Достапни линкови

Резултатите од пописот до крај на месецов


Теренскиот попис на населението и домаќинствата се спроведе од 5 до 30 септември
Теренскиот попис на населението и домаќинствата се спроведе од 5 до 30 септември

Конечните резултати од пописот ќе бидат објавени до крајот на месецов, кога истекува законскиот рок, иако претходно беше најавено дека резултатите ќе бидат објавени во јануари. Пописот во Македонија е прашање со силен политички набој.

Државниот завод за статистика ќе ги објави конечните резултати од пописот до крајот на овој месец кога истекува законскиот рок. Претходно беше најавено дека резултатите може да бидат објавени до крајот на 2021 или во јануари годинава, но на државната статистика ѝ треба повеќе време за обработка на податоците.

Пописот на населението и домаќинствата се спроведе од 5 до 30 септември, а веднаш потоа почна обработката на податоците.

Македонија нема спроведено попис две децении, но искуствата од земјите од регионот покажуваат дека тие ги објавуваат првичните резултати за два-три месеци по завршувањето на пребројувањето, а потоа се чека за конечните резултати.

Сепак, пописот во Македонија е тема со силен политички набој, зашто, според Уставот, од резултатите зависи и остварувањето на колективните права на заедниците, пред се употребата на јазикот и правичната вработеност во администрацијата.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека во секоја земја првичните и конечните резултати од пописот се разликуваат, и за да се спречат шпекулации, резултатите ќе бидат објавени кога конечно ќе се обработат.

„Првичните и конечните резултати никогаш не се исти. Кај нас пописот се политизира и да има само еден човек разлика веднаш ќе се појават прашања од каде е, што е, зошто е. Вака ќе излеземе со конечни резултати, тој е податокот, ќе го објасниме и нема да дадеме поводи за какви било, не коментари, туку свои математики кои некој би ги правел. Кога ќе дадете првичен резултат, тој никогаш не е точен. Ќе видите во обработката дека има некој што е двојно попишан, некој што не требало да биде попишан е попишан, некој што не е попишан сега имаме можност да го евидентираме и на крај ќе излезете со различни резултати, и ако тоа се случи, кај нас таква е климата, ќе се направи светско чудо. Во Хрватска и во Бугарија немаат таков проблем и тие излегуваат со првични резултати“, вели Симовски.

Заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Илми Селами, на 3 јануари изјави дека причината поради која резултатите доцнат е тоа што институциите доцнеле со поднесување на ажурираните информации што ги бара Државниот завод за статистика.

Симовски, пак, вели дека шест месеци не е долго време за објавување конечни резултати, зашто овие земји кои веќе ги објавија првичните резултати, конечните резултати ќе ги објават дури за една година.

Според податоците што досега ги објави Заводот, во септември биле попишани 1.832.696 жители на земјава, 568.175 семејства и 837.255 станови. Оние кои од која било причина останале нерегистрирани, ќе се најдат во некоја од базите на податоци при обработката на податоците и ќе бидат дел од Пописот, прв во Македонија по речиси 20 години. Според последниот попис од 2002 година, Македонија имаше над 2 милиони жители.

Пописот првично требаше да се одржи во април минатата година, но поради противењето на опозицијата беше одложен за во септември. Системот за попишување и веб страната на Државниот завод за статистика беа мета на хакерски напади за време на одржувањето на пописот.

Во 2011 година имаше обид за попис, но тој прекина поради несогласувања меѓу тогашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу методологијата, односно за прашањето дали да се попишуваат и иселениците.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG