Достапни линкови

Нанев – Не поставивме црвена линија во судството


Нанев – Не сум задоволен од ажурноста на судството
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:21 0:00

Лазар Нанев, претседател на Основниот суд во Кавадарци и претседател на Комисијата за дигитализација на судството.

Постојано се говори дека имаме политички влијанија или притисоци врз судството, но за мене многу поопасни се внатрешните влијанија или неединството во судскиот систем. Немаме црвената линија на саморегулација, на заштита на независноста на судството, вели судијата Лазар Нанев во интервју за РСЕ.

Господине Нанев, разговорот го водиме во најголемата судница во скопскиот затвор Идризово, којашто беше свечено отворена, речиси три години од нејзината изградба. Зошто се чекаше толку за да биде пуштена во функција?

Се работи за донација од страна на меѓународните организации којашто требаше да ја имплементира Министерството за правда, односно Управата за извршување на санкции, меѓутоа одредени финансиски аспекти и одредени бирократски процедури коишто се вообичаени за нашиот управен систем доведе до тоа да се пролонгира нејзиното ставање во функција. Затоа овие денови, за неполни 30-тина дена, успеавме целосно да ги имплементираме сите активности коишто беа неопходно потребни, а тоа се ентериерното уредување на судницата, како и обезбедување и инсталирање на најсовремената дигитална опрема, која што е неопходна за да биде ставена во функција самата судница, но и да обезбеди судење во реалноста.

Во меѓувреме, државата трошеше стотици илјади евра за транспорт на притвореници до судовите, нешто што можеше да се избегне доколку процедурите беа побрзи и поревносно се реагираше за еден изграден објект да се стави во функција.

Точни се вашите констатации. Не само стотици. По однос само на транспортните трошоци и трошоците коишто се однесуваат на обезбедувањето на транспортот на обвинетите лица за непречено судење надминуваат милионски суми. Некаде околу 2,2 милиони евра должи или има обврска правосудството да ги исплати токму на оние коишто го обезбедуваат транспортот на осудените лица од притворот Шутка. Меѓутоа, самата судница претставува само еден сегмент од целокупниот процес на целиот проект, бидејќи во многу скоро време треба да започне процесот на изградба на притворското одделение, што значи дека дополнително ќе се намалат и трошоците и ресурсите, а истовремено ќе се зголеми ефикасноста и ажурност во постапувањето во таквите големи предмети кога имаме голем број осудени лица.

Кој го држи судството како заложник?

Постојано се говори дека имаме надворешни влијанија, првенствено се мисли на политичките влијанија или притисоци коишто се случуваат, меѓутоа за мене многу поопасни се внатрешните влијанија или би рекол неединството коешто постои во судскиот систем на сите нивоа, почнувајќи од основните, апелационите, Врховниот суд, Судскиот совет. Особено би сакал да истакнам во оваа насока дека од особена важност е што ја немаме поставена црвената линија на саморегулација, на заштита на независноста на судството.

Американската амбасадорка изјави дека е збунета од изборот на гостиварскиот обвинител Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Во јавноста излегоа фотографии од него во друштво на функционери од ДУИ. Во изборот за шеф на вишото скопско обвинителство кандидатурите ги повлекоа обвинителите Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми, па остана само обвинителот Мустафа Хајрулаху, за кого албанската опозиција во земјава, тврди дека исто така е близок со функционери од ДУИ. Дали ДУИ сега ги влече конците во обвинителството?

Не можам да одговорам на ова прашање дали ДУИ ги влече конците или не. Посебно од аспект што едно од основните начела на правосудниот систем, односно и на јавното обвинителство и на судството, е целосна деполитизација, односно целосна департизација. Не би смеело и не смее ниту судија ниту јавен обвинител да членува или да биде соучесник во какви било политички активности. Самите јавни обвинители го вршеа изборот. Сега се поставува едно контрадикторно прашање – Како кога јавните обвинители на непосредни и тајни избори го вршат изборот на јавниот обвинител, ние имаме сериозен сомнеж? Тоа остава слика за самите јавни обвинители, односно на нивниот сопствен интегритет, на нивните капацитети, односно на нивната независност при моментот на заокружување на изборот на самиот кандидат. Тоа значи дека во иднина сериозно мора да се посвети внимание кој сè може да биде избран, не само за јавен обвинител, туку и за судија и каков е неговиот интегритет или капацитет да се врши влијание при избор на вакви исклучително престижни функции.

Вие со децении сте дел од судскиот систем. Граѓаните се незадоволни од судскиот систем. А вие?

Лично не сум задоволен од начинот на функционирање, кога зборуваме за големата слика за правосудството, посебно во делот за неговата ефикасност и ажурност. Долготрајното водење на судските постапки со години, лошиот пристап до правда, неажурноста на судството дефинитивно ја создава таа слика. Секоја долготрајност на постапката и траење повеќе од една година создава сомнеж во јавноста дека нешто се случува во позадина. Меѓутоа, причините за едно такво однесување и за долготрајност на постапката не секогаш треба да се бараат само во судството. Тука се и странките во постапката, односно квалитетот на јавно обвинителските одлуки, пред сè мислам на обвиненијата коишто се поднесуваат од страна на јавните обвинители и местото и улогата на бранителот во постапката. Исто така, посебно во последното време, особено во случаите коишто се особено актуелни и се однесуваат на организираниот криминал, долгото траење на вештачењата, односно на постапките на вештачење коишто траат со години.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG