Достапни линкови

Вести

Талибанците бараат САД да ги ослободи парите на Централната банка на Авганистан

AFGHANISTAN -- An Afghan currency exchange dealer waits for customers at a roadside in Kandahar, January 9, 2018

Талибанците ги повторија повиците до Вашингтон за ослободување на парите на Централната банка на Авганистан блокирани од американските Федерални резерви, додека земјата опустошена од војна се соочува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот.

Во писмото до американскиот Конгрес, в.д. министерот за надворешни работи на талибанската влада Амир Хан Мутаќи вели дека ситуацијата во Авганистан станува сè полоша со приближувањето на зимата.

Одлуката на САД да ги замрзнат средствата на земјата им штети на обичните Авганистанци, вели Мутаќи во писмото објавено денеска. Тој предупредува дека ако кризата во земјата продолжи, тоа може да поттикне бегалски бран кој ќе се одрази во целиот свет.

Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август, САД замрзна скоро 9,5 милијарди долари кои ѝ припаѓаат на Авганистанската централна банка и ги запре пратките со готовина.

Овој потег е дел од кампањата за притисок, чија цел е да ги натера новите владетели на Авганистан да формираат инклузивна влада и да ги почитуваат правата на жените и на малцинствата.

Меѓународниот монетарен фонд претходно соопшти дека Авганистан веќе нема да има пристап до нивните ресурси. Светската банка исто така го запре финансирањето на проекти во Авганистан. Освен укинувањето на странската помош, Авганистан страда од тешка суша годинава.

Програмата за храна на ОН минатиот месец предупреди дека милиони Авганистанци оваа зима може да се соочат со глад поради комбинација со суша, конфликти и ковид-19 ако не се преземат итни мерки.

Повеќе од половина од популацијата на Авганистан, скоро 23 милиони жители, се соочуваат со несигурност за храна, додека 3,2 милиони деца под пет години може да страдаат од акутна неухранетост.

Шефот на програмата за храна Дејвид Бисли рече дека Авганистан „сега е меѓу најлошите хуманитарни кризи во светот, ако не и најлошата“.

види ги сите денешни вести

Путин е „подготвен“ да разговара за извозот на украинското жито во замена за укинување на санкциите

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор на 28 мај им рекол на францускиот и германскиот претседател дека Русија е „подготвена“ да разговара за начините како да и се овозможи на Украина да го извезува житото кое е заглавено во нејзините пристаништа на Црното Море, соопшти Кремљ.

„Русија е подготвена да помогне да се најдат опции за непречен извоз на жито, вклучително и извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море“, им рекол Путин на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц, соопшти Кремљ.

Но, прекинот на руската блокада на пристаништата Путин го условил со укинување на санкции од страна на Западот.

„Зголемувањето на понудата на руски ѓубрива и земјоделски производи, исто така, ќе помогне да се намалат тензиите на глобалниот пазар на храна, што, се разбира, ќе бара отстранување на соодветните санкции“, соопшти Кремљ.

Украина е еден од најголемите светски извозници на пченица, пченка и сончогледово масло, но руските сили во моментов ги блокираат пристаништата на Украина во Црното Море, загрозувајќи ги светските резерви на храна.

Меѓународната заедница ја повикува Русија да ги деблокира пристаништата и да дозволи извоз на украинско жито.

Путин, исто така, ги предупредил Макрон и Шолц да не го зголемуваат снабдувањето со оружје за Украина, велејќи дека тоа може дополнително да ја дестабилизира ситуацијата.

Постојаните испораки на оружје за Украина беа „опасни“, Кремљ го цитираше Путин, предупредувајќи „на ризиците од понатамошна дестабилизација на ситуацијата и влошување на хуманитарната криза“.

Центарот за управување со кризи апелира граѓаните да бидат внимателни по најавата за нестабилно време

Поплавена улица, невреме Скопје

Центарот за управување со кризи (ЦУК) ги повика граѓаните на внимателност од силно локално невреме и можни опасни порои од обилен дожд викендов, по најавата на Управата за хидрометеоролошки работи за нестабилно време денеска, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

„Согласно информацијата од УХМР, ЦУК превентивно апелира и препорачува граѓаните во земјава од попладнево викендов да избегнуваат локално движење во и покрај суводолици и други стари корита – водотеци, како и во долови по коишто се слевале порано порои од обилни дождови. Конкретно, концентарацијата на врнежи на одреден простор е со голема веројатност можна во делови на земјава, проследено со силно локално невреме. Постои голема можност да биде голема и опасна поројната вода по околината таму каде што ќе зафати поројониот дожд што се предвидува да падне во делови од земјава“, наведува ЦУК во апелот.

УХМР соопшти дека под влијание на циклонска активност од југозапад денеска и утре времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

„Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време со поголеми количества воден талог), електрични празнења, силен ветер од над 70 километри на час и појава на град. Утре преку денот температура ќе биде пониска за 3 до 5 степени“, најавија денеска од Управата.

Од понеделник нестабилноста ќе се намали и повторно ќе преовладува потопло време.

Поранешниот украински претседател Порошенко бил спречен да ја напушти Украина

Поранешниот претседател на Украина - Петро Порошенко

Поранешниот претседател Петро Порошенко денеска изјави дека му било забрането да ја напушти Украина и ја обвини владата за кршење на таканаречениот политички прекин на огнот, кој беше воспоставен по инвазијата на Русија на 24 февруари.

Порошенко беше на власт од 2014 до 2019 година, а неговата партија Европска солидарност е втората по големина партија во украинскиот парламент по владејачката партија Слуга на народот на претседателот Володимир Зеленски.

Порошенко изгуби од Зеленски на изборите во 2019 година.

Во јануари беше обвинет за предавство во случај што тој и неговите поддржувачи тврдат дека е политички мотивиран.

Обвиненијата против Порошенко, еден од најбогатите луѓе во Украина, се поврзани со наводната продажба на јаглен за да се помогне во финансирањето на сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина во 2014-15 година, додека тој беше на функција.

Случајот предизвика меѓународна загриженост, а американскиот државен секретар Антони Блинкен во февруари апелираше до Украинците да се „држат заедно“ додека се наѕираше заканата од руска инвазија.

По инвазијата на Русија, украинскиот парламент забрани неколку проруски партии и им дозволи на другите сè уште да работат според премолчен договор според кој сите партии ќе ги остават настрана домашните политички несогласувања за да се обединат против војната.

Но, денеска канцеларијата на Порошенко соопшти дека „ не му било дозволено да ја премине границата со Украина“, обвинувајќи ја владата за прекршување на договорот.

„Постои ризик дека со оваа одлука, властите го прекршија „политичкиот прекин на огнот“ што беше воспоставен за време на војната, кој е еден од столбовите на националното единство против руската агресија“, соопшти неговиот кабинет.

Порошенко требаше да отпатува на состанокот на парламентарното собрание на НАТО во Литванија како дел од украинската делегација и доби официјална дозвола за патување.

Тој требаше да се сретне во Вилнус со литванскиот претседател Гитанас Науседа и група европски парламентарци.

Потоа требаше да отпатува во Ротердам во Холандија на самитот на кој ќе се соберат европските политички партии.

Мицкоски тврди дека струјата ќе поскапи за повеќе од 10% - Од АД ЕСМ велат незнаењето или злонамерноста на Мицкоски се недозволиви

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на презентација на сработеното од градоначалниците од таа партија

Покрај досегашните 30 проценти, од 1 јули граѓаните ќе плаќаат за повеќе од 10 отсто поскапа струја, вели претседателот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска на прес конференција пред парттиското седиште ги образложи ваквите негови тврдења.

Според Мицкоски граѓаните ќе плаќаат за 10 отсто поскапа струја поради тоа што багерите на РЕК Битола не ископуваат јаглен поради поплава, цената на уличното осветлување и помалото производство на електрична енергија.

„Главната и суштинска работа зошто го споменувам уличното осветлување е вчера лиферуваниот податок дека општините преку уличното осветлување потрошиле 30 милиони денари, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа е 1,32 проценти од вкупно потрошената струја за 2021 година“.

Математички, вели тој, е невозможно струјата да поскапе 10 проценти ако само уделот на јавното осветлување е десетократно помал.

„Е сега каде се парите? Од истиот тој извештај на Регулаторната комисија за 2021 година можете да забележите дека во 2021 година се произведени од страна на ЕЛЕМ 3,17 тераватчасови електрична енергија, а само две две години претходно во 2019 година 4,25 тераватчасови електрична енергија. Што значи ЕЛЕМ наместо да произведува односно на тие што го водат приоритет им се договори во четири очи“, нагласи Мицкоски.

Разликата во пари во производството на струја, според него, изнесува 250 милиони евра.

Решението на ВМРО-ДПМНЕ за проблемот со зголемување на сметките за електричната енергија е земјата да се врати на производството на струја од 2019 година.

„Да се вратиме најмалку од производството од 2019 година и тоа ќе го направиме за шест месеци. Ова денеска што се случува е минус 250 милиони евра“, вели Мицковски.

Брзо по прес кофнеренцијата стигна реакција од АД Електрани на Северна Македонија, од каде велат дека Мицкоски покажува незнаење од неочекувани размери за производството на електрична енергија.

„АД ЕСМ е заштитник на цената на електричната енергија и гарант за спречување ценовен шок за граѓаните. Незнааењето или злонамерноста на Мицкоски се недозволиви во овие размери. АД ЕСМ ја надмина енергетската криза со која се соочи државата без ниеден ден рестрикција на струја и без запирање на испораката, вложувајќи ги сите сили и со голема поддршка од Владата“, стои во реакцијата на АД ЕСМ.

Украина доби противбродски ракети од Данска

УКРАИНА - Вооружени украински морнари стражари на оклопниот артилериски патролен брод во пристаништето Азовско во источно украинскиот град Мариупол, 29 јануари 2019 година

Украина доби противбродски ракети „Харпун“ од Данска и самоодни хаубици од САД, изјави денеска украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.

„Крајбрежната одбрана на нашата земја не само што ќе биде засилена со ракетите „Харпун“ - туку тие ќе бидат и искористени од страна на обучени украински тимови“, напиша Резников на својата Фејсбук страница.

Тој рече дека ракетите Харпун ќе бидат искористени заедно со украинските ракети Нептун за одбрана на Црното Море на Украина, вклучувајќи го и јужното пристаниште Одеса.

Харпун е противбродска ракета која може да се користи во сите временски услови.

Може да се лансира од бродови, подморници, авиони или крајбрежни артилерии.

Русија ги блокираше украинските пристаништа, попречувајќи го извозот на жито и ја искористи својата црноморска флота за да изврши ракетни напади врз украинските градови.

Резников рече дека Украина, исто така, примила низа тешка артилерија, вклучително и модифицирани самоодни хаубици М109 од САД, кои ќе и овозможат на украинската војска да напаѓа цели од подолги растојанија.

Украина рече дека сака да обезбеди испорака на американските повеќекратни ракетни фрлачи М270 (MLRS) со долг дострел за да ја зајакне својата одбрана на истокот, каде што Русија спроведува сè поагресивна офанзива поддржана од неселективен артилериски оган што предизвика огромни штети и уби стотици цивили.

Поплава во рудникот Суводол по вчерашното невреме, отежнат ископот на јаглен

Македонија - Транспортен систем за јагленова руда од рудниците Брод Гнеотино и Суводол до ТЕ РЕК Битола, 27.08.2012

Силното невреме од дожд и град предизвика поплави и големи сливови на вода во рудникот Суводол, од каде се носат најголемите количини јаглен за РЕК Битола.

Невремето кое вчера го зафати подрачјето на рудникот предизвика големи дотоци во откопното поле и на позициите каде се лоцирани големите багери и системи за транспортирање на јагленот.

Комбинатот во моментот работи со сите човечки и технички ресурси кои ги поседува на санација на состојбата и на непречен ископ на јаглен, кој сепак се одвива под отежнати услови.

Раководителот на производство во Рудници-РЕК Битола, Димитар Петковски, изјави дека се работи во тешки услови и дека вработените уште од вчера се распределени на вонредни задачи во очекување на невремето и врнежите, кои според прогнозата ќе продолжат и во текот на викендот.

„Ископувањето на јаловината и јагленот и натаму течат, отежнато, но течат, процесот на ископ на јаглен не е запрен и правиме се да се справиме со големите дотоци на вода во наоѓалиштата“, вели Петковски.

РЕК Битола има негативни искуства со силни врнежи во рудниците.

Пред две години силно невреме и дожд целосно ги поплавија откопните полиња со јаглен и ги парализираа багерите и другата механизација, по што беше потребно подолго време за испумпување на водата и настанатата кал, за овозможување пристап и враќање на процесот за ископување јаглен.

Косово и Албанија вратија дел од своите државјани од Сирија

Повратници од Сирија во камп во Косово, април 2019

Косово и Албанија во заедничка акција вратија неколку граѓани од воените зони во Сирија, потврди денеска косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свецла, но не го прецизираше точниот број на вратени косовски граѓани.

Од друга страна, властите од Албанија соопштија дека се вратени 13 нивни државјани, четири жени и девет деца.

Зборувајќи од аеродромот во Приштина, Свечља рече дека косовските власти ќе продолжат да соработуваат со властите од Албанија во ваквите акции.

„Нашите тимови од различни профили имаат многу работа да ги рехабилитираат поединците и оние кои се радикални, да ги дерадикализираат, да бидат дел од нашето општество, особено децата кои не се виновни за ситуацијата во која се наоѓаат“, рече министерот Свечља.

Оваа акција беше спроведена со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД).

Во јули минатата година косовските власти вратија 11 граѓани од Сирија, меѓу кои и жени и деца.

Претходно во април 2019 година беа вратени 110 косовски државјани, жени, деца и четворица наводни борци од милитантната група на таканаречената Исламска држава.

Од 2012 година, околу 400 косовски граѓани заминале да се борат во Сирија и Ирак на страната на таканаречената Исламска држава.

Бориславова: Владата нема да го предаде бугарскиот национален интерес

Илустрација

За Бугарија е најважно да има широк консензус за прашањето со Македонија и оваа тема нужно треба да помине низ Народното собрание, рече шефицата на кабинет на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова по синоќешниот вонреден коалициски совет на кој се расправаше за односите помеѓу Бугарија и Македонија.

Бориславова рече дека дипломатите во бугарското МНР ќе продолжат активно да работат и да се трудат да го заштитат бугарскиот интерес.

Средбата во бугарската влада се одржа откако премиерот Кирил Петков побара од претседателот Румен Радев да го свика Советодавниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите со Република Северна Македонија.

Бориславова рече дека владејачката коалиција во Бугарија имала конструктивен дијалог на оваа тема, која е исклучително важна за бугарското општество.

Прашана дали Радев и Петков разговарале за Македонија, таа одговори: „таков разговор не е одржан, но двајцата се во дијалог” и додаде дека „Владата и кабинетот нема да бидат тие што ќе го предадат бугарскиот национален интерес“.

За тоа кога би можел парламентот да расправа за Македонија, Босрславова кажа дека „кога ќе има одлука и извештај од МНР кое известува за напредокот на бугарската позиција, тогаш ќе биде доставен предлог до Народното собрание, а во оваа фаза се уште не е стигнато до таму“.

Запрашана за евентуалниот рок за расправа за ова прашање во парламентот, Бориславова рече: „Кога ќе имаме одлука и извештај на Министерството за надворешни работи, кое известува за напредокот на бугарската позиција, тогаш ќе имаме предлог до Народното собрание“.

Македонија пред јунскиот самит на ЕУ сеуште е под бугарско вето за старт на пристапните преговори кое трае веќе 2 години.

Најмалку 15 загинати во поплавите во Кина

Илустрација

Најмалку 15 луѓе загинаа во поплавите и одроните за време на поројните дождови во јужна Кина, објавија државните медиуми.

Според државната новинска агенција Ксинхуа осум лица загинале при уривање на две згради во провинцијата Фуџиан во близина на источниот брег на Кина.

Државната телевизија CCTV објави дека пет лица загинале, додека три се водат како исчезнати во провинцијата Јунан.

Властите соопштија дека водата однела три деца во округот Ксинченг, Гуангкси. Две деца загинале, а едно е спасено, јави Асошиејтед прес (АП).

Невремето оштети патишта, мостови, телекомуникациски врски и енергетски објекти во областа Кубеи, која се наоѓа на околу 130 километри северно од границата со Виетнам.

Обилните дождови започнаа во четвртокот, 26 мај, во округот Вупинг.

Наталитетот зголемен, но природниот прираст и натаму негативен

Илустрација

Во првото тримесечје од 2022 година, во земјава се евидентирани 4 009 живородени деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е зголемен за 2.9 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во првиот квартал од годинава умреле 7 427 лица, а од нив 12 се умрени доенчиња, што претставува зголемување од 7.2 % во однос истото тримесечје од 2021.

Природниот прираст е -3 418, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје од годината се склучени 2 468 бракови, и нивниот број е помал за 8.4 % во споредба со истиот период од 2021 година.

Во истиот период добиени се 459 извештаи за разведени бракови.

Украинската православна црква-Московска патријаршија ги прекина односите со Русија поради војната во Украина

УКРАИНА – Поглаварот на Украинската православна црква, митрополитот Киевски и цела Украина Епифаниј

Украинската православна црква – Московска патријаршија прогласи вцелосна независност од духовното водство во Русија поради руската инвазија врз Украина.

Поглаварите на Украинската православна црква ова го објавија преку соопштение на Фејсбук, по одржување на Собор во Киев, кој бил фокусиран на руската агресија врз Украина.

„Не се согласуваме со ставот на московскиот патријарх Кирил за војната во Украина“, се вели во соопштението.

Украинската православна црква досега официјално беше подредена на поглаварот на Руската православна црква, патријарх Кирил, кој даде поддршка за офанзивата на претседателот Владимир Путин во Украина.

Портпаролот на црквата Архиепископот Климент рече дека на Соборот целосно се спротиставуваат на ставот на патријархот Кирил во однос на војната.

„Не само што не ја осуди руската воена агресија, туку и не најде утешни зборови за напатениот украински народ“, изјави надбискупот за новинската агенција АФП.

Во соопштението се вели и дека дека односите меѓу Московската патријаршија и московското раководство биле „комплицирани и отсутни“ од почетокот на војната и дека Соборот усвоил измени за целосна независност и автономија на Украинската православна црква.

Во соопштението, исто така, се апелира и Украина и Русија да „продолжат со преговарачкиот процес“ и да најдат начин да го „запрат крвопролевањето“.

Украинските сили можеби ќе мораат да се повлечат од Северодонецк

Илустрација

Украинските сили можеби ќе треба да се повлечат од Северодонецк, додека руските сили се блиску до опколување на градот, предупредија официјални лица.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека моменталната ситуација во регионот на Донбас е „многу тешка“.

„Руските сили се концентрираат на Донбас, користејќи максимален артилериски оган и ракетни напади додека украинските сили ја штитат нашата земја со одбранбените ресурси кои се на располагање“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

Руските трупи се фокусираат во регионот на Луганск, на градовите Северодонецк и Лисичанск.

Немилосрдниот и неселективен руски артилериски оган го уништи Северодонецк речиси целосно и уби стотици цивили, соопштија тамошните власти.

Британското Министерство за одбрана објави во својот дневен билтен за разузнавање на 28 мај дека руските сили веројатно го зазеле поголемиот дел од Лиман, железнички центар западно од Северодонецк, во она што изгледа како прелиминарна операција за следната фаза од руската офанзива.

ОН: Во војната во Украина се убиени над 4000 цивили

илустрација

Повеќе од 4.000 цивили се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, иако вистинската бројка е веројатно многу поголема, објави Канцеларијата на ОН за човекови права. Според информациите на Канцеларијата, која има десетици набљудувачи во земјата, досега загинале вкупно 4 031 лице, вклучително и околу 200 деца.

Повеќето цивили биле убиени за време на гранатирање или воздушни напади. Канцеларијата на ОН за човекови права не соопшти кој е одговорен за смртта на цивилите. Русија негираше дека цели на цивили во конфликтот.

Обраќајќи им се на индонезиските активисти на 27 мај, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека околу 12 милиони луѓе се раселени поради војната во Украина, а околу 5,5 милиони ја напуштиле земјата.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари.

Амбасада на САД во Приштина: Отворен Балкан ќе успее ако во него влезат сите земји од регионот

Амбасадата на Соединетите Држави во Косово вели дека Вашингтон ги поддржува сите напори за регионална соработка, вклучително и иницијативата „Отворен Балкан“, покрената од Северна Македонија, Србија и Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за порталот „Газета Експрес“, американското дипломатско претставништво во Приштина вели дека, „како независна и суверена држава, Косово има право да ги одредува сопствените надворешно-политички приоритети“, додека за регионалните иницијативи, меѓу кои и „Отворен Балкан“, САД сметаат дека “можат да успеат единствено доколку се отворени за сите земји од регионот“ и се во согласност со европските стандарди.

„Соединетите Држави ги поддржуваат сеопфатните напори за обезбедување регионална економска интеграција. Такви се Берлинскиот процес, Заедничкиот регионален пазар, ЦЕФТА и иницијативата „Отворен Балкан“. Сепак, овие иницијативи можат да успеат единствено доколку се отворени за сите земји од регионот и доколку нудат законски и регулаторни системи кои се во согласност со европските стандарди“, се вели во изјавата на Амбасадата на САД во Приштина за „Газета Експрес“.

Косовските државни институции, премиерот Албин Курти, претседателка на државата, Вјоса Османи, како и мнозинството други политички фактори од редовите на косовските Албанци, и од власта и од опозицијата, се противат на иницијативата „Отворен Балкан“, сé додека Србија не го признае Косово како рамноправен партнер, односно како независна држава.

Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Последниот се одржа во декември 2021 во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и фотосанитарната инспекција. Иницијаторите на Отворен Балкан постојано повторуваат дека оваа иницијатива е инклузивна и ги повикуваат другите земји од Западен Балкан да се приклучат.

Поранешниот молдавски претседател е спроведен во домашен притвор

Поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон

Молдавскиот суд му одреди домашен притвор од 30 дена на поранешниот претседател, Игор Додон за да им овозможи на обвинителите да ги истражат наводите за корупција и предавство.

Одлуката од 26 мај на окружниот суд Чиокана во Кишињев дојде два дена откако беше претресена куќата на Додон и тој беше ставен во притвор од 72 часа.
Додон на новинарите по сослушувањето изјави дека случајот е политички мотивиран, обвинение што владата го отфрли.

Додон, кој беше отворено поддржан од Москва и се смета за близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, беше претседател од 2016 до 2020 година, кога загуби од Маја Санду, поранешна функционерка на Светска банка. Додон рече дека нема друг имот освен оној што официјално го пријавил, а на новинарите им рече дека судијата извршува „политичка наредба“ од Санду.

Владата ги отфрли обвинувањата за политичко мешање во случајот, кој се случува во време кога односите меѓу Русија и Молдавија се сè позатегнати.

„Обвинителите треба да се водат само од владеењето на правото, да не играат политички игри и да не носат одлуки врз основа на притисок од јавноста“, рече Санду на 27 мај на состанокот на Врховниот совет за безбедност.

„Секој мора да одговара за направените незаконитости, но во строга согласност со законот.Господинот за кој станува збор во овој случај, ако мисли дека е чесен, нема за што да се грижи“, рече Санду во нејзините први коментари за истрагата.

Кремљ изрази „загриженост“ околу информациите за истрага против Додон, при што портпаролот Дмитриј Песков ги повика молдавските власти да обезбедат почитување на неговите права.

Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, официјално поднесе барање за членство во Европската унија во март по неиспровоцираната инвазија на Русија од Украина. Молдавија, која има население од околу 2,6 милиони луѓе, прими повеќе од 472.000 бегалци од соседна Украина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG