Достапни линкови

Киев нареди итна евакуација на жителите од истокот, САД со нови санкции за Русија


илустрација, уништена зграда во Бородијанка, Украина април 2022

Официјален Киев им нареди на жителите на источните региони на земјата да се евакуираат „сега“ или во спротивно „ризикуваат смрт“ поради страв од нов руски напад. Нападите врз Мариупол продолжуваат, а денеска е погоден и Харкив. Зеленски ја повика ЕУ итно да ги усвои најавените нови санкии за Русија

Жестоките борби и руските воздушни напади продолжија и денеска во опколениот пристанишен град Мариупол на југоисточниот дел на Украина, соопшти британското воено разузнавање рано утрото на 6 април, а украинското Министерството за одбрана алармираше дека хуманитарната состојба во градот се влошува и повеќето од 160.000 преостанати жители немаат струја, комуникација, лекови, греење... Во извештајот се наведува и дека „руските сили го спречиле хуманитарниот пристап, најверојатно за да ги притиснат бранителите да се предадат“, но тој извештај не можеше да биде независно потврден.

Во меѓувреме, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека ќе бидат отворени 11 хуманитарни коридори за цивилите заробени во борбите и посочи дека оние што го напуштаат Мариупол, каде условите се опишани од меѓународните набљудувачи како „апокалиптични“, можат тоа да го сторат само со свои возила, додека колони автобуси ќе се користат за други линии.

Официјален Киев им нареди на жителите на источните региони на земјата да се евакуираат „сега“ или во спротивно „ризикуваат смрт“ поради страв од нов руски напад.

„Гувернерите на регионите Харков, Луганск и Доњецк го повикуваат населението да ги напушти овие територии и прават се за евакуацијата да се одвива на организиран начин“, напиша Верешчук на Телеграм.

Повторно почнаа силни бомбардирања на Харкив

Додека украинските власти речиси секојдневно се обидуваат да отворат маршрути за излез од Мариупол, денеска и вториот по големина украински град, Харкив, повторно стана цел на бројни напади на руските сили. За новите напади на Харкив објави регионалниот гувернер Олех Синехубов, на својот профил на социјалната платформа Телеграм.

“Непријателот сака да не деморализира и продолжува да врши хаотични напади врз цивилната инфраструктура. Нашите сили ги држат позициите. Русите се обидуваат да се пробијат, но тие не успеваат и наместо тоа претрпуваат големи загуби“, напиша тој.

Нови санкции од ЕУ и од САД

Соединетите Држави најавија нови санкции насочени кон најголемите руски јавни и приватни банки и двете ќерки на Владимир Путин, со што дополнително се зголемува притисокот врз руската економија поради инвазијата на Украина.

Новите санкции се насочени кон Марија Воронцова и Катерина Тихонова, двете возрасни ќерки на Путин со неговата поранешна сопруга Људмила Шкребнева.

Санкциите ги погодија и сопругата и ќерката на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и членовите на Советот за безбедност на Русија, меѓу кои и поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев и премиерот Михаил Мишустин.

„Овие поединци се збогатија на сметка на рускиот народ. Некои од нив се одговорни за обезбедување на потребната поддршка за војната на Путин против Украина. Веруваме дека многу од имотите на Путин се скриени од членовите на семејството и затоа санкциите се насочени кон нив, изјави висок американски функционер.

Белата куќа најави и санкции за „целосно блокирање“ на најголемите јавни и приватни финансиски институции во Русија, Сбербанк и Алфа банка и соопшти дека сега се забранети сите нови американски инвестиции во Русија.

Новите санкции за клучните руски државни компании кои имаат за цел да ја нарушат нивната способност за тргување и пренесување пари низ глобалниот финансиски систем ќе бидат објавени еден ден подоцна.

Поради руската инвазија, а особено по случувањата во гратчето Буча кај Киев, денеска се очекуваше и нов пакет санкции од Европската унија (ЕУ) за Русија. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека Европската унија ќе треба да воведе санкции за руската енергија, како што се нафтата и гасот „порано или подоцна“, бидејќи блокот сака да го засили притисокот врз Москва соочени со извештаите за воени злосторства извршени во Украина од, како што велат украинските власти, руските трупи.

„Мислам дека ќе бидат потребни и мерки за нафтата, па дури и за гасот, порано или подоцна“, изјави Мишел во своето обраќање пред Европскиот парламент и ги повика европските пратеници да размислат за таквите потези, насочени кон главниот извор на приход на Москва.

Додека се чекаат новите санкции од ЕУ, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја предупреди Европа дека нема време за двоумење во усвојувањето мерки против Русија во услови на зголемени докази дека руските воени сили вршат злосторства, бидејќи Москва и натаму ја продолжува својата неиспровоцирана војна. Во денешното обраќање до ирскиот парламент Зеленски рече дека повеќе не може „да толерира каква било неодлучност по сè што поминавле во Украина и сè што направиле руските трупи“.

Кремљ демантира

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова пак, денеска изјави дека сликите на мртвите тела на улиците на украинскиот град Буча, за кои Русија вели дека биле поставени, биле дизајнирани да ги оправдаат дополнителните санкции кон Москва и да ги нарушат мировните преговори со Киев.

„Овие ужасни, криминални фалсификати (слики) се објавени за да се оправда уште еден однапред договорен пакет санкции, вклучително и протерување на големи дипломати од различни земји. И секако да се комплицираат, ако не и целосно да се нарушат (мировните) преговори“, рече Марија Захарова за време на нејзиното обраќање пред новинарите.

Нови протерувања на руски дипломати од земјите на ЕУ

Освен економски санкции за Москва, како рекација на „злосторствата“ во Буча, продолжија и протерувањата на руски дипломати од земјите членки на ЕУ. Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека на 6 април Грција протерала 12 руски дипломати и се прогласени за „персона нoн грата“, бидејќи не се однесувале во согласност со меѓународните правила. Со тоа Грција се придружи на голем број европски земји кои протераа руски дипломати, по инвазијата на Москва во Украина.

Данска, Шведска, Италија и Шпанија вчера соопштија дека ја известиле Москва дека дипломатите во нивните амбасади сега се прогласени за персона нон грата. Летонија и Естонија отидоа чекор подалеку, откако наредија затворање на двата руски конзулати во нивните земји.

За помош поради руската инвазија врз Уркаина, која почна на 24 февруари годинава, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера се обрати пред Советот за безбедност, барајќи посилни реакции од меѓународната заедница и остро ја обвини Русија за злосторство во Буча, нагласувајќи дека тоа не е изолиран случај. На тоа возврати рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, оквалификувајќи ги обвинувањата како „лага“ за која „Русија има докази“.


Џонсон: Го преплашија светот

За „злосторствата во Буча“ денеска се огласи и британскиот премиер Борис Џонсон, но со видео порака до рускиот народ. Во пораката Џонсон вели дека граѓаните на земјата заслужуваат „да ја знаат вистината“ за злосторствата извршени во Украина од почетокот на руската инвазија.

„Рускиот народ ја заслужува вистината, вие ги заслужувате фактите“, вели Џонсон на руски јазик на почетокот на краткото видео објавено на социјалните мрежи. Потоа продолжува на англиски јазик и наведува дека извештаите од Украина за злосторствата што ѝ се припишуваат на руската армија во Буча, Ирпин и на други места во Украина го „преплашиле светот“.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG