Достапни линкови

Секој втор млад човек во БиХ сака да ја напушти земјата


Истражувањето на УНФП покажува дека невработените млади луѓе на возраст од 18 до 24 години, главно мажи со завршено средно образование, имаат најголема веројатност да емигрираат од БиХ.

Младите во Босна и Херцеговина се принудени да заминат од земјата поради незадоволството од квалитетот на животот, неповолните социо-економски услови, невработеноста и немањето можности за личен развој, покажува истражувањето спроведено годинава. Марија Аугустиновиќ.

Даниел од Бања Лука за Радио Слободна Европа вели дека наскоро ќе ја напушти Босна и Херцеговина, бидејќи е незадоволен од својата работа и актуелната политичка ситуација. Постојано, како што посочува, чувствува притисок на работа и има мала плата, што, како што вели, му го нарушува здравјето.

„Добивам договор кој кажува едно, а јас правам нешто друго што не би требало да го правам. Имам голем притисок од претпоставените. Земам лекови за смирување. Не се оженив само, затоа што платата ми е мала. Во договорот пишува 1000 марки, а јас добивам 800. Во Бања Лука едвај можам да работам за повеќе пари. Можам пак да најдам работа за 800 марки, но да работам по 14 и 15 часа, без сабота и недела одмор“, вели Даниел кој сака да оди во Словенија.

По Дубаи и Малта, печалбари сега заминуваат и во регионот

Според пописот од 2013 година, нешто повеќе од половина милион млади луѓе на возраст од 19 до 29 години живеат во БиХ. Иако нема прецизни податоци колкумина ја напуштиле државата во последните години, истражувањата покажуваат дека секој втор млад човек размислува за привремено или трајно заминување.

Истражувањето објавено од Фондот за население на Обединетите нации УНФП покажува дека 23.000 млади луѓе на возраст од 19 до 29 години ќе ја напуштат БиХ во следните 12 месеци.

Амила Хелак од Травник, град во централна БиХ, исто така се подготвува да ја напушти БиХ. Оваа студентка по кинезиологија од четврта година, кој тренира џудо веќе 15 години, посетува курс по германски јазик за да се подготви за преселба.

„Одев на работа сезонски, патував и едноставно имам чувство дека мојата Босна ме кочи и ме ограничува. Го учам јазикот и најверојатно следната година ќе одам во Германија. Се заколнав дека ќе останам овде и ќе правам иднина, но што ѝ направија на нашата земја и какви планови ни наметнуваат, искрено, се плашам за мојот живот и мојата иднина. Навистина немам причина да останам, бидејќи моите родители не можеа да платат некому за да се вработат“, истакнува таа.

Незадоволство од квалитетот на животот

Истражувањето на УНФП беше спроведено на почетокот на годинава, врз основа на репрезентативен примерок од 5.001 млад човек. Младите се мотивирани да заминат поради незадоволството од квалитетот на животот, неповолните социо-економски услови, невработеноста и немањето можности за личен раст и развој, покажа истражувањето.

Дваесет и двегодишната медицинска сестра Барбара Млакиќ пред година и пол го напуштила родниот Нови Травник, мал град во централна БиХ. Во потрага по работа, таа се преселила во Германија, каде што вториот ден по нејзиното пристигнување се вработила во професијата во градот Аугсбург.

Барбара за РСЕ вели дека од БиХ била избркана поради неправдата, односно тоа што не можела да најде работа во оваа професија и покрај нејзиното образование и сите квалификации што ги има.

„Работев во угостителство неколку години, но сакав работа како медицинска сестра во нашата локална болница. Но, не ми се укажа можност без разлика на сите конкурси на кои се пријавив и дипломите за квалификации што ги имав. Ние ја имаме оваа политика, не гледаме образование и кој знае да работи, туку од каде сте и кого имате „зад грб“ за да се вработите“, вели Барбара за РСЕ.

Недостаток на можности

Студијата објавена од УНФП покажува дека невработените млади луѓе на возраст од 18 до 24 години, главно мажи со завршено средно образование, имаат најголема веројатност да емигрираат. Алана Армитаж, регионален директор на УНФП за Источна Европа и Централна Азија, истакнува дека миграцијата на младите е добра, ако не и принудна.

Младите во пандемијата со помалку пари и дружба

„Младинската миграција како таква е добра работа, бидејќи отвора нови можности за студирање и стекнување професионално искуство во странство, учење нови јазици и запознавање на различни култури. Но, младите не треба да се чувствуваат принудени да ја напуштат својата земја поради недостаток на можности дома“, вели Армитаж.

Според неа, властите во БиХ треба да ги прошират можностите за младите луѓе и да го подобрат нивниот квалитет на живот, што е клучно за земјата да се соочи со демографските предизвици.

Кај анкетираните млади луѓе доминира недовербата во јавните институции, а повеќе од 70 отсто од нив се убедени дека општеството е системски корумпирано. Исто така, значителен број сметаат дека се можни меѓуетнички тензии во БиХ, што е и една од причините за заминување.

Властите на БиХ фокусирани врз запалива реторика

Младинските совети кои ги собираат младите во БиХ предупредуваат дека сите млади се соочуваат со истите проблеми на целата територија на БиХ. Овие организации предупредуваат дека властите се фокусираа врз запаливата реторика на поделби, додека, во исто време, младите ја губат мотивацијата да останат во БиХ.

„Повеќето млади луѓе се незадоволни од својот живот во БиХ. Имаме висок степен на корупција и неможност за вработување. Ситуацијата не е најдобра и ова е време кога е запален црвениот аларм за да се направи нешто“, нагласува Огњен Вукојевиќ од Младинскиот совет на Република Српска.

Една третина од младите на Балканот одлучуваат да си заминат

Харун Шабановиќ од Младинскиот совет на округот Брчко вели дека климата не е погодна за развој на младите, и на лично и на професионално ниво. „Младите секојдневно гледаат многу неправди кои не се во состојба да ги променат. Младите не заминуваат само поради работата, парите и баснословниот живот во другите земји. Тие се чувствуваат несигурни затоа што другите луѓе одлучуваат за нивната судбина и ги водат во насока во која не сакаат да одат“, истакнува Шабановиќ.

Асја Диздаревиќ од Младинскиот совет на Федерацијата БиХ истакнува дека младите секојдневно се соочуваат со егзистенцијални проблеми, корупција и несоодветно образование и дека е тешко да се мотивираат.

„Времето е тешко и тешко е да се мотивираат младите. Можностите и капацитетите на нашите организации се ограничени и не гледаме напори и волја да се придвижиме кон подобро и да се случат некои промени“, посочува таа.

Според последниот попис, во БиХ живеат три и пол милиони луѓе. Фондот за население на Обединетите нации предупредува дека емиграцијата е главната причина за намалувањето на бројот на жителите и дека до 2070 година во БиХ би можеле да живеат помалку од 1,6 милиони луѓе.

Од почетокот на 1990-тите, БиХ се соочува со висока стапка на емиграција во земјите од Европската унија и другите развиени земји во светот. Од почетокот на 2011 година, кога граѓаните на БиХ можеа да патуваат со биометриски пасош без визи во сите земји од Шенген зоната, има поинтензивно иселување.

Се проценува дека околу 200.000 граѓани на БиХ ја напуштиле земјата, вклучително и висок процент на млади и високообразовани луѓе. Се предупредува дека истата динамика на емиграција од БиХ најверојатно ќе продолжи и во иднина доколку не дојде до драстични промени во институционалниот и јавниот дискурс.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG