Достапни линкови

Генералот Џек Кин: Американско-израелската операција има за цел демонтажа на иранското раководство

Генералот во пензија Џек Кејн
Генералот во пензија Џек Кејн

Генералот Џек Кин, пензиониран генерал со четири ѕвезди и поранешен заменик-началник на Генералштабот на американската армија, вели дека американско-израелската воена кампања започната против Иран на 28 февруари претставува пресметан обид за демонтажа на политичката и воената архитектура на Исламската Република.

Иранските државни медиуми потврдија дека врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи е мртов по нападите на САД и Израел.

Генералот Кин, кој сега е претседател на Институтот за проучување на војната, во интервју за РСЕ изјави дека нападите и извештаите за убиството на Хамнеи претставуваат „историски ден од огромно значење“.

Кин рече дека првата фаза од операцијата ги надминала очекувањата, посочувајќи ги нападите насочени кон највисокото раководство, ракетните системи, инфраструктурата за дронови и клучните елементи на иранската воена командна структура.

Кампањата е осмислена да го „отстрани целокупното политичко раководство и структурите што го поддржуваат“, вклучително и Корпусот на Исламската револуционерна гарда, и да продолжи „две до три недели ако е потребно“, во зависност од реакцијата на режимот, додаде тој.

РСЕ: Генерале, најпрво, што мислите за овој исклучително интензивен ден, вклучително и потврдата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Хамнеи е убиен?

Генерал Кин: Мислам дека ова е историски ден од огромно значење, бидејќи претседателот Трамп и премиерот (Бенјамин) Нетанјаху донесоа одлука да не му дозволат на иранскиот режим да продолжи да го дестабилизира Блискиот Исток, да води прокси-војни, да го продолжи развојот на балистички ракети и својата нуклеарна програма.

Тие одлучија да го стават иранскиот режим на пат кон негов колапс и во одреден момент враќање кон демократска форма на владеење. Таа одлука се огледа во оваа, како што ја нарече, брилијантна воена операција што се спроведува денес.

Со тоа, прво ги спречуваме Иранците да имаат капацитет да ја наметнуваат својата волја во регионот, а второ, создадовме услови режимот да се урне и на крај народот на Иран да ја поврати својата земја.

РСЕ: Каква е вашата проценка за оваа воена операција — како помина првиот ден и што следува понатаму?

Генерал Кин: Во разговорите што ги имав со американските и израелските воени лидери — а тоа го правам цел ден — операцијата ги надминува нивните очекувања во повеќе области.

Прво, од офанзивна страна, фактот што беа убиени 40 лидери, вклучително и ајатолахот, беше нешто на што се надевавме, но апсолутно не очекувавме толкав успех.

Мислам дека се случи следново: Денес беше Рамазан; исто така беше Шабат, сабота. Се одржуваа и состаноци во текот на денот. Иранскиот воен режим обично е најмногу на готовност ноќе, очекувајќи дека Израелците и Американците би нападнале тогаш. Операцијата всушност била планирана за подоцна вечерта, но била забрзана поради можноста да се елиминираат овие лидери. Таа можност била искористена и тоа многу успешно.

Второ, имавме значителен успех против иранските лансирни рампи и системи за балистички ракети, како и против ракетите и складиштата за дронови, како и во одбраната од тие напади.

До овој момент од интервјуто, немаше американски жртви, и покрај значителниот број напади. Имаше и одредени израелски жртви, верувам. Знам за едно загинато лице и повеќе полесно повредени. Значи, одбранбените системи главно функционираат.

Операцијата продолжува. Планиравме да трае две до три недели доколку е потребно. Многу ќе зависи од тоа дали режимот ќе остане недопрен или ќе почне да се распаѓа.

Ако капитулираат, се предадат и бидат подготвени да ја предадат власта, тогаш веројатно би постигнале договор со нив. Но без тоа, ќе продолжиме да ја спроведуваме оваа операција и да работиме кон исполнување на нашите воени цели.

РСЕ: Кои предизвици ги гледате?

Генерал Кин: Мислам дека постојат два предизвици. Првиот е одбранбениот — заштитата на големиот број бази што САД ги имаат во регионот, а тоа е огромен предизвик. Сите тие бази, како што знаете, се наоѓаат во непосредна близина на Иран, особено во однос на дроновите што ги поседува.

Иранската војска е многу вешта во производство на дронови. Публиката знае за тие дронови што се користат во Русија — дроновите „Шахед“ кои го напаѓаат украинскиот народ, по пет, шест, стотици секоја ноќ — сите тие се ирански дронови произведени во Русија.

Тоа е она што го користат Иранците. Ние ги нарекуваме „дронови-убијци“ затоа што не се враќаат назад — тие се оружен систем. И токму тоа го користат против американските бази. Тоа е предизвик. Но досега успешно се справувавме со тоа.

Израелците, секако, се загрижени и за можноста Иран да изведе масовен напад со балистички ракети што би можел да ги преоптовари нивните одбранбени системи. Досега не беа во состојба да го сторат тоа.

А вториот предизвик е тоа што едноставно е потребно време. Нашиот план, за публиката подобро да разбере, не го потценува начинот на кој режимот се одржува на власт. Имаме промислени и методични планови да го отстраниме целокупното политичко раководство и структурите што го поддржуваат — парламентот, различните агенции, Советот за национална безбедност — а потоа, на воен и безбедносен план, да го елиминираме ИРГЦ. Не зборувам само за лидерите, туку за целата инфраструктура што ги поддржува, за технологијата што ги одржува. Не станува збор само за врвот, туку за целиот систем.

Милицијата Басиж, полициските сили, како и одбранбената индустриска база — компаниите што постојат, производствените капацитети — станува збор за многу сеопфатен план за уништување на сè што режимот го користи за своето опстојување. Тоа е предизвик, но ние сме апсолутно посветени на тоа. Премиерот Нетанјаху и претседателот Трамп рекоа дека се посветени на овој план и ние веќе го спроведуваме — иако сме во многу рана фаза.

РСЕ: Генерале, може ли оваа мисија да се изведе без луѓе на терен?

Генерал Кин: Да, во смисла на она што сакаме да го постигнеме. Луѓето често му придаваат преголемо значење на тоа. Факт е дека „денот потоа“ секогаш е сложен. Кога испративме луѓе на терен во Панама во 1989, на Хаити во 1994, во Авганистан во 2001 и во Ирак во 2003 година, мисијата беше да се смени режимот, да се промени политичкиот поредок.

И тоа го направивме. Но, во три од тие четири случаи и понатаму се соочуваме со предизвици: кој ќе биде новата влада, колку ќе биде ефикасна, каква помош ќе ѝ биде потребна од нас? Што ќе направи соборениот режим како одговор? Дали ќе продолжи да нè напаѓа?

Значи, присуството на луѓе на терен не ги прави работите нужно полесни. Предизвици постојат и понатаму. Не ги потценувам предизвиците со кои се соочуваме без копнено присуство. Но, според нас, можеме да го постигнеме она што го сакаме без да преземеме дополнителен ризик — што би значело окупација на земјата. А ние тоа не сакаме да го направиме.

Сакаме иранскиот народ сам да ја преземе и управува својата земја.

За публиката да разбере, повеќето авторитарни режими, кога доаѓа до промена, преминуваат во некој друг авторитарен режим — можеби помалку идеолошки, можеби повеќе националистички — но нешто со кое можеме да работиме и што ќе се усогласи со нашата волја, а потоа тој режим постепено да се постави на пат кон избори и демократија. Тоа сигурно нема да се случи веднаш. Не се случува веднаш ни во Венецуела, иако тоа е поинаков случај, но е корисна илустрација.

Значи, не ги отфрлам предизвиците. Но ако успееме да го собориме раководството на овој режим и да ја „обезглавиме“ неговата способност да се одржи преку воените капацитети и да му ја одземеме моќта над иранскиот народ, тогаш навистина сме постигнале нешто. Потоа ќе следува процес на транзиција што ќе потрае. Но погледнете од каде тргнуваме и каде одиме — и колку тоа може да биде добро за иранскиот народ.

Знам дека луѓето се повлекле во засолништа, но претпоставувам и дека чувствуваат одредено олеснување или дури слават. Секако, сакаат да се заштитат од она што го прават израелската и американската војска, а ние немаме намера да им наштетиме. Но војната носи ризици — и луѓето и машините прават грешки.

Затоа луѓето мора да се заштитат и да останат во засолништа. Но кога сето ова ќе заврши, тие можат да се побунат — и ќе се побунат, целосно сум уверен во тоа. И каква радост ќе биде кога светот ќе биде сведок на подемот на иранскиот народ, со поддршка на она што го направија Израел и САД.

И признание — признание за иранскиот народ за неговата истрајност и за она што го направи спротивставувајќи се на режимот, излегувајќи на улиците во стотици илјади, иако овој, како што го нарече, ѓаволски режим ги рануваше и убиваше. Колкава храброст покажаа. И кога повторно ќе излезат на улиците по завршувањето на непријателствата, знам дека во срцето ќе ја носат пораката што нивните претходници ја носеа додека беа на тие улици, крвавејќи додека се бореа — токму она што иранскиот народ повторно ќе го направи. Слобода за Иран е она што го сакаме и ние сме на тој пат.

РСЕ: Генерале, ваши лични размислувања — ако ова навистина е крајот на Исламската Република, по 47 години. Со свои очи ги видовте опасностите што ги претставува овој режим. Какви се вашите лични чувства во овој момент? Дали има некој на кого мислите сега?

Генерал Кин: Размислувам за моите сограѓани Американци — војници и маринци — кои беа убиени од овој режим, почнувајќи од 1983 година кога беше разнесена касарната на маринците, при што загинаа 241 маринец и неколку цивили, потоа американската амбасада во Либан, американската амбасада во Кувајт во 1984 година, а потоа и Кобар кулите — касарна на воздухопловните сили во Саудиска Арабија, каде што исто така бевме убиени и ранети.

Иранците дизајнираа специјално унапредени импровизирани експлозивни направи (IED) кои продираа во нашите тенкови и оклопни возила. Убија најмалку 600 американски војници што ги нападнаа. А реалноста е — последниот командант што го имавме, генералот Лојд Остин, кој подоцна стана министер за одбрана под претседателот Џо Бајден — кога го прашав кој е вистинскиот број, ми рече: „Генерале Кин, мислам дека бројот е поблиску до 2.000.“

Значи, тие убија илјадници Американци, а очигледно убија и десетици илјади Иранци. Чувствувам олеснување за Американците што ги жртвуваа своите животи и за нивните семејства, како и за иранските семејства што овој режим ги мачеше, убиваше и осакатуваше — и подеднакво важно, им ги одзеде слободите и начинот на живот што луѓето го посакуваат за своите деца и внуци.

Чукаме на вратата на слободата. Сè уште не сме таму, но се приближуваме и чувството на олеснување доаѓа токму од тоа. Понекогаш едноставно мора да се употреби воена сила за да се запре злото и нешто што е штетно. Тоа е она што го движи претседателот Трамп. Тој е претседател на мирот — тоа е неговата мантра. Но не се плаши да употреби сила за да го запре злото што ја наметнува својата волја врз другите. И токму тоа го гледаме дека се случува овде.


XS
SM
MD
LG