Достапни линкови

Јавното здравство во принудна пензија


Илустративна фотографија

Здравствените власти го одбија барањето за продолжување на работниот однос на голем дел од лекарите кои наполниле 64 години. Ваквата одлука, ќе има драматични последици во системот кој и онака кубури со кадар, а особено со лекари специјалисти, тврдат лекари.

Во услови кога здравството се соочува со сериозен недостиг од лекари, специјалисти и останат медицински кадар, одлуката на Министерството за здравство да не им дозволи на лекарите над 64 години да го продолжат работниот однос уште три години, како што дозволува законот за здравствена заштита, е непромислена одлука за дел од лекарската фела.

Д-р Марија Ралева од Универзитетската клиника за психијатрија е една од докторите која спаѓа во оваа категорија. Нејзиниот договор е продолжен за една година, но на многу други колеги не им е продолжен и смета дека ваквата одлука на здравствените власти може да направи вакуум во системот и да остави драматични последици врз пациентите и здравството кое и онака се соочува со сериозен недостиг на специјалисти.

„И онака се соочуваме со бројни проблеми на социјален и економски план што особено се рефлектира врз здравјето на луѓето, а уште повеќе врз менталното здравје, така што без една рационална планирана политика на вработување на млади кадри паралелно со поискусните кадри и постари едукатори можеше да значи подобро задоволување на потребите за здравствена заштита и постепена замена на постарите со помлади, но во еден планиран временски период. Вака ми се чини дека ќе се отвори еден голем вакуум, кој може да значи сериозно нарушување и на системот на здравствена заштитан и на социјалната стабилност на граѓаните на оваа земја“, вели др Ралева која има 38 годишен работен стаж во здравството.

Дел од образложението на здравствените власти за ваквата одлука беше дека е со цел да се овозможи вработување на млади лекари.

Д-р Ралева додава дека секако треба да се прими млад кадар, но кадровската политика со која постарите ќе се заменат со помлади колеги, треба да биде процес кој ќе се одвива постепено.

„Во спротивно нема да вроди со резултат, туку ќе ги оптерети младите со големи проблеми, голем наплив на пациенти и проблематични ситуации кои самостојно потешко ќе ги решаваат наместо да биде постепено тоа со помош и супервизија на постарите колеги и нивно водство што бара еден планиран пристап а не само админситративно решение преку ноќ“, додава д-р Ралева.

Станува збор за врвни и искусни доктори, чие што знаење е потребно на македонското здравство

Според законот за работни односи „Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст, доколку со закон поинаку не е утврдено“, а „Работодавачот е должен по дадената изјава на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст“.

Од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар во Скопје со денови наназад реагираат дека законот не им дозволува ниту на директорите, ниту на министерот да носат такви одлуки, а се сомневаат и во селективност на тоа на кој лекар ќе му биде продолжен работниот однос а на кого не.

Претседателот на синдикатот д-р Горан Беговиќ притоа, вели дека станува збор за доктори, врвни специјалисти, субспецијалисти и професори чие што знаење и искуство им се се уште потребни на македонското здравство.

„Немаат законски основ да не им го продолжат работниот однос. Никакви критериуми. Законот не им оставил простор ниту на директорот ниту уште помалку на министерот да утврдуваат правила на кого ќе му одобрат продолжување на работниот договор, а на кого не. На сите здравствени работници мора да им се продолжи работниот однос со нивна согласност. Со овие вработени се обезбедува континуитет во стручната дообразба на младите здравствени работници и соработници и се обезбедува повисоко ниво на здравствена услуга. Истовремено, како наставен кадар придонесуваат во научната едукација на здравствените работници и соработници“, вели првиот човек на Самостојниот синдикат на вработени во Клиничкиот центар.

Во болниците низ државата загриженоста е уште поголема. Директорката на прилепската болница Кети Смилевска вели дека таа потпишала барање на осум доктори од болницата да им се одложи пензионирањето.

Станува збор за двајца општи доктори од Службата за брза помош во Прилеп, додека останатите шест доктори се хирурзи, педијатри и уролози.

Ако тие отидат во пензија болницата ќе остане без кадар, токму затоа вели директорката таа како менаџер потпишала барање за да им се продолжи работниот однос, но се уште се чека на одговор од министерството за здравство.

„Затоа јас донесов одлука како директор дека треба да останат секако со нивна согласност. Имаме и други доктори кои заминуваат во пензија но не се есенцијална потреба за болницата. За овие осум доктори одлуката јас ја донесов, но треба да ни ја одобри Министерството, за што се уште чекаме“, вели директорката Смилевска.

Во меѓувреме прилепската болница со месеци наназад чека и согласност за вработување од министерството на нов млад кадар која се уште ја нема добиено.

Младите лекари пак се надеваат дека испразнетите места ќе се пополнат со млад кадар.

Александра Георгиева од Здружението на млади лекари и специјализанти вели дека според неа треба да се прави евалуација на секој лекар кој што бара продолжување на работниот однос врз основа на знаењето одсноно дали станува збор за професор кој пружа и едукативна услуга освен здравствена и дека треба да се одлучува индивидуално.

„Треба да се земе предвид и дали на пример докторот работи метода која што е дефицитарна во нашата држава и неговото пензионирање би довело до загрозување на мрежата на здравствениот систем“, вели Александра Георгиева од Здружението на млади лекари и специјализанти.

Министерството за здравство не кажува на колку лекари им е одбиено одложувањето на пензионирање

Здравствените власти не ја откриваат бројката на лекари на кои им го одбиле барањето за продолжување на работниот однос.

Според информациите на синдикатот станува збор за околу 200 лекари, од кои само на неколку им е дозволено да продолжат со работа, наместо да одат во пензија.

Но, дали и колку млади лекари ќе се вработат, како што тврдеше министерот Беким Сали за сметка на оние кои ќе се пратат во пензија - нема одговор од надлежните.

Од Министерство за здравство само кусо одговорија:

„Согласно податоци и анализи од стручните служби и во консултација со Управата за електронско здравство за обемот на работен ангажман кој досега го имале докторите, како и врз основа на моменталната екипираност со кадар во конкретната установа, согласно одредбите од член 204-а став (2) од Законот за здравствена заштита, Министерството за здравство одобрува или не одобрува за продолжување на договорот за вработување на здравствените работници или здравствените соработници.Оваа процедура се врши согласно законските прописи, односно Закон за здравствена заштита, Закон за работни односи и Закон за вработени во јавниот сектор, по добивање согласност за годишните планови за вработување и по добивање финансиски согласности преку Министерство за здравство до Фондот за здравствено осигурување и Министерство за финансии“, стои во одговорот од ресорното министерство.

Но, колку млади лекари ќе добијат вработување годинава на сметка на оние лекари кои ќе одат во пензија и генерално колку вработувања на лекари се планирани за оваа година - од кабинетот на министерот нема одговори.

На дел од оние лекари на кои им е одбиено барањето за продолжување на работниот однос своите услуги ќе ги понудат во приватните болници, што според д-р Ралева ќе биде голем удар за јавното здравство и за пациентите кои се лекуваат во државните болници.

„Што значи тоа за нашиот здравствен систем? Дали ние полека се поместуваме од јавен здравствен сервис кон приватен? Ова веќе јасно покажува и индицира дека приватното здравство ќе преземе примат во грижата за здравјето на луѓето, а прашање е колку од осиромашеното население во ситуација на криза и во ситуација на неможност да ги задоволи основните потреби може да си дозволи здравствена заштита во приватни болници, ова го слабее јавното здравство“, вели д-р Ралева.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG