Во тек е координиран процес на евакуација на македонските државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, информираше на денешната прес-конференција (9 март) министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Тој вели дека од првиот момент на ескалацијата на безбедносната криза бил воспоставен кризен механизам преку Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва. Додаде дека во изминатите 12 месеци ова е трета комплексна операција од ваков обем и очекува овој процес да заврши до крајот на неделава.
„Во последните 12 месеци, ова е трета сложена операција од ваков обем, по трагедијата со пожарот во Кочани и првата ескалација на конфликтот Израел-Иран“, изјави шефот на македонската дипломатија.
Муцунски информира дека од Израел веќе се евакуирани сите лица кои изразиле подготвеност да ја напуштат државата по копнен пат.
„Шест лица беа евакуирани со владиниот авион преку Шарм ел Шеик, додека за други шест лица, дипломатско-конзуларните представништва во Тел Авив и Каиро асистираа во организацијата на нивното враќање со комерцијални летови. Останува уште едно лице, чија евакуација ќе биде реализирана веднаш штом му се создадат безбедни услови“, рече Муцунски.
Од Обединетите Арапски Емирати, како што соопшти, вчера бил реализиран лет со 151 патник, меѓу кои и странски државјани од повеќе земји.
Во моментов во оваа земја се евидентирани уште околу 430 македонски државјани, а во текот на оваа недела од Дубаи се планирани уште два лета. Од МНР велат дека 14 пријавени лица не се појавиле на аеродромот, по што биле контактирани други граѓани за да се искористи целосно капацитетот на летот.
Во Доха се евидентирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација, додека во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15 и во Саудиска Арабија пет лица.
„За нив е предвиден организиран транспорт до Ријад како централна точка за собирање, по што во текот на оваа недела ќе следува директен лет. Целиот процес се реализира согласно веќе разработен оперативен план во тесна координација со сите надлежни институции“, уверува Муцунски.
Во врска со евакуацијата на македонскиот фудбалер Мартин Ашковски од Иран, процесот бил особено комплексен во делот на преминувањето на границата со Турција. Сепак македонската Амбасада во Анкара успешно ја завршила задачата и тој безбедно преминал на територијата на Република Турција.
Министерот упати апел до граѓаните што бараат евакуација навремено да комуницираат со дипломатско-конзуларните претставништва. Нагласи дека евакуацијата се реализира без финансиски надомест за македонските државјани.
Со вечерашниот организиран чартер лет од Обединетите Арапски Емирати пристигнаа 151 патник од кои повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство.
Ваквите акции за евакуација од Блискиот Исток следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп на 28 февруари соопшти дека Вашингтон почнал „големи борбени операции“ против Иран, во координација со израелските сили.
Нападите во Техеран беа насочени кон највисоките нивоа на раководството на Исламската Република. Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американските и израелските воздушни напади.
Од друга страна, пак, Иран испука стотици ракети и беспилотни летала насочени кон американските воени бази, како и клучни енергетски и комерцијални локации во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин и Катар – сите американски сојузници.