Вести
400.000 луѓе евакуирани од опколените украински градови
Стотици илјади луѓе се евакуирани од тешко погодените украински градови, изјави украинскиот министер за внатрешни работи.
Денис Монастирскиј рече дека овие луѓе главно побегнале од активните борбени зони, а дека денеска е регистрирана евакуација од североисточниот град Суми.
Сепак, договорените прекини на огнот на другите места пропаднаа, при што илјадници луѓе денеска повторно не можеа да го напуштат Мариупол поради тоа што продолжува силното гранатирање.
Украина соопшти дека ниту еден цивил не може да го напушти јужниот пристанишен град, дека а хуманитарните конвои биле принудени да се вратат поради борбите.
Денеска беа направени обиди за воспоставување на хуманитарни коридори во седум украински региони кои се тешко погодени од борбите: Суми, Мариупол, Изум, Волноваха, Тростјанец, Краснопил и Киев.
види ги сите денешни вести
Трамп: Мадуро би постапил паметно ако се повлече од власт
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би било мудро венецуелскиот претседател Николас Мадуро да се повлече.
Тој, меѓу другото, рече дека САД може да ја задржат или продадат нафтата што ја запленија покрај брегот на Венецуела во последните недели.
Американската кампања за притисок врз Мадуро вклучуваше зголемено воено присуство во регионот и десетици воени напади врз бродови за кои се сомнева дека шверцуваат дрога во Тихиот Океан и Карипското Море.
Наводно, најмалку 100 лица се убиени во нападите.
На прашањето дали целта е да се отстрани Мадуро од власт, Трамп им рече на новинарите: „Можеби е така. Од него зависи што сака да прави. Мислам дека би било паметно да го стори тоа. Но, повторно, ќе видиме“.
Покрај нападите, Трамп најави „блокада“ на сите танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела.
Во текот на викендот, американската гранична патрола следеше танкер за нафта во меѓународни води, втора таква операција во последните денови и трета за две недели.
„Можеби ќе го продадеме, можеби ќе го задржиме“, рече Трамп кога беше прашан што ќе се случи со запленетата нафта.
Администрацијата на Трамп ја обвинува Венецуела дека ги користи приходите од нафта за финансирање на криминал поврзан со дрога, обвинение кое Каракас го негира.
Владата прогласи седумдневна кризна состојба поради проблемите со набавка на мазут
Владата на Северна Македонија денеска на редовна седница донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата.
Одлуката е со траење од седум дена од денот на нејзиното влегување во сила. Донесена е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
„Оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надомест, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии“, информира владината прес-служба.
За прогласувањето на кризна состојба реагираше и опозицискиот СДСМ. Од партијата велат дека „криминалните политики со тендери и неспособност во енергетиката се двете единствени причини поради која сите граѓани ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба“. Опозициската партија обвинува дека ова не е надворешна криза и нема врска со протестите во Грција, туку претставува резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособност на власта на Христијан Мицкоски.
„Зошто навремено не се обезбедени енергенси? Зошто во сред зима нема најмалку 300.000 тони јаглен на депонија, како основен услов за сигурно зимско производство? Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут? Затоа се прогласува кризна состојба и затоа власта удри по џебот на граѓаните“, се вели во партиското соопштение.
Електрани на Северна Македонија ( АД ЕСМ) минатата недела испрати писмо до Владата со барање за прогласување кризна состојба на пазарот со струја. Причината се секојдневните блокади на грчките земјоделци, кои ја комплицираат доставата на енергенти за производство на електрична енергија. Компанијата побара активирање на државните резерви.
На вчерашниот брифинг со новинарите, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска соопшти дека Северна Македонија има резерви на мазут со кои ќе биде снабден ЕСМ.
Од први јануари повисоки сметки за струја
Од 1 јануари 2026 година цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 отсто во првиот блок, за 2,87 отсто во вториот блок, за 3,32 отсто во третиот и за 3,84 проценти во четвртиот блок. Од Регулаторната комисија за енергетика информираат дека евтината тарифа ќе се покачи за 2,5 отсто.
„Наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 проценти. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87 отсто, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54 проценти. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако беше предложено да има зголемување од 9,63 проценти и во четврт блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 проценти, соопшти денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Тој посочи дека поскапувањето за 85 отсто од домаќинствата ќе биде за 2,28 отсто или за 57-70 денари на просечната сметка.
Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи зголемување за 3,96 отсто, додека РКЕ одлучи да се корегира за 2,50 проценти.
Од следната година пак, се намалува надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ за 3,64% , надоместокот за користење на преносниот систем МЕПСО се намалува за 2,67%, а намалување ќе има и кај цената на МЕМО од 3,40 % .
Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе.
Блоковите беа воведени за тие што трошат помалку да плаќаат поевтино, но со воведувањето на надомест за пристап до мрежа, токму тие што трошат малку, плаќаат нешто повисоки сметки во споредба со сега.
САД забранија одобренија за нови модели на кинески и странски дронови
Федералната комисија за комуникации на Соединетите Држави (FCC) денеска, 23 декември соопшти дека ги додава кинеските DJI, Autel и сите дронови и компоненти произведени во странство на списокот на компании за кои утврдила дека претставуваат неприфатлив ризик за националната безбедност на САД и затоа ќе забрани одобрувања за нови видови дронови за увоз или продажба во САД.
Додавањето на списокот на оваа комисија значи дека DJI, Autel и другите странски компании за дронови нема да можат да добијат одобрение од Комисијата за продажба на нови модели на дронови или критични компоненти во САД.
Овој потег претставува значително зголемување на напорите на Вашингтон за справување со кинеските дронови во последните години. Во септември, Министерството за трговија соопшти дека планира да издаде правила за ограничување на увозот на кинески дронови.
Новата мерка на Федералната комисија за комуникации не забранува увоз, продажба или употреба на постојни модели претходно одобрени од регулаторот за телекомуникации и не влијае на претходно купените дронови, соопшти FCC. Таа додаде дека потрошувачите можат да продолжат да користат дронови што претходно ги купиле легално.
DJI, најголемиот светски производител на дронови, изјави дека е разочаран од одлуката на Федералната комисија да ги додаде дроновите произведени во странство на листата.
„Иако DJI не е издвоен, не се објавени информации за тоа какви информации извршната власт користела при донесувањето на својата одлука“, соопшти компанијата.
DJI претходно изјави дека додавањето на Листата ефикасно би ја забранило продажбата на неговите нови модели на дронови во САД. Компанијата продава повеќе од половина од сите комерцијални дронови во САД.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, во вторникот изјави дека Кина се спротивставува на тоа САД да поставува „дискриминаторски“ листи и го повика Вашингтон да „ги исправи своите погрешни практики“ и да обезбеди фер средина за кинеските компании.
Федералната комисија во неделата соопшти дека ги добила резултатите од меѓуагенциската анализа на ризик на странски дронови, побарана од Белата куќа, која покажала дека увезените дронови и нивните компоненти претставуваат безбедносен ризик „со оглед на заканите од неовластен надзор, извлекување чувствителни податоци, ранливости во синџирот на снабдување и други потенцијални закани за националната безбедност“.
Во анализата се вели дека Пентагон би можел во иднина да одлучи дека одредени дронови или класи на дронови не претставуваат ризик и да ги отстрани од ограничувањата.
Во јуни, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба насочена кон намалување на зависноста на САД од кинеските производители на дронови.
Себастијан Горка, виш директор за борба против тероризмот во Советот за национална безбедност, рече дека мерката е дел од напорите дроновите да останат произведени во САД.
„Дроновите се голем дел од идната безбедност на Америка. Тие мора да бидат произведени во САД“, напиша тој на платформата X.
Републиканскиот конгресмен Рик Крофорд ја пофали одлуката на Комисијата, наведувајќи дека „употребата на кинески беспилотни летала, со широк пристап над американскиот воздушен простор, со години е кошмар за контраразузнавање... не можеме да ја компромитираме нашата национална безбедност во замена за евтина стока наменета да го преплави американскиот пазар“.
Американски судија во септември го отфрли барањето на DJI да биде отстранет од списокот на компании на Министерството за одбрана на САД кои наводно соработуваат со кинеската војска.
Најмалку тројца загинати и прекини на струја по најновиот руски напад врз Украина
Неколку украински региони претрпеа прекини на електричната енергија во студеното зимско време во вторник, 23 декември, откако Русија го започна последниот напад од големи размери со беспилотни летала и ракети, соопштија властите.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Русија истрелала над 600 дронови и повеќе од 30 проектили.
Во нападите загинале најмалку три лица, од кои и четиригодишно дете, а осуммина биле повредени.
„Нападите непосредно пред Божиќ, кога луѓето едноставно сакаат да бидат со своите семејства, во домот и на безбедно, испраќа директна јасна порака за руските приоритети. Путин и понатаму не разбира дека мора да престане со убивањето. А, тоа значи дека светот не врши доволен притисок врз Русија“, истакна Зеленски, кој од западните сојузници бара поригорозни санкции за Русија и зголемување на помошта за Киев.
Во меѓувреме, Полска прати авиони за да го заштити својот воздушен простор за време на нападите, соопшти полската војска во објава на платформата X.
„Русија повторно ја напаѓа нашата енергетска инфраструктура. Како резултат на тоа, воведени се итни прекини на електричната енергија во голем број украински региони“, соопшти Министерството за енергетика на земјата на Телеграм.
Пожари избувнаа во неколку региони како резултат на „масовниот напад со ракети и беспилотни летала“, соопшти украинскиот оператор за електрична енергија „Укренерго“, додека температурите се спуштија кон нула во поголемиот дел од земјата.
Едно лице беше убиено во западниот регион Хмелницки, а друго беше убиено во Киев, соопштија локалните власти.
Неколку лица, вклучувајќи деца, беа ранети во голем број региони, според локалните власти.
Русија ги интензивираше своите напади врз јужниот украински пристанишен град Одеса во текот на изминатите неколку дена, во она што украинските власти го нарекуваат обид за целосно уништување на поморската логистика.
Новите напади предизвикаа пожари, но не резултираа со повредени во градот на Црното Море, соопштија службите за итни случаи во вторник.
Руските напади врз регионите на Црното Море се интензивираа, погодувајќи мостови, пристаништа и прекинувајќи ја електричната енергија и греењето за илјадници луѓе во средината на зимата.
Најновите напади следеа по преговорите за време на викендот што Соединетите Држави ги одржаа во Мајами со руските и украинските делегации како дел од нивните напори да ја прекинат војната што започна кога Москва испрати војници во својот сосед во февруари 2022 година.
„Се забележува бавен напредок“, објавија државните медиуми дека рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков рекол, откако и Русија и Украина испратија преговарачи во градот на Флорида на одделни разговори со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Виткоф ги поздрави „конструктивните“ дискусии со двете страни, но немаше знаци за пробив.
Во четири општини почна изборната кампања за градоначалник
Почна изборната кампања за повторените локални избори за градоначалници во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа што ќе се одржат веднаш по новогодишните и божикните празници на 11 јануари 2026 година. Според Роковникот за изборни дејствија, изборната кампања за првиот круг на гласањето започнува на 22 декември на полноќ, и трае со 9 јануари, кога започнува молкот пред гласањето.
Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта, како кандидат на коалицијата Вреди и независниот Ваљбон Лимани од НАИ.
Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од
Група избирачи Зуљхајрат Демири.
Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник и тоа Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците.
Во Маврово и Ростуше, пак, има двајца кандидати и тоа Онер Јакупоски поддржан од Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ и Анес Ахмети кандидат на СДСМ.
Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг на 19 октомври не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни.
Во Гостивар одзивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.
На вториот изборен круг беа избрани градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. На 19 октомври, пак, во првиот круг, беа избрани 44 градоначалници.
Најголем број градоначалници, односно 55 освои коалицијата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.
Расте бројот на обвиненија во Русија за донации за Фондацијата Навални
Кривичните гонења во Русија за донации на Фондацијата за борба против корупцијата (ФБК), основана од покојниот опозициски лидер Алексеј Навални, се зголемија за приближно 60 пати од почетокот на целосната инвазија на Москва врз Украина во февруари 2022 година. Според анализата на „Норт Реалитис“ на Радио Слободна Европа судовите донеле пресуди за најмалку 90 случаи само оваа година.
Руските власти ја означија Фондацијата за борба против корупцијата како „екстремистичка организација“ во 2021 година, ефикасно криминализирајќи ја секоја финансиска поддршка за групата.
Фондацијата истражуваше корупција меѓу високи руски функционери и бизнис елити блиски до претседателот Владимир Путин и продолжува да работи од странство и покрај смртта на Навални во притвор минатата година.
Според истражниот медиум Медиазона, руските судови решавале два случаи поврзани со донации во 2022 година, четири во 2023 година и 27 во 2024 година.
Податоците собрани од РСЕ/РЛ покажуваат дека бројот драматично скокнал во 2025 година, зголемувајќи го вкупниот број од почетокот на војната на најмалку 123 случаи.
Судовите најчесто изрекувале казни во висина од 1500 до 6300 американски долари, или изрекувале условни затворски казни од три до четири години.
Донациите наведени во случаите обично биле скромни од еден долар па се до 178 долари. Во еден случај, обвинителите побарале казна од 152.000 американски долари за 69-годишниот пензионер Андреј Кужелев, кој донирал вкупно 164 американски долари на фондацијата. Судот го отфрлил тоа барање, но сепак изрекол казна од 6.340 американски долари.
Една од најстрогите казни му била изречена на поштарот Владимир Скворцов, кој бил затворен 12 години за донирање на ФБК и за наводна соработка со Легијата на слободата на Русија, група руски волонтери кои се борат на страната на Украина.
Новинарката Карен Шаинијан и граѓанскиот активист Константин Котов беа осудени во отсуство по обвиненија поврзани со донации за ФБК.
Навални, најистакнатиот руски опозиционер почина во февруари 2024 година во арктичка казнена колонија под мистериозни околности.
Официјалниот извештај од обдукцијата вели дека хипертензијата и други болести предизвикале нарушување на срцевиот ритам, што довело до смртта на Навални.
Сепак, неговата вдовица, Јулија Навални, ги отфрли тие наоди, велејќи дека лабораториските тестови спроведени надвор од Русија на биолошки примероци шверцувани од земјата покажуваат дека нејзиниот сопруг бил отруен додека бил во притвор.
Претходно оваа година, Фондацијата за борба против корупцијата издаде соопштение во кое ги осудува гонењата, велејќи дека ФБК „не се вклучува во никаква екстремистичка активност“ и ги нарекува оние што се цел на руските власти „жртви на отворена самоволие и политичка репресија“.
Нема зголемување на минималната плата пред март, ССМ најави протести
Нема договор за зголемување на минималната плата. Ова е исходот од денешната седница на Економско-социјалниот совет на кој работодавачите и Сојузот на синдикати на Македонија не се договорија за зголемување на минималната плата пред законското усогласување во март.
Синдикатот најави дека ако нема решение до Нова Година за нивното барање, ќе има протести. Лидерот на ССМ Слободан Трендафилов, изјави дека зголемување на минималната плата е неопходно поради растот на животните трошоци.
„Работниците едвај врзуваат крај со крај. Ако нема договор, ќе следат порадикални мерки по Нова година“, предупреди Трендафилов.
Владата тврди дека не е против зголемување, но инсистира тоа да биде економски оправдано. Министерот за економија Бесар Дурмиши изјави дека инфлацијата во ноември изнесува 0,5%, а на годишно ниво 4%, што укажува на стабилизација на цените. Тој тврди дека според владините индикатори во вакви економски услови нема оправданост за ново зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март, кое според законот во март ќе изнесува околу две илјади денари.
„Поточно ќе знаеме после нова година каде што ќе ги имаме сите податоци и пресметките ќе го покажат точното колку ќе биде минималната плата, односно од месец март кога ќе биде хармонизирана“, изјави Дурмиши.
Претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков, изјави дека до законското усогласување во март има простор за преговори, но енормно зголемување е невозможно. Тој посочи дека работодавачите предлагаат проширување на колективниот договор со цел регулација на минималната плата по сектори и намалување на злоупотребите.
„Нашиот предлог е дека со договарањето на минимална плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите, така да топката е помеѓу синдикатите и работодавачите“, вели Бошков.
Владините проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра - покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.
Од регионот, Србија во октомври вонредно ја зголеми минималната плата на 500 евра, со најава дека од 1 јануари со редовно зголемување таа ќе изнесува 551 евро. Албанија исто така најави 500 евра минималец од следната година, а зголемување од моменталните 350 на 425 евра од јануари и на 500 евра од јули очекува и Косово. Во Босна и Херцеговина веќе имаше покачување на минималецот на 511 евра од јануари 2025, додека во ентитетот Република Српска тој изнесува 459.
Разрешен е косовскиот в.д. државен обвинител
Обвинителскиот совет на Косово во понеделникот го разреши Бесим Келменди од функцијата вршител на должноста главен државен обвинител, по негово писмено барање, една недела откако Вишиот суд го поништи неговото разрешување кое предизвика контроверзии и критики.
На вонредната седница на Обвинителскиот совет, барањето на Келменди за разрешување беше одобрено со шест гласа „за“, без гласови „против“ и без воздржани.
На таа функција го наследи Агрон Ќалај, кој на истата седница во понеделникот беше именуван за вршител на должноста главен државен обвинител.
Со пет гласа „за“ и еден „против“, Ќалај беше повторно именуван до наредната одлука на Обвинителскиот совет.
Во писмо доставено до Обвинителскиот совет, Келменди нагласил дека барањето за разрешување е „одраз на мојата волја да ја поддржам реформата во обвинителскиот систем и да придонесам за подобрување на состојбата што настана во Советот“, пренесе во понеделникот порталот „Заклетва за правда“.
Келменди навел дека сака да се повлече од функцијата што ја извршуваше од април 2022 година, по судските одлуки за неговиот случај и состојбата што настана во Обвинителскиот совет.
Неговото барање уследи пет дена откако Врховниот суд ја поништи одлуката на Обвинителскиот совет за негово разрешување, оценувајќи ја како незаконска.
Келменди првично беше сменет минатиот месец по извештаите дека наводно во 1999 година соработувал со српска судијка во случајот за масакрот во Рачак, за кој таа сметала дека е измислен настан. Тој ги негираше тие наводи.
Неговото разрешување предизвика реакции од меѓународната заедница и отвори полемики околу законитоста на одлуката, бидејќи за неа гласаа само пет членови на Обвинителскиот совет. Останатите членови сметаа дека немало кворум и одлуката ја нарекоа „институционален пуч“.
Келменди се жалеше до Врховниот суд откако Основниот суд не ја прифати неговата жалба против разрешувањето. Врховниот суд утврди дека одлуката на Обвинителскиот совет е „незаконска, произволна и неоснована“.
Во дописот, Келменди наведе дека сака да ја продолжи кариерата како обвинител и се обврза дека ќе работи „посветено за доброто на обвинителскиот систем“.
„И на самиот крај, јас, како обвинител во Канцеларијата на главниот државен обвинител, ќе работам со најголема посветеност за доброто на обвинителскиот систем, независно, непристрасно и професионално, како што ме оцени и Обвинителскиот совет“, заклучи тој.
Руски генерал загина во експлозија на автомобил-бомба во Москва
Висок руски генерал е убиен во автомобил-бомба во Москва, што е најновиот во серијата напади врз воени функционери и провоени личности од почетокот на целосната инвазија на Кремљ во Украина.
Рускиот истражен комитет во соопштението од 22 декември соопшти дека експлозивна направа поставена под автомобил експлодирала на улица во предградието на руската престолнина.
„Генерал-потполковник Фанил Сарваров, началник на директоратот за оперативна обука на армијата на рускиот Генералштаб, починал како резултат на повредите здобиени во експлозијата“, се додава во соопштението.
Украинското воено разузнавање, кое ја презеде одговорноста за голем број слични напади во кои беа убиени познати личности на руска почва, не одговори веднаш на прашањата од Радио Слободна Европа за инцидентот.
Рускиот канал Телеграм База објави дека автомобилот што го превезувал Саваров поминал кратко растојание пред експлозијата.
Видео од местото на настанот објавено од Истражниот комитет покажува тешко оштетен бел автомобил, опкружен со други возила на паркинг.
Комитетот изјави дека едно од потенцијалните сценарија што се разгледуваат е дека украинските специјални служби ја поставиле бомбата.
Педесет и шестгодишниот Сарваров се борел против бунтовниците во Чеченија и во руските воени операции во Сирија во 2015-16 година.
Тој бил унапреден во чин генерал-полковник од страна на рускиот претседател Владимир Путин во 2024 година.
Според истражната група Проект, Сарваров учествувал и во војната против Украина.
Смртта на Сарваров означува уште едно убиство на висок руски воен офицер во последните месеци.
Во април, генерал-полковник Јарослав Москалик беше убиен кога автомобил експлодираше на улица во московско предградие.
Руските обвинители подигнаа обвинение против маж во врска со експлозијата во која беше убиен Москалик, тврдејќи дека бил платен од украинските разузнавачки служби.
Во декември 2024 година, генерал-полковник Игор Кирилов почина кога бомба поставена во електричен скутер на тротоар експлодираше, додека излегувал од неговата станбена зграда во Москва.
Кирилов ја предводеше руската воена единица која ја надгледуваше одбраната од нуклеарни, хемиски и биолошки напади. Руските власти, исто така, тврдеа дека Украина стои зад тој бомбашки напад.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете