Достапни линкови

Системските пропусти „убија“ многу млади во 2025 година


Корупција од најниско ниво до највисоките ешалони, институционална незаинтересираност, нефункционален систем, доведоа до најтешката несреќа изминатава година, пожарот во дискотеката Пулс, во кој загинаа над 60 млади луѓе и над двесте беа повредени. Жртви и натаму на улиците, за што се протестираше со прашањето - Кој е следен?

Да го пуштиш детето на забава и никогаш да не се врати дома е најголемиот страв на секој родител. Тој страв стана стана реалност за десетици семејства во земјава по неколку трагедии кои се случија изминатава година.

Неколкуте трагични настани директно го отсликаа длабокиот структурен и институционален колапс во целокупниот систем за заштита на граѓаните, велат граѓаните со кои зборувавме.

Неколкуте несреќи ја разоткрија комбинација од корупција, институционална незаинтересираност, слаб контролен систем и недоволна одговорност на властите, велат младите од иницијативата која бара одговорност од властите „Кој е следен“.

Најголема трагедија се случи ноќта меѓу 15 и 16 март, кога при пожар во кочанска дискотека Пулс загинаа 63 млади луѓе, а над двесте други , и десет месеци по несреќата сè уште закрепнуваат од изгорениците и траумите.

Трите мајки кои сведочеа во судницата на 29 декември ја опишаа кобната вечер како хорор.

Сведочењето на мајката Габриела Наунова чија ќерка Надица загинала во пожарот откри сериозни пропусти и во полицајците кои одбиле да помогнат при спасување на младите.

„Се заврте и ми рече – јас не сум обучен за тоа“, изјави Наунова.

Таа посочи дека била редовен гостин во Пулс, а таму среќавала и градежни инспектори и полициски началници.

Дискотеката Пулс со години била „Буре Барут“

„Катастрофата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани не настана само од пропусти на една човечка рака. Овој настан не е несреќа или случајна игра на судбината. Се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања“, изјави кочанскиот обвинител Борче Јанев во судницата на 19 ноември кога го презентираше обвинителниот акт на првото рочиште од судењето за пожарот.

Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.

Ако објектот каде бил сместен ноќниот клуб ги исполнувал стандардите, како што потенцираше обвинителот, „пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница“.

Токму за системските пропусти кои ги откри истрагата во својот говор пред пратениците, претседателката Гордана Силјановска Давкова истакна дека пожарот на површина го извади „грдото лице“ на стихијното одлучување, системски пропусти, корупција и институционална неодговорност и културата на неказнивост во земјава.

„Институционалната неодговорност води до катастрофа“, потенцираше таа.

Истрагата откри дека во изминативе 13 години ниту еден инспектор од општината Кочани не спровел проверка на објектот кој од лесна индустрија бил пренаменет во дискотека. Новинарското истражување на ИРЛ покажа дека младите луѓе во дискотеката биле изложени на труење со отровен гас кој се испушта од леснозапалиовиот полиуретански сунѓер кој не смеел да биде поставен внатре.

Обвинителската, но и многу новинарски истраги покажаа дека локалот немал соодветна лиценца, ниту функционален аларми или системи за гаснење пожар, ниту доволно излези за евакуација. Тоа се услови кои се неопходни според меѓународните стандарди за безбедност.

Обвинителите утврдиле и дека дискотеката поседувала фалсификувани документи што доведе до обвиненија и апсења на поединци од јавни институции и сопствениците на локалот. Тоа само дополнително ја истакнува суштинската улога на корупцијата и лошите практики во дозволувањето на функционирање на објекти што не ги исполнуваат безбедносните стандарди.

По несреќата во Кочани остана само тага и гнев велат жителите.

„Трагедијата се случи од многу работи. И самите ние сме дел криви, што го храниме овој систем, како што сите викаат. Ние сме системот. Корупцијата ние ја потхрануваме. Имам човек да се заврши работа, имам ова, имам она...И да не се случеше ова, луѓето полека полека бегаат од оваа наша држава, а па со Кочани уште повеќе“, вели за РСЕ Воислав Пејов, чие што дете ( внуче ) е меѓу повредените.

Корупцијата во земјата прераснала од институционален во општествен проблем вкоренет години наназад преку злоупотреби и разочарувања, заклучија претставниците од невладиниот сектор на Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

„Системските ризици од корупција и понатаму сериозно ја оптоваруваат државата. Трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани во која загинаа 63 млади ја отвори болната тема за нефункционалните институционални контроли и последиците од нив,“ изјави Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

Во меѓувреме ниту еден македонско политичар по оваа трагедија не презеде ниту политичка ниту морална одговорност.

Прогледувањето „низ прсти“ на несовесен возач доведе до смрт на млада девојка

Жителите на Кочани не се единствени кои изминатава година се разбудија со веста за страшната трагедија. Низ изминатава 2025 година, десетина семејства останаа без своите најмили по сообраќајни несреќи поради несовесни возачи, кои системот можел да ги запре.

Скопјани излегоа на протести пред речиси една година по сообраќајната несреќа во која на 29 јануари загина младата Фросина Кулакова која беше прегазена на пешачки премин.

Младото момче кое управувало со автомобилот сега е осуден на 13 години затворска казна, затоа што возел пијан, без возачка дозвола, со огромна брзина и поминал на црвено на семафорите каде на пешачки премин поминувала Фросина. Но, гневот на граѓаните кои излегоа да протестираат порасна откако во медиумите открија обвинетиот и претходно имал сообраќајни прекршоци за кои до несреќата не сносил одговорност.

Против него имало и обвинение за поседување и продавање на за поседување и продажба на марихуана и кокаин, судски процес кој завршил со мерка со која тој требало да оди во поправен дом во Тетово.

Но, предметот „заглавил “ во Апелација, па пресудата не станала правосилна, по што тој останал на слобода.

Гневот на граѓаните беше насочен судијката која ја донела одлуката да не ја одлежи затворската казна со предметот поврзан со дрогата.

По смртта на Фросина, на скопските улици излегоа демонстранти под мотото „Системот е следен“ за да укажат дека системот треба да се „демонтира“ затоа што коруцпијата почна да ги „убива“ младите.

Меѓу нив беа и роднини на загинати во сообраќајни несреќи, кои сметаат дека правдата не е задоволена со казни од година до две, колку што добиле несовесните возачи. Тие обвинуваа дека системот е секогаш „мек“ за несовесните.

„Дали можеби сите овие кои се засегнати, од судии, инспектори, политичари не се злосторници со умисла. Ако правиш нешто со што се загрозува безбедноста свесно, според мене тоа е исто како да планираш да ги убиеш сите што може да бидат жртви во тие случаи“, вели еден од учесниците во ицијативата „Кој е следен“, Столе Јованоски.

|Жртви на патиштата, но ретко има судски епилог

Според истражувањето на БИРН во двата месеца по загинувањето на Фросина се случиле повеќе сообраќајни несреќи со жртви или со повредени отколку двата месеца претходно. Само во февруари и март биле евидентирани три смртни случаи и 30 повредени во сообраќајни несреќи.

Во еден од овие случаи, на крајот на февруари загинал 74-годишен маж, кој се движел по магистралниот пат Прилеп – Битола каде што го удрило товарно возило. Другите два смртни случаи, пак, се случиле во градска средина. На 5 февруари, товарно возило удрило во 46-годишен пешак во Струмица, кој подоцна починал од повредите, а на 5 март, возач со патничко возило усмртил 78-годишен велосипедист во Скопје.

Овие пропусти не се изолирани грешки, туку структурни слабости во начинот на кој државата управува со ризик, превенција, надзор и одговорност, велат правните експерти. За една деценија, во земјава загинаа над 150 луѓе во масовни трагедии. Заедничко на сите нив им е недостигот на одговорност. По една деценија, голем дел од овие трагедии се уште чекаат правен исход.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG