Достапни линкови

Русија мора да одговара, се зголемува осудата на убиствата во Украина


Мртви тела на мажи убиени одблизу со врзани раце во украинскиот град Буча, 3 април 2022
Мртви тела на мажи убиени одблизу со врзани раце во украинскиот град Буча, 3 април 2022

Светските лидери со осуда за воените злосторства во украинскиот град Буча, по повлекувањето на руските трупи оттаму. Украинските власти објавија дека 410 убиени цивили биле оставени на улиците низ Буча. Русија ќе истражува дали “Украина намерно ширела лажни информации за акциите на руските сили“

Премиерите на Јапонија и Нов Зеланд се приклучија кон меѓународна осуда на Москва по појавата на докази дека руските сили извршиле злосторства врз цивилите во Украина. Извештаите за украински цивили кои биле убиени, силувани и тешко ранети од страна на руските војници се неосудливи, изјави премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн.

„Русија мора да одговори пред светот за она што го направи“, додаде таа.

Арденр најави дека со нејзината влада ќе разговара за дополнителни мерки за поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ги опиша пријавените инциденти како „кршење на меѓународното право“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека руските сили може да отидат дотаму што ќе извршат „геноцид“ во Буча.

„Ќе направиме се за да се осигураме дека оние што ги извршиле овие воени злосторства не останат неказнети“, рече Санчез во Мадрид.

И Македонскиот премиерот Димитар Ковачевски денеска на Твитер објави дека се шокирани од снимките од ослободените градови во Украина како Буча и злосторствата извршени од руските инвазиски сили.

„Шокирани сме од снимките од ослободените градови во Украина, како Буча, и злосторствата извршени од руските инвазиски сили. Насилството врз цивилите мора да запре веднаш, а извршителите и наредбодавачите на овие злосторства мора да бидат изнесени пред лицето на правдата!“, напиша Ковачевски на Твитер

Злосторствата во киевското предградие Буча
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Овие изјави дојдоа по појавата на извештаи дека стотици цивили биле застрелани и фрлени во масовни гробници или оставени на улиците во киевското предградие Буча од страна на руските сили кои се повлекле од областа откако ја контролирале неколку недели.

Фотографиите кои наводно прикажуваат тела на егзекутирани цивили со врзани раце шокираа многумина и поттикнаа повици за засилени санкции против Русија и кривично гонење на сторителите.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека постојат индиции дека руските сили извршиле „воени злосторства“ во Буча.

„Она што се случи во Буча бара нова рунда санкции и многу јасни мерки“, изјави Макрон.

Тој додаде дека дополнителните санкции треба да бидат насочени кон рускиот извоз на јаглен и нафта.

Русија обвинува дека сликите од Буча се „изведба на режимот во Киев по нарачка на САД и НАТО“

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова,во синоќешното обраќање ги отфрли обвинувањата како „провокација“. Таа рече дека без докази САД и НАТО „наредиле“ сликите да ја дискредитираат Русија.

„Во овој случај, ми се чини дека фактот што овие изјави беа дадени во првите минути по појавувањето на овие материјали не остава сомнеж за тоа кој ја „нарачал“ оваа приказна“, изјави Захарова.

Претходно, руското Министерство за одбрана, исто така, без докази тврдеше дека сликите од Буча се „уште една изведена изведба на режимот во Киев“.

Рускиот истражен комитет на 4 април објави соопштение во кое објави „истрага“ за обвинението дека Украина ширела „намерно лажни информации“ за акциите на руските сили во Буча. Москва побара од Советот за безбедност на Обединетите нации да се состане денеска за да разговара за, како што ја нарече, „провокацијата од украинските радикали“ во Буча.

Зеленски ја обвини Русија за геноцид

Од друга страна, пак, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера остро ги обвини руските сили за „геноцид“ во градот и им порача на лидерите на Кремљ дека треба да дојдат во Буча за да видат што направила нивната војска.

„Сакам сите лидери на Руската Федерација да видат како се исполнуваат нивните наредби. Вакви убиства и наредби. Вакво исполнување. И постои заедничка одговорност. За овие убиства, за ова мачење, за луѓето разнесени од експлозии, за истрелите во задниот дел од главата“, изјави Зеленски на руски јазик во видео обраќањето.

Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и руските воени сили се одговорни за воените акции во Украина.

„Кога ќе најдеме луѓе со врзани раце зад грб и обезглавени, не разбирам“, рече тој зборувајќи за сцените на жртвите расфрлани на улиците на Буча, град на околу 35 километри северозападно од главниот град Киев.

Новинарските извештаи сведочат за десетици мртви циливи оставени на улиците

Дописникот на украинскиот сервис на радио Слободна Европа на 2 април сведочеше дека видел тела на цивили распослани по улиците на малиот град. Само на една локација дописникот видел до 10 тела на улица.

Новинарите од новинската агенција Асошиетед прес посочија дека виделе тела на најмалку 21 лице на различни места околу Буча. Телата на една група од девет лица, сите во цивилна облека, беа расфрлени на земја во близина на локација за која локалните жители велат дека руските сили ја користеле како база. Се чини дека жртвите биле убиени од непосредна близина.

Украинските власти во нивниот целосен извештај соопштија дека телата на најмалку 410 цивили се пронајдени во областа околу Киев што до минатата недела беше контролирана од руските сили.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека неговата земја ќе ги зголеми санкциите кон Москва и ќе ја зајакне воената помош за Украина по „одвратните руски напади врз цивили“во Буча и Ирпин во близина на Киев. „Ќе направам сѐ што е во моја моќ за да ја сопрам воената машина на Путин рускиот претседател Владимир“, рече Џонсон во изјавата на 3 април.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во неделата остро ги осуди руските воени злосторства во украинскиот град Буча и побара независна истрага од меѓународните организации.

„Ќе одлучиме за дополнителни санкции заедно со сојузниците во наредните денови,“ изјави Шолц.

Според соопштението на руското министерство за надворешни работи, сите руски единици се повлекле од Буча на 30 март, еден ден откако Москва најави намалување на интензитетот на операциите во северна Украина.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG