Достапни линкови

Лажните дојави за бомби доаѓаат од моќен центар


Лажна закана од поставена бомба во Скопје
Лажна закана од поставена бомба во Скопје

Ова е хибридна војна, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прашањето за лажните дојави за бомби кои изминативе три месеци ги вознемируваат граѓаните. Безбедносните аналитичари велат дека поголемата слика е дестабилизација на Балканот кој сака евроинтеграција и зад нив стои моќен центар.

Македонските власти се децидни, лажните дојави за бомби се хибридна војна. Министерството за внатрешни работи интензивно соработува со НАТО и партнерските служби од другите земји во обиди да се откријат сторителите, велат тие.

„Скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата“. Ова е ставот на премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање што се презема за да се најдат дојавувачите на бомби.

Средни и основни училишта, трговски центри, станбени згради, министерства и други институции речиси три месеци се мета на лажни дојави за поставени бомби во земјава. До сега полицијата соопшти дека е поднесена една кривична пријава до Обвинителството против малолетник кој е осомничен дека од компјутерот на маајка му креирал електронска адреса преку провајдер што нуди нуди криптирање и заштита на комуникацијата и на 4 декември испратил заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.

Заканувачки пораки од анонимна електронска адреса со еден клик речиси секојдневно пристигнуваат до неколку институции. Бомба до сега не е пронајдена, но алармот кој го покреваа дојавите за нив шири паника меѓу луѓето и ги истоштува безбедносните капацитети.

И во регионот слична ситуација

Слична е ситуацијата и во регионот каде што од март годинава, српски, хрватски, босански и црногорски полицајци од антитерористичките единици работното време го поминуваат на терен во проверка по лажни дојави за поставени бомби.

Професорите по безбедност тврдат дека зад хибридната и софистицирана војна во регионот која има за цел негова дестабилизација, стои еден добро организиран центар кој со ширење на страв работи на дестабилизација на државите.

Претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани смета иницијалната каписла за хибридните напади е осудата од земјите од регионот на руската агресија врз Украина.

„Мислам дека е јасно дека сето ова има еден извор, а тоа е Путиновата Русија која на еден начин шири страв низ земјите каде што мисли дека може да има некакво влијание со тоа што употребува хибридна војна односно најави за бомби. Треба да бидеме свесни дека постои посебен баталјон во Санкт Петерсбург во руската федерација кој се бави со хибридни војни и кибернетички напади и тој таканаречен баталјон на Санкт Петерсбург се ангажира со сите потенцијали за овој вид војна и секаде каде што мислам дека треба да ги употребуваат овие методи за напади ги употребуваат“ вели Рамадани.

Хибридните напади се закани кои имаат цел да поткопаат или наштетат на нечиј углед и статус, независно од тоа дали станува збор за индивидуа, колектив, институција, држава. Тие се комбинација од воени и невоени средства, вклучувајќи дезинформации, сајбер-напади, економски притисок.

Според професорот за безбедност Стеван Буџаковски, во потрагата за тоа кој стои зад хибридните мерки треба да се погледне и во домашниот но и соседниот двор.

“Јас сметам дека одредени политички субјекти, дали е тоа од Македонија или од соседните држави користат вакви современи методи на хибридни средства за дестабилизација за постигнување на политички цели“.

Буџаковски додава дека не може да се исклучи ни тезата дека во позадина може да стои и центар кој има интерес да го дестабилизира Балканот кој има интерес да се интегрира во ЕУ.

Според Рамадани во иста линија можат да се поврзат и последните случувања во Косово со другите обиди за дестабилизација во регионот преку разни хибридни напади. Ѕвечкањето со оружје може да биде многу ризична работа вели тој.

„ Имаме и екстра ангажираност на меѓународниот фактор во тој дел и се надевам дека нема да дозвлат да се отвори ново жариште“ вели Рамадани.

Зачестените сајбер напади на државни сајтови го вклучуваат црвениот аларм

Во меѓувреме, македонските институции и нивните системи но и веб страници беа мета на кражби на податоци и хакерски напади.

Албанија инвестира 2,8 милиони евра за модернизација на серверите, по иранските хакерски напади

Албанските власти неодамна открија дека зад напади на албанската кибернетичка мрежа и постојано објавувањето мејлови и документи на високи функционери, стојат ирански хакери.

Причината за долготрајноста на хибридните закани како и неоткривањето на крајниот сторител, Рамадани ја гледа во слабата ИТ инфрастуктура на земјите од регионот. Тој смета дека ако Македонија и Албанија не беа членки на НАТО дури и полошо ќе поминеа.

“Албанија и Македонија сме веќе врзани со експертска инфраструктура ( во НАТО ) која треба да биде софистицирана одбрана од овие напади, но ние се уште како земји немаме развиена инфраструктура за такво опонирање и користиме совети и знаење, да се постават и технолошка база која ќе одговара на ваквите напади, особено во откривањето и неутрализирањето на овие напади“, вели Рамадани.

Македонија како членка на НАТО има обврска да ги подготви институциите и да ја зголеми отпорноста на хибридните закани, па за таа цел во 2021 година беше донесена Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани. Но, поради специфичноста и сложеноста на овој тип на закани, безбедносните структури треба координирано да реагираат со цел превенција на ваквите појави, децидни се експертите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG