Вести
Петмина мртви, од кои три деца, во напад во дом на американски војник

Поранешен војник застрела и уби активен припадник на американската војска и три деца во дом во Јужна Каролина пред да се застрела, соопштија денеска официјални лица.
Двајца американски официјални лица потврдија дека станува збор за воени лица.
Полицијата соопшти дека се пронајдени телата на три деца и двајца мажи, а се претпоставува дека едниот од нив е убиецот.
Истрагата е во тек, а неофицијално има сведоци кои раскажале што се случило.
Идентитетот на жртвите не е соопштен.
види ги сите денешни вести
Соренсен во посета на Косово

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен, денеска ја започнува својата повеќедневна посета на Косово со средба со претседателката Вјоса Османи.
Како што соопшти кабинетот на косовската претседателка, Османи ќе го прими Соренсен во претпладневните часови, а тој ќе оствари и одделни средби со премиерот Албин Курти и првиот заменик-премиер задолжен за европски интеграции, развој и дијалог, Бесник Бислими.
Ова е прва посета на Соренсен откако беше именуван за специјален пратеник за дијалог.
Иако официјално не е најавено, се очекува тој да се сретне и со претставници на политичките партии застапени во косовскиот парламент, со претставници на Српска листа, како и со претставници на граѓанскиот сектор и меѓународната заедница на Косово.
Таравари: Пациентите од пожарот во Кочани во генерално стабилна состојба

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска (17 март) на прес-конференција информира дека пациентите од пожарот во Кочани се во генерално стабилна состојба, но 20 пациенти се во критична состојба.
Тој најави дека можни компликации се очекуваат денеска и утре.
Тој исто така додаде дека има и нови пациенти кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, но не се пријавиле вчера, туку се пријавиле денеска.
„Завршивме со состанокот на Кризниот штаб и направивме пресек на состојбата. За среќа, пациентите кои што беа донесени вчера во болниците низ државата се во стабилна состојба. И тие што беа пренесени надвор од државата, вкупно 51 до сега, сите се во генерално стабилна состојба. Но, се појавува еден нов проблем да има пациенти кои вчера не се јавени и денеска се јавуваат. Јас би сакал да упатам порака до сите што биле дел од трагичниот настан во Кочани, а не се пријавиле вчера, ги молам денеска да се пријавуваат“, рече Таравари.
Како што рече, сите пациенти кои беа во Кочани и Штип, сега се сместени во Скопје.
Во Кочани и Штип повеќе нема пациенти.
Таравари подвлече дека ситуацијата е под контрола и очекуваат помалку компликации.
Во пожарот загинаа 59 лица, а од повредените во државава се лекуваат 84 пациенти, а во странство 51 пациент.
Украина соопшти дека соборила 90 од 174 руски дронови

Украинската противвоздушна одбрана собори 90 од 174 беспилотни летала со кои руските сили синоќа (16 март) ја нападнале украинската територија, јавува Укринформ.
Седумдесет непријателски беспилотни летала се изгубени од радарите, додава украинската новинска агенција, повикувајќи се на украинските воздухопловни сили.
Беспилотни летала „Шахед“ и разни модели на беспилотни летала за мамка беа насочени од Орел, Шаталово, Курск, Брјанск и Приморско-Ахтарск.
Воздушниот напад бил одбиен со авиони, противракетни системи, средства за електронско војување и самоодни огнени системи, забележува Укринформ.
Дроновите биле соборени над регионите Киев, Харкив, Полтава, Суми, Чернихив, Черкаси, Кировград, Днепропетровск, Запорожје и Одеса.
Претходно беше објавено дека едно лице е повредено од руски дрон во областа Одеса, а околу 500 домаќинства во предградијата на Одеса останале без струја поради оштетување на електричната мрежа, потсетува Укринформ.
Во меѓувреме, во изјава на каналот Телеграм, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили го зазеле селото Степове, во областа Запорожје во Украина.
Проширен тимот на обвинители за истрагата на несреќата во Кочани

Обвинителскиот тим кој работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани од утрово е проширен и во моментов го сочинуваат двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.
Како што информираат од Јавното Обвинителство, синоќа се издадени повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација. Увидот на лице место денеска (17 март) продолжува.
Од Обвиинтелството утрово информираа дека во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три сѐ уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала
Во тек се рочишта за определување притвори за случајот со пожарот во Кочани

Во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани, информираат изутринава од Јавното обвинителство.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Во пожарот што се случи вчера животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.
Како што соопшти синоќа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, досега се сослушани над 20 лица, меѓу кои и еден од организаторите на настанот, а потврди дека на информативен разговор е повикан и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.
Според Коцевски, се работи за сложен предмет и има многу работи што треба да се испитуваат. Досега се преземени низа активности-наредби за обдукција на жртвите, наредби за преземање мерки до МВР и БЈБ за апсење на секое лице кое со своето постапување или непостапување придонело за настанот и да се испита неговата улога, наредба за анализа на одземени предмети, предлог за издавање наредба за одземање видео снимки од безбедносни камери, предлог за издавање наредба за привремено одземање документација на правниот субјект, барање за претрес во дом и други простори и барање за меѓу институционална соработка до ОЈО ГОКК.
Украина, Блискиот Исток и односите ЕУ-САД, главни теми на Советот за надворешни работи на ЕУ

Најновиот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, со посебен осврт на случувањата во Сирија и на улогата Иран, како и односите меѓу ЕУ и САД ќе бидат главни теми на денешното заседание (17 март) на Советот за надворешни работи на Унијата (ФАЦ) во Брисел.
Состанокот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ќе започне со дебата за Украина на чиј старт на европските шефови на дипломатии преку видео конференциска врска ќе им се обрати нивниот украински колега Андриј Сибиха, кој ќе ги информира за најновите политички случувања и ситуацијата на теренот, како и за најитните приоритети на Киев.
Се очекува дискусијата на европските министри да биде посветена на актуелните американски и европски иницијативи, на резултатите од средбата на претставници на Украина и САД во Саудиска Арабија и од специјалниот Европски совет од 6 март, како и на подготовките на Самитот на ЕУ закажан за 20 март.
Во овој дел предвидено е Калас да ја презентира својата иницијатива за засилена воена поддршка за Украина во 2025 година, преку обезбедување безбедносни гаранции и зајакнување на одбранбените потенцијали на земјата, како и да ја нагласи важноста од одржување максимален притисок врз Русија.
Во продолжение на Советот ќе се разговара за најновите случувања на Блискиот Исток, со посебен фокус на состојбата во Газа и на ситуацијата на Западниот Брег. Се очекува министрите да го поздрават План за обнова на Газа претставен на Самитот на Арапската лига во Каиро на 4 март, како и да се реафирмира поддршката на ЕУ за Палестинската автономна управа, за мировното решение за две држави, како и на работата на УНРВА. Предвидено е и Калас да ги информира министрите за активностите мисијата на ЕУ на граничниот премин Рафа во Газа.
Шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ ќе расправаат и за последниот развој на настаните во Сирија, особено за зачестеното насилство во крајбрежните сириски области и да ја потврдат поддршката на ЕУ за земјата и за мирна и инклузивна транзиција со цел создавање политичка и економска стабилност.
Во делот на расправата за Блискиот Исток, ќе стане збор и за политиката на ЕУ кон Иран, во контекст на неговата поддршка на Русија, произволните притворања на европски граѓани, хибридните операции против членките на Унијата, иранската нуклеарна програма и дестабилизирачка улога на Техеран во регионот.
На заседанието министрите ќе разменат мислења и за односите меѓу ЕУ и САД и за влијанието на надворешно-политичките одлуки на САД и европскиот одговор на нив. На крајот е предвидено Калас да ги информира шефовите на дипломатиите за резултатите од минатонеделниот состанок на надворешни работи на Г7 во Канада.
Покрај состанокот на Советот за надворешни работи, денеска во Брисел ќе се одржи и заседание на Советот за транспорт, телекомуникации и енергија на ниво на министри задолжени за енергија, на кое ќе се расправа за Акцискиот план за прифатлива енергија, чија цел е намалување на цените за енергијата на краток рок, комплетирање на Енергетската Унија, привлекување инвестиции и подготовка за потенцијални енергетски кризи, потоа за енергетската безбедносна архитектурата на ЕУ, за енергетската ситуација во Украина, како и за заштитата на критична инфраструктура.
Осум повредени од пожарот во Кочани примени во „Пирогов“ во Софија, нивната состојба е тешка

Вкупно осум лица повредени во пожарот што избувна во дискотека во Кочани се хоспитализирани во Универзитетската болница „Н. И. Пирогов“ во Софија, изјави на прес-конференција директорот на болницата, д-р Валентин Димитров, јави БТА.
Меѓу примени пациенти има тројца малолетници – две девојчиња и едно момче, додека останатите се четворица мажи и една жена, на возраст од 22 до 25 години. Највозрасниот пациент има 31 година.
Состојбата на сите пациенти е тешка, со изгореници на телото, горните екстремитети и лицето, како и на горните и долните дишни патишта, што дополнително ја комплицира нивната здравствена состојба. Според д-р Димитров, тројца од пациентите се интубирани, додека за останатите ќе биде направена дополнителна медицинска проценка и терапевтски план.
„Ќе биде направено сè што е потребно, болницата располага со сите неопходни ресурси“, нагласи тој.
Додаде дека сите пациенти биле донесени во тешка состојба на термички шок, што е сериозна закана за организмот, независно од брзината на лекарската интервенција.
Центрите за снабдување со крв во Софија, Пловдив и Стара Загора одговорија на потребите на болницата за крв, но д-р Димитров упати апел дека крводарувањето не смее да запре и останува постојана потреба.
„Сега претстојат средби со семејствата на пациентите кои беа транспортирани од Кочани“, додаде тој.
Шест други повредени лица се примени во Воената болница во Варна и во болницата „Св. Георги“ во Пловдив. Бугарија презеде обврска да прими 14 лица на лекување.
Коцевски: Обвинителството даде наредба да се апси секој сомнителен за пожарот во диското

За десет лица обвинителството ќе бара краткотраен притвор бидејќи за нив обезбедило докази во текот на денот, потврди Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски. Според него сослушан е и еден од организаторите и според неговиот исказ договор за настап на групата ДНК во дискотеката во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе во пожар, немало.
„Сослушан е еден од првите осомничени, тој е организатор и од неговиот исказ се дадени докази од кои само можам да кажам дека нема писмен договор меѓу организаторот и групата која настапувала. Оние кои се осомничени за давање поткуп се од Министерството за економија. Се бара кус притвор кој може да биде продолжен во 30 дневен за оние за кои добивме денеска докази“, рече Коцевски.
Според Коцевски се работи за дела Предизвикување на општа опасност, Давање и примање поткуп и за употреба на пиротехнички средства. Тој потврди дека во моментов во полициска станица е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Вели дека пропустите кои се направени се големи и предизвикале ерозија на системот.
„Увидот траеше до вечерните часови и се уште не е завршен ќе продолжи утре. Ќе ангажирам 3-5 обвинители од ОЈО Скопје, сложен е предметот и има многу работа. Денеска од увидот на лице место заедно со инспектори на Дирекција за заштитата и спасување утврдивме дека во објектот нема хидрантска мрежа ниту хидрант во функција, немало довлно ПП апарати односно имало само два, немало доволно врати, туку само една импровизирана метална врата за евакуација која била метална, заклучена и обложена со сунѓер. Немало пристап за ПП возила согласно правилник. Внатрешноста била обложена со гипс картон кој бил лесно согорлив. Непрописно бил обложен со материјали за звучна изолација кои лесно биле согорливи. Се употребиле и пиротехнички материјали со висина од 3 метри кои биле употребувани незаконски, без обезбедување“, рече Коцевски.
Инаку Инспекторатот за градежништво и урбанизам утврдил дека објектот е регистиран за лесна индустрија на површина од 419 м2 и нема пренамена. И покрај тоа што нема пренамена за угостителски објект истиот има дозвола за работа од Министерство за економија издадена пред петнаесетина години за угостителски објект.
Инаку издадени се наредби за обдукција, како што се идентификувале жртвите. Наредби до МВР и БЈБ Скопје се дадени да се апси секое лице кое со постапување или непостапување придонело за несреќата и да се испита неговата улога. Запленети се предмети, видео запис од камери, издаден предлог за привремено одземање на документација. Обвинителстовот дало и барање за претрес во дом и меѓу институционална соработка со Обвинителство за гонење организиран криминал.
Мицкоски: Нема да дозволам да победи корумпираниот систем

Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Вака премиерот, Христијан Мицкоски попладнево ја почна прес конференцијата на која повика на сплотеност и заедништво по пожарот во ноќниот клуб во Кочани.
„Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Тој систем ако не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“, рече Мицкоски оценувајќи го немилиот настан како кулминација на како што рече, лош, забревтан систем кој ги јаде надежите.
Премиерот информираше објектот каде се случи несреќата имал фалсификувана лиценца, која била издадена лани во март
„Тоа е документ за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Има тука многу прашања кои истрагата ќе ги одговори“, посочи Мицкоски.
Тој најави кривична одговорност за сите инволвирани и „хируршки прецизна акција на институциите“.
„Во наредните денови ќе преземеме низа на мерки и активности и одлуки кои ќе значат многу во борбата за оваа земја и во име на сите жртви на оваа трагедија и на нивните семејства. Ако има одговорност при непостапување во минатиот период ќе се преземат соодветни чекори. Ќе се разгледаат и испитаат од страна на институциите сите аспекти и сите проблеми кои доведоа до оваа трагедија без скрупули кон никого. Ќе се испитаат аспектите на контрола и се она кое јавноста оправдано го детектира како проблем и предизвик на општеството“, рече Мицкоски.
СДСМ бара одговорност за трагедијата во Кочани
Претходно, темелна и независна истрага за трагедијата во Кочани, побараа и од опозицијата. Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска на прес-конференција побара и одговорност од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите, во услови кога цела година оваа дискотека работи без лиценца. Чија е одговорноста ако не е ваша, вие тоа да го проверите. Чија е одговорноста ако не е ваша и на сите инспектори кои ги водите? Да се побара одговорност и да се провери цела година дали има неправилности во работењето“, истакна Чупеска.
Таа истакна дека Дирекција за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносните стандарди на сите објекти.Чупеска додаде дека пожарот е настанат од пиротехнички материјали, а како што рече, токму МВР ги издава и контролира овие компании кои управуваат со овие средства.
„Тука одговорноста е целосно во МВР и зошто вие молчите за ова? Дали е точно дека летово оваа дискотека била реновирана и пуштена во употреба, кој дал согласност за тоа? Вие бевте на власт тогаш и на централно и на локално ниво“, порача Чупеска.
Коментирајќи ги пораките од опозицијата пак, премиерот Мицкоски рече дека немилиот настан не треба да се политизира и без разлика на „идеолошките разлики мора да се стави крај на корупцијата“.
„Ова не е меѓупартиска битка ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпираните од сите партии и сите институции. Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија, и во ВМРО-ДПМНЕ, и во СДСМ, и во Вреди, и во ДУИ и во други партии кои искрено сакаат државата да има ред и поредок“, посочи претседателот на Владата.
Преетходно, министерот за внатрешни работи Тошковски информираше дека за пожарот во ноќниот клуб во Кочани се осомничени повеќе од 20 лица, од кои 15 се приведени во полициска станица.
„Полициски службеници во Скопје разговараа со над 25 очевидци на настанот, а прибирањето докази ќе продолжи континуирано“, истакна Тошковски додавајќи дека истрагата е во тек.
Екс министерот за економија Крешник Бектеши викнат на информативен разговор

Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши вечерва е повикан на информативен разговор во полициска станица, во врска со синоќешниот пожар во ноќниот клуб во Кочани. Ова го потврдуваат од МВР за МИА.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно информираше дека МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент во врска со овој настан има осомничено повеќе од 20 лица, од кои 15 се во полициска станица.
Дел од осомничените за предизвикување на овој кривично правен настан се починати, дел се во болница.
„Дел од приведените лица кои што моментално се во полициска станица се луѓе кои имаат директна вина со овој настан, согласно досега собраните докази. Приведено е едно лице, кое што е организатор на настанот и за кое што имаме сомнение дека еден од оние кои што имаат директна вина. Исто така, приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен раководител на еден сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата, изјави Тошковски.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција информира дека веднаш биле преземени првите чекори за справување со последиците, а во моментов има информациите дека објектот каде се случи несреќата има фалсификувана лиценца, која била издадена март, 2024 за мито. Тоа е документ, рече Мицкоски, за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Според него, тука има многу прашања кои истрагата ќе ги одговори.
„Оттука, во сето ова што ни се случува и ни се случи, најпрво мора да има кривична одговорност за сите до еден инволвирани, без разлика кој од која институција е, на кое ниво, од која партија, од која професија итн., итн. до последниот. Очекувајте кога станува збор за одговорност, дека нема да има милост. Ќе мора да има одговорност со име и презиме. Во хируршки прецизна акција на институциите. Без милост, најави тој.
Во синоќешниот пожар во дискотеката во Кочани според првичните информации на МВР имало околу 500 лица, бројот на починати е 59, а 155 се повредени. Роднини и блиски на починатите се противат на ваквата одлука и спонтано го блокираа влезот во болницата
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете