Достапни линкови

Дијаспората ќе се врати „мало сутра“


Илустрација

Иселениците може уште утре да се вратат во земјава и затоа треба да бидат попишани, рече премиерот Зоран Заев. Граѓаните на социјалните мрежи иронично коментираат дека дијаспората веќе тргнала назад, само прво ги чека најавените инвестиции од Фејсбук и Гугл.

Нашата дијаспора може уште утре да се врати во земјава, рече премиерот Зоран Заев, образложувајќи зошто се попишуваат и иселениците.

„Нашата дијаспора може буквално утре да се врати дома, односно кога сакаат. Тоа се наши граѓани, наши државјани, имаат наши македонски пасоши и лични карти и секако живеат една година или повеќе надвор од државата, но тоа не значи дека гарантирано трајно дека ќе останат во државата, може теоретски утре да се вратат“, посочи Заев.

Теоретски можеле и воопшто да не заминат, коментираат потсмешливо граѓаните на социјалните мрежи. Изјавата на Заев предизвика бројни коментира на социјалните мрежи. За голем дел од граѓаните, попишувањето на иселениците служи за „штелување на процентите на етничките заедници“, Државниот завод за статистика дека таа бројка ќе служи за креирање на политиките кон иселениците, а најголем дел, користејќи го речникот на Заев, се шегуваат дека дијаспората ќе се врати „мало сутра“.

Други коментираат дека дијаспората денеска нешто е зафатена, ама кај и да е, ќе се врати, утре, другиден.

Иселениците чекаат во „низок старт“, ќе дојдат веднаш по ветуваните странски инвестиции, коментираат трети.

Некои потсетуваат на изјавата на претседателот Стево Пендаровски од пред две години дека да не бил претседател и тој ќе се иселел од Македонија. Зарем и такви луѓе да останат непопишани, иронично забележуваат. Други потсетуваат дека во дијаспората има висококвалификувани иселеници, како поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија за да не оди во затвор за спорната набавка на владиниот Мерцедес.

Трети, пак, иронично забележуваат дека ние треба да бидеме спремни за враќањето на дијаспората. Чевлите од протестот пред влада уште им ги чуваме.

Четврти потсетуваат дека дијаспората се враќа секоја година – да направи свадби, да поправи заби и да си понесе зимница.

Ако се враќаат не е добро, кога ќе се вратат пак не е добро, забележуваат некои граѓани. Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска лани обвини дека враќањето на иселениците во земјава ја зголемило невработеноста.

Други прашуваат дали ќе има казни и за иселениците, ако веќе сите се еднакви.

Државниот завод за статистика со поумерен тон. Бројот на иселеници е потребен за да се планираат услугите во амбасадите и конзулатите.

Пописот се одржува од 5 до 30 овој месец. Дијаспората се попишува онлајн. До вчера се попишани над 1,3 милиони граѓани, а во дијаспората се самопопишале скоро 200 илјади луѓе. Македонија скоро две децении нема попис на населението. Пребројувањето на етничката структура на населението е најпроблематичниот дел, затоа што и колективните права на заедници во голема мера зависат од нивната бројност.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG