Достапни линкови

Дали е 'кул' да помогнеш некому?


Иустрација - Грантистите ги потпишаа договорите во просториите на МладиХаб
Иустрација - Грантистите ги потпишаа договорите во просториите на МладиХаб

Сѐ повеќе млади имаат „сенс“ кон другите, велат социолозите, но тоа сѐ уште не е доволно. Некои веќе работат и директно со социјално загрозени или маргинализирани луѓе. Националниот младински совет е една од организациите која ги поттикнува да формираат социјални претпријатија.

Здружение на граѓани од Неготино ќе обучува млади лица и лица од социјално загрозени категории да одгледуваат печурки и така да заработуваат, а битолска иницијатива ќе ги учи младите на занаети, со примена на виртуелна реалност.

Тие се едни од десетте компании и граѓански организации кои во следниот период ќе формираат свои социјални претпријатија. Од фондови на Европската Унија преку Националниот младински совет добија грантови да ги остварат нивните идеи да им помогнат на социјално загрозени или на луѓе од други загрозени и маргинализирани групи да најдат работа или полесно рамноправно да се вклопат во општеството.

Социјалното претпријатие Бренд Солушн преку платформа, ќе им нуди на лицата со попреченост да дојдат до работа од дома или воопшто до вработување откако претходно ќе ги обучат за дигитални вештини.

Елизабета Јовановска од „Бренд солушн“
Елизабета Јовановска од „Бренд солушн“

„Направивме бизнис концепт и модел за едукација на ранливи категории, конкретно лица со телесна попреченост, за да се посветиме на нивниот кариерен развој, кариерно советување и вработување како фриленсери или со полно работно време. Со оглед на тоа дека ние работиме во областа на модерната економија, на дигитализација, креираме дигитални работници кои можат да одговорат на новиот бран. Факт е дека дигиталните вештини на Балканот, не само кај нас, се потребни и недостасуваат во образовниот процес или како надградба на знаењето на кој било кадар“, изјави за РСЕ, Елизабета Јовановска, основачка на „Бренд солушн“.

Младиот џез тапанар, Дамјан Даневски, пак, понудил идеја за Инклузивна музичка школа за деца и младинци со типичен и атипичен развој, па ќе нуди специјализирана настава за лица со попречености.

Дамјан Даневски од Инклузивната музичка школа
Дамјан Даневски од Инклузивната музичка школа

„Освен дефектолози, во тимот ќе бидат вклучени музичари со огромно искуство, претежно на возраст од 27 до 35 години. Тие сакаат да го прават ова и да помогнат на секој можен начин за да мрднат работиве колку што можат повеќе“, вели Даневски за РСЕ.

Во овие проектти треба да бидат вклучени млади луѓе или треба да ги осмислат и спроведуваат млади, велат од Националниот младински совет.

Имаме ли емпатична младина?

Но колку младите покажуваат грижа за другите околу нив и колку сакаат да помогнат, ги прашавме оние кои добија финансии за своите проекти.

„Младите не дискриминираат. Тие се свесни за дигитализацијата, го прифаќаат новиот бран како нешто сосема нормално кое истовремено им нуди заработка и слобода. Младите сакаат да се дружат, да оснознаваат и да напредуваат. Повозрасната категорија е онаа која што има одредени бариери, а младите апсолутно не дискриминираат и многу повеќе придонесуваат во развој на овој процес, вели Јовановска од „Бренд Солушн“.

„Живееме во интересни времиња буквално, но секогаш има луѓе што сакаат да помогнат и колку повеќе тоа се случува мислам дека ќе вроди плод и понатаму повторно ќе се случуваат тие работи - сите да помагаат и да има повеќе емпатија“, додава Даневски од „Инклузивното музичко училиште“.

„Треба малку повеќе да се работи на дополнително развивање на емпатијата. Постои, но некако е потисната од факторите во општеството или од самата средина во која се наоѓаат младите луѓе - „да не не биде нешто доволно кул“ за да можат да ја покажат таа емпатија којашто ја чувствуваат. Може да им биде кочница самото општество и она што ќе кажат другите за нив доколку покажат отворено. Тие се емпатични и имаат голем потенцијал, но поради општеството на некој начин се држат до себе и не го прикажуваат тоа доволно отворено можеби“, истакна Јачевска од Здружението „ГРИТ“.

Како до шанса за себепромоција?

Професорката д–р Mарија Дракуловска Чукалевска, која предава Социологија на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека младите се насочени кон следење на глобалните вредности. Но колку се насочени кон инклузија и емпатија зависи од контекстот во кој живеат и од тоа со кои вредносни системи се врзани во семејството, училиштата, на универзитетите.

„Сѐ повеќе младите во македонското општество имаат 'сенс' кон другите и кон афирмација на вредностите како емпатија, споделување, хуманост и поврзување едни со други за постигнување на повисоки цели. Иако, сметам дека тој тип на однесување на младите кај нас сѐ уште не е на едно задоволително ниво. Треба повеќе да се работи и да се вложува во комуникацијата со млади за афирмирање на тие вредности и повеќе да се поттикнува поврзување со социјално загрозени категории на граѓани, бидејќи само така може да се постигне посакуваниот ефект“, изјави професорката Дракуловска Чукалевска за РСЕ.

Според неа, голема улога имаат социјалните и традиционалните медиуми, кои треба да им дадат значење на младите за тие да знаат дека учествуваат во креирање на општеството и да не се чувствуваат запоставени, како и да им се даде шанса за себепромоција.

„Ако тргнеме од синтагмата дека светот останува на младите, и на онаа нова генерација што доаѓа, тоа значи дека оние категории на граѓани пред таа генерација, треба да остават преку процесите на социјализација и културно прифаќање на вредностите и нивно пренесување, да остават на новата генерација да бидат прифатена“, додава професорката.

А важно е и самите млади да се почитуваат меѓусебе и да споделуваат, но и да бидат информирани, порачува таа.

„Ако јас знам нешто и вие знаете, а нѐ тангира, треба да го споделиме. Многу често во секојдневието гледам примери бидејќи работам со студенти, дека не споделуваат информации едни со други. Едно нешто што ќе им кажете, нема да го споделат со колегите. Треба да се работи на споделување, на искреност, на транспарентност. Младите не се доволно информирани. Многупати јас ќе ги прашам студентите - знаете ли за ова? Велат - појма немаме. Еден студент сега ми се јави, бидејќи сака да оди на Еразмус програма. Еден. А еден куп ги има. Или се плашат, или не знаат“, истакна Дракуловска Чукалевска.

Ако нема промоција, ќе нема ни поттик и така ќе шири пасивност и незаинтересираност меѓу младите генерации, па затоа треба да се охрабрат за да имаат самодоверба дека можат многу да постигнат и да бидат нечиј пример, заклучува професорката.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG