Достапни линкови

„Сиромашните во затвори, богатите дома со докажана вина“ - Ваши коментари


Затвор Идризово
Затвор Идризово

„Веќе никој не верува во судство, умираат по затвори сиромашни, богатите седат дома иако се докажа нивна вина. Како да ви верува некој?“, гласи еден од коментарите на читателите на РСЕ по интервјуто со државниот обвинител Љубомир Јовески, кој вели дека Обвинителството не е селективно. И односите Македонија - Бугарија секогаш се предизвик за коментирање на социјалните мрежи.

„Обвинителството не е селективно, има отворено предмет за висок функционер во Владата, за државен секретар во едно од министерствата, потоа за обвинители, судии...“, вели покрај другото јавниот обвинител, Љубомир Јовески, во неделното интервју за РСЕ.

Јовески - Пожарот во Тетово почнал при реанимација на пациент
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:33 0:00

Со три Смешковци, Драги Арабаџиев коментира на нашата ФБ страница: „Ама никако да ги стигне“, а Ѓорѓи Поп Андонов додава: „Да видиш да не веруваш“. И нашиот редовен посетител, Лута Ахмети, со заклучок: „Веќе никој не верува во судство, умираат по затвори сиромашни, богатите седат дома иако се докажа нивна вина. Како да ви верува некој?“ Влатко Ивановски со конкретни примери и прашање му возвраќа на јавниот обвинител: „За овие 5 години дали некој од власта завршил во затвор? Што е со 215 пасоши дадени на белосветски криминалци? Со шверцот на цигари и алкохол во дипломатска пратка за Италија? Со дрогата во полициско возило на црногорска граница? Вие ниту истрага не поведовте“.

Односите Македонија - Бугарија секогаш се предизвик за коментирање на социјалните мрежи. МНР на Бугарија со соопштение реагираше за приемот на претставници на здружението на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин кај претседателот на државата, Стево Пендаровски. Од Кабинетот на претседателот реакција со неговиот став: „Ниту една постапка не е во спротивност со Договорот за пријателство вклучувајќи ја и средбата со здруженија на граѓани на Република Бугарија“.

Вашите реакции се различни. Сребран Стоичов смета дека реакцијата на бугарското МНР е „безобразна и правдањето е непотребно“. „Зарем некој смета дека Претседателот на РСМ требало да ја одбие бараната средба или да бара согласност и инструкција за средбата од страна на бугарското МНР?“ – додава Стоичов. Живко Марковски му забележува на Пендаровски: „Зошто ги викаш членовите на ОМО Илинден- граѓани?“, а Николчо Петров со мислење: „Безграничното лицемерие и подмолност на бугарските политичари!“ Гоги Апостолоски напишал: „Требало во фаца да им ги фрли 15-те пресуди (на Судот за човекови права во Стразбур. н.з.) за што сорта луѓе се работи“, а Ѓорѓи Петров го повикува шефот на дипломатија: „Каде си Бујаре Османи, МНР на Бугарија му дели лекции на Претседателот Стево Пендаровски, а ти молчиш...“

За разлика од политичките теми и проблеми, она што ни се случува во сообраќајот, особено во главниот град, како да не ги допира граѓаните. За една недела загинаа три лица на скопските улици, двајца на пешачки премин. На раскрсницата кај Сити Мол, каде што пред некој ден на пешачки премин беше прегазена млада девојка од Радовиш, се одржа протестен собир со мото: „Стоп за сообраќајното насилство“. Навистина зачудува: има само еден ваш коментар, од Драги Арабаџиев: „На сите страни НАСИЛСТВО. Тоа е веќе секојдневица“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG