Достапни линкови

Вести

Уапсен хрватскиот министер за градежништво Хорват

илустрација

Во Хрватска е уапсен министерот за градежништво, просторно планирање и државен имот Дарко Хорват. Полицијата во соработка со УСКОК утрово изврши претрес во куќата на министерот во рамки на истрага злоупотреба на службената должност и овластувања. Попладнево Хорват треба да биде сослушан.

За хрватската телевизија Н1 веста за апсењето ја потврди адвокатот на Хорват, Владимир Терешак.

Според неофицијални информации на медиумот, под истрага може да се најдат и потпретседателот на хрватската влада Борис Милошевиќ и поранешниот министер Томислав Толушиќ. Милошевиќ и Толушиќ се испрашувани во рамки на редовна постапка. Според досегашните информации, тие се осомничени дека барале вработување преку врски и поради давање државна помош.

Според неофицијални информации, станува збор за истраги поради повеќемилионски незаконски дејствија. Истражните органи ја проверуваат вмешаноста на Хорват во злоупотребите за кои се сомничи неговата поранешна помошничка Ана Мандац. УСКОК се сомнева дека таа, на барање на Јосипa Римац, поранешна градоначалничка на Книн, организирала државна помош за претприемачи од Министерството за економија во времето кога го предводел Хорват.

Неофицијалните информации покажуваат дека спорно е издвојувањето на пари од програмата за развој на претприемништвото и занаетчиството во области населени со припадници на националните малцинства.

Парите наводно биле доделени без критериуми, но се уште не се знае колкав износ е распределен на овој начин, ниту пак колку се поединечните суми.

Иако првичните информации беа дека под истрага е и министерот за труд Јосип Аладровиќ, агенцијата Хина објави дека тоа не е точно.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ рече дека по апсењето на Хорват не знае до кога тој ќе остане министер.

По апсењето на министерот Владата закажа итна седница.

види ги сите денешни вести

Владата го усвои ребалансот на буџетот

Влада на РСМ

Владата на денешната седница го усвоила предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година.

„Предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, соопштија денеска од владината прес-служба, ќе овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарна политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок“, се наведува во владиното соопштение.

За деталите од предложениот ребаланс Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер даде оставка од бордот на директори на рускиот државен нафтен гигант Роснефт

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и рускиот претседател Владимир Путин

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и германскиот бизнисмен Матијас Варниг најавија оставки од бордот на директори на рускиот државен нафтен гигант Роснефт, соопшти компанијата на 20 мај.

Шредер, претседател на Управниот одбор на Роснефт од 2007 година, и Варниг рекоа дека е невозможно за нив да ги продолжат своите мандати во одборот, се вели во соопштението на Роснефт, без да се соопштат повеќе детали.

Долгогодишниот пријател на рускиот претседател Владимир Путин, Шредер се најде под зголемен меѓународен притисок откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари.

Шредер, член на Социјалдемократската партија (СПД), беше германски канцелар од 1998 до 2005 година. Тој со години се соочува со жестоки критики во Германија поради неговата работа за руските енергетски компании контролирани од државата.

Шредер, исто така, работел за Гаспром и има водечки позиции во гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек 2“.

Ворниг е и управен директор на Северен тек 2. Тој беше вклучен на списокот со санкции на САД по инвазијата.

Одлуката на Шродер да се повлече од управниот одбор на Роснефт доаѓа откако му беше отстрането правото на канцеларија во германскиот парламент во Берлин. Тој, исто така, се соочува со повици да биде санкциониран од Европскиот парламент.

Сегашниот канцелар на Германија, Олаф Шолц, го повика Шредер да ја напушти партијата.

Шолц на 20 мај ја поддржа одлуката на германскиот парламент за затворање на канцеларијата на Шредер и го обнови повикот до поранешниот канцелар да се откаже од сите свои руски енергетски позиции.

Ердоган разговараше со холандскиот премиер за НАТО-патот на Шведска и Финска

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека имал опсежен разговор со холандскиот премиер Марк Руте за барањата на Шведска и Финска за членство во НАТО, јави Анадолија.

По петочната молитва во Истанбул, Ердоган најави дека утре ќе разговара со претставници од Велика Британија и Финска, како и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Двете нордиски земји во средата формално поднесоа барање за влез во НАТО, одлука поттикната од руската војна против Украина. Турција се спротивстави на кандидатурите на Финска и Шведска за членство, критикувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички групи како Курдската работничка партија и т.н.ФЕТО.

„Повеќето земји-членки на ЕУ во моментов дозволуваат ПКК/ЈПГ да одржуваат говори во нивните парламенти, додека некои ги снабдуваат со оружје и муниција. Не можеме да кажеме „да“ за влезот на овие терористички организации во НАТО, која е безбедносна организација“, истакна Ердоган.

Тој рече дека терористичките организации организираат различни маршеви во Германија, Шведска, Финска, Холандија и Франција.

Бранителите на Азовстал добиле наредба да престанат да се борат

Војници во Азовстал

Последните украински војници во фабриката за челик Азовстал во Мариупол велат дека Киев им „наредил“ да престанат со борбите додека Русија го интензивира нападот врз источна Украина, гаѓајќи го Донбас, за кој претседателот Володимир Зеленски рече дека сега изгледа како „пекол“.

„Вишата воена команда даде наредба да се спасат животите на нашите војници и да се запре одбраната на градот“, соопшти на Телеграм Денис Прокопенко, командант на баталјонот кој ги предводеше војниците на Азовстал.

„Цивилите беа евакуирани. На тешко ранетите им беше укажана потребната помош и тие беа евакуирани, за подоцна да бидат разменети и испорачани на територијата под контрола на Украина“, додаде Прокопенко.

Тој рече дека процесот на пренесување на загинатите од Азовстал се уште трае и дека „се надева дека во блиска иднина роднините и Украина ќе можат со чест да ги погребаат своите војници“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека досега се предале речиси 2.000 украински борци кои се криеле во фабриката за челик.

„Блокадата на фабриката Азовстал продолжува“, рече Шојгу. „Националистите активно се предаваат на заробеништво“, рече тој, мислејќи на украинските борци. „Во овој момент 1.908 луѓе го положија оружјето“.

Украинските власти не ја потврдија бројката.

Војниците кои го напуштиле Азовстал, вклучувајќи ги и ранетите, наводно биле префрлени на територијата поддржана од Русија во источна Украина.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека стотици украински борци кои ја напуштиле фабриката Азовстал во Мариупол биле регистрирани како воени заробеници.

Киев изрази надеж дека борците ќе бидат разменети за руски затвореници, но властите во Доњецк поддржани од Москва предложија на некои од нив да им се суди.

Петков го повика Радев да свика Совет за национална безбедност за преговорите со Македонија

Бугарскиот Премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков во видеообраќање го повика претседателот на државата Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Петков рече дека бугарската влада нема да направи ништо без широка национална согласност и усогласено со коалицискиот договор на владејачката коалиција во земјата.

Петков рече дека во Консултативниот совет за национална безбедност учествуваат сите партии, сите служби и претседателскиот кабинет и го повика Министерството за надворешни работи да достави извештај за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Тој побара за овој извештај да се расправа и на редовниот коалициски совет следната недела.

Бугарскиот премиер потврди дека владата нема да направи ништо врз основа на надворешен притисок и пред целосно разбирање на ниво на коалициски совет, длабока дискусија во Консултативниот совет за национална безбедност и јасен и потврден став на највисокото тело во бугарскиот парламент.

Според премиерот Петков, конечниот легитимен мандат на темата Северна Македонија го има единствено Народното собрание на Бугарија и, како што рече, тоа треба да биде апсолутно јасно на целото бугарско општество и на надворешните партнери на земјата.

Земјите од Г7 ќе обезбедат помош од 9,5 милијарди долари за Украина

Илустрација

Водечките економии на Групата седум (Г7) се согласија да обезбедат 9,5 милијарди долари нова економска помош за Украина за да му помогнат на Киев да ги исплати платите на вработените во јавниот сектор и да се осигура дека владата може да продолжи да функционира додека се брани од руската инвазија.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер рече дека со овие 9,5 милијарди долари поддршката за Украина вкупно досега изнесува 19,8 милијарди долари.

„Се согласивме дека финансиската ситуација на Украина не смее да има никакво влијание врз способноста на Украина да се брани успешно“, рече Линднер.

Новата помош вклучува 7,5 милијарди долари грантови од Соединетите држави и 1 милијарда долари грантови од Германија.

Останатите 1 милијарда долари ќе ги обезбедат другите земји од Г7 во форма на гаранции и заеми, соопшти германското Министерство за финансии.

„Ние ќе продолжиме да стоиме на страната на Украина во текот на оваа војна и пошироко и подготвени сме да направиме повеќе колку што е потребно“, рекоа министрите на Г7 на крајот од дводневниот состанок во Германија.

Инвазијата ја допре речиси секоја тема опфатена за време на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки од Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД.

Американскиот секретар за финансии Џенет Јелен и другите лидери претходно зборуваа за потребата сојузниците да обезбедат доволно дополнителна помош за да и помогнат на Украина да ја „премине“ руската инвазија.

„Сите ние ветивме дека ќе го направиме она што е неопходно за да ја пополниме празнината. Ќе ги собереме ресурсите што им се потребни“, рече Јелен на 19 мај по првиот ден од состанокот.

Последната прогноза на Меѓународниот монетарен фонд вели дека економијата на Украина се проектира да се намали за 35 отсто оваа и следната година.

Петков: Премиерот не носи сам одлуки, ако има договор со Скопје прво МНР ќе ја извести Владата

Премиерот на Бугарија - Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска порача дека за да има решение на спорот со Северна Македонија, прво треба да се поминат неколку филтри во Бугарија, како што се Министерството за надворешни работи, владата, коалициските партнери и парламентот.

За тоа дали презел чекори за давање „зелено светло“ за Северна Македонија рече дека тој самостојно не може да одлучува.

„Ако има договор со Северна Македонија, Министерството за надворешни работи треба да ја извести Владата, Коалицискиот совет и Парламентот да одлучи. Премиерот не може самостојно да носи одлуки“, рече Петков.

Оваа изјава на премиерот Петков доаѓа по средбата со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, кој во Софија оствари средби и со претседателот Румен Радев како и со министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, по што изрази очекување Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје.

Вархеји по средбата со Петков на Твитер напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија.

Канада воведе нови санкции за руските олигарси, вклучително и за возачот на Формула 1, Никита Мазепин

РУСИЈА - Рускиот Формула 1 возач Никита Мазепин, 23 септември 2021 година

Канада најави нови санкции за 14 Руси, вклучувајќи го и возачот на тркачки автомобили во Формула 1, Никита Мазепин.

Санкциите предвидуваат и забрана за увоз и извоз на одредени луксузни добра од Русија како одговор на, како што се вели во соопштението на министерството за надворешни работи, „континуираната агресија“ на претседателот Владимир Путин против Украина.

„Овие нови мерки наметнуваат ограничувања на 14 лица, вклучително и руски олигарси, членови на нивните семејства и блиски соработници на режимот на Путин“, се вели во соопштението на канадското Министерство за надворешни работи.

Мазепин и неговиот татко милијардер, долгогодишен соработник на Путин, Дмитриј Мазепин, се меѓу првите на листата на санкционирани.

По инвазијата на Москва врз Украина, Никита Мазепин и неговиот татко, истакнат спонзор на тркачкиот тим кој што е близок со Владимир Путин, беа исфрлени од Формула 1, додека владите ширум светот го запленија имотот на семејството, вклучително и вилата во Италија за која се проценува дека да вреди повеќе од 110 милиони долари.

Со новите санкции Канада забранува и увоз на руски стоки, вклучувајќи алкохолни пијалоци, морска храна, додека забраната за извоз е насочена кон луксузни стоки како обувки, луксузна облека и накит.

Руски војник на судење во Украина: Не сакав да убивам, искрено се каам

УКРАИНА – Рускиот војник Вадим Шишимарин во судница, кому во Украина му се суди за убиство на цивил

Руски војник на кој му се суди за воено злосторство во Украина, во својата изјава пред судот вели дека не сакал да убие невооружен цивил додека неговата единица се движела низ мало село на северот на земјата.

Дваесет и едногодишниот војник Вадим Шишимарин е обвинет дека пукал со автоматска пушка кон 62-годишниот украински цивил Олександр Шелипов, откако му било наредено да го стори тоа.

Првиот руски војник осомничен за убиство на цивил во Украина ќе излезе на суд

Тој е првиот руски војник кому му се суди под обвинение за воено злосторство во Украина. Шишимарин веќе ја призна вината.

„Искрено се каам. Бев нервозен во тоа време, не сакав да убивам“, изјави Шишимарин пред окружниот суд Соломјанка во Киев.

Обвинителите побараа од судот да го осуди на доживотен во затвор. Се очекува судијата да ја изрече казната на 23 мај.

Ребалансот на буџетот пред министрите - се предлага да нема директно замрзнување на цените

Влада на РСМ

Владата на денешната седница ќе го разгледа ребалансот на Буџетот, но ќе расправа и околу потребата од евентуално продолжување на кризната состојба соопшти Министерот за економија Крешник Бектеши.

„Во моментот Комисијата ги разгледува сите опциии – дали треба да продолжи кризната состојба или не, ако треба да се продолжи или тоа се предлага од институциите, тоа треба да го направи Собранието. Ние ќе предвидиме средства, тоа е наша обврска, да се подготвиме навреме ако продолжи кризата во Украина“, истакна Бектеши.

Тој повтори дека со ребалансот се предвидени кратења на трошоците во институциите за да има средства за креирање мерки кои би ги заштитиле граѓаните и стопанството.

Министерот тврди дека земјава располага со сите прехранбени производи во доволни количини, а Министерството за економија предлага да нема директно замрзнување на цените.

Бектеши денеска информираше и дека нема да има никаква измена во делот на евтината тарифа од 22:00 – 07:00 часот, ќе се интервенира само во високата тарифа.

Колкава ќе биде финалната цена по блокови, ќе се знае откако ќе се одлучи со која цена ЕСМ ќе ги покрива потребите на ЕВН хоум за домаќинствата, малите и микро претрајтијата.

„Финализиран е новиот модел на тарифирање од страна на РКЕ. Само треба да се одлучи од страна на Владата во делот на цената на ЕСМ што ќе ја даде за ЕВН хоум како што правиме двапати годишно. Лани одлучивме да биде 41 евро, сега се прават анализите во ЕСМ. Кога ќе се одлучи со која цена ЕСМ ќе ги покрива потребите на ЕВН хоум за домаќинства и мали и микро претрајтија, тогаш ќе знаеме колкава би била финалната цена по блокови“, информира Бектеши.

Мишел: Албанија ги исполнува условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ

Албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за време на состанокот во Брисел во февруари 2020 година

Албанија ги исполни сите услови за отворање на преговорите за членство во ЕУ и тие треба да започнат што е можно поскоро, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Тирана.

Тој оцени дека развојот на ситуацијата со војната во Украина, бара процесот да се забрза.

„Треба да му дадеме нова енергија на процесот на интеграција, да создадеме нови стимулации за реформи и да го забрзаме процесот на интеграција. Работиме на постигнување конкретни резултати. Ја забрзуваме (европската) интеграција“, рече Мишел на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Говорејќи за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот совет рече дека неговата цел е да обезбеди нова енергија во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан.

Предлогот на Макрон, поддржан од Мишел, предвидува обединување на земјите кои не се членки на Европската унија во нова политичка организација.

„Добро е да разговараме за оваа идеја со нашите пријатели, не за да најдеме изговор, туку да дадеме повеќе охрабрување“, рече Мишел.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, го поддржа предлогот и оцени дека ќе биде „фантастичен“, истакнувајќи дека идејата добива се поголема поддршка.

„Не знаеме како и кога тоа ќе се случи, но јас ја следев и целосно ја поддржувам визијата на претседателот на Франција“, рече Рама.

Тој повтори дека Албанија ќе бара одвојување од Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ доколку преговорите за членство не започнат во јуни.

Претседателот на Европскиот совет Мишел рече дека го разбира ставот на Албанија.

Мишел и Рама разговараа и за регионалната иницијатива, започната во 2019 година од Албанија, Србија и Северна Македонија со цел подобра соработка.

Албанија ќе побара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ

Мишел рече дека ја поддржува оваа иницијатива, додавајќи дека таа ќе ги приближи земјите од Западен Балкан до Европската Унија.

Посетата на Мишел на Тирана доаѓа еден ден откако Европскиот парламент одобри два извештаи за процесот на пристапување на Албанија и Северна Македонија во Европската унија.

Албанија е членка на НАТО од 2009 година. Статусот на кандидат за влез во ЕУ го доби во 2014 година, а моментално ја чека одлуката за почеток на преговорите за членство.

Нови 86 случаи со Ковид-19 и 87 оздравени пациенти

Тестирање за Ковид-19

Во последните 24 часа направени се 1.167 тестови, а регистрирани се 86 нови случаи со ковид-19 и 87 оздравени пациенти.

Од вкупниот број на позитивни 18 се реинфекции.

Во текот на изминатите 24 часа не се пријавени починати лица.

Согласно регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој Термин“ дополнително е регистрирано едно починато лице од Демир Капија (74г), кое починало на 29.04.2022 година во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Досега во земјава се направени вкупно 2.043.694 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 311.199, бројот на оздравени пациенти е 301.361, на починати е 9.297, а на активни случаи изнесува 541.

Русија во сабота ја запира испораката на гас за Финска

Илустративна фотографија

Руски Гаспром ја извести Финска дека од сабота наутро на 21 мај ќе и ја прекине испораката на природен гас, објави во денеска финската државна компанија за големопродажба на гас Гасум.

Гасум одби да му плати на Гаспром во рубли, што Русија го бараше од европските земји.

„Многу е жално што испораките на природен гас според нашиот договор за снабдување сега ќе бидат суспендирани“, рече извршниот директор на Гасум, Мика Виланен.

„Сепак, внимателно се подготвивме за оваа ситуација и под услов да нема прекини во мрежата, ќе можеме да ги снабдуваме со гас сите наши корисници во наредните месеци“, рече тој.

Гасум најави дека ќе продолжи да испорачува гас до клиентите од други извори преку гасоводот „Baltic Connector“ што ја поврзува Финска со Естонија.

Гасум во средата предупреди дека Русија би можела да го прекине снабдувањето со гас поради конфликт околу плаќањата во рубљи.

Девет години затвор за Груевски во случајот „ТНТ“, Јанакиески осуден на три

Екс-министерот Миле Јанакиески и екс-градоначалникот Тони Трајковски на судење за ТНТ.

Поранешниот премиер Никола Груевски доби девет години затвор по денешната пресуда во случајот ТНТ, кој се однесува на рушењето на објектот „Космос“ во 2011 година. Судот исто така одреди три години затвор за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и четири години за поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски.

Случајот ТНТ се однесува на уривањето на објектот Космос на бизнисменот Фиат Цановски. Во случајот четири години затвор доби и тогашната градежна инспекторка Елизабета Најдовска, а три службени лица од Општина Гази Баба добија ослободителна пресуда.

Обвинетите се гонеа за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Судот ги отфрли помилувањата дадени за овој случај, како што образложи, бидјеќи тие биле дадени без законска основа.

За алучајот Цановски побара оштета од скоро 60 милиони денари, што по неколку вештачења ја смени сумата велејќи дека штетата изнесува 40 милиони евра - сума која вечеше дека треба да му се ислпати поради загубите од уривањето на станбено-деловниот комплекс.

Во обвинението на Специјалното јавно обвинителство, беше наведено дека обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот Космос на Фијат Цановски.

Шојгу - Русија ќе ја зајакне западната одбрана како одговор на ширењето на НАТО

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Москва ќе создаде нови воени бази во своите западни региони и ќе формира 12 нови единици и дивизии како одговор на потегот на Шведска и Финска да се приклучат на воената алијанса на НАТО.

„Тензијата продолжува да расте во зоната на одговорност на Западниот воен округ. Преземаме соодветни контрамерки“, рече Шојгу.

„До крајот на годината таму ќе бидат формирани 12 воени единици и дивизии“, рече Шојгу, додавајќи дека армијата очекува да добие повеќе од 2.000 единици воена опрема и оружје.

Финска и Шведска на 18 мај официјално поднесоа барање да се приклучат на западната одбранбена алијанса НАТО, откажувајќи се од својот долгогодишен статус на неутралност поради зголемената загриженост за безбедноста поттикната од неиспровоцираната инвазија на Русија на Украина.

Претседателот Владимир Путин на 16 мај рече дека членството на Шведска и Финска во НАТО не претставува закана за Русија, но предупреди дека Москва ќе одговори доколку Алијансата ја зајакне воената инфраструктура во двете земји.

Обработката на апликациите на двете нордиски земји се очекува да се движи брзо и покрај противењето на членката на НАТО, Турција.

Американскиот претседател Џо Бајден на 19 мај изрази силна поддршка за двете апликации за НАТО на средбата со лидерите на двете земји во Белата куќа, нарекувајќи ги двете земји „големи демократии“ и „многу способни партнери“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG