Достапни линкови

Северна Македонија добива нов државен обвинител – кој е Ненад Савески?

Ненад Савески, предлог за нов државен јавен обвинител на Северна Македонија.
Ненад Савески, предлог за нов државен јавен обвинител на Северна Македонија.

Савески ќе го напушти Основниот кривичен суд, за да се врати во институцијата каде работеше претходно. Пред да стане судија, тој седум години работел како основен јавен обвинител во Скопје. Владата се одлучи да го предложи него од вкупно четворица кои добија позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. Премиерот Мицкоски вели не го познава, а Савески е дециден дека јавниот обвинител не е политичка фигура.

Во услови на ниска доверба во судството и обвинителството, жед за правда и обвинувања за влијанија врз правосудството од разни центри на моќ, Северна Македонија добива нов државен обвинител.

Предлогот Ненад Савески да застане на чело на Јавното обвинителство, е на дневен ред пред пратениците во македонското Собрание на 18 март. Во текот на денот, се очекува владејачкото мнозинство во парламентот и да го изгласа.

Обвинител, судија, па, пак обвинител

Савески ќе биде деветти по ред државен обвинител на земјава од стекнувањето независност во 1991, а 19-ти воопшто откако постои функцијата од 1945 година.

Неговиот избор доаѓа и во време кога власта планира да донесе нов Закон за јавно обвинителство, за што во тек е и јавна расправа.

Неговата биографија сугерира дека тој не влегол во правосудството преку „брза лента“ туку постепено ја крадел кариерата во правосудниот систем. Почнал од најниските скалила.

По дипломирањето на државниот Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во 2000 година почнал да волонтира како судски приправник во Основниот суд во Гостивар, од каде што и потекнува. Во истиот суд, потоа пет години (2004 до 2009) работел како стручен соработник во кривичното и граѓанското одделение.

Во меѓувреме, положил правосуден испит и ја завршил почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинителни, за во 2009 да биде избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.

Обвинителската тога ја заменил со судска кога во 2016 бил избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје каде последно судеше предмети во одделот за организиран криминал и корупција.

Во неговата професионална биографија, наведени се и низа ангажмани: предавач на Академијата за судии и јавни обвинители, обучувач на теми поврзани со Конвенцијата за човекови права и криумчарење мигранти, како и членување во повеќе работни групи како експерт – дел домашни, дел меѓународни. Меѓу нив, на пример е, и ангажман во експертската работна група за судски реформи во Молдавија и консултант и едукатор за имплементација на програмата за специјалистички обуки за судии од Босна и Херцеговина.

Името Ненад Савески не ѝ е непознато и на пошироката македонска јавноста. Иако „дозирано“, изминатите неколку години тој имал неколку јавни настапи, од кои последниот откако ја поднесе кандидатурата.

„Мојата кандидатура е начин на кој сакам да дадам придонес во подобрување на состојбата, враќање на довербата во правосудството и создавање на една атмосфера во која навистина секој граѓанин кога ќе има потреба да се обрати пред јавното обвинителство, да биде убеден во тоа дека неговите права ќе бидат остварени или заштитени“, рече Савески за ТВ 24 во интервју на 24 февруари.

Неговите остри критики добија на внимание во јавноста во јули 2025 кога реагираше кон членка на Судскиот совет за изборот на неговата колешка Даниела Димовска за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје каде суди и самиот Савески.

Иако беше единаесетторангирана кандидатка, Даниела Димовска беше избрана од Судскиот совет за в.д. претседателка на најголемиот суд во земјата. Поради тоа Савески реагираше кон членката на ова тело Антоанета Димовска со зборовите „одете си од таму веќе“, „брука сте“.

„Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа!“, напиша тогаш Савески во пораката што беше објавена јавно.

Премиерот не го познава, Савески тврди „обвинителот не е политичка фигура“

Тој како предлог за нов државен обвинител, е избор на Владата откако за него и уште четворица други кандидати позитивно мислење даде Советот на јавни обвинители.

„Таман работа да имам став дека државниот јавен обвинител е политичка фигура. Тој се бира од редот на судиите и јавните обвинители“, рече Савески на ТВ 24.

Законот предвидува дека јавниот обвинител се гласа во Собранието, но предлогот до таму го доставува Владата откако претходно ќе добие мислење од Советот за јавни обвинители. Ова тело, позитивно се изјасни за четворица кандидати, а Владата се одлучи за Савески.

„Јас лично не го познавам, но од ова што можев да го видам од неговата биографија, но и од распрашувањето цениме дека би можел да биде добар, да не речам одличен државен обвинител“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на 11 март.

Опозициската СДСМ, пак, не реагираше толку за профилот на Савески оценувајќи дека станува збор човек со долгогодишно искуство. Меѓутоа, реагираше за независноста што тој ќе ја има од власта.

„Клучното прашање е дали новиот Јавен обвинител ќе постапува независно, професионално, и непристрасно или под диктат на владата. СДСМ и граѓаните внимателно и будно ќе ја следиме неговата работа токму по тоа – дали ќе има храброст да се спротивстави на притисоците и да постапува професионално, дури и кога станува збор за случаи кои водат до власта“, реагираа од СДСМ кога Владата го објави предлогот.

Како дојде до изборот на Савески?

Савески ќе ја преземе функцијата од в.д. шефица на Јавното обвинителство Анита Тополова-Исајловска, која беше избрана привремено да ја врши функцијата откако поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка. Тој самиот се повлече на 16 декември 2025, дента кога владејачкото мнозинство во Собранието требаше да гласа за неговото разрешување.

Коцевски обвини дека обидот за негово разрешување е политичка одлука, а со негативно мислење за намерата на власта излезе и Советот на јавни обвинители. Власта, пак, сакаш да го направи тоа поради „направени крупни професионални грешки при раководењето со јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на јавното обвинителство“.

На огласот што беше распишан за негов наследник, покрај Савески се пријавија уште четворица кандидати: в.д. шефицата Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ, како и разрешениот судија Владимир Панчевски. Сите, освен Панчевски добија позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. Од четирите, Владата на седница се одлучи како предлог до парламентот да го испрати Савески.

Државниот обвинител има мандат од шест години, а право да се пријави за позицијата имаат обвинители и судии од областа на кривичното право со десет години непрекинат работен стаж.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG