Достапни линкови

Пензионерите се мобилизираат - дел здруженија на протести за поголеми пензии


Протест на пензионери во Прилеп, август 2023
Протест на пензионери во Прилеп, август 2023

Додека се дебатира за линеарно или процентуално покачување на пензиите, протестите на пензионерите се проширија. Обвинувања и за политичка заднина на пензионерските протести. Сојузот на пензионери се изјасни против линеарното покачување, ќе предложи зголемување на минималната пензија.

Протестите на пензионерите се проширија во повеќе градови. Почнаа во Прилеп каде незадоволните пензионери побараа линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари наместо најавеното покачување од 6 отсто во септември. Денеска десетици пензионери излегоа на протест со истите барања во Тетово и Свети Николе, а минатата недела имаше протести во Штип, Кочани, Куманово и Велес.

Пензионерката Вера Стојанова од Штип за „Радио Слободна Европа“ вели дека процентуалното покачување на пензиите мора да се замени со линеарно, бидеќи, вели, јазот помеѓу оние кои земаат најниски и највисоки пензии е многу голем.

„Никако процентуално, јас сум само за линеарно покачување на пензиите. Процентуалното покачување толку нѐ оддалечи едни од други што тој што зема 10.000 ќе зема 11.000, додека оние што земаат 50.000 ќе земаат 60.000 денари. Покачувањето на пензиите мора да биде линеарно еднакво за сите, бидејќи продуктите кога одиме да ги купуваме во продавница се со иста цена и за пензионерите со најниски примања, но и за оние со највисоки. Не само јас, туку и со другите пензионери со кои контактирам се за линеарно покачување и апсолутно ги поддржуваме протестите“, вели Стојанова.

Таа додава и дека утре ќе има нов протест на пензионери од Штип, каде тие одново ќе го искажат своето незадоволство од најавеното процентуално покачување.

Друг пензионер од Скопје пак, Добре Јанев, за РСЕ вели дека е разочаран што нема поддршка од Сојузот на здруженија на пензионери на државно ниво.

„Нели е срамота некои да имаат покачување од 80 отсто, а на нас само 6 отсто. Бараме за сите да биде еднакво, а не одредена група пензионери да добие покачување од 5.000, а јас да добијам покачување само од 500 денари. Што ќе направиме со тоа покачување? Мора да има линеарно покачување на пензиите за сите“, вели Добре Јанев, пензионер од Скопје.

Сојузот на здруженијата на пензионери останува на ставот против линераното покачување на пензиите. На денешниот состанок на Извршниот одбор на Сојузот било заклучено дека Сојузот ќе ги решава барањата на пензионерите по институционален пат и во контакт со државните органи.

Во соопштението по состанокот се потсетува дека со покачувањето од 8 отсто во април и најавеното од 6 отсто во септември, пензиите годинава ќе се зголемат за околу 15 отсто.

Сојузот на здруженија на пензионери го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензија и подготви предлог кој ќе биде доставен до Министерството за труд и социјалани работи“, се вели во соопштението од Сојузот, кој смета дека овој предлог нема да го дестабилизира Пензискиот фонд.

За колку ќе се покачат пензиите во септември?

Согласно најавеното покачување на пензиите од 6 отсто за септември, најголемо покачување од 1620 денари ќе добијат корисниците на воена пензија, додека најниско покачување на пензиите ќе добијат земјоделците - 588 денари.

Покрај нив, согласно новата методлогија корисниците на старосна пензија ќе добијат покачување од .1233 денари, додека покачувањето на инвалидската пензија ќе изнесува 1.018 денари.

Според последните ажурирани податоци на страната на Министерството за труд и социјална политика од април 2023 година, корисници на воена пензија се вкупно 850 лица, додека само 56 лица се корисници на земјоделска пензија.

Приматели на инвалидска пензија се вкупно 27. 701 лице кои треба да добијат покачување од 1018 денари, додека најголемиот дел од пензионерите односно оние кои се во категоријата на просечна старосна пензија - 230. 631 лице ќе добијат плус 1.233 денари.

Обвинувања политичка заднина на протестите

Партијата на пензионери не ги поддржува овие протести и според нив, се работи за обид за манипулација од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Партијата на пензионери искажува загриженост дека оваа политичка партија повторно со манипулации се обидува да придобие наклоност од неинформираните пензионери, во функција на нивната политичка агенда која не нуди никакви реални и поволни придобивки за пензионерите“, велат од партијата.

Пензионерката Верче Јанческа од Прилеп, каде што почнаа протестите, вели оти почнале спонтано и немаат никаква политичка заднина.

„Станува збор за незадоволни пензионери кои бараат линеарно покачување од 3 500 денари за сите, така што обвинувањата за некаква политичка инволвираност не се точни“, вели Јанческа.

Пензионери од Тетово денеска им се приклучија во барањата на пензионерите од другите градови, но одлучија дека сепак ќе ги почитуваат одлуките на Сојузот на пензионери.

„Нема посебни продавници за тие што имаат ниски пензии, ниту продавници за тие со високи пензии. Тетово беше град на текстилот, а вработените беа со многу ниски плати, а со тоа добиле и ниски пензии и тие имаат потреба од помош. Од околу 13.800 пензионери, колку што се во Здружението, од 2 до 3.000 пензионери се со минимални или многу ниски пензии. “, изјави Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери на Тетово.

МТСП: Еднократното покачување не грантира стабилен раст на пензиите

Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување нема основ за линеарно усогласување на пензиите, а такво усогласување не постои ни во земјите на нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји, велат од Министерството за труд и социјална политика.

„Тоа нѐ навраќа во 2014 година, кога редовното законско усогласување беше ставено вон сила и се вршеше линеарно усогласување во фиксен износ од 600 денари еднаш годишно“, велат од МТСП.

Од ресорното министерство велат и дека во комуникација токму со Сојузот на пензионери, утврдена е методологија со комбиниран модел од 50 проценти раст на просечната плата и 50 проценти пораст на трошоците за живот.

„За сметка на оваа нова методологија пензиите растат во континуитет. Да потсетиме, дека согласно претходната методологија, пензиите во месец јануари 2022 година пораснаа за 2.9 отсто. Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Во септември 2022 година - 6,8 отсто, во март 2023 година 8,4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година предвидува покачување од најмалку 6 отсто“, потенцираат од МТСП.

Вкупниот број на корисници на пензија во Северна Македонија, според последните податоци во април на ПИОМ изнесува 333.882.

XS
SM
MD
LG