Достапни линкови

Продолжуваат нападите врз Мариупол, ЕУ ја преиспитува зависноста од руска енергија


Мариуполската болница по нападот во средата на 9 март.

Луѓето во украинскиот град Мариупол немаат вода и греење и се борат едни против други, бидејќи немаат храна за децата, соопшти Меѓународниот црвен крст, додека бомбардирањето повторно ја оневозможи евакуацијата од градот. За ситуацијата во Украина лидерите на ЕУ одржуваат итен дводневен самит во Париз.

Во петнаесеттиот ден од започнувањето на руската инвазија врз Украина, повторно се прават обиди за евакуација на цивили од тешко погодените региони, вклучително и од јужниот град Мариупол каде бомбардирањата продолжија во последните часови.

Украинските власти објавија дека во изминатите денови 1.207 тела биле собрани од улиците на јужниот пристанишен град. Во меѓувреме, три лица загинаа во вчерашниот напад на детска болница.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопшти дека луѓето во Мариупол „се напаѓаат едни со други за храна“, бидејќи залихите се мали и дека во градот нема вода и греење, каде повеќе од една недела над 400.000 луѓе се под опсада од руските сили.

Тимот на МКЦК во Мариупол вели дека луѓето таму сега се борат едни против други за храна и дека имаат малку гориво од туѓи автомобили.

Ограбени се сите продавници и аптеки, а загревањето ќе биде многу тешко во услови кога нема снабдување со гас, а во текот на ноќта се очекува пад на температурата на -5 степени, наведува тимот на МКЦК предупредувајќи дека луѓето таму се веќе болни.

Денеска претходно во Турција се одржаа први разговори на високо ниво меѓу Украина и Русија, на кои не беше постигнат напредок за постигнување примирје. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по состанокот рече дека и ги претставиле на Украина своите предлози како да се стави крај на конфликтот.

Неговиот украински колега Дмитро Кулеба рече дека Русија не се обврзала да обезбеди хуманитарен коридор во опколениот град Мариупол, но дека Украина е подготвена да продолжи да се ангажира за да се најде пат за запирање на војната.

Животот во Мариупол под опсада, без вода, струја и храна
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Освен во Мариупол, хуманитарни коридори се отворени и во другите тешко погодените украински региони Волноваха, Изум, Суми, Тростианец и Краснопил. Има и обиди за евакуација од бројни градови околу Киев.

Но, бомбардирањето повторно ја оневозможи евакуацијата од Мариупол. Во североисточниот град Суми, 12.000 луѓе денеска успеаја да побегнат со автобуси и автомобили, а руските војници ја прекинаа евакуацијата од Изум во источна Украина.

Обединетите нации проценуваат дека 2,3 милиони луѓе ја напуштиле Украина, при што речиси 161.000 луѓе избегале во последните 24 часа.

Исто така, десетици украински болници се оштетени од руските воздушни напади и гранатирања од почетокот на инвазијата врз земјата пред две недели.

Украинскиот министер за здравство Виктор Лиашко изјави дека бројот на здравствените установи оштетени во војната е над 60.

Украина вчера соопшти дека три лица загинале откако руски проектил погодил породилиште во Мариупол. Руското Министерство за одбрана го негираше бомбардирањето на таа локација и ја обвини Украина за „исценирана провокација“.

Музика во засолништата: Надеж среде војна
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00

Лидерите на ЕУ на самит во Версајската палата во Париз, Франција разговараат за тоа како да се намали нивната зависност од руската енергија и да се зајакне политичката и моралната поддршка за Украина.

На итниот вонреден дводневен самит на земјите членки на Европската унија (ЕУ), кој денеска се одржува во Версајската палата во Франција, 27-те лидери ја признаа „тектонската промена во европската историја“ предизвикана од руската инвазија врз Украина и ветија дека „ќе ја зајакнат нивнита воена моќ и врски, како и дека ќе го продлабочат партнерството „со Киев.“

Но, пропаднаа повиците на украинскиот претседател, поддржани од Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија и Полска, за посебен процес за членство на Украина во ЕУ, пишува британски Гардијан.

Пристапот кон проширувањето на ЕУ не е променет, без оглед на конкретната ситуација во Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „во овој момент сака да испрати силен сигнал за солидарност до Украина и Украинците“, но рече дека во исто време мораат да бидат „внимателни“.

Макрон додаде дека не верува дека е можно да се отвори процес на пристапување за земјата која е во војна.

Летонија, Полска и Литванија се залагаа за забрана на ЕУ за увоз на енергија од Русија.

„Убеден сум дека треба да донесеме одлука да го запреме увозот на енергенси од Русија за да го доведеме (рускиот претседател Владимир) Путин на преговарачка маса, за да ја запреме војната“, изјави летонскиот премиер Кристијанис Каринс.

Според проценките на бриселскиот тинк-тенк Бригел, земјите од ЕУ во моментов трошат околу 420 милиони долари дневно на руски гас, а речиси 400 милиони на нафта од Русија. Сепак, ембаргото најверојатно ќе наиде на отпор од Германија, Австрија и Унгарија, кои покриваат значителен дел од нивните енергетски потреби со увоз од Русија.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека војната на Путин е одлучувачки момент за Европа.

„На овој самит ќе ја преиспитаме европската одбрана со силни капацитети. Ќе ја преиспитаме енергијата. Треба да се ослободиме од зависноста од руските фосилни горива, а за тоа ни се потребни огромни инвестиции во обновливите извори на енергија. Ова е исто така стратешка инвестиција во нашата безбедност и независност“, рече Фон фер Лајен.

Британскиот премиер Борис Џонсон, пак, денеска го обвини рускиот претседател Владимир Путин за „цинични“ обиди да измисли изговор за употреба на хемиско оружје во Украина.

Џонсон рече дека стравува дека „варварскиот“ режим на Кремљ би можел да биде подготвен да користи забрането оружје, бидејќи неговите сили не успеале да го постигнат очекуваниот напредок.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска им се обрати на граѓаните на државната телевизија, пренесува Ројтерс. Тој зборуваше за западните земји, за кои рече дека „преземаат непријателски потези против руската економија“, мислејќи на санкциите што Западот ги воведе кон Русија поради нападите врз Украина.

„Санкциите создадоа некои проблеми и тешкотии, но ние ќе ги решиме“, рече Путин.

Тој додаде дека Западот вовел санкции кон Русија „без разлика на се“, но дека на долг рок Русија „ќе биде уште понезависна и посуверена“.

Тој рече дека расте побарувачката за одредени видови стоки, додавајќи дека „луѓето ќе сфатат дека нема ништо што не можеме да го решиме“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG