Достапни линкови

Зеленски –Нема друг избор освен мировни преговори со Русија


Украина сè уште нема сигурен список на земји подготвени да обезбедат безбедносна гаранција, иако мировните разговорите продолжуваат, изјави претседателот Володимир Зеленски. Европските земји по фотографиите од убиените ивили во Буча одговорија со масовно протерување на руски дипломати.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека „нема друг избор“ освен да се преговара за крај на војната со Русија. Тој додава дека тоа е изборот дури и ако тоа е тешко да се направи поради сигналите кои покажуваат дека можеби руската војска извршила злосторства врз цивилите во Буча.

Зеленски во интервју за украинските новинари што беше емитувано на државната телевизија, ги нарече настаните во Буча „непростливи“ и дека можноста за вистински преговори ја сфаќа како предизвик.

„Сите ние, вклучително и јас, дури и можноста за преговори ќе ја сфатиме како предизвик. Предизвикот е внатрешен, пред сè, сопствен, човечки предизвик. Потоа, кога ќе се соберете и ќе треба да го направите тоа, мислам дека немаме друг избор“, додаде тој.

Интервјуто доаѓа еден ден откако Зеленски го посети украинскиот град Буча кој се наоѓа на само 35 километри од главниот град, каде што украинските власти тврдат дека се оставени мртви тела на цивили, кои биле застрелани во дворовите, улиците и домовите. Ужасните слики од трупови оставени на отворено, некои со рацете врзани зад себе, предизвикаа меѓународна осуда за Русија, која пак, ги отфрли обвинувањата посочувајќи дека се „лажни“.

Злосторствата во киевското предградие Буча
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Се очекува преговарачите од двете земји денеска да ги продолжат разговорите преку видео врска за решавање на кризата.

Зеленски рече дека во досегашните преговори Украина понудила да биде официјално неутрална држава која ќе има безбедносни гаранции од други нации. Но, додава дека Украина сè уште нема сигурен список на земји подготвени да обезбедат безбедносна гаранција, иако разговорите продолжуваат. Зеленски посочува дека различни земји биле подготвени да гарантираат различни работи.

„Досега не сме добиле список на земји кои се подготвени да ни се придружат 100 отсто. Ни требаат сериозни играчи. Ни треба круг на земји кои се подготвени да го обезбедат потребното оружје во рок од 24 часа. Ни требаат санкции да се развијат и кога се чувствуваме загрозени од Руската Федерација, овие држави треба да се обединат и веднаш да воведат се што е потребно“, рече тој.

Зеленски денеска ќе се обрати на состанокот на Советот за безбедност во ОН каде што се очекува да побара и нови санкции против Русија поради убиствата во градот Буча за кои вели дека се воени злосторства.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера го обвини Путин за воени злосторства и повика на негово судење, зголемувајќи го глобалното незадоволство поради убиствата на цивили во украинскиот град Буча, откако се појавија повеќе снимки и фотографии за тоа.

„Овој човек е брутален, она што се случило во Буча е срамота“, рече вчера Бајден.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека коментарите на американскиот претседател Џо Бајден за Владимир Путин покажуваат дека некои на Запад имаат, како што рече, проблеми со нивната совест.

Западноевропските земји одговорија со протерување на десетици руски дипломати

Германија, Франција, Данска и Италија реагираа со протерување на десетици руски дипломати, посочувајќи дека тоа се шпиони.

Данскиот министер за надворешни работи, Јепе Кофод, објавувајќи ја оваа информација посочи дека за овој потег е известен и рускиот амбасадор во Копенхаген. Тој истакна дека данската влада силно ги осудува акциите на руските војници во Буча.

„Со оваа одлука испраќаме јасен сигнал до Москва дека нема да прифатиме руски разузнавачи да шпионираат на данска почва“, се вели во соопштението на Кофод.

Набргу потоа, италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо на телевизискиот канал RAI изјави дека Рим ја известил Москва дека на 30 руски дипломати им било кажано да ја напуштат земјата „од национални безбедносни причини“.

„Со оваа одлука испраќаме јасен сигнал до Москва дека нема да прифатиме руски разузнавачи да шпионираат на данска почва“, се вели во соопштението на данскиот министер за надворешни работи Кофод.

Европската унија вчера започна дискусии за нови санкции против Русија по извештаите во кои се наведуваат злосторства, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Се очекува дискусијата и новите санкции да бидат донесени во текот на утрешниот ден.

Москва ги отфрли обвинувањата за воени злосторства, а различни високи функционери на Кремљ ги опишуваат како „провокација“ со цел да се дискредитира Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија бара на состанок на Советот за безбедност на ОН за да се реши она што Москва го оквалификува како „украински провокации“.

Но, сателитски снимки направени во средината на март и објавени од фирмата Maxar Technologies се чини дека покажуваат тела како лежат на улиците на Буча за време на контролата на градот од руските сили, потенцијално побивајќи ги тврдењата на Русија дека цивилите биле убиени по нејзиното повлекување од градот до 30 март.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG