Достапни линкови

Јанкуловски - УКИМ има академска слобода, но нема финансиска автономија


Јанкуловски - Пандемијата ги уназади образованието и науката
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:31 0:00

Јанкуловски - Пандемијата ги уназади образованието и науката

УКИМ има академска слобода, има автономија во управувањето, автономија во кадровската политика итн. Значи, ние самостојно и автономно одлучуваме за многу прашања и проблеми, нормално без мешање на политиката, но кога се работи на пример за финансиска автономија тука не сме сосема задоволни, затоа што знаете дека сме под трезорското работење коешто има доста ограничувачки фактори во поглед на финансиското работење на универзитетот, вели во интервју за РСЕ, ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј (УКИМ), Никола Јанкуловски.

Ректоре Јанкуловски, речиси сите македонски универзитети и високошколски установи имаат повторно пад во најновото рангирање, на „Вебометрикс“ конкретно, веста не е нова, меѓутоа не е ни позитивна. Зошто со години го слушаме истото? Зошто, според Вас, нема некакво поместување нагоре?

Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје прави континуирани напори за подобрување на видливоста на научните резултати на нашиот наставно-научен и помошен кадар и секако дека тие континуирани заложби даваат и свои резултати. Сега најактуелно е рангирањето на Вебометрикс листата и можам слободно да кажам дека методологијата што Вебометрикс ја користи, сервисот на Вебометрикс, фактички не е постојана. Таа трпи одвреме навреме промени, коишто се одразуваат на рангирањето на поединечните универзитети во светот.
Ние во јануари 2021, нашиот универзитет донесе правила за поголема видливост на научните резултати, како што спомнав, и тоа придонесе за покачување на рангот на нашиот Универзитет на Вебометрикс листата и понатаму со тек на време дојде до промена на методологијата и еден од индикаторите коишто ја прават таа анализа беше тргнат од страна на сервисот на Вебометрикс, а тоа беше индикаторот за присутност, каде што УКИМ беше доста застапен. Со нашите постојани активности, поприлично сме и проактивни во овој поглед, пуштавме повеќепати и дописи до целокупниот наш наставно-научен кадар да формираат таканаречени гугл сколар профили кои ја подобруваат целокупната видливост на нашиот универзитет. Но, како што спомнав, самиот факт што беше тргнат индикаторот за присутност доведе до намалување на рангирањето на нашиот универзитет на Вебометрикс и тоа од 1493 место на 1611 место, коешто се уште аналитичарите го сметаат за нормална варијација во текот на времето, историско гледано на Вебометрикс. Претходно ние се искачивме за 118 места, со претходните активности што ги спомнав, но заради постојаната промена на методологијата дојде и до падот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј за стотина места. Сакам да кажам дека тие варијации и промени на рангирањето не значи секогаш и пад на квалитетот на универзитетот, туку варијации во промената на методологијата во промената на тежинските фактори на индикаторите и во зависност од тоа може да има поместување на ранг листите кои не значат дека квалитетот на еден универзитет ќе опадне.

Во државата со години не се вложува во научно-истражувачки проекти. Како, според Вас, да зборуваме за подобрување на рејтингот на УКИМ, ако толку малку пари се одвојува во науката?

Со децении наназад многу малку се вложува во науката во нашата земја, така што ние постојано апелираме до сите влади и власти наназад, меѓутоа не сме задоволно од одговорот што го добиваме и лично сметам дека сме најслаби во регионот, а да не зборуваме за пошироко. Ако кажеме дека еден постојан процент што се врти во јавноста, дека 0,1 процент од Бруто домашниот производ се одвојува за наука, што сметам дека е и далеку помал во нашата земја, во околните земји е околу еден процент, а во европските земји се движи некаде околу два проценти, а некаде и над тоа. И од тие 0,1 проценти се трошат средства за плаќање школарини во странство, што немаат никаква допирна точна со науката. Постојат одредени финансиски средства што ги дава Министерството за образование за издавање трудови во часописи до импакт фактор, а и можам да речам за одредени проекти, но тоа е сосема малку во однос на потребите.

Од друга страна го имаме незадоволството на кадарот од платите, несоодветни услови за работа на одредени факултети, исто така нема вработувања на местата каде што фалат асистенти. Овие остануваат главни проблеми во високото образование и се провлекуваат. Од каде да се почне за да се подобри таа ситуација? Што може да се направи?

Академски кадар, научно-наставен кадар не се ствара со една, две, три, пети или десет години, тоа е еден континуиран процес којшто трае неколку децении за да се стигне до редовен професор. Имаме асистент во неколку избори, доцент, вонреден, па редовен професор, така што сите овие работи одземаат одредено време и ние не можеме да правиме празнини кога некој ќе отиде во пензија, ние веднаш треба да најдеме начин, меѓутоа не зависи тоа од универзитетот, пред се тоа зависи од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии, давањето на согласности за вработување. Но од далеку не се задоволени потребите на нашиот Универзитет, а верувам и на другите, со вработувања. Што се однесува до платите, до скоро беше 36 илјади за редовен професор што се издвојува во буџетски средства, а сега е околу 39 илјади, што е премалку за еден редовен професор. Сега, некој од факултетите што имаат сопствени приходи надохнадуваат и ги зголемуваат платите во согласност со законската регулатива.

Значи има големи разлики во платите?

Да има. Има доста факултети и институти коишто се со многу ниски плати. Се надевам дека во скоро време нешто ќе се промени со оглед на тоа што слушам дека нашиот синдикат на нашиот универзитет е во преговори со властите и да се надеваме на позитивен исход дека ќе има покачување, нешто поголемо од досегашните.

Ректоре, дали УКИМ го постигна нивото на автономија коешто го посакува и можеме ли да кажеме дека сте имуни на политички влијанија, без разлика од која партија доаѓаат?

Секако дека УКИМ има академска слобода, има автономија во управувањето, автономија во кадровската политика итн. Значи, ние самостојно и автономно одлучуваме за многу прашања и проблеми, нормално без мешање на политиката, но кога се работи на пример за финансиска автономија тука не сме сосема задоволни, затоа што знаете дека сме под трезорското работење коешто има доста ограничувачки фактори во поглед на финансиското работење на универзитетот. Посебно тоа може да го истакнеме кога се работи разни странски стипендии, кога се работи за исплаќање на странски проекти, значи имаме реални проблеми со тоа. Еве, во околните земји го немаат тој проблем. Тука сметам дека треба нешто да се направи од страна на државата да бидеме ослободени, ако ништо друго, барем за сопствените приходи, мислам од трезорското работење.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG