Вести
Сириза бара Атина да реагира ако новата власт во Скопје не го почитува Преспанскиот договор
Грчката опозициска партија Сириза бара владата на премиерот Киријакос Мицотакис да реагира доколку новата власт во Северна Македонија го прекршува Договорот од Преспа.
Атина и Скопје го потпишаа договорот на 17 јуни 2018 година, а беше постигнат од владите предводени од поранешните премиери на Грција и Северна Македонија, Алексис Ципрас од Сириза и Зоран Заев од СДСМ.
Сириза која потоа замина во опозиција и Ципрас се повлече од лидерската позиција, сега ја обвинува владата на Нова Демократија предводена од Мицотакис дека е пасивна во однос на обврските од договорот.
Реакцијата следува два дена по изборите во Северна Македонија на кои ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори, а нивната кандидатка Гордана Сиљановска Давкова го совлада противкандидатот Стево Пендаровски во трката за претседател на државата.
„Владата мора да го напушти овој пасивен став и веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата Влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име. Потсетуваме дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја, како и активирање од САД на законот усвоен во јуни 2021 година, што предвидува санкции во случај на оспорување /прекршување на Договорот од Преспа“, пишува во соопштението од Сириза, пренесува државната новинска агенција МИА.
Грчката опозиција критикува и дека тамошната влада сè уште не ги ратификувала меморандумите, како и оти не направила ништо за промената на учебниците и на трговските ознаки на компаниите од соседната земја, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.
„Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година кои имаа јасни придобивки за земјата, туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови“, велат од Сириза.
По потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018 година, во Северна Македонија следуваа уставни измени со кои државата во своето уставно име ја додаде придавката „Северна“. Новото име стапи на сила во февруари 2019-та.
Со договорот се реши деценискиот спор со Грција што беше пречка и во евроатлантските интеграции на Скопје. Денес, Северна Македонија е членка на НАТО, но уште чека отворање на преговорите со ЕУ по поглавја. Сепак, и за двете земји потписнички, како што веќе пишуваше Радио Слободна Европа, останаа обврски за исполнување.
види ги сите денешни вести
Филков: Благодарност до сојузниците, но институциите мора сами да ја завршат работата
Министерот за правда Игор Филков е благодарен на помошта од сојузниците во откривањето на случаи на корупција, но смета дека претстои надлежните институции во наредниов период до крај да ја завршат својата работа.
„Јас сум благодарен на нашите партнери што ни помагаат во процесите, но некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај. Во периодот што следи да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци, вели Филков кој одговараше зошто од македонските надлежни институции нема истраги за корупција за Груби и судијата Беџети дека сториле корупција, а во САД веќе процениле дека има.
На прашање зошто македонските институции не можеле да ги откријат и гонат за сторена корупција лицата кои се на „црната листа“ во САД за кои процениле дека кај нив има дејства на корупција, Филков смета дека се потребни усогласувања.
„Јас не би рекол дека не можат. Тоа значи дека ние имаме многу пред нас за усогласување. Така да почекаме да видиме што ќе се случи“, рече Филков.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и членовите на неговото најблиско семејство и судијата од Апелациониот суд Енвер Беџети се најдоа на црната листа на американскиот Стејт департмент, објавена на 9 декември.
Во образложението се наведува дека тие примиле мито влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Во официјалното соопштение објавено на веб - страницата на Стејт департментот, се истакнува дека на Меѓународниот ден за борба против корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права, Соединетите Држави ги преземаат активности за промовирање на одговорност за сторителите на корупција и злоупотреба на човековите права ширум светот.
Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека доказите за нив се достапни и дека македонските институции можат да ги најдат.
Колиција на романските прозападни партии за да се спротивстават на десницата
Четирите прозападни партии во Романија се согласија да формираат парламентарно мнозинство за да ги спречат екстремно десничарските групи да формираат влада, во услови на политички превирања откако Уставниот суд на земјата ги поништи претседателските избори во земјата.
Во пресрет на вториот круг од изборите, кој беше откажан, беа објавени податоци за влијание на Русија, што доведе до поништување на првиот круг од претседателските избори, во кој победи проруски политички аутсајдер.
Четирите партии кои заедно освоија најмногу гласови на парламентарните избори на 1 декември - левичарската Социјалдемократска партија (ПСД), централно-десничарската Национал-либерална партија (ПНЛ), реформистичката Унија за спас на Романија (УСР) и етнички унгарската УДМР, постигнаа договор доцна на 10 декември во Букурешт.
„Денес, проевропските партии ПСД, ПНЛ, УСР и УДМР плус парламентарната група на национални малцинства ја изразуваат својата цврста посветеност да формираат проевропско мнозинство во романскиот парламент, проевропска влада и евентуално да поддржат заеднички проевропски кандидат на претседателските избори“, се вели во заедничката изјава на четирите партии, објавена доцна на 10 декември.
Договорот доаѓа откако четирите партии минатата недела ѝ дадоа поддршка на претседателската кандидатка на УСР Елена Ласкони пред вториот круг закажан за 8 декември. Во вториот круг таа требаше да се соочи со прорускиот независен кандидат Калин Георгеску, кој извојува неочекувана победа во првиот круг на 24 ноември.
Сепак, на 6 декември Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг и нареди повторување на претседателските избори. Сето тоа дојде откако Врховниот совет за одбрана на таа земја членка на Европската унија (ЕУ) и НАТО, декласифицираше документи кои наводно докажуваат дека претседателската кандидатура на Џорџеску била поддржана од кампања предводена од неименуван „државен актер“ со помош на социјален медиумска платформа TikTok во сопственост на Кина.
Москва ги предупреди Русите да не патуваат на Запад
Русија на 11 декември соопшти дека односите со Соединетите Држави се толку спротивставени што руските граѓани не треба да патуваат во САД, Канада и некои земји од Европската унија, бидејќи ризикуваат да бидат прогонувани од американските власти.
Говорејќи на прес-конференција во Москва, портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова рече дека односите со САД се на работ на прекин.
„Во контекст на растечката конфронтација, патувањата во Соединетите држави, приватни или за официјални цели, носи сериозни ризици“, рече Захарова, пренесува Ројтерс.
„За време на ови празници ве повикуваме да продолжите да се воздржувате од патување во Соединетите Држави и нивните сојузнички сателитски држави, вклучително пред се Канада и земјите од Европската унија, со некои исклучоци“, рече Захарова.
Руски и американски дипломати велат дека односите меѓу двете земји се полоши од кога било од Кубанската ракетна криза во 1962 година, поради несогласувањата околу војната во Украина.
Тие го достигнаа врвот на кризата минатиот месец, кога САД и Велика Британија ѝ дозволија на Украина да ги користи своите ракети за напад на руска територија.
Како резултат на тоа, Русија го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје.
Русија и САД постојано меѓусебно се обвинуваат за апсење на нивните граѓани под лажни обвиненија.
Тошковски: Полицијата ќе стори сè за Ковачевски да го изведе пред правдата
Министерот за внатрешни работи (МВР) Панче Тошковски денеска изјави дека ексдиректорот на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски не е достапен за домашните органи на прогон, но дека полицијата ќе стори сè за тој да биде изведен пред лицето на правдата.
Тошковски зборуваше за шпекулациите во јавноста за тоа каде се наоѓа Ковачевски, кој е еден од осомничените во акцијата „Адитив“.
„Посоченото лице е во рамките на регистарот на државјани на Македонија и е македонски државјанин. Согласно информациите што ги поседувам, не побарало отпуст. Не би сакал да шпекулирам каде се наоѓа и би оставил органите на прогонот да постапуваат“, рече Тошковски.
Денеска обвинителството побарало притвор за 9 лица, додека за 13 е побарана мерка обезбедување, како и 5 времени мерки за замрзнување имот, според информациите кои Обвинителството ги објави денеска на брифонг со новинарите.
Биле реалзирани вкупно 77 претреси, а одземени се 208 илјади евра, 30 мобилни телефони, УСБ стикови, компјутери, лап топи и мотороно возило БМВ од понов датум. Обвинителите рекоа и дека бил замрзнат поголем имот на 5 лица.
Во акцијата „Адитив“ се сомничат 23 луѓе за кривични дела прење пари, злоупотреба на службена должност и злоупотреба на постапката за јавен повик.
Обвинители, истражители и полицајци извршиле претреси во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 10 декември соопшти дека издадени се и три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување на податоци до надлежните инститиции и МВР.
Според соопштението од Обвинителството, во период од април минатата година до август годинава, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и Пошта на Северна Македонија, создале криминална група.
Тие се сомничат дека свесно ги изиграле правилата за јавни набавки за адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола.
Косово го одликуваше амбасадорот на САД Ховениер
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, му додели орден „Д-р Ибрахим Ругова“ на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер.
Ховениер, кој одлучи да се пензионира, ќе ја напушти мисијата на Косово овој месец.
Османи рече дека овој американски дипломат во Косово бил повеќе од амбасадор.
„Тој беше со нас кога луѓето во Косово беа жртви на страшни злосторства, беше со нас кога известуваше за масакрот во Рачак, беше со нас кога ги поставивме темелите на нашата независна држава и цело време беше со нас неколку години во одбраната на независноста, суверенитетот и нераскинливото сојузништво со САД“, рече Османи во објава на Фејсбук, каде што објави и видео од церемонијата на доделување на орденот.
Овој орден се доделува на лица чие животно дело се смета за особен придонес во градењето на мирот, развојот на демократијата и негувањето на хуманизмот.
Ховениер е во амбасадорска мисија на Косово од почетокот на 2022 година.
„Оваа награда ми значи многу, бидејќи ја претставува колективната работа и посветеноста на сите кои беа дел од овој напор да се обезбеди мир и стабилност во Косово и да се унапреди нашата заедничка визија за суверена, демократска и мултиетничка земја. Беше голема привилегија да служам како американски амбасадор овде во Косово“, напиша Ховениер во објавата на мрежата Х.
Иако постојано ја изразуваше својата поддршка за Косово, во некои прилики и критикуваше, особено Владата, за некои постапки кои САД ги окарактеризираа како еднострани и некоординирани.
Во интервју за Радио Слободна Европа во август, Ховениер рече дека партнерството со Косово „не е она на што се надевале“.
Критикуваните процедури се однесуваа на неколку одлуки на косовските власти во однос на северот на земјата, населен со српско мнозинство, а кои Владата на премиерот Албин Курти ги опиша само како обид за ширење на власта на целата земја, во територијата каде делувале паралелните српски институции кои ги финансираат властите на Србија.
Авганистански талибански министер загина во експлозија во Кабул
Калил Хакани, министерот за бегалци во авганистанската администрација предводена од талибанците, е убиен во експлозија во главниот град Кабул, изјавија два извори од владата на Авганистан за Радио Азади на 11 декември.
Изворите рекоа дека во експлозијата, која се случи во комплексот на министерството, загинале и други лица, иако не се дадени детали.
Хакани, вујко на вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Талибанците, Сираџудин Хакани, е првиот висок член на кабинетот убиен во експлозија откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, кога меѓународните сили се повлекоа од земјата разурната од војна.
Соединетите Држави го прогласија Калил Хакани за глобален терорист на 9 февруари 2011 година и понудија награда од 5 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење.
Обвинителството започна истрага за лица на црната листа на САД
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Предметот е доставен на постапување на надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела, рече тој.
„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание“, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.
Изјавата на државниот јавен обвинител доаѓа два дека откако Артан Груби, поранешен вицепремиер од ДУИ и апелацискиот судија Енвер Беџети се најдоа на „црната листа“ на Стејт департментот.
Годинава на американската „црна листа“ се најдоа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општината Карпош, Стевчо Јакимовски.
Минатата година беа ставени поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Државниот обвинител Коцевски вели дкеа е одлична соработката на Обвинителството со стратешките партнери од САД и особено со Амбасадата на САД.
Американската амбасадорка Анџела Агелер на 10 декември по ставањето на Груби и Беџети на црната листа, изјави дека доказите за нив се достапни и дека македонските институции можат да ги најдат.
Лидерот на ДУИ денеска изјави дека не ги оспоруваат одлуките на Американскиот Стејт департмент, но посочи дека Груби има право на жалба и дека ќе го води процесот насочен со факти.
„Ова право господин Груби го има во одлуката на Стејт депарментот и тој сигурно нема да му наштети ниту на неговиот политички субјект (Демократската унија за интегација), ниту на неговото семејство, до моментот кога овој процес ќе добие финална разврска“, рече Ахмети.
Иранскиот лидер за падот на Асад ги обвинува САД, Израел и Турција
Иранскиот врховен лидер Али Хаменеи, во своите први јавни коментари по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад, ги обвини Соединетите Држави и Израел дека го организирале бунтот што го собори режимот во текот на викендот.
Хаменеи на 11 декември, исто така имплицитно ја обвини Турција за молскавичното пробивање на сириските бунтовници кои со мал отпор стигнаа до Дамаск од нивните упоришта на северозападот на земјата.
„Не треба да се сомневаме дека она што се случи во Сирија е производ на заеднички американски и ционистички заговор“, рече тој.
„Да, соседната влада на Сирија игра, играше и се уште игра јасна улога. Но, главниот заговорник, мозокот и командниот центар се во Америка и ционистичкиот режим“, додаде Хаменеи.
Организацијата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) назначена за терористичка од САД и нејзините сојузници, од кои некои се поврзани со Турција, го соборија Асад на 8 декември, помалку од две недели по започнувањето на нивната офанзива.
Сирија под Асад служеше како клучен дел од копнениот коридор што го поврзува Иран со Левантот, кој се сметаше за логистички столб на таканаречената оска на отпорот - лабавата мрежа на регионални посредници и сојузници на Иран.
Иран потроши милијарди долари и испрати воени советници во Сирија за да се осигура дека Асад ќе остане на власт кога изби граѓанската војна во 2011 година.
Русија, каде што соборениот сириски лидер доби политички азил, исто така го поддржа Асад, додека Турција ги поддржува бунтовничките групи кои имаа за цел да го соборат режимот.
Советникот на Хаменеи еднаш ја опиша Сирија како „златен прстен“ во синџирот што го поврзува Иран со неговиот либански партнер Хезболах. Со скршен прстен и деградирани способности на Хезболах по разорната војна со Израел, експертите велат дека оската стана сериозно слаба.
Хаменеи рече дека само „неуки и неинформирани аналитичари“ ќе проценат дека оската станала слаба и вети дека нејзиниот досег „ќе се прошири низ регионот повеќе од порано“.
Најмалку 19 загинати во израелски напад на северот на Газа
Палестински медицински претставници соопштија дека најмалку 19 лица се убиени во израелски напад во северниот дел на Појасот Газа, врз куќа во која биле засолнети раселени лица, пишува АП.
Ова го соопшти болницата Камал Адван, која на 11 декември ги примила жртвите по ноќниот напад во градот Беит Лахија.
Израелската војска не излезе веднаш со коментар. Од почетокот на октомври, Израел спроведува обновена офанзива против милитантите на Хамас во северниот дел на Газа.
Болничката евиденција покажува дека меѓу загинатите има и осумчлено семејство.
Војната започна кога милитантите предводени од Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапирајќи околу 250 луѓе.
Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Околу 100 заложници се уште се во Газа, од кои за најмалку една третина се верува дека се мртви.
Во израелската одмаздничка офанзива загинаа повеќе од 44.000 Палестинци во Газа, според локалните здравствени власти кои велат дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина од загинатите.
Израел соопшти дека убил над 17.000 милитанти без да обезбеди докази.
Уставниот суд ќе се консултира со експерти пред да одлучува за Законот за јазиците
Уставниот суд нема денеска да одлучува за уставноста на Законот за јазиците, откако на денешната седница со 5 гласа за и еден против одлучија дека прво треба да се одржи подготвителна седница.
Тоа значи да повикаат странски експери за да ги слушнат нивните мислења, а потоа да одржат седница и да одлучуваат.
„Дали за еден, два, три месеци плус или минус, овој суд ќе донесе одлука“, рече претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Денешната седница започна без да присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари.
Уставниот суд треба да одлучува за уставнота на Законот за употреба на јазиците, по иницијативите во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.
Откако во 2019, кога стапи на сила, законот беше оспорен со 12 иницијативи пред Уставниот суд.
Уставните судии ги споија во еден предмет кој е на дневен ред наденешната седница. Еден од аспектите што се оспорува своевремено предизвика реакции и од меѓународната заедница и од Венецијанската комисија, е примената на законот во правосудните постапки.
Венецијанската комисија во 2019 забележува и дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така, и за другите јазици на заедниците.
Опозиционата албанска партија ДУИ и партиите кои се дел од Европскиот фронт во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.
Од ДУИ претходнио соопштија дека доколку Уставниот суд одлучи да ги укине оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците, „последиците ќе бидат непоправливи“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете