Достапни линкови

Средношколците со попреченост повторно без образовни асистенти


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Родителите чии деца со попреченост одат во средно, кое е задолжително, мака мачат со обезбедувањето образовни асистенти. Од МОН велат дека проблемот ќе се реши со новиот Закон за средно образование, кој никој не знае кога ќе биде донесен. Во меѓувреме, цели генерации се борат со системот.

И оваа година 1 септември беше проблем за многу родители чии деца со атипичен развој требаше да тргнат во средно училиште. Од МОН засега немаат податоци за тоа колкава е бројката на средношколци со попреченост во редовните училишта, бидејќи како што велат, таа ќе биде позната на крајот на месецот, кога ги добиваат извештаите во училиштата. Но и без тоа, средношколците од оваа група се оставени сами на себе, и на можностите на нивните родители.

Ако во основно, барем на хартија, проблемот со обезбедување образовни асистенти беше решен со донесувањето на новиот Закон за основно образование, абер нема од носењето на новиот Закон за средно образование. А најдебелиот крај од сето ова го извлекуваат најмаргинализираните - учениците со попреченост.

И додека сите креваат раце, некои деца едноставно немаат време за чекање, како Ерато Кардула, девојче со аутизам чии родители пред десетина години беа меѓу ретките што гласно зборуваа за оваа состојба и се изборија нивната ќерка да посетува настава во редовно училиште. Секако ова не одеше лесно во општество како македонското, но како што раскажува Домника Кардула, нејзината мајка, борбата вредела бидејќи Ерато била одлично прифатена во училиштето.

Првиот ден во средно училиште на Ерато
Првиот ден во средно училиште на Ерато


Но овој први септември, откако заврши деветто одделение, таа замина да учи во едно од средните училишта за деца со атипичен развој. Мајката раскажува дека имале разговори за упис во редовно средно училиште, но биле сериозно загрижени за тоа како нивната ќерка ќе се снајде во него.
Затоа, вели таа, наместо повторно од почеток да се борат со сите, како на почеток на основното, решиле да си го поштедат здравјето.

Капак на се бил и се уште нерегулираниот проблем со обезбедување образовни асистенти за овие деца, кој зависи од носењето на новиот Закон за средно. Дури во деветто одделение, Ерато успеала да добие асистент од државата, за сега повторно да не и следува.

„Секој 1 септември за нас е голем стрес, неизвесност, што понатаму, како ќе биде. Нашите желби се за тоа да се реши низ институциите и да оди глатко. Меѓутоа многу сме свесни, после толку години битка и со состојбата на нашите деца и со системот, дека искрена желба , искрено разбирање нема од ниту една институција“, искрена е Кардула.

Од Министерството за образование и наука велат дека проблемот со образовните асистенти ќе биде решен кога ќе се донесе новиот закон за средно образование. Но нема информации кога тој ќе биде донесен. За него се зборува со години, но процедурата е на самиот почеток, што значи дека прво треба низ дијалог со сите засегнати треба да се изготви предлог текст, па тој да мине низ јавна дебата. Потоа може да биде вратен на доработка или да помине како таков на владина седница, по што ќе треба да го усвојат пратениците во Собранието. А самото Собрание со месеци е блокирано од опозицијата која на овој начин се обидува да ја натера власта на распишување предвремени избори.

„Со изработката на новиот Закон за средно образование кој е во процедура, услугата ќе се воведе и во средните училишта, а во меѓувреме за оваа цел образовни асистенти за средношколци во општински средни училишта се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер“, се наведува во одговорот на МОН за тоа кога средношколците ќе добијат асистенти.

Смирувачките изјави од институциите не значат многу за Никола, ученик со Даунов синдром кој годинава е трета година во редовото скопско средно училиште „Методи Митевски Брицо“. Како што појаснува неговата мајка Сузана, првата година им минала онлајн поради пандемијата, втората успеале да добијат асистент преку проект на Црвениот крст, но оваа година сите креваат раце. Вели дека тропнала на секоја врата, но немало решение за проблемот со асистент за нејзиното дете. Затоа сега почна и со испраќање писма до сите релевантни инстуции за да се реши проблемот на средношколците со атипичен развој.

„Трета година пак истиот проблем си го имаме. Не знам дали ќе се реши воопшто. Зканот кога се донесе за основно.. не знам, не ми оди во глава со кој памет не го донесоа за средно. Значи децата завршуваат деветто, што ќе прават потоа. Треба да паузираме три години, четири, пет... кога ќе им текне да го донесат за средно. Хаос“, револтирана е Стојановска.

Никола ги средува своите книги по враќање од училиште
Никола ги средува своите книги по враќање од училиште

И во основно и во средно бројката на запишани ученици со атипичен развој е значително поголем во редовните учишта од оној во специјалните. Така лани во основно биле запишани 911 деца со попречност во редовните основни улилишта, додека во специјално тргнале 672 ученици. Истата година во редовните средни улишта се запишале 312 ученици со попреченост, додека во специјалните 231. Според Државниот завод за статистика, во земјава функционираат 4 специјални средни и 38 специјални основни училишта.

Професорката Јасмина Трошанска, која е и долгогодишен специјален едукатор вели без соодветна поддршка, децата со атипичен развој нема да успеат лесно да се снајдат во средното училишта. Посебно ако во основното редовно училиште ја добивале оваа поддршка и имале образовен асистент. Затоа смета дека училиштата ги прифаќаат овие деца најчесто од хумани причини, но немаат услови за тоа, пред се преку едуциран кадар. Оттука, не е изненадена од проблемот со обезбедување образовни асистенти кој се провлекува и годинава.

Вели дека се потребни системски промени, кои ќе почнат пред основно, а ќе продолжат низ целиот образовен процес. Забележува и дека многу често се греши при изборот на средното училиште поради немањето соодветна професонална ориентација.

„Ако во основните не е спремно, во средно е само потешко. Нашата цел е со средното образование децата со атипичен развој да ги подготвиме тие утре да бидат самостојни, независни граѓани на оваа држава, да можат да си најдат работа“, смета професорката.

Затоа вели дека сега државата создава социјални случаи од овие семејства.

„Со самото тоа што на семејствата од старт не им овозможува поддршка, голем дел од родителите не работат, едниот ќе ја остави работата за да помага со детето итн.. На почетокот кога ќе започне овој процес се осиромашува семејството, се губи квалитетот на живот, комплетно се менува и со тек на годините мислам дека доаѓа уште пострашно. А државата треба да е поддршка“, појаснува Трошанска.

Додека нештата да профункционираат, и Никола и Ерато најверојатно ќе го завршат своето средно образование. Првиот впечаток од средното училиште на Ерато е „задоволителен“. Нејзините родители сега се во потрага по асистент кој ќе мора сами да го платат, што пак чини многу пари. Сепак, велат дека борбата продолжува, но свесни се дека бенефит од неа можеби ќе имаат некои други генерации.

„Свесни сме дека се прават некои пионерски чекорчиња, меѓутоа бенефитите од она за кое ние како родители цело време се залагаме, веројатно нашите деца нема никогаш да ги доживеат. Можеби за некои идни генерации, па се надеваме дека можеби ним ќе им биде подобро“, искрена е Кардула.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG