Достапни линкови

Вести

Седница на Совет на ЕУ за економски и финансиски прашања

Министрите за економски и финансиски прашања на Европската унија денеска ќе одржат дебата за политиката за предложената директива на Советот за обезбедување глобален минимум на оданочување за мултинационалните групи во ЕУ. Овој договор е голема пресвртница кон ефективен и праведен систем на оданочување на добивката, наведуваат во Брисел. Министрите ќе дадат политички насоки за тоа дали досието е приоритет и потребата за итно транспонирање на договорените правила за меѓународно корпоративно оданочување што е можно поскоро.

Нова корпоративна даночна реформа за зголемен прилив од директните даноци

Усвојувањето на директивата ќе дојде во подоцнежна фаза, откако ќе заврши испитувањето на предлогот во Советот. Министрите ќе го подготват претстојниот состанок на министрите за финансии на Г-20 и гувернерите на централните банки, што ќе се одржи во февруари 2022 година.

види ги сите денешни вести

Локвенец поднесе оставка од Железници, Владата му најде замена

Воз на железничка станица во Скопје.

Директорот на Јавното претпријатие Железници - Инфраструктура Хари Локвенец на 6 јуни поднесе оставка од функцијата. Тој за МИА вели дека оставката ја поднел од лични причини.

Локвенец беше на функцијата директор на Железници - Инфраструктура од ноември 2020 година.

Владата на седница на 6 јуни му препорача на Управниот одбор на јавното претпријатие да го разреши Хари Локвенец од должноста директор, на негово барање. За в.д директор е одлучено да биде именуван Зоран Трифуновски, соопшти владината прес-служба.

Јавното претпријатие Железници Инфраструктура е едно од најголемите должници во Македонија.

Ескобар - Има предизвици во билатералните односи со Курти

Косовската претседателка Вјоса Османи со претставниците на ЕУ и САД Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар

Односите меѓу народите на Соединетите Американски Држави (САД) и Косово се силни и нема да се променат, но има „некои предизвици во билатералните односи со премиерот на Косово, Албин Курти“, изјави американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

„Ние ќе продолжиме да бидеме ваша најсилна поддршка во меѓународната заедница“, додаде тој во изјавата што ја даде пред дел новинари во Приштина.

Ескобар изрази надеж дека народот на Косово ќе разбере дека „актуелните тешкотии со премиерот нема да влијаат на ова чувство“.

Зборувајќи за актуелната ситуација на северот на Косово, Ескобар рече дека патот напред е предлогот на ЕУ за итна деескалација, вклучувајќи план градоначалниците да не работат од општинските згради додека има тензии на теренот, како и организацијата на нови избори со учество на Срби и имплементација на Охридскиот договор.

Охридскиот договор е постигнат во март и всушност е анекс документ за имплементација на Основниот договор за нормализирање на односите врз основа на предлогот на ЕУ.

„Тоа значи дека треба да го видиме вистинскиот напор на Косово за формирање на Заедницата и треба да ги видиме и чекорите преземени од Србија. Тоа треба да се направи сега, треба да се договориме за тоа денес и утре, бидејќи од петок Мирослав (Лајчак) и јас поднесуваме извештај до нашите претпоставени дали успеавме или не“, рече Ескобар.

Ескобар рече дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е начин да се укине контролата на Србија врз северот, односно да се стави под контрола на Косово. Тој исто така рече дека Косово мора веднаш да го претстави нацрт-статутот за формирање на Заедницата.


На прашањето какви мерки ќе бидат преземени против Косово ако тоа не е конструктивно, Ескобар рече: „Ништо не можеме да планираме, ќе видиме како ќе биде “.

Тој додаде дека, доколку мисијата за посредување не успее, тоа ќе значи дека Косово не е заинтересирано за координација, поточно, како што рече, „не Косово, туку премиерот (Албин Курти)“.

Ескобар, заедно со специјалниот пратеник за дијалог меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, претходно се сретнаа со Курти и со претседателката Вјоса Османи.

Триста животни угинаа во Зоолошка во Украина по поплавата од уништената брана

Локална жителка си ги спасува кучињата во поплавениот дом во Херсон.

Најмалку 300 животни угинале откако била поплавена по експлозијата на браната во Украина, соопшти Зоолошка градина лоцирана на брегот на реката Дњепар.

Зоолошката градина наречена Казкова Диброва објави за нивната загуба на Фејсбук.

„Паркот беше миниран и беше невозможно да се евакуираат животните“, се вели во соопштението.

„Се обидовме да ги спасиме. Секој ден, под непријателски оган, двајца работници си ги ризикуваа животите за да одат во Диброва да ги нахранат животните, соопшти претставник на зоолошката градина.

„Сега Русија уништи сè. Душата ни е растргната од болка“, додаде тој.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништување на на големата брана Каховка на реката Днепар во област окупирана од Москва.

НДИ – Ниските плати, високите цени и корупцијата се најголеми проблеми на граѓаните

Луѓе во центарот на Скопје

Ниските плати и пензии се најголемиот проблем со кој се соочува Северна Македонија, покажува истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ) објавено на 6 јуни.

Во истражувањето „Северна Македонија: Перцепција на граѓаните за општата состојба, економските политики и заштитата на потрошувачите“, речиси третина од испитаниците (27,2) проценти рекле дека најголем проблем тоа е животниот стандард, ниските плати и пензиите. За 22,9 од испитаниците најголем проблем се криминалот и корупцијата, а за 13,3 проценти зголемување на цените и инфлацијата.

Минималната плата во земјава изнесува 20.175 денари, околу 330 евра, најниската пензија изнесува околу 200 евра, инфлацијата во Македонија е скоро 20 отсто, додека потрошувачката кошничка изнесува нешто под 50.000 денари (813 евра).

Следни на листата најголеми проблеми за државата се невработеноста (8,4 проценти), интеграција во ЕУ, отвореното прашање со Бугарија (6,7 проценти), владеење на правото и демократијата (5,9 проценти), иселувањето (5,4 проценти), судството (4,6 проценти), здравството (два процента)...

Животниот стандард, како проблем, почесто го споменуваат испитаниците на возраст од 35 до 54 години и лицата со помали семејни приходи. За корупцијата и криминалот како проблем, пак, се изјаснуваат повозрасните од 55 години и тие со повисоки примања. Невработеноста и иселувањето ги мачи тие на возраст од 18 до 34 години.

Во истражувањето се наведува дека повеќе од половина од испитаниците (56 проценти) сметаат дека државата се движи во погрешна насока, една третина (31,3 проценти) имаат неутрален став, а 11,1 отсто од испитаниците велат дека државата се движи во правилна насока.


На прашањето „Доколку утре се одржуваат парламентарни избори, колку е веројатно дека ќе излезете да гласате?“ одговор дека би гласале дале 71 процент од испитаниците, дека не би гласале 23 отсто. Според истражувањето, доколку утре се одржат парламентарни избори, 21,5 проценти ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 проценти за СДСМ, 6,2 проценти за ДУИ, 3,6 проценти за БЕСА, 3,4 проценти за Алијанса за Албанците, 2,9 проценти за Левица...

Истражувањето на Националниот демократски институт е спроведено од 13 до 24 април годинава на примерок од 1003 испитаници на возраст од над 18 години, со метод лице-в-лице и маргина на грешка +/-3,09 процентни поени.

Вучиќ за Фајненшл Тајмс - Не сум против да се продава муниција на посредници кои ја доставуваат во Украина

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за Фајненшл тајмс дека не се противи неговата земја да продава муниција на посредници кои ја доставуваат во Украина.

Фајненшл тајмс наведува дека тоа е знак дека цврстиот балкански сојузник на Русија се врти кон Запад.

Весникот потсетува дека Вучиќ одбива да ги почитува западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина. Весникот наведува дека претседателот на Србија во промена на правецот вели дека е запознаен со извештаите на американската влада дека српска муниција преку посредници завршила во Украина и дека не планира да го спречи тоа.

„Дали е можно тоа да се случува? Не се сомневам дека тоа може да се случи“, изјави Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.

„Која е алтернативата за нас? Да не го произведуваме? Да не го продаваме?“, додаде тој.

Фајненшл тајмс објави дека тројца западни дипломати во регионот тврдат дека каналот преку кој српската муниција се насочува кон украинскиот фронт е клучен фактор за забележливата промена откако САД, НАТО и ЕУ неодамна ја поддржаа Србија по етничките тензии на Косово.

На северот на Косово, кој крајот на мај, изби насилство за време на протестите на Србите против новоизбраните градоначалници од албанска националност на изборите на кои Србите не учествуваа.

Запрашан дали тоа е пресметан чекор да се добие одобрение од западните престолнини, Вучиќ рече дека Белград се обидел да се однесува на „неутрален начин“.

„Но, јас не сум будала. Свесен сум дека дел од оружјето може да заврши во Украина“, изјави српскиот претседател.

Весникот наведува дека Вучиќ признал дека оди по жица меѓу Москва и западните сили, но дека нема да им помогне на руските воени напори.


„Се приклучивме на сите резолуции на ОН“, рече тој.

Србија се приклучи на резолуциите на ОН со кои се осудува руската инвазија на Украина.

Претседателот на Србија вели дека поминало времето кога тој разговарал со рускиот претседател Владимир Путин на секои три месеци. Тој истакна дека не бил во контакт со Кремљ една година освен што примал посетители од Москва.

„Фајненшл тајмс“ објави дека одбранбената разузнавачка компанија „Џејнс“ соопштила дека силните врски на Србија со Русија и нејзиниот потенцијал да ја поткопа регионалната безбедност ги навеле западните престолнини да заземат помек став кон Белград.

Избрана новата бугарска влада на чело со Денков

Николај Денков на говорница во Собранието на Бугарија, на седница за гласање на новата влада. 6 јуни 2023.

Бугарскиот Парламент на 6 јуни избра влада на чело со премиер Николај Денков. Новата влада беше избрана на вонредна седница на Националното собрание. За нова влада гласаа 132 пратеници, а 69 беа против, немаше воздржани. Новиот Кабинет го поддржа сите пратеници од ГЕРБ-СДС, од „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и двајца пратеници од ДПС – Мустафа Карадаи и Дељан Пеевски.

Во понеделникот ПП-ДБ му го врати завршениот втор мандат за формирање влада на претседателот Румен Радев. Ова се случи откако во петокот коалицијата објави дека постигнала договор со ГЕРБ за составот на владата. Според договорот, премиер ќе биде Николај Денков, а по девет месеци функцијата ќе ја преземе Марија Габриел од ГЕРБ, која дотогаш ќе биде вицепремиер и министер за надворешни работи.

Владата беше избрана со три одвоени гласања - за премиер, за структура и за состав на Министерскиот совет.

Владиниот Кабинет беше избран по преговорите што траеја повеќе од два месеци по петтите по ред парламентарни избори што се одржаа на 2 април. ГЕРБ освои најмногу гласови на изборите, но не успеа да собере поддршка за формирање на кабинет.

Додека пратениците гласаа, пред Народното собрание имаше протест, свикан од партијата „Вазраждане“ („Преродба“), , која е против изборот на владата на ПП-ДБ и ГЕРБ.

Николај Денков беше министер за образование во кабинетот на Кирил Петков. Тој ја извршуваше функцијата и во канцелариите на Стефан Јанев и Огњан Герџиков, предложени од Румен Радев.

Оставки во Судски совет

Судски совет

Членовите на Судскиот совет Мирјана Радевска - Стефкова и Зоран Герасимовски поднесоа оставки од функциите, потврдија за МИА од Судскиот совет.

Апелациониот судија Зоран Герасимовски и врховната судијка Мирјана Радевска - Стефкова беа избрани за членови на Советот на непосредни избори, од редот на судиите.

Оставките се депонирани денеска во архивата на Судскиот совет, а причините засега се непознати.

Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции. Сериозни критики за правосудниот систем упати и холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа каде посочи дека е ставен во „мирување “ голем проект финансиран од Холандија, осветен на зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.


За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.

Украина бара состанок на Советот за безбедност на ОН по уништувањето на браната

Делумно поплавена област во Херсон на 6 јуни 2023 година, по штетата предизвикани од уништувањето на браната Каховка.

Украина повика на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации, на кој ќе се разговара за, како што велат „рускиот терористички напад“ на браната Каховка во јужна Украина.

Украинските власти, исто така, бараат за инцидентот да расправа и Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија, која е тело на ОН. Тие бараат и нови меѓународни санкции за Русија, а особено за руската ракетна индустрија и нуклеарниот сектор.

Украинските и руските власти меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната под контрола на Русија, што предизвика евакуација на луѓето што живеат во околината.

„Сметаме дека детонирањето на браната од страна на Руската Федерација е терористички чин против украинската критична инфраструктура, чија цел е да предизвика што е можно повеќе цивилни жртви и што е можно повеќе уништување“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.


Министерството ја повика меѓународната заедница да ја осуди Русија поради инцидентот и рече дека Москва треба да плати компензација за последиците.
„Исто така, апелираме до земјите од Групата седум и ЕУ итно да размислат за воведување нови далекусежни санкции кон Руската Федерација, особено поврзани со руската ракетна индустрија и нуклеарниот сектор“, се вели во соопштението.

Во соопштението се повикува и на ангажирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија. Една земја може да побара помош преку механизмот кога се соочува со итен случај.

Кремљ демантира дека Русија стои зад уривање на браната

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во првата реакција на уништувањето на браната Каховка, ја обвини Украина за саботажа.

Браната Нова Каховка се наоѓа на реката Дњепар во Украина, во област под контрола на Москва.

Песков во изјава за новинарите рече дека недвосмислено може да се каже дека станува збор за саботажа од украинска страна.

Тој исто така рече дека претседателот Владимир Путин бил информиран за ситуацијата.

Песков истакна дека уништувањето на браната има за цел да го лиши Крим, кој е контролиран од Русија, од свежата вода што ја добива од акумулациите преку Северен Кримски Канал и да го одвлече вниманието од контраофанзивата.

„Очигледно е дека оваа саботажа е поврзана и со фактот дека украинските вооружени сили, откако пред два дена започнаа големи офанзивни дејствија, сега не ги постигнуваат своите цели“, рече Песков.

Запрашан за украинските обвинувања дека Русија ја уништила браната, Песков рече: „Можеме силно да го отфрлиме тоа. Официјално изјавуваме дека ова е дефинитивно намерна саботажа од украинската страна“.

Песков рече дека саботажата „потенцијално може да има многу сериозни последици за десетици илјади жители во регионот“.

Украина на 6 јуни ги обвини руските сили за кревање во воздух на големата брана. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рее дека уништувањето на браната е чин на „терор“.

Подготвителните материјали остануваат во игра и за следната учебна година

Работни материјали, привремени учебници за учениците од 5 одделение

Министерството за образование ќе го даде максимумот учебната година од 1 септември да не започне со подготвителни материјали, изјави на 6 јуни, министерот за образование Јетон Шакири.

Во учебната 2022/2023 немаше учебници по сите предмети, па се користеа привремени материјали за учење, за што државата потроши 640 илјади евра, пари добиени како заем од Светската банка кој ќе треба да се врати.

Шакири на прес-конференција рече дека за 80 проценти од предметите, веќе има доставено ракописи, а за предметите за кои не се пријавуваат автори на повиците за учебници, како што е Македонски јазик за трето одделение, ќе се бара решение ако треба, како што рече, „и со подготвителни материјали“.

„Може да имаме проблеми, но не верувам за сите предмети, зашто веќе имаме ракописи. Може да се за еден, два или три предмети, но не можам да предвидам и верувам дека и за нив не треба да има проблеми“, рече министерот.

Минатата година започна со речиси 75 илјади привремени учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение бидејќи на 1 септември минатата година не беа готови нивните нови учебници.

Нема пожарникари, а и возилата им се стари

Пожарникари и пожарникарско возило.

Недостасуваат пожарникари, а пожарникарските возила се стари. Слична е состојбата и со амбулантните возила, се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Според истражувањето во земјава недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Амбулантните возила пак просечно се стари по 12 години, а само 30 од новонабавените вакви возила се нови, додека другите се купени „на старо“.

Резултатите од истражувањето покажале дека помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава.

Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Во Куманово има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, на Битола и недостасуваат 21 пожарникар, а на Тетово 17 пожарникари.

Спротивно, најдобро стои Ресен со дури шест пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.

Инаку, 34-те противпожарни единици вкупно имаат 284 возила, а половина од нив се постари од 30 години, додека само 15 проценти од возилата се стари до 10 години. Најстари возила со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане. Најстаро противпожарно возило од 57 години е камионот ТАМ од 1966 година, на валандовската единица.

Во земјава има 263 амбулантни и санитетски возила на здравствените установи. Најстарото возило „мерцедес“ е од 1988 година и го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово. Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 проценти од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства, се наведува во соопштението.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Бразил објави план за запирање на уништувањето на шумите во Амазон

Илустрација

Бразилската влада ги објави плановите за ставање крај на уништувањето на шумите во Амазон до 2030 година со зголемена олициска помош и други мерки против еколошките злосторства во најголемата тропска прашума во светот.

За време на поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро, Бразил се приклучи на пактот од 2021 година во кој повеќе од 140 земји се обврзаа на глобално запирање на уништувањето на шумите до 2030 година. Левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој го наследи Болсонаро, го направи тоа централна точка на неговата еколошка политика.

Акцискиот план за спречување и контрола на уништувањето на шумите во Амазон ги усогласува политиките на повеќе од десетина министерства до крајот на мандатот на Лула да Силва во 2027 година.


Тој повикува на зголемена употреба на разузнавачки и сателитски снимки за следење на криминалните активности, регулирање на сопственоста на земјиштето и употреба на рурален регистар за следење на правилното управување со шумите, кои се сметаат за витални за забавување на глобалните промени.

Меѓу активностите што треба да се спроведат, властите ќе ги вкрстат информациите од финансискиот систем со руралниот регистар и другите бази на податоци и сателитски снимки за да се искорени нелегалната сеча и сточарството.

Финансиското разузнавање може да укаже на движењето на готовината што се користи за плаќање на опрема како што се моторни пили за сеча или багери за нелегално ископување злато.

Планот, исто така, има за цел да развие зелена економија за да го задржи Амазон без сеча, што ќе вклучува сертификати за шумски производи, техничка помош за производителите, комисии за инфраструктура, енергија и интернет конекција, како и стимулации за екотуризам.

Блинкен во посета на Саудиска Арабија во услови на затегнати односи

Илустрација Американскиот државен секретар Антони Блинкен во седиштето на НАТО; архивска фотографија

Американскиот државен секретар Антони Блинкен на 6 јуни отпатува во Саудиска Арабија во мисија да ги стабилизира односите на Вашингтон со Ријад по долгогодишни продлабочени несогласувања за прашања кои се движат од Иран и регионалната безбедност до цените на нафтата, јавува новинската агенција Ројтерс.

Блинкен се очекува да се сретне со највисоките функционери во земјата, а можна е и средба со престолонаследникот Мохамед бин Салман, за време на неговиот престој во главниот град Ријад. Советникот за национална безбедност на Белата Куќа Џејк Саливан ќе отпатува во Саудиска Арабија на 7 мај.

Посетата на главниот американски дипломат на најголемиот светски извозник на нафта од 6 до 8 јуни доаѓа неколку дена откако Ријад вети дополнително намалување на производството на нафта, потег кој најверојатно ќе ја зголеми тензија во односите меѓу САД и Саудиска Арабија кои веќе се затегнати поради досиејата за човековите права во кралството и споровите околу американската политика кон Иран.

Целта на посетата вклучува подобување на односите со Ријад околу цените на нафтата, спречување на кинеското и руското влијание во регионот и разговори за евентуално нормализирање на саудиско-израелските врски.

Зборувајќи пред израелско – американската лоби група во Комитетот за односи со јавноста на 5 јуни, Блинкен рече дека Вашингтон има „вистински национален безбедносен интерес“ да се залага за нормализација на дипломатските односи меѓу Израел и Саудиска Арабија, но предупреди дека тоа нема да се случи брзо.

Украина ја обвини Русија дека ја оштетила големата брана Каховка кај Херсон

Браната Каховка, Украина, 5 јуни 2023

Украина ги обвини руските сили за кревање во воздух на големата брана и хидроцентралата Каховка во делот на јужна Украина што тие го контролираат.

„Неколку села се целосно или делумно поплавени и започната е евакуација од областа“, изјави во вторникот украински официјален претставник.

Олександр Прокудин, шеф на воената администрација во Херсон изјави дека околу 16 000 луѓе се наоѓаат во критичната зона на десниот брег на регионот Херсон, додавајќи дека има поплави во осум области долж реката Днепар.

Украина им нареди на жителите во оваа област да се евакуираат.

Руската новинска агенција Тас цитираше неименуван руски владин функционер кој рекол дека браната „се срушила“ поради оштетување.

Украинските власти претходно предупредија дека дефектот на браната може да предизвика протекување на 18 милиони кубни метри вода и да го поплави Херсон и десетици други области каде живеат стотици илјади луѓе, како и да предизвика дефект во блиската нуклеарна централа. што е окупирана од руската армија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски свика итен состанок за да се реши кризата.

Тој на Твитер објави видео од браната и напиша дека рушењето на браната и хидроцентралата Каховка „само му потврдува на целиот свет дека тие мора да бидат протерани од секој дел на украинската земја“.

„Ниту еден метар не треба да им се остави, бидејќи секој метар го користат за терор. Само победата на Украина ќе ја врати безбедноста. И таа победа ќе дојде“, напиша Зеленски на Твитер и ги повика граѓаните да им веруваат само на информации од проверени извори.

Радио Слободна Европа не можеше да ја потврди автентичноста на видеото.

Министерството за внатрешни работи на Украина на Телеграм напиша дека браната Каховка е крената во воздух и ги повика жителите на 10 села на десниот брег на реката и делови од градот Херсон да ги земат потребните документи и домашни миленици, да ги исклучат уредите и да заминат.

Снимката од она што се чини дека е надзорна камера која гледа во браната која кружи на социјалните мрежи, наводно, покажува блесок, експлозија и пукање на браната, јавува Асошиејтед прес (АП).

Шефот на Регионалната воена управа во Херсон, во видео објавено на Телеграм, непосредно пред 7:00 часот, рече дека „руската армија извршила уште еден чин на терор“ и предупреди дека водата ќе достигне „критични нивоа“ во рок од пет часови.

Смирување на тензиите, нови избори и дијалог побараа Лајчак и Ескобар од Курти

Средба помеѓу Габриел Ескобар, Мирослав Лајчак и Албин Курт, Приштина, 5 јуни 2023 година

Претставниците на Европската унија и Соединетите Држави побараа од косовскиот премиер Албин Кути да ја смири ситуацијата на северот на Косово, да одржи нови избори и да се врати на дијалогот со Србија.

Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак и американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Екобар, разговараа со косовскиот премиер Албин Курти на 5 јуни, додека тензиите и протестите на локалното српско население се уште траат во северно од Косово.

„Изнесовме предлог во име на меѓународната заедница кој содржи три елементи. Имавме долги, искрени и тешки разговори“, рече Лајчак.

Тој рече дека во интерес на сите е да има „легитимни“ општински претседатели на северот на Косово кои ги претставуваат граѓаните.

Ескобар изјави дека на оваа средба дошол како пријател на Косово и рече дека се надева оти нивните барања „ќе бидат слушнати“. На прашањето дали премиерот на Косово го прифатил нивниот предлог, Ескобар рече дека тие се на почетокот на мисијата.

„Никогаш не сум видел толку единство во трансатлантската заедница. Истиот предлог го дадоа САД, ЕУ, НАТО и речиси секој пријател на Косово. Затоа се надевам дека ќе бидеме слушнати“, рече Ескобар.

По Приштина, Лајчак и Ескобар денеска се во Белград со цел уште еднаш да ги пренесат барањата на Брисел и Вашингтон за итно смирување на тензиите на северот на Косово.

Посетата на европскиот и американскиот дипломат се случува откако новоизбраните градоначалници на Звечани, Зубина Поток и Лепосавиќ со помош на полицијата на 26 мај влегоа во општинските згради. Станува збор за општини со мнозинско српско население кои ги бојкотираа локалните избори на 23 април, кога на чело на овие општини беа избрани косовските Албанци.

На 29 мај протестот на локалното српско население, кое се противеше на влегувањето на овие градоначалници во општинските објекти, прерасна во насилство меѓу членовите на Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) и демонстрантите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG