Достапни линкови

Дали „странско тело“ ќе го оправи македонското судство?


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Никој не е изнедаден од „збунетоста“ на американската амбасадорка Агелер од изборот на новиот шеф на ОЈО за организиран криминал. За судиите, ова е поттик за повеќе работа. За експертите- доказ за потреба од странско тело место пари за правосудството. За властите пак - дека има потреба од реформи.

Изборот на новиот шеф на ОЈО за организиран кримитал Ислам Абази, кој потекнува од селото на лидерот на ДУИ Али Ахмети и има доста познатства со челниците на партијата, ја збуни американската амбасадорка Анџела Агелер, меѓу другото, и поради тоа што САД низ годините потрошија, како што рече „милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем.

Агелер вели граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит) и низ транспарентни процеси, а политичкото мешање нема место во овие постапки.

Од бројни обуки, конференции и тренинзи, преку систем за делење предмети во судовите, па се до формирање посебна Академија за судии ќе беа невозможни без проекти и странска помош во земјава. Голем дел од овие пари дојдоа од САД, западните држави и Европската Унија, со единствена цел, земјава да добие правосуден систем по западен терк.

АКМИС - за делба на предмети кај „свои“ судии

Голем дел од овие странските вложувања беа злоупотребувани низ годините во лавиринтите на правосудството.Како на пример, во случајот со автоматизираниот систем за управување со судски предмети -АКМИС, воведен за да се исклучи човечкиот фактор при распределбата на предмети кај судиите, и да се реши горливиот проблем со „местенки кај свои судии“. Платен од САД, АКМИС-от проработе во 2010 година, благодарение на проектот на УСАИД, па беше функционален во сите 34 судови во земјава.

Ама откако во извештајот на Прибе се појавија индиции оти судските предмети не се распределуваат преку АКМИС, стана очигледна потребата и од негова контрола. Проблемот дополнително се разгоре кога предметите на Специјалното јавно обвинителство „се паднаа“ кај судии познати во јавноста по блиските врски со тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Ревизијата во 2017 година покажа дека Кривичниот суд Скопје, Апелациониот и Врховниот суд не ги почитувале процедурите на АКМИС, односно наместо комјутерот, предметите ги доделувале претседателите на судовите. Осуден беше само поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски.

СЈО - од надеж, до амбис

Проблемот со АКМИС беше тесно врзан и со Специјалното Јавно Обвинителство. Формирано по Пржинскиот договор, со безрезервна поддршка на Западот, тоа требаше да помогне за расчистување на сомнежите за бројни злоупотреби и криминал од страна на некогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Ако за нов АКМИС-от сега е ветена норвешка донација за понезависно судство, спас за СЈО веќе нема.

Тоа заврши во сенка на скандалот со случајот „Рекет“ во кој меѓу осудените беше и неговата некогашна шефица Катица Јанева. Јанева пред да стане шефица на СЈО беше едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а меѓу завршените обуки и стои и студискиот престој во САД за Закони за кривична постапка, но и висока обука за борба против мафија и организиран криминал, во Италија.

Се чини тоа не беше доволно за справување со македонскиот криминал, Јанева заврши зад решетки, а јавноста престана да зборува за женската тројка ( Катица Јанева, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи) која во едно време влеа надеж за иднината на судството.

СЈО од почетокот ја имаше поддршката на Американската амбасада, а помошта стигна и преку обуки, дел од нив во САД. Зачудување во јавноста имаше кога Ленче Ристовска не беше избрана за виша јавна обвинителка, но и деновиве откако Фатиме Фетаи се откажа од трката за шеф на скопското обвинителство.

Со странски проект до Академија за судии и јавни обвинители

Ако не беа странските пари, немаше да биде формирана ниту Академијата за судии и јавни обвинители. Основана во 2006 година, со целосна поддршка на проектот КАРДС, а потоа и европските ИПА проекти, Академијата требаше да го дигне квалитетот на судството.

Како што ќе појасни и самата нејзина директорка, Наташа Габер, странската помош и странските обуки се исклучително важни за функционирање на Академијата. Благодарна е на нив и горда, бидејќи како што вели, тоа е поттик да стануваат подобри. Академијата е задолжена за континуирана едукација на судиите и јавни обвинители во земјава, а последната осма генерација има рекорден број од 97 учесници.

Критиките на Агелер, Габер вели дека ги примиле како поттик за засилена работа.

„Одговорот на ова што амбасадорката го кажала е само понатамошни поголеми заложби и поинтензивна обука. Друг одговор мислам дека нема. Само на таков начин мислам дека можеме да ја подобриме сликата на правосудството, да се остручат и понатаму специјализираат нашите кадри и да можеме да имаме подобар рејтинг на правосудството од оној којшто денеска се евидентира“, вели директорката на Академијата.

Габер: Многу е важна странската помош за Академијата на судии
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:29 0:00
Директен линк

Во меѓувреме, и новите истражувања покажуваат дека довербата во судството останува ниска. Само 8% од македонските граѓани им веруваат на правосудните органи, покажа последната анкета на Евротинк.

Странско тело за македонско правосудство

Аналитичарот Башким Селмани вели дека сета ова досега покажало дека партнерите кои инвестирале во нашиот правосуден систем, немаат успех. Излез гледа во тоа реформите да доаѓаат од фелата, а не од политичарите. Неговиот предлог е место влез на странски пари како досега, да се формира странско тело со странски експерти кои ќе ги водат реформите.

„Како во Бугарија, Романија Унгарија и други држави каде било успешно. Единствено независно тело може да се бори против политичарите“, дециден е Селмани.

Агелер уште пред да дојде во Македонија како како нова амбасадорка на САД, на сослушувањето во Сенатската комисија за надворешни работи рече дека ќе работи „да ѝ помогне на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“.

Нејзината загриженост пак за изборот на Абази, беше примена со согласност од владејачкиот врв. Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека начинот на изборот на Абази покажува дека се потребни дополнителни реформи во правосудството.

„Јас се согласувам со изјавата на Американската амбасада. Морам да бидам искрен. Можам тука да ви кажам слободно дека како претседател на Владата и како Влада, зборувам министрите, ние немавме никаков удел во изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, со оглед на тоа дека се работеше за непосреден избор помеѓу самите обвинители и фелата“, се правдаше Ковачевски.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пак синоќа истакна дека реакцијата на Агелер е принципиелна, и додаде дека ДУИ за ова прашање веќе со години бара сеопфатен ветинг.

Агелер е на почетокот на својот мандат во Македонија.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG