на Соединетите Држави денеска, 25 декември соопшти дека пронашло повеќе од милион дополнителни документи потенцијално поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, одложувајќи го целосното објавување за неколку недели додека службениците ги редактираат деталите за да ги заштитат жртвите.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп започна со објавување на досиеја поврзани со кривичните истраги против Епштајн, покојниот американски финансиер кој бил пријател со Трамп во 1990-тите, за да ги исполни барањата на законот донесен од Конгресот минатиот месец.

Републиканците и демократите во Конгресот го усвоија законот и покрај приговорите на Трамп, со кој се бара сите документи да бидат објавени до 19 декември, со можност за делумна редакција за заштита на жртвите.

Досегашните објавувања содржеа обемни редакции, што ги налути некои републиканци и направи малку да се ублажи скандалот што ја загрозува партијата пред изборите за Конгресот во 2026 година.

Во порака споделена на социјалните медиуми во среда, Министерството за правда соопшти дека ФБИ, заедно со Канцеларијата на американскиот обвинител на Менхетен, откриле повеќе од милион дополнителни документи потенцијално поврзани со Епштајн, без да каже кога или како се пронајдени документите.

„Нашите адвокати работат деноноќно за да го разгледаат материјалот и да ги извршат редактирањето што се бара со закон за заштита на жртвите, а ние ќе ги објавиме документите што е можно поскоро“, се вели во соопштението на министерството.

Тие додадоа дека „поради огромната количина на материјал, овој процес би можел да потрае уште неколку недели“.

Трамп водеше кампања за втор мандат во 2024 година, ветувајќи дека ќе ги објави досиејата на Епштајн и обвинувајќи ги демократите за прикривање на вистината. Но, Министерството за правда во јули одби да објави дополнителен материјал од истрагата за случајот и рече дека претходно оспорениот список на клиенти на Епштајн не постои, што ги налути поддржувачите на Трамп.

Во јули, Трамп ѝ наложи на државната обвинителка Пам Бонди да побара одобрение од судот за објавување на материјалите од големата порота од случајот на Епштајн.

Големата порота што го обвини Епштајн сослуша само еден сведок, агент на Федералното истражно биро (ФБИ), соопшти Министерството за правда во судскиот поднесок во јули.

Епштајн почина од самоубиство во 2019 година додека чекаше судење за обвиненија за трговија со луѓе. Тој се изјасни за невин.

Неговата смрт во затвор и пријателствата со богатите и моќните предизвикаа теории на заговор дека други истакнати личности биле вклучени во неговите наводни злосторства и дека тој бил убиен. Главниот судски испитувач на Њујорк утврди дека смртта на Епштајн била самоубиство со бесење.

Напад со дронови запалил резервоари за гориво во руско пристаниште

Десетици пожарникари наводно биле распоредени за да се справат со пожарот што се проширил на околу 2000 квадратни метри во рускиот регион Краснодар, 25 декември 2025 година
Десетици пожарникари наводно биле распоредени за да се справат со пожарот што се проширил на околу 2000 квадратни метри во рускиот регион Краснодар, 25 декември 2025 година

Повеќе беспилотни летала го погодија рускиот пристанишен град Темрјук на Црното Море во регионот Краснодар во текот на ноќта, 25 декември, запалувајќи големи резервоари за гориво и оштетувајќи индустриски објекти, објавија регионалните власти и руските медиуми.

Според регионалниот оперативен штаб на Краснодар, два резервоари за нафтени производи се запалиле во пристаништето по нападот.

Пожарот се проширил на околу 2000 квадратни метри, а прелиминарните извештаи не покажаа жртви. Снимките објавени од локалните медиуми покажаа пламен што се издига од она што изгледа како рафинерија во близина на брегот.

Официјалните лица исто така, објавија штета на производствените згради и земјоделската опрема во блиското претпријатие во селото Николаевка во областа Шчербиновски.

Руското Министерство за одбрана на 25 декември тврди дека соборило помеѓу 141 и 170 украински беспилотни летала во текот на ноќта, вклучувајќи седум над Краснодарскиот крај, како и неколку други над регионите на Москва и Брјанск. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека осум беспилотни летала што се движеле кон главниот град биле пресретнати.

Украинските власти сè уште не го коментираа пријавениот напад во Темрјук, а тврдењата не можеа независно да се потврдат.

Сепак, украинските сили во последните месеци спроведоа повеќекратни операции со беспилотни летала на долг дострел насочени кон руската енергетска и транспортна инфраструктура.

Порано овој месец, единиците на беспилотни летала поврзани со Киев го нападнаа нафтениот терминал Таманнефтегаз во Краснодарскиот крај, а на 9 декември, терминалот за течен гас во Темрјук претрпе штета во напад што ѝ се припишува на Безбедносната служба на Украина.

Во меѓувреме, од другата страна на фронтовската линија, руските сили лансираа масивен бран беспилотни летала против Украина преку ноќ.

Украинските воздухопловни сили објавија дека 131 јуришни беспилотни летала - вклучувајќи ги варијантите „Шахед“ произведени во Иран и варијантите „Геран“ произведени дома - биле лансирани од руските региони Курск, Орел и Приморско-Ахтарск, како и од окупираниот Крим и делови од Донецк.

Украинската воздушна одбрана соборила или онеспособила 106 беспилотни летала, соопшти војската, иако 22 беспилотни летала погодиле цели на 15 локации во северна, јужна и источна Украина.

Засега не се објавени проценки за жртви или штети.

САД го продолжија рокот за продажба на рускиот удел во Српската нафтена индустрија

Деловната зграда на Нафтената индустрија на Србија, Нов Белград, Србија, 24 декември 2025 година.
Деловната зграда на Нафтената индустрија на Србија, Нов Белград, Србија, 24 декември 2025 година.

Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) ѝ издаде лиценца на Нафтената индустрија на Србија (НИС), со која го продолжи рокот за преговори за продажба на рускиот удел во оваа компанија до 24 март 2026 година.

Како што објави Радио-телевизија на Србија (РТС) на 24 декември, ОФАЦ со таа одлука не го овласти НИС да работи за време на разговорите за наоѓање потенцијален нов мнозински сопственик.

Коментирајќи ја веста, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на Србија ништо не ѝ значи тоа што на рускиот сопственик му е даден нов рок.

„Дериватите се важни за нас“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека поради американските санкции врз НИС, Србија е принудена да увезува големи количини гориво секој ден и дека проблемот со снабдувањето со енергија мора брзо да се реши.

Поради неможност за увоз на сурова нафта на 2 декември беше затворена Рафинерија Панчево, единствената во земјата, која е најважниот објект во сопственост на Српската нафтена индустрија.

НИС е во сопственост на Русија, Фонд од Санкт Петербург, државната компанија „Газпром“ и нејзината ќерка компанија „Газпром Нефт“ имаат 56,15 проценти од акциите, Србија 29,87, додека нешто помалку од 14 проценти ги поседуваат мали акционери.

Санкциите на САД кон НИС почнаа на 9 октомври со цел да се спречи Русија, како што објави Вашингтон, да ги користи приходите од енергија за војната во Украина.

Условот на американската администрација за отстранување на НИС од режимот на ембарго е НИС да биде ослободена од руско сопствеништво. До октомври, Вашингтон постојано ја одложуваше примената на ембаргото врз НИС.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, на 19 декември изјави дека „Газпром Нефт“ инвестирал повеќе од три милијарди долари во НИС и дека е во тек дијалог со Србија за решавање на прашањето за таа компанија.

Унгарските и српските претставници во последните неколку месеци велат дека унгарските МОЛ и АДНОК од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се заинтересирани за купување на Српската нафтена индустрија.

Нафтената индустрија на Србија беше продадена на Газпром во јануари 2008 година, како дел од руско-српскиот меѓудржавен договор за соработка во нафтената и гасната индустрија, за 400 милиони евра.

Засега нема официјални информации за моменталната куповна вредност на рускиот дел од НИС.

Србија е енергетски зависна од Москва бидејќи НИС снабдува 80 проценти од домашниот пазар со нафтени деривати. Србија, исто така, купува од Русија 80 проценти од природниот гас за своите граѓани и за стопанството.

Белград и Москва имаат блиски политички, економски и воени односи.

Од 2012 година, Србија е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), но не се придружи на санкциите на Брисел против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Поништени предвремените избори за претседател на Република Српска во 17 изборни единици

Илустрација
Илустрација

Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина ги поништи предвремените избори за претседател на Република Српска(РС) во 17 изборни единици на 136 избирачки места.

Одлуката беше донесена на седница на ЦИК на 24 декември.

Изборите беа поништени во изборните единици во Лакташи, Добој, Братунац, Приједор, Бања Лука, Станари, Зворник, Власеница, Невесиње, Гац, Руд, Билеќа, Милиќи и на едно избирачко место во округот Брчко.

На седницата беше кажано дека на 136 избирачки места, каде изборите беа поништени, вкупната разлика меѓу двајцата кандидати е 15.822 гласа и дека оваа разлика има значително влијание врз резултатот од изборите.

ЦИК донесе одлука за поништување на изборите на некои избирачки места десет дена по утврдувањето на резултатите од предвремените избори за претседател на ентитетот Република Српска, со кои беше потврдена победата на Синиша Каран, кандидатот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), но исто така овозможи пребројување на гласовите на неколку избирачки места.

Каран освои 222.182 гласови (50,39 проценти), а неговиот противник Бранко Блануша, кој беше поддржан од опозициската Српска демократска партија, освои 212.605 гласови (48,22 проценти).

Опозицијата тврди дека Блануша изгубил најмалку 15.000 гласови и бара повторување на изборите во неколку градови, наведувајќи неправилности како што се притисок врз гласачи, фалсификување потписи и нелогични разлики во резултатите.

Нешто помалку од 450.000 гласачи, од вкупно 1,2 милиони регистрирани гласачи, гласаа на предвремените избори за претседател на Република Српска.

Ентитетот РС остана без претседател во август, кога на Милорад Додик, претседател на Сојузот на независни социјалдемократи, му беше одземен мандатот по пресудата за непочитување на одлуката на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.

Обвинителството бара притвор за пет лица од Тетово за трговија со дете

Илустрација
Илустрација

Јавното обвинителство бара притвор за пет лица од Тетово осомничени за трговија со дете.

Жртвата имала 15 години.

„Првоосомничениот од есента 2023 година до крајот на 2024 година, во Тетово, откако започнал емотивна врска со тогаш петнаесетгодишната жртва, ја злоупотребил положбата на љубовен партнер и континуирано манипулирајќи со неа и искористувајќи ја довербата што жртвата му ја укажала, ја довел во состојба на зависност“, соопшти Обвинителството.

Девојчето било принудено да користи психотропни супстанции, било доведено во состојба на физичка или ментална неспособност и било вовлечено во сексуална експлоатација.

Според Обвинителството, првоосомничениот злоупотребувајќи ја малолетничката, лажно претставувајќи се како потенцијален љубовен партнер, заради имотна корист ја подведувал жртвата да дава сексуални услуги на останатите осомничени и на други неидентификувани лица.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека првопријавениот Ф.М. (25) се товари за кривично дело трговија со дете, И.Д. (56), А.С. (30) и Л.С. (28) се товарат за учество во истото кривично дело, а Р.М. (31) за полов напад и за силување.

Во СевернаМакедонија меѓу 2019 и 2024 година имало 30 идентификувани деца жртви од 115 идентификувани жртви на трговија со луѓе (околу 20 отсто). Со нив најчесто се тргувало за сексуална експлоатација, присилни бракови, просјачење, но исто така има и случаи на трудова експлоатација и дупла експлоатација (сексуална и трудова).

Зеленски го претстави мировниот план од 20 точки со безбедносни гаранции и патот на Украина кон ЕУ

Украинскиот претседател Володомир Зеленски на прес-конференција, 23 декември 2025 година
Украинскиот претседател Володомир Зеленски на прес-конференција, 23 декември 2025 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го откри најновиот нацрт на мировниот договор постигнат со посредство на Соединетите Држави, со цел да се стави крај на војната на Русија против Украина, која се приближува кон нејзината четврта годишнина.

За време на брифингот со новинарите на 23 декември, Зеленски презентираше план од 20 точки, подготвен во последните недели од преговарачи од САД, Украина и европски земји.

Нацртот опишува целосен и безусловен „договор за ненапаѓање“ меѓу Русија и Украина, иако остануваат спорни точки како што се: територијалната контрола врз источна Украина и судбината на нуклеарната централа Запорожје, најголемиот објект за атомска енергија во Европа.

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за нацртот и дека Москва сега го формулира својот одговор.

„Ова е документ што се нарекува рамка - основен документ за завршување на војната, политички документ меѓу нас, Америка, Европа и Русите“, рече Зеленски.

„Подготвени сме за состанок со Соединетите Држави на ниво на лидери за да се разгледаат чувствителните прашања. Прашања како што се територијалните прашања мора да се дискутираат на ниво на лидери.“

Безбедносни гаранции за Украина

Нацртот предвидува силни безбедносни гаранции за Украина, вклучително и одржување на украинските вооружени сили на 800.000 лица во мирно време.

Исто така, се предвидува САД, НАТО и европските земји-потписнички да ѝ обезбедат на Украина безбедносни гаранции што го одразуваат Член 5, централен елемент од структурата на Алијансата, кој наведува дека нападот врз една членка се смета за напад врз сите.

Договорот би бил дополнет со билатерални договори за безбедност и реконструкција меѓу САД и Украина, а на Украина би ѝ било дозволено да се приклучи на Европската Унија во рамките на одреден временски период, се наведува во планот.

Путин неодамна изјави дека Украина треба да отстапи околу 5000 квадратни километри од својот источен регион Донбас, кој Москва се залага да го земе со сила и дека Киев треба официјално да се откаже од својата намера да се приклучи на воениот сојуз на НАТО.

„Линијата на распоредување на трупите од датумот на овој договор е де факто призната како линија на контакт“, рече Зеленски додавајќи:

„Работна група ќе се состане за да го утврди прераспоредувањето на силите неопходни за завршување на конфликтот, како и да ги дефинира параметрите на потенцијалните идни специјални економски зони.“

Остануваат спорните точки

Зеленски рече дека ќе се воспостави механизам за контрола на „линијата на контакт“ со користење на вселенски беспилотен мониторинг и за обезбедување рано известување за прекршувања.

Клучните точки што остануваат, рече тој, ја вклучуваат судбината на нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа на територија под руска воена контрола во близина на линијата на фронтот.

Според нацрт-мировниот план, централата ќе биде заеднички управувана од Украина, САД и Русија.

Зеленски, исто така, посочи дека референдум за мировниот договор и претседателски избори би можеле да се одржат истовремено и дека сите безбедносни гаранции ќе стапат на сила само откако договорот ќе биде целосно ратификуван или одобрен преку референдум.

„Украина ќе го поднесе овој договор до парламентот за ратификација и/или ќе одржи национален референдум за одобрување во формат „да“ или „не“, изјави Зеленски пред новинарите.

Нацрт-договорот, исто така, вклучува одредба според која сите притворени цивили и заложници, вклучувајќи деца и политички затвореници, ќе бидат вратени.

Нови руски напади ја погодија енергетската и цивилна инфраструктура на Украина

Руските сили започнаа еден од најголемите напади со беспилотни летала во последните неколку недели преку ноќ, напаѓајќи повеќе региони низ Украина и нанесувајќи поголема штета на енергетската мрежа на земјата.

Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија распоредила 116 дронови за напад рано на 24 декември, од кои речиси 90 биле модели „Шахед“ произведени во Иран. Украинската воздушна одбрана уништила 60 дронови, додека 48 успеале да погодат цели на 19 локации, соопшти војската.

Интензивирање на мировните преговори

Нападите доаѓаат во време на интензивирање на мировните преговори, иако чувствителните прашања во идниот мировен договор со Русија, како што е контролата на територијата, остануваат нерешени.

„Во Запорожје, дом на најголемата нуклеарна централа во Европа, најмалку четири лица беа повредени во посебна серија ноќни напади што вклучуваа три воздушни напади“, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров.

Нападите оштетија 13 станбени згради, уништувајќи прозорци, балкони и низ неколку градски блокови. Нуклеарната централа не беше погодена во нападите.

Пожар избувнал и во гаража со површина од околу 50 квадратни метри, додека во експлозијата биле оштетени и блиската противпожарна станица, административни згради, училиште и неколку возила, соопшти украинската служба за итни случаи.

Украинската енергетска мрежа под голем притисок

„Значителен број“ дронови биле насочени кон критичната инфраструктура во регионот Чернихив, додадоа украинските воздухопловни сили.

Во градот Чернихив, локалните власти пријавија штета во два округа, вклучувајќи станбени згради и образовни објекти. Еден дрон го погоди техничкиот под на деветкатна станбена зграда доцна на 23 декември, кршејќи прозорци и оштетувајќи автомобили во близина, според градскиот совет.

Во меѓувреме, украинското Министерство за енергетика соопшти дека руските сили, исто така, ја таргетирале енергетската инфраструктура преку ноќ, што довело до нови прекини на електричната енергија во регионите Суми, Днепропетровск, Херсон, Харкив и Чернихив.

Министерството забележува дека енергетската мрежа останува под голем притисок, бидејќи екипите продолжуваат да ги поправаат штетите од претходните големи ракетни и беспилотни летала овој месец.

Планираните распореди за ограничување на електричната енергија за домаќинствата и бизнисите остануваат на сила во сите региони.

Според владините податоци, откако започна целосната инвазија во февруари 2022 година, Русија извршила повеќе од 4500 напади врз енергетската инфраструктура на Украина.

Обединетите Нации предупредија дека континуираните штрајкови врз системите за електрична енергија и греење би можеле да претставуваат сериозни хуманитарни ризици во текот на зимските месеци, особено за ранливото население, вклучувајќи ги постарите лица, лицата со попреченост и семејствата со мали деца.

Францускиот парламент го донесе Законот за вонреден буџет

илустрација
илустрација

Француските пратеници синоќа (23 декември) го усвоија Законот за вонреден буџет откако Парламентот не успеа да се согласи за целосен буџет за следната година, со што се спречи затворање на владата, јави агенцијата ДПА.

Привремениот договор ѝ овозможува на презадолжената земја да продолжи да работи во 2026 година, овозможувајќи ѝ да собира даноци, да позајмува пари и да финансира основни државни функции.

Меѓутоа, пренесува ДПА, министерот за економија Роланд Лескир синоќа на радиото BFMTV нагласи дека тоа ќе биде само „минимум сервисирање“ на државата, бидејќи со посебниот закон донесен во парламентот не се можни нови инвестиции.

„Колку подолго трае ваквата состојба, толку повеќе ќе не чини“, нагласи министерот Лескир.

Владата на претседателот Емануел Макрон инсистира што поскоро да се усвои целосен буџет, додава германската агенција.

„Преодното решение е несоодветно и не ги решава основните фискални проблеми на Франција“, изјави портпаролката на владата Мод Брежон.

До крајот на јануари се очекува донесување на целосниот буџет што ќе има за цел да го намали буџетскиот дефицит на пет отсто. Франција итно треба да ги ограничи трошоците поради високите нивоа на долг.

Неуспехот да се донесе штедлив буџет ја зголеми економската неизвесност, особено за бизнисите, бидејќи втората по големина економија во Европската Унија сè уште нема јасен план за трошење и штедење.

Застојот, исто така, го зголеми притисокот врз премиерот Себастијан Лекорну и неговата малцинска влада. Лекорну постојано ги повикува политичките партии на компромис.

Иако успеа да го протурка буџетот за социјално осигурување по долги преговори и направени отстапки, на крајот тој не успеа во напорите да обезбеди одобрување за главниот буџет, потсетува ДПА.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG