Достапни линкови

Вести

Московскиот суд ја обвини новинарката која го покриваше судењето на Навални

Антонина Фаворскаја
Антонина Фаворскаја

Судот во Москва на 29 март формално ја обвини руската новинарка Антонина Фаворскаја за учество во екстремистичка организација во врска со наводни објави на веб-страници и платформи на социјалните медиуми поврзани со фондацијата основана од починатиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Репортерката на медиумот SOTAvision беше обвинет за време на сослушувањето зад затворени врати во судот Басмани во Москва. Според истражителите, таа собирала материјали, снимала и уредувала видеа и создавала публикации за антикорупциската фондација на Навални (ФБК).
Фаворскаја со години ги покриваше судските сослушувања на Навални и го сними последното видео на кое се гледа жив критичарот на Кремљ на 15 февруари на судското рочиште на кое учествуваше преку видео-врска од арктичкиот затвор. Следниот ден Навални ненадејно почина во затворот.

Кира Јармиш, портпаролка на вдовицата на Навални, Јулија Навалнаја, на 28 март, откако на Фаворскаја и беше наредено притворање, рече дека новинарката не објавувала видеа на веб-страницата на ФБК, која беше означена како екстремистичка организација во 2021 година.

„Судењето на Навални“ на главната сцена во шведскиот кралски театар
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

„Медиумите пишуваат дека Антонина Фаворскаја била обвинета за објавување „објави на платформите на ФБК“. Фаворскаја не објави ништо на ФБК, но дури и да ја отфрлиме невистинитоста на обвинението, нејзината суштина останува -- новинарот е обвинет за новинарска активност“, рече Јармиш на Х, поранешен Твитер.

Фаворскаја требаше да излезе од затвор на 27 март, откако отслужи 10 дена под обвинение за непослушност на полициските наредби поднесени откако беше приведена на 17 март во кафуле по посетата на гробот на Навални.

Фаворскаја е една од неколкуте руски новинари кои беа цел на властите како дел од сеопфатната акција против несогласувањето во Русија, чија цел е опозициски фигури, новинари, активисти и членови на ЛГБТ заедницата.

Фаворскаја ги негира новите обвиненија, што може да резултира со шестгодишна затворска казна доколку биде осудена.

Според Медиазона, таа на 29 март успеала да им каже на новинарите дека и се суди за напис за тоа како Федералната служба за казнено-поправни служби го мачела Навални.

По апсењето беше претресен и домот на новинарката, а на појавувањето на суд на 29 март таа рече дека и биле одземени четири гумени патки. Запленувањето на патките, симбол на антикорупциските протести во 2017 година, ја покажа „апсурдноста на целиот овој процес“, рече таа.

види ги сите денешни вести

Блинкен најавува транша од 2 милијарди долари воена помош за Украина

Блинкен на прес-конференција во Киев на 15 мај.
Блинкен на прес-конференција во Киев на 15 мај.

САД брзаат да стигне воена помош од 2 милијарди долари за украинските сили додека тие се борат да го запрат рускиот напредок во севоисточкиот регион Харкив, вели американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Блинкен, кој ова го изјави на заедничка прес-конференција украинскиот министер за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеб на 15 мај во Киев, рече дека средствата се наменети за обезбедување оружје за украински војници. Тие се дел од неодамна одобрениот пакет американска воена помош за Киев од 61 милијарда долари.

Пакетот беше одобрен пред неколку недели по повеќемесечни одложувања поради политичките расправии во американскиот Конгрес.

Најавата на Блинкен дојде откако претходниот ден украинскиот претседател Володимир Зеленски повика да се забрза испораката на очајно потребните системи за воздушна одбрана Патриот, особено во и околу Харкив.

„Ние брзаме со муниција, оклопни возила, проектили и противвоздушна одбрана со цел тие да стигнат до првите борбени линии“, рече Блинкен, додавајќи: „За секој кој е во искушение да се обложи против Украина, немојте. Тоа ќе биде голема грешка“.

Блинкен, кој посети локална пицерија и настапуваше како гитарист во подрумски бар во главниот град, рече дека билатералниот безбедносен договор со Украина би можел да биде потпишан во наредните недели бидејќи повеќето од, како што рече, „напорната работа“ во преговорите веќе била завршена.

„Заедно поминавме низ времиња на искушенија, целосно сум уверен дека заедно ќе ги надминеме и овие тешки моменти“, рече Блинкен.

Високиот американски дипломат рече дека претседателот Џо Бајден би можел да се сретне со Зеленски за неколку недели и изрази силна американска поддршка за мировната конференција во Швајцарија што треба да се одржи следниот месец.

Блинкен рече дека иако САД не се за тоа Украина да користи американско оружје за напади внатре во Русија, тоа на крај од денот е одлука на Киев.

Ние не охрабрувавме ниту овозможивме напади надвор од Украина, но на крајот Украина треба да донесе одлуки за тоа како да се бори“, рече Блинкен.

Поради тешкотиите со кои се соочуваат украинските сили на бојното поле поради недостаток на оружје и муниција, Зеленски ги одложи сите свои закажани патувања во странство.

Тој требаше да ги посети Шпанија и Португалија и да потпише билатерален безбедносен договор во Мадрид со шпанскиот премиер Педро Санчез на 17 мај. Требаше да се сретне и со шпанскиот крал Фелипе.

На бојното поле, пак, Русија се пробива кон северот на регионот Харкив, а украинската војска на 15 мај соопшти дека презема чекори за да ги спречи руските сили да влезат во северниот дел на градот Вовчанск, кој е на само 5 километри од руската граница.

Вовчанск стана фокус на најновата руска офанзива додека силите на Кремљ се обидуваат да заземат квартови источно од Харкив, вториот по големина град во Украина, со население кое пред војната броеше околу 1,4 милиони.

Московските трупи влегоа во регионот Харкив на 10 мај, отворајќи нов североисточен фронт. Напредокот на руските сили може да доведе до повлекување на дел од ослабените сили на Киев од исток, каде што Русија полека напредува.

Аналитичарите велат дека Русија се обидува да добие максимален импулс на бојното поле пред да пристигне новиот бран воена помош за Киев од САД и европските сојузници.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, на 15 мај за украинската телевизија изјави дека и покрај постојаното руско гранатирање, во моментов нема планови за евакуација на градот.

Сепак, Министерството за вонредни ситуации на Украина објави дека околу 8.000 луѓе се евакуирани од областа.

Во меѓувреме, две лица загинаа во руски напад на градот Днипро во Днепропетровската област 15 мај, објави на Телеграм шефот на регионалната администрација Серхиј Лисак.

Исто така, Михаил Развозаев, гувернер на Крим, назначен од Русија, рече дека бил одбиен „масовен“ украински ракетен напад над градот Севастопол рано наутро на 15 мај.

Развозаев посочи дека неколку проектили биле соборени над морето и во областа на аеродромот Белбек. Нема податоци за жртви.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека воздушната одбрана соборила 10 ракети со долг дострел над Крим.

Ваквите тврдења, засега не може да се потврдат од независни избори.

Во последните недели, Москва без да посочи докази ја обвинува Украина, дека почнала да користи американски тактички ракетни системи.

update

Загриженост и осуда од европските лидери по пукањето кон Фицо

Словачкиот премиер беше застрелан во градот Хандлова
Словачкиот премиер беше застрелан во градот Хандлова

Бројни реакции на загриженост и осуда за вооружениот напад врз словачкиот премиер Роберт Фицо, стигнаа од европските лидери.

Фицо денеска (14 мај) попладне беше застрелан со неколку куршуми во словачкиот град Хандлова, каде имаше средба со симпатизери. Тој во моментов се бори за живот, а Министерството за внатрешни работи нападот го квалификуваше како „обид за атендат“.

Меѓу првите кои реагираа беа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Ништо никогаш не може да го оправда насилството или вакви напади“, напиша Мишел на мрежата Икс кој посочи дека е шокиран од веста.

„Моите мисли се со премиерот и неговото семејство“, додаде претседателот на Европскиот совет.

Фон дер Лајен порача дека силно го осудува напад.

„Ваквите акти на насилство немаат место во нашето општество и ја поткопуваат демократијата, нашето најскапоцено општо добро“, наведе претседателката на ЕК.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, рече оти е шокиран и згрозен од нападот.

„Му посакувам сила за брзо закрепнување. Моите мисли се со Роберт Фицо, неговите сакани и народот во Словачка“, напиша Столтенберг на мрежата Икс.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во реакција на мрежата Икс рече дека е „длабоко шокиран од веста за кукавичкиот напад“.

„Насилството не смее да постои во европската политика. Во овие часови моите мисли се со Роберт Фицо, неговото семејство и граѓаните на Словачка“, напиша германскиот канцелар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина силно го осудува чинот на насилство против шефот на соседната партнерска држава.

„Треба да се нарпави сè за да се осигура дека насилството нема да стане правило во ниту една држава или област“, рече Зеленски.

И премиерот на Полска, Доналд Туск рече дека веста е „шокантна“ и неговите мисли се со Фицо.

Шефот на унгарската влада, Виктор Орбан, исто така, е меѓу првите кои реагираа.

„Длабоко сум шокиран од грозоморниот напад врз мојот пријател, премиерот Роберт Фицо. Се молиме за неговото здравје и брзо закрепнување! Бог да го благослови него и неговата земја!“, напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Како шокантна, веста за пукањето ја оцени и чешкиот премиер Петр Фиала.

„Посакувам премиерот да оздрави што побрзо. Не смееме да толерираме насилство, тоа не смее да има место во општеството“, изјави Фиала.

Шпанија е згрозена и огорчена поради нападот на Фицо, рече и шпанскиот премиер Педро Санчез.

„Шпанија е со Роберт Фицо, неговото семејство и словачкиот народ во ова исклучително тешко време. Ништо не може да го оправда насилство“, напиша Санчез на мрежата Икс.

Осуда стигна и од земјите од регионот на Западен Балкан.

Српскиот претседател Александар Вучиќ наведе дека е шокиран од атентатот над Фицо. Тој додаде дека станува збор за негов, но и голем пријател на Србија.

Брзо закрепнување посака и косовскиот премиер Албин Курти.

„Мислите ни се со неговото семејство и народот на Словачка. Нема место за насилство во демократијата“, вели Курти.

ремиерот Фицо веднаш по пукањето беше однесен во болницата во Хандлова од каде со хеликоптер е пренесен во болница во Банска Бистрица, град во централна Словачка. Во објава на неговиот официјален профил на Фејсбук беше посочено дека животот му е во опасност откако бил погоден со неколку куршуми.

Израел ја отфрла одлуката на Генералното собрание на ОН за палестинска државност

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (фотоархива)
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (фотоархива)

Израелската влада едногласно ја отфрли одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации за признавање на палестинската држава, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Нема да им дозволиме да формираат терористичка држава од која ќе можат да не нападнат уште повеќе“, рече Нетанјаху.

Како што јави Ројтерс, тој порачува дека никој нема да го спречи Израел да го искористи своето основно право да се брани.

„Ниту Генералното собрание на ОН, ниту кој било друг ентитет“, додаде израелскиот премиер.

На 10 мај, Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) со 143 гласа „за“, девет „против“ и 25 „воздржани“, гласаше дека Палестина е подобна за членство и му препорача на Советот за безбедност „поволно повторно да го разгледа ова прашање“.

Гласањето беше глобален тест за поддршката на палестинскиот обид за полноправно членство во ОН – тоа би значело и признавање на палестинската држава откако САД ставија вето за истото прашање во Советот за безбедност на ОН минатиот месец.

Палестинскиот притисок за полноправно членство во ОН доаѓа по седум месеци војна во Појасот Газа меѓу Израел и палестинските милитанти од Хамас, кои САД, ЕУ и некои други земји го сметаат за терористичка организација, како и во период кога Израел ги проширува населбите на окупираниот Западен Брег, што ОН ги сметаат за незаконски.

Резолуцијата која на 10 мај беше усвоена во Генералното собрание им дава на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но не и право на глас.

Палестинците во моментов се „држава набљудувач што не е членка“, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година, пишуваше АП.

Еден ден пред гласањето, Палестинската мисија во ОН во Њујорк во писмо до земјите-членки на ОН наведе дека усвојувањето на Резолуцијата за поддршка на полноправното членство во ОН ќе биде инвестиција во зачувување на долго бараното решение за две држави.

Со мисијата во ОН раководи палестинската власт, која има ограничена самоуправа на Западниот Брег.

Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, ја собори палестинската власт во Газа во 2007 година и усвои своја повелба која повикува на уништување на Израел.

Оваа милитантна група, изврши напад врз Израел на 7 октомври по што следуваше израелската офанзива врз Газа.

Обединетите нации долго време ја поддржуваат визијата за две држави кои опстојуваат една до друга во безбедни и признати граници.

Палестинците сакаат своја држава на Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа, сите територии што Израел ги освои во војната со соседните арапски држави во 1967 година.

Мисијата на САД во Обединетите нации, пак, претходно соопшти дека „останува ставот дека патот до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори“.

Закани кон претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска

Добрила Кацарска пред да стане судијка во Уставен, судеше во Основниот кривичен суд Скопје
Добрила Кацарска пред да стане судијка во Уставен, судеше во Основниот кривичен суд Скопје

Импровизиран кревет и забоден нож биле пронајдени во подземна гаража кај паркинг местото на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.

Случајот е пријавен во полициска станица, а потврда стигна и од Уставен.

„На 14.05.2024 во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека на подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло“, велат од МВР.

За случајот известен е и јавен обвинител, а подигнати се и предмети за вештачење.

Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, попладнето на 15 мај посочи дека Кацарска вчера пријавила евентуално загрозување на сигурноста, но дали станува збор за закана или нешто друго, рече, треба да утврдат надлежните.

„Она што можам да го потврдам е нејзината пријава со оглед дека на нејзиното паркинг место во подземна гаража од затворен тип, во која има околу 50 други автомобили наоколу, е пронајден забоден нож во прекинувачот за струја кој се употребува за да се осветли делот над нејзиниот автомобил“, рече Беловска.

Ова не била единствената закана за Кацарска. Беловска посочи дека досега имало повеќе непријатности во континуитет или како што рече, „некои ситни инциденти и закани на социјалните мрежи упатени лично кон судијката коишто закани сè уште се достапни“.

„Меѓутоа, претседателката не сакаше да се реагира за ниту еден од тие инциденти се до моментот од вчера кога беше пронајден нож на нејзиниот личен имот“, рече портпаролката на Уставен.

Во изминатите 24 часа, полицијата регистрираше уште еден инцидент на паркинг место во Скопје. Во текот на ноќта било запалено возило во сопственост на затворот „Идризово“ што го користел директорот на установата, Зоран Јовановски.

„На 15.05.2024 околу 03.35 часот во полициска станица било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило ’фолксваген пасат‘, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј. Од пожарот бил зафатен и дел од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Пожарот бил изгаснат од противпожарна екипа, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Кацарска пред да стане судијка и претседателка на Уставен, беше судијка во Основниот кривичен суд Скопје каде судеше неколку предмети кои изминатите години беа во фокусот на јавноста. Меѓу нив, неколку иницирани од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), како и најмасовниот случај со упадот во Собранието на 27 април 2017 година во кој за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беше донесена осудителна пресуда за 16 лица – повеќето осудени над 10 години затвор.

Јовановски, пак, пред да стане директор, беше судија поротник, а „27 април“ е еден од предметите во кои тој беше дел од поротата.

На новинарско прашање до Уставен, дали има индиции дека заканите кон Кацарска и запалениот автомобил на Јовановски се поврзани, портпаролката на судот рече дека од нејзината позиција „не може да даде таква паралела“ и „прашањето треба да се упати на друга адреса“.

Зеленски ги одложи патувањата во странство поради „тешката“ ситуација на фронтот

илустрација
илустрација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги одложи сите претстојни патувања во странство, што е знак за тешкотиите со кои се соочуваат украинските сили додека се борат да го спречат рускиот напредок во североисточниот регион Харкив.

Зеленски требаше да ги посети Шпанија и Португалија во наредните денови и да потпише билатерален безбедносен договор во Мадрид со шпанскиот премиер Педро Санчез на 17 мај. Тој требаше да се сретне и со шпанскиот крал Фелипе.

„Володимир Зеленски наложи да се одложат сите меѓународни настани со него, закажани за наредните денови и да се координираат новите датуми. Благодарни сме на нашите партнери за нивното разбирање“, напиша на 15 мај на Фејсбук секретарот за печат на Зеленски, Серхи Никифоров.

Не беше наведена конкретна причина за одложувањето, но Никифоров напиша дека Зеленски на 15 мај одржал состанок со неговите воени команданти, вклучително и главниот командант, генерал полковник Олександар Сирски, на кој се разговарало за ситуацијата во регионот Харкив.

Русија притиска напред кон северот на регионот Харкив, а украинската војска на 15 мај соопшти дека презема чекори за да ги спречи руските сили да се движат во северниот дел на спорниот град Вовчанск, кој се наоѓа на само 5 километри од руската граница.

Вовчанск стана фокусна точка на најновата руска офанзива бидејќи силите на Кремљ се обидуваат да заземат населби источно од Харкив - вториот по големина град во Украина, со население од околу 1,4 милиони луѓе пред војната.

Московските трупи влегоа во регионот Харкив на 10 мај, отворајќи нов североисточен фронт.

Напредокот може да повлече дел од исцрпените сили на Киев од исток, каде што Русија полека напредува.

Аналитичарите велат дека Русија се обидува да добие максимален импулс на бојното поле пред да пристигне новиот бран воена помош за Киев од САД и европските сојузници на Киев во наредните недели.

Руското Министерство за одбрана на 14 мај соопшти дека го зазело пограничното село Бухруватка, но тврдењето не може да биде независно потврдено. Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, на 15 мај изјави дека и покрај постојаното руско гранатирање, во моментов нема планови за евакуација на градот.

Петмина кандидати за членови на Судскиот совет

Судски совет
Судски совет

Судскиот совет ги утврди кандидатските листи за членови на судски совет од Врховниот суд и од Апелационото подрачје Битола. На двете листи има вкупно пет судии.

Со шест гласа за и 5 против, Судскиот совет ја утврди кандидатската листа за член од Врховниот суд на која се кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани.

На кандидатската листа за избор на член на Советот од апелационо подрачје Битола беа утврдени кандидатите Александар Камбовски, Александра Поп Стефанија и Татјана Сусулеска.

Советот на денешната седница расправаше за уставноста за утврдувањето и потенцијалниот избор на кандидатот Лимани. Според дел од членовите, постои уставна пречка тој да биде член на Советот бидејќи ќе се наруши правичната застапеност во Судскиот совет.

Според оние кои гласаа за, националната припадност не е пречка за кандидатите да се кандидираат на огласот и со одбивање на истите се дава пример за поделби и директна дискриминација.

Османи и Штајнмаер разговарале за членството на Косово во Советот на Европа

Косовската претседателка Вјоса Османи и германскиот претседател Франк Валтер-Штајнмаер
Косовската претседателка Вјоса Османи и германскиот претседател Франк Валтер-Штајнмаер

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека телефонски разговарала со претседателот на Германија, Франк Валтер-Штајнмаер, на кој станало збор за апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа.

Османи преку платформата „Х“, информриа дека во вчерашниот разговор го нагласила значењето на членството на Косово во таа институција, не само за државата, туку и за европскиот континент.

„Вчера разговарав со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, за да дискутираме за членството на Косово во Советот на Европа. Ја истакнав критичната важност за успешно завршување на овој процес, да обезбедиме што поскоро корист за сите наши граѓани од инструментите на Советот. Нашето членство не само што би било победа на човековите права во Косово, туку и победа на нашиот континент и на вредностите на кои тој цврсто стои“, напиша Османи.

Германија и Франција се две од земјите кои го условија членството на Косово во Советот на Европа со испраќање до Уставениот суд на нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство.

Комитетот на министри на Советот на Европа ќе се состане утре и задутре, 16 и 17 мај, додека гласањето за членство на Косово сé уште не е на дневен ред.

Косово треба да го помине уште ова гласање за да се приклучи на Советот на Европа.

Борел ја повика Грузија да го повлече законот за „странски агенти“

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел денеска ја критикуваше Грузија за усвојување на закон за „странско влијание“ насочен кон невладините организации финансирани од странство и за потиснување на масовните протести, повикувајќи го Тбилиси да го смени курсот.

„Усвојувањето на овој закон негативно влијае на напредокот на Грузија на патот кон ЕУ... Ги повикуваме грузиските власти да го повлечат законот“, рече Борел во заедничка изјава со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

И грузиската претседателка Саломе Зурабишвили предупреди дека опстанокот на Грузија како држава е во опасност откако парламентот го одобри спорниот закон и покрај неколкунеделните народни протести и предупредувањата од Западот дека овој потег ги загрозува евроатлантските аспирации на Грузија.

Говорејќи на прес-конференција во Тбилиси со министрите за надворешни работи на Латвија, Литванија, Естонија и Исланд на 15 мај, Зурабишвили повтори дека ќе стави вето на законодавството одобрено еден ден претходно, бидејќи владата „не го послуша гласот на својот народ , ниту на советите на своите пријатели, ниту ничие предупредување и тргна по својот пат“.

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

„Прашањето за опстанокот на Грузија денес е во прашање. Им кажав на нашите пријатели за нашите планови за иднината, за тоа што треба да биде европска платформа на која работам веќе неколку недели и која официјално ќе ја претставам пред нашите луѓе“, рече Зурабишвили, додавајќи дека нејзината платформа е наменета за да ги мобилизира Грузијците пред изборите подоцна оваа година.

Законот беше критикуван од Соединетите Држави, Европската Унија и активистите за човекови права за носење на закон сличен на рускиот на претседателот Владимир Путин за уништување на неистомислениците и задушување на независните институции.

Портпаролот на НАТО на 15 мај го нарече законодавството „чекор во погрешна насока“ што ја оддалечува Грузија „подалеку од европската и евроатлантската интеграција“.

Русија ја предупреди ЕУ на остар одговор ако воведе ограничувања за руските медиуми

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова

Русија ја предупреди Европската Унија дека доколку Брисел воведе ограничувања за руските медиуми, западните известувачи во Русија ќе почувствуваат брз, остар и болен одговор од руската држава.

Потпретседателката на Европската Комисија, Вера Јоурова, изјави дека ЕУ ќе го санкционира „Гласот на Европа“, заедно со рускиот весник „Риа Новости“ и „Известија“, објави Блумберг на 6 мај.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека западните новинари во Москва ќе го почувствуваат одговорот доколку Европската Унија преземе мерки против руските медиуми.

„Ако овие мерки се преземат против руските медиуми, руските новинари, тогаш, и покрај тоа што западните дописници нема да го сакаат тоа, тие исто така ќе мора да ги почувствуваат нашите одмазднички мерки“, порача Захарова.

Во Русија, заедно со затворањето на независните медиуми, странските медиумски куќи се најдоа под притисок, додека двајца странски новинари беа затворени. Станува збор за американско-руската новинарка на Радио Слободна Европа, Алсу Кумаршева и дописникот на The Wall Street Journal, Еван Гершкович, за обвиненијата кои ги отфрлаат.

„Порано ја чувствуваа нашата љубов, но сега ќе мора да го почувствуваат одговорот. Ќе одговориме со молскавична брзина и крајно болно“, рече Захарова.

Европската Унија веќе ги забрани руските медиуми РТ (порано познати како Русија денес) и Спутник како пропагандни алатки како дел од санкциите наметнати на Москва поради нејзината агресија врз Украина.

Захарова рече дека секој потег за ограничување на кој било руски медиум веднаш ќе доведе до одговор во Русија против западните дописници.

„Ако само еден руски медиум е подложен на неоправдани ограничувања, тогаш тоа ќе се одрази на нивните колеги овде во Русија, мислам, на западните новинари“, рече Захарова.

Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) во извештајот во јануари рече дека Русија ги засилила своите напори да го потисне слободното известување.

Покрај Кумаршева и Гершкович, во руски затвор се и десет други новинари од Украина, од кои пет се кримски Татари.

Во февруари Русија го означи Радио Слободна Европа како „непожелна организација“, која ги изложи на кривични пријави своите новинари, соработници, донатори или оние што ги интервјуираше. Во март 2022 година, неколку недели по почетокот на руската инвазија, веб-страниците на неколку медиуми беа блокирани во Русија, меѓу кои РСЕ, Би-Би-Си и Дојче веле.

САД ја предупредија Рајфајзен банка дека пристапот до финансии може да и биде ограничен

илустрација
илустрација

Американското Министерство за финансии писмено ја извести Рајфајзен Банк Интернационал (РБИ) дека може да и биде ограничен пристапот до американскиот финансиски систем поради нејзините операции во Русија, изјави за Ројтерс лице кое ја видело преписката.

Заменик-министерот за финансии Воли Адежемо испрати писмо до РБИ на 6 мај, во кое изрази загриженост за проширувањето на РБИ во Русија, како и за договорот од 1,5 милијарди долари со санкциониран руски тајкун што банката во меѓувреме го прекина, рече лицето кое побара да биде анонимно.

Иако Рајфајзен се повлече од договорот со тајкунот Олег Дерипаска неколку дена по пристигнувањето на писмото, изворот рече дека загриженоста на американското Министерство за финансии за бизнисот на Рајфајзен во Русија, останува.

Тоа е најсилното предупредување досега до најголемата западна банка во Русија и по неколкумесечниот притисок од Вашингтон, кој повеќе од една година го истражува работењето на австриската банка во земјата под санкции поради инвазијата на Украина.

Портпаролот на Рајфајзен изјави дека банката се откажала од договорот во врска со градежната компанија Страбаг.

Портпаролот рече дека РБИ „значително ги намалила“ своите активности во Русија и презела широки мерки за да го ублажи ризикот од санкции.

„РБИ ќе продолжи да работи на деконсолидација на својата руска подружница“, изјави портпаролот за Ројтерс.

Во писмото, Адежемо, вториот највисок функционер во американското Министерство за финансии, вели дека продолжувањето на Рајфајзен би било во спротивност со уверувањата на гаранциите што РБИ му ги дала на Министерството за финансии дека се обидува да се повлече од Русија, рече изворот.

Адежемо предупреди дека активностите на РБИ го зголемуваат ризикот дека Министерството за финансии ќе мора да преземе акција за да го ограничи пристапот на банката до финансискиот систем на САД, со оглед на загриженоста дека нејзиното однесување ја доведува во опасност националната безбедност на САД.

САД се најмоќниот регулатор во светот, главно затоа што може да го прекине пристапот на банката до доларот, што е основа на меѓународните финансии. Губењето на пристапот до доларот веројатно би ја турнал секоја банка во криза.

Предупредувањето врши поголем притисок врз Рајфајзен банка, која е клучен финансиски мост за руските поединци и компании кон Запад, давајќи им пристап до евра и долари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG