Достапни линкови

Власта се пофали, опозицијата се сомнева во резултатите на пописот


Пописот на населението и домаќинствата почна на 5 септември 2021
Пописот на населението и домаќинствата почна на 5 септември 2021

Бројката од 132 илјади луѓе кои не се попишале, туку биле попишани административно и кај нив не е заведена етничката припадност, како и само 260 илјади луѓе попишани во дијаспората се причина за опозицијата да се сомнева во резултатите од пописот. Власта се пофали со успешно спроведен попис.

Владејачките партии СДСМ и ДУИ оценија дека пописот бил успешно спроведен. Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците оценија дека резултатите се некомплетни и оти има простор за сомнеж во веродостојноста. Левица и ромската невладина Аваја не ги признаваат резултатите, а Демократскиот сојуз вели дека тие не се одраз на реалноста.

Пописот во Македонија е тема со силен политички набој, зашто, според Уставот, од резултатите зависи и остварувањето на колективните права на заедниците, пред се употребата на јазикот и правичната вработеност во администрацијата.

Директорот на Државниот завод за статистика претходно ги соопшти резултатите од пописот, прв по две децении, според кои Македонија има 1 836 713, односно 185 илјади жители помалку од претходниот попис во 2002 година.

Од вкупното резидентно население во земјава 58,4 проценти се изјасниле како Македонци, 24,3 како етнички Албанци, 3,86 проценти како Турци, потоа 2,53 проценти како Роми, како Власи се изјасниле 0,47, како Срби 1,3 отсто и 0,87 проценти како Бошњаци.

Најголема промена во однос на претходниот попис има кај процентот на етнички Македонци, кои во 2002 година биле над 64 отсто од населението, а сега се над 58 отсто. Сепак, 132 илјади луѓе, односно 7,2 отсто од населението, не се попишале и биле попишани административно, и кај нив не е заведена етничката припадност, а тоа е бројка којашто сериозно може да влијае на промена на овие проценти.

Европската комисија го поздрави спроведувањето на пописот во Македонија, нарекувајќи го големо достигнување.

Портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, по објавувањето на резултатите, за МИА изјави дека Комисијата го поздравува пописот, спроведен за првпат од 2002 година.

„Ова е големо достигнување: обновени податоци за населението се суштински за планирање и имплементирање на соодветни социјални, демографски и економски политики за бенефит на сите граѓани“, изјави Писонеро.

Власта исто така е задоволна од, како што оцени, успешно спроведениот попис.

Пратеничката Снежана Калеска – Ванчева од владејачката СДСМ оцени дека спроведувањето на пописот е голем успех за граѓаните и за државата воопшто.

„Кога 99 проценти ќе бидат попишани тоа е резултат со кој што не можат да се пофалат многу развиени европски држави, рече Калеска – Ванчева“, пренесувајќи го ставот на пратеничката група на СДСМ.

Претседателот на коалицискиот партнер во власта, ДУИ, Али Ахмети претходно оцени дека пописот бил успешно спроведен и им честиташе на вклучените институции во пописот, што бил нималку лесен предизвик.

Ахмети наведе дека пописот дал појасна слика за бројот на жителите во земјава, цитирајќи ги објавените резултатите од Државниот завод за статистика дека Албанците се 29,5 отсто од вкупното население и 24,3 отсто од резидентното население, додека во градот Скопје се 22,8 отсто во споредба со 20,04 отсто во 2002 година, наведе Ахмети.

Антонио Милошоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека пописот е некомплетен со оглед на тоа што 7,2 отсто од жителите на Македонија, односно над 132 илјади луѓе, останале неизјаснети. Тој обвини дека власта го политизирала пописот и оти партиите од власта „си играле со проценти“. Според него, бојкотот на пописот нанел штета врз бројот на Македонци.

„Пописот власта сака да го покаже како успех, иселувањето покажува дека истиот е неуспех, а бројката од 7.2 отсто неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен. Пописните бројки се показател за неуспех бидејќи има силен бран на иселувања, имаме операција спроведена со низа забелешки и со многу политика и затоа сметаме дека секој има право да се сомнева во ваквите бројките“, рече Милошоски на прес-конференција.

Пратеникот Халил Снопче од опозициската Алијанса за Албанците рече дека ги разгледуваат објавените резултати, но на прв поглед изразуваат „резерви во веродостојноста“.

„Над 132 илјади граѓани се импутирани и непопишани на терен, додека ние сметаме дека бројот од околу 260,000 грѓани кои што живеат надвор не соодвествува со реалноста и со публикуваните податоци досега од страна на меѓународните организации. Овие две точки создаваат големи дилеми околу тоа како е извршен попиот на овие граѓани, дали се опфатени сите граѓани или пак е извршена некоја селекција. Не може да се вреднува како веродостоен еден попис каде што околу 8.5 отсто од вкупното население, и на резидентното население, не им се знае националната припадност. Неверодостоен е и бројот од околу 12 отсто на граѓани во дисапората“, рече Снопче.

Пратеникот Борислав Крмов од партијата Левица, која повикуваше на бојкот на пописот, рече дека тие нема да ги признаат резултатите од, како што го нарече „фингираниот попис“ и дека ова било „политичка операција изведена под палка на ДУИ, а одобрена од СДСМ“. Тој рече дека попишувањето на дијаспората било еден од најголемите проблеми.

„Имавме попис на дијаспора, што не е случај во ниту една држава, имавме попишување со само давање на матичен број, што ги крши сите меѓународни стандарди. Имавме ситуација да може трети лица да даваат лични податоци што е забрането со меѓународни конвенции коишто Република Македонија ги има ратификувано. Имаме ситуација документи за идентификација да бидат насловени како „соодветни документи“, значи намерно не се прецизирани за да може да имаме манипулации. И на крај секако, врзаниот потпис на заменик директорот од ДУИ, за да може да ги добиеме овие, би ги нарекол, буквално фалсификувани и штелувани резултати кои што ги добивме“, вели Крмов.

Демократскиот сојуз, кој исто така е коалиционен партнер во власта, оцени дека објавените податоци од пописот не се одраз на фактичката состојба.

„Во дијаспората, проценките се дека само околу 10 отсто од Македонците се попишани, додека во Македонија, од резидентното население, претежно Македонци, над 130.000 не се попишани. Овие бројки го наметнуваат заклучокот, дека пописот е неуспешен и за тоа треба да се бараат причините и одговорноста“, се вели во реакцијата на партијата.

Ромската невладина организација Аваја исто така соопшти дека Ромите нема да ги признаат резултатите од пописот кој го сметаат за невалиден.

Според нив, во земјава има околу 100 илјади Роми, а пописот покажал дека има 46 илјади, поради „неправилности и манипулации“.

„Според нашите проценки, базирани на официјалните државни податоци, од 2002 година до 2020 година вкупниот број на родени Роми изнесува 32.000 Роми, додека бројката на умрени изнесува 8,500. Според овие податоци, природниот прираст изнесува околу 24.000 Роми. Споредбено со другите заедници, без етничките Албанци, Ромите имаат најголем експоненцијален природен прираст“, се наведува во реакцијата на Аваја.

Дијаспората на овој попис се попишуваше електронски и доброволно. Од попишаните 260 илјади иселеници, 66 отсто се изјасниле како Албанци, а 24 отсто како Македонци.

Пописот уште пред неговиот почеток беше предмет на бројни критики - дали е статистичка или политичка операција, дали е според стандардите на Евростат, дали утврдената методологија тоа го гарантира. Некои партии и движења повикуваа на бојкот.

Пописот на населението и домаќинствата се спроведе од 5 до 30 септември 2021, а веднаш потоа почна обработката на податоците.

Пописот првично требаше да се одржи во април минатата година, но поради противењето на опозицијата беше одложен за во септември. Системот за попишување и веб страната на Државниот завод за статистика беа мета на хакерски напади за време на одржувањето на пописот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG