Достапни линкови

Граѓаните кои го бојкотирале пописот нема да бидат казнети


Попис. Архивска фотографија.
Попис. Архивска фотографија.

Годишните одмори, пандемијата на ковид, интензивни работи во земјоделието, ненамерно пропуштање на некој граѓанин, како и скриен и отворен бојкот се причините зошто над 132 илјади лица не беа попишани. И покрај пропишаните казни за бојкот, никој од граѓаните нема да понесе одговорност.

На терен не беа попишани 132 260 луѓе за кои податоците се преземени од административни извори, а причините се неколку, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски за РСЕ. Според него, овие луѓе не биле попишани, бидејќи процесот се спроведувал за време на годишни одмори и пандемија на ковид, потоа било период на интензивни работи во земјоделието, а се случувало и попишувачот да пропушти некој, а имало и скриен и отворен бојкот. Конкретна бројка на луѓето кои го бојкотирале пописот нема, додава тој.

„Не можете никогаш да знаете колку е таа бројка. Знаете таа ја кажавме и кога завршивме со пописот околу 10 илјади домаќинства кои јасно се изјаснија дека ќе бојкотираат, ама ако некој не ви отвори врата а внатре слушате дека се тропа и зборува и сл. знаете дека бојкотира“, вели тој.

За овие луѓе, како што наведува, се обезбедени податоци од базите кои ги имаат другите институции во државата, но, изостанува нивната верска, религиозна и етничка припадност, бидејќи тоа не е документирано.

Инаку, вкупно, како што вчера беше презентирано, попишани се 2 097 319 лица, од кои 1 836 713 живеат во државата. Нерезидентно население, односно луѓе кои повеќе од една година не живеат во земјава опфатени со пописот изнесува 260 606 лица.

Законот за попис предвидува предвидува прекршоци. Во него се наведува дека „глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за пописот или ако даде неточни податоци“.

Од МВР велат дека досега нема до нив поднесено прекршочна пријава за лица кои одбиле да дадат податоци на пописот.

Симовски посочува дека целта не им било да ги казнат граѓаните кои не се попишани, бидејќи тие биле изманипулирани.

„Значи тој за жал подлегнал на некоја манипулација за да поведам постапка јас би сакал да бидат казнети тие кои што ја направија причината за бојкот било каков тип“, вели Симовски.

Симовски: Да сфатат оние кои бојкотираа попис каква глупост направиле
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:17 0:00
Директен линк


Од Владата по повиците за бојкот соопштија дека тоа е кривично дело. Се повикуваа на членот 387 од Кривичниот законик во кој се наведува дека „тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Во ставот два од истиот член пак пишува дека „ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група.

Партијата Левица која има двајца пратеници во парламентот водеше отворена кампања против пописот насловена „Не отворам врата“. Партијата водеше и теренска кампања делејќи летоци.

Симовски вели дека планира да поднесе кривична пријава против Левица.

„Меѓутоа, нема да ја постигнам целта со тоа. Она што е најважното ја исполнивме целта да ги обезбедиме податоците за лицата. Ова другото е последица. Мислам дека овој податок многу добро ќе влијае на граѓаните да сфатат каква глупост направија што подлегнаа на тој притисок. Таа порака од мене нека биде. Јас не инсистирам на казнување и не сакам. Тоа се наши луѓе, граѓани, соседи и пријатели кои биле наседнати“, смета Симовски.


Заменик-директорот на Државниот завод за статистика Иљми Селами пред една година изјави дека ќе изготват кривична пријава за партијата Левица за бојкот на процесот.

ВМРО-ДПМНЕ собираше граѓански потписи за поништување на Законот за попис, но не повикаа отворено за бојкот на процесот. Од опозициската партија тврдеа дека пописот не е во согласност со стандардите на ЕВРОСТАТ, бараа негово одложување поради пандемијата со коронавирусот, а лидерот на партијата Хритијан Мицкоски изјави дека пописот може да се одржи кога ќе се вакцинираат попишувачите.

Пописот првично требаше да се одржи лани во април, но поради пандемијата на ковид се одложи за во септември.

Од вкупното резидентно население во земјава 58,4 проценти од населението се изјасниле како Македонци, а 24,3 како етнички Албанци, 3,86 проценти како Турци, потоа 2,53 проценти како Роми, како Власи се изјасниле 0,47, како Срби 1, 3 отсто и 0, 87 проценти како Бошњаци.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG