Достапни линкови

Вести

Вархеји: БиХ би можела да добие кандидатски статус следниот месец

Еврокомесарот Оливер Вархеји
Еврокомесарот Оливер Вархеји

Европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеjи потврди дека Босна и Херцеговина следниот месец може да добие кандидатски статус за членство во ЕУ. „Во рамките на Европската комисија ги удвоивме нашите напори да ги ставиме на маса предлозите за проширувањето. Оваа година веќе им дадовме кандидатски статус на Украина, Молдавија и Грузија и верувам дека оваа година ќе имаме уште една позитивна одлука за БиХ“, рече Вархеји на прес-конференција во Барселона, каде што се одржува Форумот на 43 земји на Унијата за Медитеранот.

Годишнина од потпишувањето на Дејтонскиот договор

Тој наведе дека со тоа даваат „нов живот на проширувањето“, но истакна дека проширувањето е процес кој бара многу. Последна земја што стана членка на ЕУ беше Хрватска во 2013 година. Првиот дел од Форумот на Унијата за Медитеранот, организација создадена во 2008 година, е посветен на прашањата за безбедноста на снабдувањето со храна и енергија под влијание на конфликтот во Украина. Вториот дел е посветен на безбедноста и миграцијата во соседството на ЕУ.

види ги сите денешни вести

Средба Пендаровски - Зеленски: Северна Македонија ја поддржува Украина за членство во ЕУ и НАТО

Володомир Зеленски, Стево Пендаровски и Еди Рама во Тирана, 28 феврауари 2024 година
Володомир Зеленски, Стево Пендаровски и Еди Рама во Тирана, 28 феврауари 2024 година

Последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамки на нејзините меѓународно признаени граници биле тема на разговор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со неговиот украински колега, Володимир Зеленски во рамки на самиот Украина - Југоисточна Европа во Тирана.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, Пендаровски на средбата го реафирмирал ставот дека Северна Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Русија врз Украина.

Како што се наведува во соопштението, претседателот Пендаровски навел дека Северна Македонија се приклучила на Кримската платформа, ја усвоила Декларацијата за осуда на воените напади против територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и се приклучила на Заедничката декларација на Г-7 за поддршка на Украина, на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и го поддржала формирањето на Специјалниот трибунал, кој ќе ги истражува и гони злосторствата на агресија извршени од Русија.

„Претседателот ја поздрави одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ и истакна дека Северна Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата“, стои во соопштението.

Украинскиот претседател Зеленски, како што се посочува во соопштението, изразил благодарност за цврстата позиција и севкупната поддршка што Украина ја добива од Северна Македонија.

На денешниот самит во Тирана, кој се одржа на покана на албанскиот премиер Еди Рама, присуствуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, заедно со уште неколку лидери на Југоисточна Европа.

Нобеловиот комитет вели дека затворањето на Орлов е „политички мотивирано“

Активистот за човекови права Олег Орлов во судницата за време на читањето на пресудата, Москва, 27 февруари 2024 година.
Активистот за човекови права Олег Орлов во судницата за време на читањето на пресудата, Москва, 27 февруари 2024 година.

Норвешкиот Нобелов комитет оцени дека затворањето на Олег Орлов, копретседател на руската група за човекови права Меморијал, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година, е „политички мотивирано“.

Во вторникот, 70-годишниот Орлов беше прогласен за виновен за дискредитација на руските вооружени сили и осуден на две и пол години затвор.

„Казната на која беше осуден Орлов беше политички мотивирана, што е уште еден показател за зголеменото непочитување на човековите права и слободата на говор во денешна Русија“, рече Јорген Фриднес, претседател на норвешкиот Нобелов комитет.

Како што јави Радио Слободна Европа на англиски јазик, тој додаде дека режимот на рускиот претседател Владимир Путин „долги години се обидува да го замолчи раководството на Меморијалот и другите важни граѓански организации во Русија“.

„И сега ја користат војната против Украина како изговор за да ја завршат работата. Сепак, важно е дека нема да успеат“, рече претседателот на норвешкиот Нобелов комитет.

Организација Меморијал ја доби Нобеловата награда за мир за 2022 година за, како што рече, извонредните напори во документирањето на воените злосторства, кршењето на човековите права и злоупотребата на власта во поранешниот Советски Сојуз, како и во постсоветска Русија.

Во вторникот, непосредно пред објавувањето на пресудата, Орлов повторно се изјасни за невин и рече дека руските власти забраниле „секое независно мислење“.

„Децата и внуците на руските функционери ќе се срамат да кажат каде служеле и што правеле нивните татковци, мајки, дедовци и баби. е најлошата казна и таа е неизбежна“, изјави Орлов.

Во октомври тој беше казнет со 150.000 рубли (околу 1.500 евра) за дискредитација на руската армија во колумна напишана за француското онлајн издание Медиапарт.

Во средината на декември, судот во Москва ја укина таа пресуда и го врати случајот на Орлов на обвинителите, кои се пожалија на „премногу лесната“ казна.

На почетокот на овој месец, истражителите додадоа обвиненија против Орлов, велејќи дека неговите наводни злодела биле мотивирани од „идеолошко непријателство против традиционалните руски духовни, морални и патриотски вредности“.

Тој инаку стана познат како еден од водечките руски активисти за човекови права, откако беше ко-основач на организацијата Меморијал, по распадот на Советскиот Сојуз. Од 2004 до 2006 година, Орлов беше член на Претседателскиот совет за развој на граѓанското општество и институциите за човекови права.

За неговиот придонес за човековите права во Русија, во 2009 година ја доби наградата Сахаров, меѓународна награда за поединци или групи кои го посветиле својот живот на одбраната на човековите права и слободата на изразување.

Абдуш Демири е избран за член на ДИК

Седница на Државната изборна комисија (архива)
Седница на Државната изборна комисија (архива)

Без расправа, Собранието на Република Северна Македонија во рамки на 145 седница, го изгласа Абдуш Демири за член на Државната изборна комисија (ДИК). За одлуката гласаа 90 пратеници, без ниту еден глас, против и воздржан.

Демири беше предлог за член на ДИК од коалицијата на албанските партии обединети во Европски сојуз за промени.

Вториот кандидат, кој се повлече, беше Зуљфи Адили бидејќи Владата на предлог на Зијадин Села од Алијанса за Албанците го именува за директор на Агенцијата за странски инвестиции.

Со изборот на Абдуш Демири се комплетира составот на Државната изборна комисија. ДИК повеќе месеци беше без седмиот член, откако Кренар Лога стана министер за правда.

Ќе нема повеќе гарантирани цени во маркетите, Битиќи најавува контроли и казни

Илустрација
Илустрација

Од 1 март 2024 година, завршуваат владините мерки за гарантирани цени на прехранбените производи.

Пазарните и трудовите инспектори од задутре ќе бидат на терен и за секое евентуално зголемување на цени што излегува од секоја нормална пазарна логика соодветно ќе реагираме, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Битиќи порача дека секое неетичко однесување на кој био трговец ќе се казни на најсериозен начин. Повторно повика да се изгласа Законот за нефер трговски практики, а ако има потреба да реагират и Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачите.

„Јас сум конзистентен, секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни на најсериозен начин. Што тоа ќе значи знаеме од минатото. Сметаме дека конечно лекцијата е добиена, дека во државата освен добивање бизнис и креирање профит мора да имаме морал и етика кај компаниите. Сметам дека замрзнувањето на цената е една од мерките која не содветствува со пазарната економија, треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а секако останува за бизнисмените и тие да се однесуваат соодветно“, изјави Битиќи.

Според него, Комисијата за заштита на конкурентноста, како и Организацијата за заштита на потрошувачи се најповиканите коишто треба да реагираат секогаш кога има вакви случувања, а најсоодветно решение е да се изгласа законот за нефер трговски практики.

Доколку има потреба, најави дека повторно ќе појде во Комисијата за заштита на конкурентноста и лично ќе поднесе претставка за компаниите. Битиќи беше во Комисијата пред половина година и му беше најавено дека има процедури за да се поднесе претставка.

Министерството за економија веќе најави дека нема да биде продолжена мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов и ќе се чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој очекуваат да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

Вучиќ: На барање на Србија во декларацијата од Тирана нема санкции против Русија

Александар Вучиќ, претседател на Србија
Александар Вучиќ, претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во декларацијата договорена на самитот за Украина во Тирана не се спомнуваат санкции против Русија или малигно руско влијание.

Вучиќ во изјава за новинарите рече дека дискусиите за предлогот за декларацијата траеле „цел ден и ноќ“ и дека на барање на Србија се исфрлени точките за воведување санкции против Русија и малигното влијание на Русија, како и термините „нашите држави“ и „нашите земји“ кои се споменати во неколку точки.

Тој рече дека тоа е направено на барање на Србија, додавајќи дека декларацијата што ја подготвија Европејците и Украинците „не е едноставно“ прашање за Белград.

Вучиќ рече дека барањето на косовската претседателка Вјоса Османија да не се отстранат овие точки не е фер, додавајќи дека тогаш предложил да се вклучат и некои други земји за кои Србија смета дека имаат малигно влијание.

„И покрај желбата вистински да го поддржиме меѓународното јавно право и нашите украински пријатели, не можеме да го прифатиме тоа“, додаде претседателот на Србија.

Вучиќ рече дека разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ќе имаме посебна билатерална и ние како земја која мина низ тешки периоди можеме да се разбереме“, рече тој и додаде дека се надева оти Србија ќе продолжи да гради пријателски односи со Украина.

Србија е единствената земја од Западен Балкан која не воведе санкции кон Русија, по нејзината инвазија на Украина која започна во февруари 2022 година.

Официјален Белград поддржа неколку резолуции на Обединетите нации кои се противат на руската инвазија.

Буџетот за основна дејност на МАНУ е помал за 40 отсто, вели новиот претседател Попов

Зградата на МАНУ во Скопје
Зградата на МАНУ во Скопје

„Нема врвна наука без финансии и нема напредно општество со маргинализирање на науката“, порача новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов, во неговото експозе, откако на крајот на ноември беше избран за прв човек на Академијата за мандатниот период 2024 – 2027 година.

Тој се осврна на реализираното во 2023 година, како што рече, „извонредно богата и содржајна научно-истражувачка и уметничка дејност“ со вкупно 67 проекти, навремено и успешно реализирани и покрај, како што рече, континуираниот пад на средства за основната дејност на МАНУ.

И покрај „максимално лимитираните буџетски средства“, Академијата лани имала и богата издавачка дејност и објавила 24 изданија со вкупен обем од 7.000 страници. Членовите учествувале на над 90 научни и стручни собири, од кои 63 во странство. Попов посебно го истакна учеството на МАНУ во подготовката на Националната стратегија за развој на Северна Македонија до 2040 година.

И Програмата на МАНУ за 2024, во која се предвидени 84 научно-истражувачки и уметнички проекти од различни области, ќе зависи од одобрениот буџет кој, како што соопшти Попов, за основната дејност на МАНУ е намален за повеќе од 40 отсто во однос на почетокот на претходниот мандатен период.

Соопшти дека фондот за научно-истражувачка и уметничка дејност во 2019 изнесувал 23 милиони денари, постојано се намалувал и во 2024 на Академијата и се доделени само 13 милиони денари.

„Со новото раководство ќе продолжам посветено да работам за Академијата, за понатамошно зајакнување на институционалниот капацитет на МАНУ и нејзиниот дигнитет како највисока, самостојна научна и уметничка институција која скоро 60 години е еден од главните столбови на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите на другите народи“, истакна Попов.

Во приоритетите на неговата работа тој ги посочи зголемување на бројот на научно-истражувачки проекти, зајакнување на соработката, пред се, со академиите од регионот, дијалог и доверба во самата Академијата и соработка со универзитетите и државните институции, нејзината советодавна функција во општеството и улога на медијатор во решавање на проблемите на Северна Македонија.

Во експозето, Попов вели дека научно-истражувачката работа во Северна Македонија е потценета бидејќи за неа се издвојува само 0,3 отсто од БДП.

„МАНУ треба да биде обединител на општествената наука и да застане на чело на научната јавност во државата за подобрување на состојбите во науката. Исто така, мора да има главен удел и во создавањето квалитетни млади научници“, рече новиот претседател на МАНУ.

Попов вети дека ќе се залага и за формирање посебно Министерство за наука и силен фонд за наука при Владата во кој распределбата на средствата ќе ги прави посебна експертска комисија.

Новиот претседател на МАНУ и новиот состав на нејзиното Претседателство, чиј мандат почна на 1 јануари 2024, беа избрани на собрание на Академијата на 27 ноември 2023

Лажни дојави за бомби во Охрид и Кратово

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Вработена во кабелски оператор во Кратово денеска околу 10:30 часот во СВР Куманово пријавила дека преку смс-порака добиле закана за поставена експлозивна направа.

Како што информира МВР, веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки и извршена е проверка на локацијата, по што е констатирано дека се работи за лажна пријава.

Повеќе лажни дојави за бомби се регистрирани и во охридскиот регион.

Два деловни објекти, едно училиште, еден хотел и една такси компанија денеска биле мета на лажна дојава на бомби, соопшти СВР Охрид.

Според информацијата, во полиција било пријавено околу 10 часот, а по деталните проверки било констатирано дека се работи за лажни пријави.

Полицијата презема мерки за расчистување на случаите, по што во координација со јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Собранието не ги изгласа измените на законот за продолжување на рокот на пасошите

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Граѓаните, сепак, ќе мора да ги заменат старите пасоши со нови на кои ќе пишува „Северна Македонија“. Во Собранието не поминаа измените на Законот за патни исправи, кои беа предложени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а со кои се бараше продолжување на важноста на старите пасоши со Република Македонија до крајот на 2024 година.

Против измените на законот гласаа 54 пратеници, додека 46 беа “за“.

Како што објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, против законските измени гласале пратениците од владејачкото мнозинство.

„Со ова, за жал, СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило 600.000 македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење, а на голем дел со ова им се загрозени нивните работни дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија“, напиша пратеникот Милошоски на Фејсбук.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, вчера на 27 февруари одговарајќи на новинарско прашање изјави дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

Пред почетокот на денешната седница на 28 февруари ставот го споделија и од Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија. Од таму велат дека за Северна Македонија е важно да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Но, дека признавањето на патните испрати е работа на секоја држава поединечно.

Промената на личните и патни исправи е обврска од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име на државата, па граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени.

Законите за стратешки инвестиции повлечени, па пак поднесени, за да се отстранат дилемите во јавноста

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи

Предлог-законите за четирите стратешки инвестиции од областа на енергетиката, вчера се повлечени од седница на Влада и повторно поднесени за да се елиминираат сите недоумици, веќе се во Собранието, со интервенции во договорите и со избришани членови во два од законите по укажувања од институциите, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој посочи дека Комисијата за заштита на конкуренција има дадено мислење по основ на сите договори на 7 февруари, но нагласи, „тоа некој не сакал да го види и за да нема такви недоумици ги повлекле законите“.

„Во јавноста меѓу кои и вие како новинари укажувавте дека немало мислење на Комисијата за заштита на конкурентност, па немало мислење на Државното правобранителство. За да ги елиминирам сите овие недоумици беа повлечени законите. Во системот се сите мислења со датуми многу поодамна, од Државно правобранителство со позитивно мислење од 23 јануари, некаде 20-ина дена пред да бидат првично испратени законите во Собрание, но некој не сакал да ги види или не требало да се видат. Комисијата за заштита на конкуренција има дадено мислење по основ на сите договори на 7 февруари и тоа некој не сакал да го види и за да нема такви недоумици ги повлековме законите. Во меѓувреме, ги видовме мислењата коишто се дадени, дали имаат одредени укажувања, направени се одредени интервенции во самите договори и во два од законите избришани се одредени членови коишто во овој момент Комисијата за заштита на конкурентност имаше одредени укажувања“, изјави Битиќи одговорајќи на новинарско прашање.

Како што информира, има интервенции за инвестиците на Митиленеос, Аим греен и кај сите четири договори кои заради транспарентност се дадени на увид во Собрание.

Во Собранието по скратена постапка се доставени Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект Митилинеос, когенеративна постројка Скопје, Предлог законот за реализација на Стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ и Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект соларна електрична централа - Пехчево.

Пендаровски: Целосна поддршка за патот кој ќе го избере Украина

Володомир Зеленски, Стево Пендаровски и Еди Рама во Тирана, 28 феврауари 2024 година
Володомир Зеленски, Стево Пендаровски и Еди Рама во Тирана, 28 феврауари 2024 година

„Целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина. Ако тој пат значи волја и подготвеност за интеграција на земјата и во Европската Унија и во НАТО, тогаш ние, без двоумење, мора да го подржиме изборот на Украина“, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски на својот профил на Фејсбук.

Тој денеска (28 февруари) престојува во работна посета на Тирана, Република Албанија, каде што учествува на Самитот Украина – Југоисточна Европа.

Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ќе се обрати на пленарната сесија на Самитот, а ќе оствари и билатерална средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

На Самитот Украина - Југоисточна Европа во Тирана, на кој домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, а ко-домаќин е украинскиот претседател Володимир Зеленски, своето учество го потврдија претседателите на Република Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателките на Република Косово и на Република Молдавија, Вјоса Османи Садриу и Маја Санду, премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, како и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.

Тирана е под силни безбедносни мерки. За самитот се ангажирани речиси 1600 полицајци, вклучително и интервентни тимови и антитерористичката служба, уште 400 припадници на гардата ќе бидат во состојба на готовност, а антиексплозивни групи ја следат ситуацијата.

По самитот на Украина и Југоисточна Европа, в четврток ќе се одржи самитот на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за Планот за раст на тој регион. Се очекува и доаѓањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG