Достапни линкови

Паѓа инфлацијата во ЕУ, во земјава двојно повисока и ќе трае уште долго


Инфлација во Северна Македонија
Инфлација во Северна Македонија

Просечната инфлација во Еврозоната е 5,3 проценти, што е најниско ниво од почетокот на 2022 година кога го достигна пикот од над 9 отсто. Во Северна Македонија инфлацијата и натаму е двојно повисока и изнесува скоро 10 проценти. Проценките на економски експерти се дека високата инфлација во земјава ќе трае ушто долго, главно поради политиките на увоз на храна.

Намалените стапки на инфлацијата во Еврозоната главно се должат на падот на цените на енергијата, според европската агенција за статистика Евростат. Но, и покрај тоа, извештаите покажуваат дека граѓаните низ Европа се уште се борат со високите цени, особено на прехранбените продукти и облеката. Во јуни стапката на инфлација во 20-те земји на Еврозоната изнесуваше 5,5 отсто, кога исто така имаше намалување споредено со мај истата година кога беше 6,1 отсто.

Во, Северна Македонија, пак, и натаму има двоцифрена инфлација која изнесува околу 10 проценти, според новите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Агенциите за статистика секој месец објавуваат поодатоци за индексите на трошоците на животот и на цените на мало. Највисока инфлација во земјава беше забележана во ноември 2022 година од 19,5 отсто, што ја стави земјава на врвот на Европа.

Но, според економски експерти со кои разговараше Радио Слободна Европа проблем е што ситуацијата на високи цени во земјава ќе трае уште долго, и покрај трендот на намалување, како што покажуваат извештаите на Народната банка.

Дел од нив сметаат дека ќе биде така, бидејќи проблемот е историски, главно, како што велат, поради погрешната економска политика која земјата ја прави зависна од увоз, пред се на прехранбените производи.

„Го уништивме домашното производство, ако на тоа се додаде и криминалната политика на субвенции на земјоделието, ви кажува дека вие увезувате и храна и високи каматни стапки на инфлацијата. Владата нормално дека е одговорна затоа што не одговара правилно на овие работи. Пред се, не го држи јавниот долг во нормално ниво, а една од овие реперкусии на инфлацијата е токму тоа. Ние уште гледаме дека Владата троши недомаќински, а квалитетот на трошењето е многу лошо“, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

Македонската економија, како и останатите во светот, беше погодена прво од последиците од ковид кризата, на што се надоврза кризата со енергенсите и нивниот пораст на светските берзи по руската агресија врз Украина, што пак придонесе за раст на цените и висока инфлација. Особено поскапеа цените на храната и енергенсите.

Владата како одговор на растот на цените донесе неколку пакети антикризни мерки во вредност од над милијарда евра, за поддршка на ранливи категории граѓани и фирмите. Владата ги зголемуваше платите во јавната администрација, но истовремено се задолжи со неколку заеми, со кои јавниот долг го зголеми за над десет проценти.

Меѓу последните мерките на Владата кои сака да ги воведе за сузбивање на инфлацијата е данокот на солидарност. Собранието со 62 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден против го поддржа донесувањето на законот за данок на солидарност по скратена постапка.

„Целта на законот е секој да учествува во намирување на јавните расходи согласно своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза“, изјави заменик министерот за Заменик-министерот за финансии Филип Николоски.

Адеми коментира дека е нормално во земја со висока инфлација да се намали потрошувачка, но и да има некаква фискална политика што значи воведување на даноци. Но, според него неправилна политика е државата да воведува нов данок на солидарност со кој ќе плаќа приватниот сектор, а истовремено да има зголемување на платите во јавната администрација, без да се отвори дебата за продуктивноста на овие вработени.

„Не може се да биде на грбот на приватниот сектор, а вработените во јавниот сектор да ги уживаат овие бенефиции“, вели Адеми.

Според други економски експерти со кои разговаравме, високата инфлација исто така се должи и не недоволна координираност на монетарната и фискалната политика во целиот период за време на кризата.

Според нив Народната банка реагира во потребниот правец, а Владата „водена од своите дневни политики реагира во погрешен правец“. Владата стимулира инфлација со своите политики, а монетарната власт се обидува тоа да го смири, велат тие.

Според нив, токму поради тоа во земјава долго време истрајува висока стапка на инфлација, која е загрижувачка ако биде над 2 или 3 проценти, а „нашата е далеку од тој таргет.“

Адеми, вели дека инфлацијата во земјава ќе трае уште долг период, се додека не се намали зависноста од увоз на производи, без домашно производство без силно земјоделие и силни прехранбени производи.

„Ние се уште ќе увезуваме храна, но и инфлација од Еврозоната. Кога дополително ќе се нормализираат таму цените, може да имаме поголема нормализација и во Македонија. Ние се уште правиме ад-хок мерки и пред се ја чекаме монетарната политика преку зголемување на каматните стапки од Народната банка, и таму гледаме нормализирање на понудата и побарувачката за пари. Но, ова е економски проблем, а не проблем на монетарната политика“, вели Адеми.

Тој додава дека Владта може да ја ублажи ситуацијата ако ја зголеми транспарентноста на јавниот долг и ако го зголеми квалитетот на трошењето на јавните пари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG