Достапни линкови

Вести

Нови 511 случаи на ковид-19, двајца починати

Илустрација: Ковид-тестови

Во изминативе 24 часа се регистрирани 511 нови случаи на коронавирус од 1489 тестирања, информира Министерството за здравство. Една четвртина од случаите, односно 129, се реинфекции.

Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, регистрирани се две починати лица од Скопје (72г и 88г), едното лице е починато во болнички услови, а другото лице во домашни услови. Лицата се починати на 5 јули 2022 година.

Од вкупниот број нови случаи, во Скопје се регистрирани 276, Куманово, Кавадaрци и Охрид по 27, Велес 23, Битола 22, Тетово 17, Прилеп 15, Штип 13, Струмица и Кочани по 12, Радовиш и Делчево по 6, Гостивар, Струга, Гевгелија и Неготино по 4, Крива Паланка 3, Ресен, Свети Николе и Кратово по 2, и Берово, Валандово и Богданци по еден нов случај.

Регистрирани сe 264 оздравени пациенти од Скопје.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 316.729, бројот на оздравени пациенти е 305.503, на починати е 9.337, а бројот на активни случаи изнесува 1.889.

види ги сите денешни вести

Турската централна банка повторно одлучува за каматните стапки

Минатиот месец Турција објави инфлација од речиси 80 отсто на годишна основа

Комитетот за монетарна политика на турската централна банка на 18 август ќе одлучи дали ќе ја промени главната каматна стапка, јави турската државна телевизија ТРТ Хабер. Банката од почетокот на годината ја задржа основната каматна стапка непроменета на ниво од 14 отсто. Финансиската институција минатиот месец повторно одлучи да не ја менува основната каматна стапка. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е познат по неговото противење на високите каматни стапки. Спротивно на класичните економски теории, тој тврдеше дека високите каматни стапки ја поттикнуваат инфлацијата.

Годишната инфлација во Турција во јули порасна на речиси 80 насто

На крајот на 2021 година, Ердоган побара од централната банка да ја намали основната каматна стапка од 19 отсто на 14 отсто во периодот септември-декември. Серијата намалувања на каматните стапки минатата година предизвика валутна криза и пораст на потрошувачките цени. Минатиот месец Турција објави инфлација од речиси 80 отсто на годишна основа. Податоците на Турскиот статистички институт за јули покажуваат дека стапката на инфлација е зголемена за 2,37 отсто во однос на претходниот месец, а во однос на јули 2021 година инфлацијата пораснала за дури 79,60 отсто.

Европскиот парламент вклучен во истрагата за шпионирањето грчки пратеник

Никос Андролакис, член на Европскиот парламент

Европскиот парламент ќе соработува со грчките власти за да го истражи „неподносливото и неоправдано“ државно шпионирање на грчки пратеник од ЕУ, изјави Јури Лаас, портпарол на претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола. „Незаконското следење на комуникациите на членовите е неподносливо и неоправдано. Такви прекршувања на принципите и вредностите кои ја сочинуваат основата на нашиот демократски систем не можат да се толерираат, без разлика во која земја членка се случуваат“, изјави Лаас, додавајќи дека Европскиот парламент веќе имал првично барање за информации од грчките власти и ќе ги сподели своите наоди „во наредните денови“.

Мицотакис вели дека не знаел за прислушкувањето на политичкиот противник

Грчкиот претседател повика на истрага за прислушувањето од страна на државното разузнавање на Никос Андрулакис, лидер на грчката Социјалистичка партија ПАСОК и член на Европскиот парламент. Европскиот парламент, кој има 705 членови и ги обликува политиките на ЕУ, веќе има комитет кој ја истражува употребата на шпионскиот софтвер Пегасус во блокот од 27 земји. Скандалите со Пегазус во минатата година ги потресоа другите земји на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Полска.

Бесими: И без дебата за даночните реформи, има закони кои стапуваат во сила од 1 јануари

министерот за финансии Фатмир Бесими

„Ние имаме законски решенија кои стапуваат на сила од 1 јануари 2023 година – тоа е прогресивниот данок каде што над милион денари годишно се оданочуваат со 18 проценти и 15 проценти е ставка на сите други доходи врз основа на данокот на личен доход – дали од капитал или од добивка или други основи. Тоа е законското решение. И да не отвориме дебата, тоа стапува на сила. И кога зборуваме за данокот на камати на депозити, сакам да кажам дека и да немавме дебата и ако ништо не правевме како Министерство, од 1 јануари 2023 година тоа стапува на сила. Ова го вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА, додавајќи дека постои законско решение кое уште во 1996 година е донесено за да се оданочуваат каматите на депозитите.

Европски даноци, а сè друго неевропско

„Тоа неколку пати е прологирано и сегашното решение од јануари 2023 година стапува на сила“, вели Бесими. Во однос на предлогот да се оданочуваат каматите на депозитите, Бесими појаснува дека предлогот е да се оданочуваат само орочените депозити на 12 месеци, притоа посочувајќи дека се работи за мала сума на пари. За прогресивниот данок, вели, дека јавната дебата е клучна за да се дојде до најдобро решение, притоа не сакајќи да прејудицира дали лично смета дека треба да се воведе ваков данок. Нагласува дека остануваат отворени за предлози и аргументирани решенија кои би произлегле од дебатата со цел да се подобри квалитетот на овој сет на реформи.

Борбите продолжуваат во регионите Доњецк и Харкив

Руски ракети лансирани од рускиот регион Белгород врз Харкив

Руските сили ги нападнаа цивилните населби во областа Харкив додека се обидуваа да напредуваат во источниот регион Доњецк, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина. Во соопштението се прецизира дека руските сили извршиле воздушни и артилериски напади во близина на Стари Салтов и Моспановој во областа Харков, додавајќи дека Русите спроведуваат офанзива во близина на Лебјажи и Базалиивка, каде што борбите продолжуваат. Во Доњецк, руските трупи се обидоа да напредуваат во близина на Богородични, но мораа да се повлечат, објави генералштабот, додавајќи дека борбите продолжиле во близина на Мазанивка и Новодмитривка. Русите ги концентрираат своите напади во правците Бахмут и Новопавлив, во обид да ја подобрат својата тактичка позиција во правец на Краматорск и Авдијевка, соопшти украинската војска.

Москва: саботажа е причината за експлозиите во магацинот со муниција на Крим

Во Москва, Министерството за одбрана соопшти дека вчера руски магацин за муниција во окупираниот Крим експлодирал, при што биле ранети најмалку две лица и била наредена евакуација на илјадници жители во близина. Министерството наведе дека станува збор за саботажа, што е ретко признание дека вооружените групи лојални на Украина ја оштетуваат воената логистика и линиите за снабдување на територијата што ја контролира. По експлозиите, претседателот Володимир Зеленски, во своето редовно обраќање ги повика Украинците кои живеат на окупираните територии да се држат настрана од воените објекти на руската армија лоцирани на Крим.

Северна Кореја истрела две ракети од градот Ончон на западниот брег

Лансирање ракети од страна на Северна Кореја (фотографија од датотека)

Северна Кореја денеска истрела две крстосувачки ракети од градот Ончон на западниот брег, изјави јужнокорејски воен извор, без да наведе детали за дострелот или висината на ракетите. Лансирањето доаѓа откако Јужна Кореја и Соединетите држави вчера ја започнаа својата четиридневна заедничка вежба како подготовка за долго прекинатата обука на терен, „Штитот на слободата на Улчи“, што ќе се одржи од 22 август до 1 септември.

Русија ќе ги проширува односите со Северна Кореја

Во меѓувреме, јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол изјави дека е подготвен да обезбеди етапна економска помош за Северна Кореја доколку таа стави крај на развојот на нуклеарно оружје и започне со денуклеаризација.

Бајден го потпиша законот за пакет мерки за климата, здравството и даноците

Американскиот претседател Џо Бајден го потпиша пакетот климатски, здравствени и даночни мерки

Американскиот претседател Џо Бајден го потпиша пакетот климатски, здравствени и даночни мерки во вредност од 430 милијарди долари, што се смета за најголем климатски пакет во историјата на САД. Законот има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови и да ги пренасочи потрошувачите кон зелена енергија, како и пониски трошоци за лекови на рецепт за постарите лица и построги даноци за корпорациите и богатите. Општиот нацрт-закон беше усвоен во Сенатот на САД на 7 август.

Бајден со нов предлог буџет: повисоки даноци за богатите, повеќе пари за одбрана

Водачот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер претходно изјави дека законот го содржи „најхрабриот пакет за чиста енергија во американската историја“. Републиканците во Конгресот нападнаа многу елементи на законот, и тврдат дека неговата примена ќе ја забрза наместо да ја заузда инфлацијата.

Холандски суд ќе објави пресуда за соборувањето на авионот над Украина во 2014 година

судии и адвокати ги гледаат остатоците од летот MH17 на Малезија ерлајнс, во воената воздухопловна база Гилзе-Ријен, 26 мај 2021 година

Холандскиот суд кој го води судскиот процес против четворицата осомничени за соборувањето на авионот на летот MH17 на Малезија ерлајнс над Украина во 2014 година денеска треба да ја донесе својата пресуда. Обвинителите велат дека еден Украинец и тројца руски обвинети, кои сите се на слобода, помогнале во снабдувањето со ракетен систем што сепаратистите поддржани од Русија го користеле за да истрелаат ракета врз авионот на 17 јули 2014 година. Сите 298 лица во авионот загинале. Обвинителството бара доживотни казни за сите осомничени. Во почетокот на годинава Австралија и Холандија започнаа заедничка правна постапка во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство против Русија поради соборувањето на летот МХ17 на Малезија ерлајнс.

Холандија ќе ја тужи Русија за соборувањето на малезискиот авион

Владите на двете земји тврдат дека Русија е одговорна според меѓународното право за ракетен напад што го урна патничкиот авион кој летал на линија Амстердам-Куала Лумпур над источна Украина. Холандската влада истакна дека тековната неиспровоцирана инвазија на Русија врз Украина не е поврзана со започнувањето на случајот, но додаде дека актуелните настани „ја нагласуваат виталната важност“ за обезбедување на правдата.

Вучиќ и Курти на одделни средби со Столтенберг

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел одвоено ќе разговараат со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ден пред новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ. Столтенберг најпрво ќе се сретне со Вучиќ, а потоа и со Курти. Вучиќ во минатата недела изјави дека ќе разговара со Столтенберг за улогата што НАТО и КФОР ја имаат на Косово. „Тоа ќе бидат понатамошни разговори за воспоставување добра соработка, добра комуникација, што е многу важно во моменти на криза. Се надевам дека ќе имаме добар разговор. Веќе имавме телефонски разговор и се договоривме да седнеме и да разговараме во Брисел за сите проблеми во Косово, особено на северот “, рече Вучиќ.

Вучиќ и Курти одат во Брисел

За утре е најавена нова рунда од дијалогот Косово-Србија, а ЕУ соопшти дека ќе се разговара за сите отворени прашања, повторувајќи дека за Брисел „најважно е двете страни да ги прекинат непријателствата, со запаливи пораки и тензии и да постапуваат одговорно“. Вучиќ во пресрет на дијалогот рече дека е клучно во дијалогот да се донесе одлука за спроведување на договорот за Заедницата на српските општини на Косово. Курти пак, изјави дека разговорот мора да се фокусира врз меѓусебното признавање и додаде дека не сака да разговара за спорот околу регистарските таблички и личните карти за Србите во Косово.

Германски војници повторно во мисијата на ЕУ во БиХ што предизвика гнев кај Русија

Мисијата на ЕУФОР Алтеа во Босна

Контингент од дваесетина германски војници пристигна во Босна и Херцеговина како дел од речиси дведецениската мировна и безбедносна мисија на Европската унија, потег кој брзо беше омаловажен од руската амбасада. Враќањето на германските војници во мисијата ЕУФОР за прв пат по една деценија ја одразува загриженоста на Западот за етничките и политичките сили и потенцијалното геополитичко прелевање од војната во Украина. ЕУФОР во минатата недела објави распоредување до 50 војници на Бундесверот во поранешната југословенска република, која останува поделена на бошњачка и хрватска федерација и претежно српскиот ентитет познат како Република Српска според условите на прекинот на огнот од 1995 година.

Германската влада го одобри распоредувањето војници во БиХ

ЕУФОР го нарече доаѓањето на германските трупи „понатамошна демонстрација на посветеноста на ЕУ за стабилна, просперитетна и европска иднина за сите граѓани“ на Босна. Мисијата на ЕУФОР Алтеа во Босна опфаќа околу 1.100 војници од 20 земји. Српскиот член на трипартитното претседателство на Босна, Милорад Додик, кој отворено бара отцепување на Република Српска, го критикуваше доаѓањето на германските трупи повикувајќи се на Втората светска војна. Сегашниот мандат на ЕУФОР истекува во ноември и има шпекулации дека Москва би можела да го искористи своето вето во Советот за безбедност на ОН за да го прекине продолжувањето.

ЕУФОР: Франција ќе врши обука на воени летови над БиХ

Руската амбасада во Сараево оцени дека пристигнувањето на германските војници покажува дека Соединетите Држави и Британија го „подготвуваат теренот за ползечката НАТОизација“ на Босна. Според амбасадата, „неприфатливи“ се сугестиите дека руско-украинскиот конфликт влијае врз ситуацијата во Босна.

Илон Маск изјави дека се шегувал со купувањето на Манчестер Јунајтед

Милијардерот Илон Маск

Милијардерот Илон Маск изјави дека се шегувал кога на Твитер напишал оти ќе го купи англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, „Не, ова е долготрајна шега на Твитер. Не купувам ниту еден спортски тим“, изјави Маск, на прашањето на еден корисник дали е сериозен за купување на клубот. Претходно, најбогатиот човек на светот, на Твитер објави дека го купува англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, без да понуди никакви детали. Маск има историја да објавува вакви твитови. Само четири месеци откако објави дека ќе го купи Твитер, Маск сега се обидува да излезе од договорот вреден 44 милијарди долари за купување на компанијата за социјални медиуми, што го изведе пред суд.

Спорот на Илон Маск и Твитер се сели во судница

Манчестер Јунајтед е едно од најпознатите имиња во светскиот фудбал, но моментално е во криза на теренот поради лутите повици од навивачите да се повлечат сегашните сопственици на клубот, американското семејство Глејзер. „Го купувам Манчестер Јунајтед“, напиша Маск на Твитер. Тимот со седиште во северна Англија има повеќе од 32 милиони следбеници на својот главен профил на Твитер, а твитот на Маск собра речиси 320.000 „лајкови“ на платформата во рок од три часа. Некои незадоволни навивачи на Јунајтед претходно го повикаа Маск да размисли за купување на клубот наместо Твитер. Некои корисници на потсмев го споредија најновиот твит на Маск со оној за Твитер, додека други изразија надеж дека е вистина.

Одбележување на јубилејот „30 години АРМ”

АРМ

Одбележувањето на три-деценискиот јубилеј на Армијата ќе биде со неколку настани. Денеска во 18.30 часот на Воениот стадион е предвидено заедничко дружење со граѓаните при што ќе биде презентирана најновата опрема, новите оклопни транспортери, вештините на армиските специјалци, а тоа ќе биде проследено и со музички изведби на воениот оркестар и повеќе изведувачи. Министерката за одбрана Славјанка Петровска по повод јубилејот изјави дека Армијата е национална гордост, дел од најмоќниот воено-политички сојуз - НАТО. „Тоа е Армија која забрзано се модернизира и тоа веќе станува видливо. Во среда на Воениот стадион, ќе бидат изложени првите 6 нови оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа и со кои значително се влијае на подобрувањето на борбената готовност на Армијата. До крајот на годината ќе биде испорачана нова пратка, од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно договорот. Продолжуваме и со набавка на други системи кои ни се потребни, набавка на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, против-воздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започнеме и со обнова на нашата воздухопловна компонента“.

Одбраната на Балканот од можна агресија

Во контекст на одбраната, министерката посочи дека таа се трансформира согласно стандардите на НАТО, стратегијата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата. „Нашата основна цел е: Безбедни дома, одговорни во НАТО! Изработивме Концепт МКД Одбрана 2030, кој се состои од три главни столбови и пет мисии. Ова ја покажува нашата одлучност да бидеме активна членка на Алијансата”, потенцираше Петровска.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе се движи од 27 до 37 степени. Во Скопје и околината слично време, со температура до 34 степени.

Средба на Зеленски, Ердоган и Гутереш во Украина

Архивска фотографија - Зеленски и Ердоган во Турција, 10 април 2021

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган и шефот на ОН Антонио Гутереш ќе се сретнат во четврток во Украина, соопштија Обединетите нации.

Гутереш следниот ден ќе го посети украинското пристаниште Одеса на Црното Море, од каде повторно се извезува жито. Извозот беше запрен поради петмесечната инвазија на земјата од страна на Русија. Освен од Одеса, жито се извезува уште од две пристаништа.

Првиот брод изнајмен од ОН, натоварен со жито, ја напушти Украина во вторникот и замина за Африка.

Украина и Русија, се меѓу најголемите извозници на жито во светот.

„На покана на претседателот Володимир Зеленски, генералниот секретар в четврток ќе биде во Лвив за да присуствува на трилатерален состанок со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и украинскиот лидер“, рече портпаролот на Гутереш Стефан Дужарик на брифинг со новинарите во вторникот во Њујорк.

На состанокот лидерите ќе разговараат за „потребата од политичко решение на овој конфликт“, рече Дужарик, додавајќи дека не се сомнева дека ќе се постави прашањето и за нуклеарната централа Запорожје.

Киев и Москва разменија обвинувања за серијата напади овој месец врз нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, најголемата во Европа.

МИОА - Во администрација ќе се вработат 31,5 отсто Албанци согласно пописот на вкупното население

Попис на население, 5 септември 2021

Во администрацијата треба да се вработат 31,54 отсто Албанци, според правична застапеност, затоа што Министерството за информатичко општество и администрација за основа го зело вкупното попишано население, а не само резидентното население. Според пописот, 24,3 отсто од жителите на Македонија се Албанци.

На веб страницата на МИОА на 5 август беше објавено соопштение дека е направена промена во веб алатката „Балансер“ согласно резултатите од спроведениот Попис во 2021 година. Министерството е надлежно за Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно принципот на правична и соодветна застапеност донесена од 2016 година.

„За основа се земени предвид, податоците добиени од вкупниот број на попишани лица“, стои во одговорот од МИОА за МИА на прашањето дали алатката „Балансер“ ги користи податоците само од резидентото население или ги зема предвид резидентно и нерезидентно.

Претходно, порталот СДК објави дека според Методологијата која ја усогласил министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако во Македонија живеат 24,3 отсто Албанци.

Според Законот, во јавната администрација мора да има правична застапеност на етничките заедници.

Резултатите од Пописот, кои беа објавени во март покажуваат дека вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.

Во резидентно население се вклучени и 132 269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број евидентирани 1 836 713 лица.

Бројот на вкупно попишаното население, пак, изнесува 2 097 319 лица, а на нерезидентното 260 606. Од вкупниот број попишани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.

Зеленски пред Макрон ја обвинил Русија за нуклеарен тероризам

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека разговарал со неговиот француски колега Емануел Макрон за како што вели, рускиот „нуклеарен тероризам“. Зеленски му ја опишал на Макрон ситуацијата во нуклеарната централа во Запорожје, на југот на Украина, која е под руска контрола и која е цел на напади.

Зеленски на својот профил на Твитер напиша дека му е благодарен на Макрон за „опипливата одбранбена помош“. Тој го повтори повикот за зголемени санкции против Русија.

Од Kабинетот на Макрон потврдија дека имало разговор, но не соопштија детали.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара создавање на демилитаризирана зона околу електраната Запорожје.

И ОН и нивното тело - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), рекоа дека на инспекторите на МААЕ треба да им се дозволи да ја посетат централата.

Гутереш, наводно, разговарал со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 15 август. И руското Министерство за надворешни работи инсистира дека ќе стори „сè што е потребно“ за да им дозволи на експертите на МААЕ пристап до објектот, кој се наоѓа во близина на линиите на фронтот во југоисточна Украина.

Исцрпените украински работници во централата се пожалија дека ги држат под закана со оружје, а операторот на централата, Енерхоатом, рече дека Русија подготвува ризичен маневар за да го пренасочи производството на енергија во Запорожје на мрежа која е под руска контрола.

Постојаниот претставник на Русија во МААЕ, Михаил Уљанов, во интервју за руската државна телевизија на 16 август призна дека ситуацијата во Запорожје претставува „опасност со која сите се соочуваат, бидејќи може да има голема контаминација или катастрофа слична на Чернобил под одредени услови“.

Улјанов ги повторува обвинувањата на Москва дека украинските сили и нејзините западни сојузници стојат зад неодамнешното гранатирање околу Запорожје, кое руските сили го зазедоа во март.

Киев вели дека руските трупи ја користат најголемата нуклеарна централа во Европа како воена база, вклучително и за складирање опасно оружје, и ја гранатираат областа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG