Достапни линкови

Вести

Радев ги прими македонските Бугари, најави нова политика кон Македонија

Софија- Бугарскиот претседател Румен Радев на средба со претсавниците на македонските Бугари, 27.10.2021

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска во својот кабинет во Софија ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и на партијата Граѓанска демократска унија. Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека ова е прва ваква посета на Софија.

„Македонските Бугари, нивната рамноправност во политичкиот, општествениот, културниот и економскиот живот во РС Македонија и стриктното исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година се клучот од вратата на Европската унија“, наведува Радев.

Тој, како што се наведува во соопштението, нагласил дека Бугарија решително застанува зад македонските Бугари во нивната борба за рамноправност со сите останати народи во РС Македонија.

„Тоа е позицијата на која претседателот Радев остана категоричен и пред лидерите на европските институции и пред лидерите на земјите членки на Советот на ЕУ за прашањата за проширувањето на шести октомври“, објави претседателскиот кабинет.

На шести октомври, датум кој го споменува бугарскиот претседател, се одржа самитот Западен Балкан-ЕУ во Брдо кај Крањ. Во неговите рамки Радев имаше две средби со македонскиот премиер Зоран Заев. На едната присуствуваа првите луѓе на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел, а на другата претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен,

Радев во соопштението по денешната средба наведува и дека е во тек процес на формулирање на нова политика кон Република Северна Македонија, со што во рамки на постоечките ставови на бугарскиот Парламент, се става посилен акцент на благосостојбата на македонските Бугари.

„Посебно место во оваа политика ќе заземат прашањата за бугарското државјанство, кои ги засегаат Бугарите во светот воопшто. Добивањето на бугарско државјанство треба да се олесни и забрза и од управна постапка да се претвори во свечен акт. Бугарското државјанство е и државјанство на Европската Унија и тоа треба да биде причина за гордост“, рече Радев.

Инаку по самитот во Словенија на шести октомври во тек се консултации меѓу двете држави за таканаречениот план 5+1 кој ги опфаќа прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот.

Димитров - Политичарите не може да им наредат на историчарите што да прават
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:16 0:00

Македонскиот вицепремиер Никола Димитров во интервју за Радио Слободна Европа објавено викендов рече дека во Договорот за добрососедство постои одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна.

„И во тоа смисла нашата обврска да не се мешаме во бугарските внатрешни работи постои, но постои и обврска за Бугарија да не се меша во внатрешните македонски прашања“, наведе Димитров.

Радев, пак, во соопштението наведува дека Бугарија нема да се меша во внатрешните работи на РС Македонија, но дека го поддржува барањето на македонските Бугари за гарантирање на нивната рамноправност преку Уставот и законите и за нивно соодветно попишување.

„Во тој поглед, Бугарија нема да направи ништо повеќе, но ниту ништо помалку од која било од другите земји во регионот кои исто така имаат дел од своите народи на територијата на РС Македонија кои одржуваат структурирани и официјални односи со тамошните сонародници“, наведува Радев.

Официјална Софија го блокираше македонскиот европски пат лани во декември, а најсериозните отворени прашања меѓу двете земји досега беа поврзани со историските и идентитетските теми. Официјална Бугарија инсистираше дека Македонците не постоеле пред 1944 година, а дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.

види ги сите денешни вести

Двајца повредени од несреќата во Бугарија хоспитализирани во Скопје

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Двајца пациентите кои беа повредени во автобуската несреќа во Бугарија, ќе бидат задржани на опсервација.

Пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст се првите двајца повредени во автобуската несреќа во Бугарија, кои пристигнаа денеска во Скопје и се префрлени на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза.“

Двајцата пациенти ги пречека министерот за здравство Венко Филипче. Тој изјави дека тие се стабилни и дека имаат полесни повреди, а ќе бидат задржани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

„Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани, после што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман“, рече Филипче.

Тој додаде дека пристигнале и доктори од Клиниката за психијатрија за да им дадат психолошка помош на пациентите.

„Целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето“, изјави министерот Филипче.

Седум патници беа повредени во автобуската несреќа која се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 патници државјани на Северна Македонија, кои се враќаа од Истанбул кон Скопје. Повредените патници се лекуваа во болницата Пиргов во Бугарија.

Луѓето загинаа од задушување во пожарот кој го зафати автобусот на компанијата „Беса трас“, откако се удрил во заштитната ограда на автопатот, како што соопштија надлежните од Бугарија кои ја водат истрагата. Тие рекоа дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка.

Министерството за здравство најави дека другите пет пациенти кои се на лекување во Софија ќе бидат отпуштени во фази во зависност од нивната состојба.

Бајден најави разговори со Путин и Зеленски за можната руска агресија врз Украина

Архива - Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден на средба пред самитот САД-Русија во Женева. 16 јуни 2021 година.

Претставници на САД и НАТО издадоа нови предупредувања на 26 ноември за можните последици од каква било нова руска агресија врз Украина, при што Вашингтон сугерираше дека „сите опции се на маса“ доколку алијансата биде принудена да одговори на ескалацијата од Москва.

Подоцна, американскиот претседател Џо Бајден на новинарско прашање одговори дека „со секоја веројатност“ ќе разговара директно со рускиот претседател Владимир Путин или со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обид да ги смири тензиите во регионот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека Русија собрала борбено-подготвени трупи, тенкови и тешка воена опрема во близина на границата со Украина и ја предупреди Москва дека секоја сила против нејзиниот сосед ќе има последици.

„Ако Русија употреби сила против Украина, тоа ќе има последици“, рече Столтенберг во Брисел.

Москва ги минимизираше неодамнешните извештаи за движењето на нејзините војници како внатрешно прашање. Русија оваа недела започна воени вежби во регионот на Црното Море во близина на Украина.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и 29 други министри за надворешни работи на НАТО на 30 ноември треба да се соберат во Летонија, а активностите на Русија ќе бидат високо на агендата, по што потоа ќе следува и состанок на ОБСЕ.

Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид рече дека клучен фокус на европското патување на Блинкен следната недела ќе биде како да се одговори на предизвиците, вклучително Русија и Белорусија.

„Како што можете да сфатите, сите опции се на маса и има комплет алатки што вклучува цела палета на опции“, им рече Донфрид на новинарите.

Во Перу пронајдена мумија стара најмалку 800 години

Мумијата е пронајдена во подземна структура на периферијата на градот Лима (27 ноември 2021 година)

Мумија за која се проценува дека е стара најмалку 800 години, е пронајдена на централниот брег на Перу, изјави еден од археолозите кои учествуваа во ископувањето.

Мумифицираните останки биле лица од култура која се развила меѓу брегот и планините на Перу.

Археологот Питер Ван Дален Луна од државниот универзитет Сан Маркос, рече дека мумијата, чиј пол не е идентификуван, е откриена во регионот на Лима.

„Главната карактеристика на мумијата е тоа што целото тело беше врзано со јажиња и дека рацете го покриваа лицето, што би било дел од локалната погребна шема“, рече Луна.

Тој додаде дека ова се посмртни останки на личност која живеела во високиот регион на Андите и дека радио-јаглеродното датирање ќе даде попрецизна хронологија.

Мумијата е пронајдена во подземна градба пронајдена на периферијата на градот Лима. Гробницата исто така содржела подароци, вклучително керамика, остатоци од зеленчук и камени алатки.

Перу е дом на туристичката дестинација Мачу Пикчу каде има стотици археолошки локалитети од култури кои се развиле пред и по империјата на Инките, која пред 500 години доминирала во тој дел од Јужна Америка, од јужен Еквадор и Колумбија до централно Чиле.

Полицијата трага по осомничени за тројното убиство во Косово

Членовите на семејствата и роднини се собраа во општата болница во градот Пеќ откако во петокот, 26.11.2021 година, тројца тинејџери беа застрелани во автобус во близина на селото Глоѓане.

Полицијата сѐ уште не уапсила ниту еден осомничен за тројното убиство кај селото Глоѓане во косовската општина Дечани.

Возач на автобус и двајца ученици загинаа на 26 ноември при пукање во автобусот кој превезуваше ученици на релација Ѓаковица-Дечани.

Заменик-командантот на косовската полиција Ветон Елшани за Радио Слободна Европа потврди дека сѐ уште нема апсења поврзани со убиствата.

Во пукотниците кон автобусот е повреден еден ученик. Тој е опериран и е надвор од животна опасност.

Косовската полиција соопшти дека постои сомневање дека кон автобусот било пукано од огнено оружје АК-47.

Главниот обвинител Блерим Исуфај за медиумите изјави дека истрагата е во тек, но дека сѐ уште нема осомничени.

Канцеларијата на главниот државен обвинител ги повика сите кои имаат сознанија за инцидентот да соработуваат со надлежните органи, за што побрзо сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

Косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти го опишаа настанот како „шокантен“ и ги повикаа агенциите да го спроведуваат законот, да ги најдат сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека поради настанот ја прекинал посетата на Албанија и дека од косовската полиција побарал „максимален ангажман и мобилизација“, за насилникот да биде уапсен што е можно поскоро.

Настанот го осудија и други претставници на институции и политички партии во Косово.

Обвинителство отвори предмет за „Беса транс“, материјалите предадени во Бугарија

Државниот јавен обвинител Љубимир Јовески на заедничка прес-конфернеција со бугарските обвинители во Скопје. 27.11.2021.

Во Основното јавно обвинителство Скопје отворен е предмет за „Беса трнас“ – компанијата во чија сопственот е автобусот во кој на 23 ноември во Бугарија загинаа 45 патници, а седум беа повредени.

Ова го соопшти државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешна заедничка прес-конференција во Скопје со бугарските обвинители.

Јовески рече дека Јавното обвинителство на Северна Македонија на бугарските обвинители денеска им ги предало ДНК-профилите за идентификација на жртвите, записници за испитување на осум сведоци и целокупната документација за автобусот на компанијата „Беса транс“ и Министерството за транспорт и врски.

„Веќе од утре двајца наши експерти од Судска медицина ќе заминат за Софија со цел забрзување на постапката за идентификација и предавање на телата на нивните семејства“, рече Јовески.

Несреќата во која загинаа 45 македонски државјани, а седум беа повредени се случи рано утрината на 23 ноември на автопатот „Струма“ во Бугарија. Аавтобусот се вреќаше од Истанбул кон Скопје преку Бугарија и удри во банкината, а и потоа зе запали.

Јовески рече дека за отворениот предмет за „Беса транс“ се собираат податоци на барање на бугарските обвинители, а дека во исто време ги користат за расчистување на сите ситуации поврзани со несреќата, од документацијата за автобусот, до тоа како тој ги поминувал границите.

„Ние ги прибираме потребните документации, а потоа ќе донесеме соодветна одлука. Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата од команијата „Беса транс“ е одземена. Ве уверувам за било кое лице доколку има основ, Обвиниелството ќе отвори постапка“, изјави Јовекси.

Истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров, изјави дека од моментот на нерсреќата до сега, со македонските обвинители имале блиската меѓусебна соработка, постојана комуникација и постојаната деноноќна работа, што овозможиле за брзо време да се дојде до солидни резултати и можност за брза идентификација.

Тој посочи дека се работи на сите верзии кои не се отфрлени, но бидејќи несреќата е голема и се собираат многу докази, во ваква ситуација истрагата треба да продолжи и не може да се даде дефинитивна верзија за причините за несреќата.

„Сопственикот на фирмата е сослушан во раните часови. Со него интензивно се соработува на територија на Северна Македонија и тој е достапен на надлежните институции“, рече Петров.

Заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов изајви дека координацијата меѓу судските и државните власти на двете земји и меѓусебната соработка е на високо ниво.

„Откако се случи несреќата, институциите постојано соработуваат и работат на расчистување на случајот. Ќе продолжиме со исто темпо и по ДНК анализата, телата ќе бидат вратени во најбрз можен рок, изјави Михајлов.

Тој рече дека откако ќе бидат завршени сите анализи и експертизи, тогаш ќе може да имаат конечен одговор дали лошата сигнализација е некаква причина за сообраќајната несреќа.

Ирак планира повеќе летови за враќање на мигранти од Белорусија

Ирачки мигранти, кои доброволно се пријавиле за лет за евакуација од Белорусија, пристигнуваат на меѓународниот аеродром во Ербил, Ирак. 18 ноември 2021 година.

Ирак испраќа авиони за враќање на околу 800 мигранти заглавени на границата меѓу Белорусија и Полска, откако претходно речиси 1.000 веќе беа донесени дома, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.

Портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи Ахмед ал-Сахаф на 26 ноември изјави дека во следните 24 часа два лета на „Ирак ервејс“ ќе вратат 861 мигрант.

Со летовите бројот ќе се зголеми на 1.894 Ирачани, од кои повеќето Курди, кои од Белорусија се вратени дома со специјални летови, во операцијата која започна на 18 ноември.

Полска и другите земји на ЕУ го обвинуваат белорускиот моќник Аљаксандр Лукашенко дека води „хибридна војна“ со тоа што им дозволува на мигрантите да летаат внатре во земјата, а потоа ги насочува кон границите на блокот поради одмазда за воведените санкции за сеопфатното задушување од минатогодишните спорни претседателски избори.

Во меѓувреме, ЕУ го подготвува петтиот пакет санкции против Белорусија за оркестрирање на мигрантската криза и притисок врз земји како Ирак да ги вратат своите граѓани.

Полска, Летонија и Литванија поставија огради и распоредија илјадници граничари, војници и полицајци за да ја запечатат границата, каде што илјадници мигранти кампуваа на ниски температури.

Полска вели дека групи мигранти сè уште продолжуваат илегално да ја преминуваат границата од Белорусија и предупреди неодамнешните потези на Минск за враќање на некои од мигрантите, да не се толкуваат како деескалација на кризата.

Претходно на 26 ноември, Лукашенко го направи своето прво јавно појавување на границата од почетокот на кризата, велејќи им на мигрантите дека можат слободно да изберат дали ќе се упатат кон ЕУ или ќе си одат дома.

САД воведоа ограничувања на патувањата од Јужна Африка

Илустративна фотографија - патници на аеродром во САД.

САД се приклучија на Европската унија и на Обединетото Кралство и воведоа ограничувања на патувањата од Јужна Африка поради стравувањата од новата варијанта на коронавирусот.

Претседателот Џо Бајден објави дека САД од понеделник на 29 ноември ќе го ограничат пристигнувањето на патници од осум африкански земји: Јужна Африка, Боцвана, Зимбабве, Намибија, Лесото, Есватини, Мозамбик и Малави.

Неименуван претставник на администрацијата претходно рече дека ограничувањата се воведени „со претпазливост, поради нова варијанта во Јужна Африка“ и дека нема да се однесуваат на американски државјани или граѓани со дозвола за постојан престој во САД, ниту пак дека ќе се воведе забрана на летови.

Границите за патници од седум африкански земји ги затвори и Канада.

Претходно, советникот во Белата куќа за пандемијата на Ковид-19 Ентони Фаучи, изјави дека САД чекаат дополнителни научни податоци за новиот вид на коронавирус забележан во Јужна Африка, пред да одлучат за можно затворање на границата.

„Ќе донесеме одлука што е можно поскоро кога ќе имаме повеќе информации“, изјави д-р Ентони Фаучи за Си-Ен-Ен.

Франција, Холандија и Обединетото Кралство беа меѓу првите земји кои ги забранија летовите од Јужна Африка и петте соседни африкански земји од 26 ноември, а подоцна во текот на денот забраната беше воведена низ Европската унија.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека прелиминарните докази сугерираат оти новиот вид на коронавирусот носи поголем ризик од повторна инфекција.

СЗО го означи како сој кој предизвикува загриженост и го нарече „омикрон“ по буква од грчката азбука, како што беше случајот со претходно откриените видови на коронавирус.

Варијантата, досега позната како B.1.1.529, е регистрирана во Јужна Африка, Боцвана, Белгија, Хонг Конг и Израел.

Министерството за надворешни работи на Јужна Африка ја критикуваше Британија, која беше една од првите земји што воведе забрана за летови, поради „избрзана одлука“.

Неколку часа откако Британија ги забрани летовите од Јужна Африка и соседните африкански земји, СЗО предупреди државите да не донесуват избрзани одлуки за забрана на патување.

Експлозии и пожар во голема руска фабрика за муниција

Рускиот град Дзержинск. Во голема фабрика за муниција во градот се случиле експлозии и пожар.

Неколку експлозии се пријавени во фабрика за муниција во рускиот град Дзержинск.

Првичните извештаи за експлозиите на руските државни медиуми укажуваат на неодреден број жртви.

Министерството за вонредни ситуации потврди дека работи на местото на настанот и предупреди на опасност од можни дополнителни експлозии.

Градската управа на Дзержинск извести дека во фабриката беснее пожар.

Според веб-страницата на фабриката, таа е најголемиот индустриски капацитет во одбранбената индустрија во Русија. Муницијата сочинува околу 30 отсто од нејзиното производст, а остатокот се состои главно од индустриски експлозиви и хемиски производи.

Во август 2018 година, шест работници загинаа во експлозија и пожар во фабриката, додека во јули 2020 година, тројца работници беа хоспитализирани по истекување на хемикалии.

Започнува транспортот на повредените од Бугарија

Фотографија од изгорениот автобус на автопатот Струма во Бугарија.

Првите двајца хоспитализирани од повредите со кои се здобија во автобуската несреќа во Бугарија, денеска ќе бидат отпуштени од софиската болница „Пиргов“. Уште двајца ќе бидат отпуштени утре, двајца на 30 ноември и едно лице на 1 декември.

Повредените се во добра здравствена сосотојба, а ќе бидат пренесени во земјава во организација на Министерството за здравство.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на 26 ноември изјави дека повредениот српски државјанин ќе биде пренесен во Србија, додека македонските ќе бидат пренесени во Скопје и тие прво ќе бидат сместени во здравствени установи додека не бидат пуштени на домашно лекување.

45 луѓе загинаа и 7 беа повредени во автобуската несреќа која се случи рано утрината на 23 ноември на автопатот „Струма“ во Бугарија. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ деодека се вреќаше од Истанбул кон Скопје, преку Бугарија, се удри во банкината на патот по што автобусот зе запали.

Османи рече дека за преносот на посмртните останки на загинатите треба да биде изготвен акциски план од страна на Работна група која ќе ја формира Владата. Трошоците за транспортот и погребот на жртвите исто така ги презема Владата, рече Османи.

„Нашите очекувања се наредната недела, штом заврши идентификацијата, може да се очекува вторник или среда, со можност да се помести тој ден додека не се комплтеира идентификацијата“, рече Османи.

Времето денеска врнежливо и ветровито

Илустративна фотографија - есен во Македонија.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец, според прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8 степени, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен дожд и со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне 13 степени.

Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поројни и пообилни.

Седница на Централниот одбор на СДСМ: Заев не се откажува од оставката

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев

Централниот одбор на СДСМ веќе три часа заседава во седиштето на партијата, а членовите на највисокиот партиски орган, како што потврдуваат оттаму дискутираат за оставката на лидерот Зоран Заев и за евентуалниот негов наследник.

Од СДСМ за МИА потврдиле дека Заев не се откажува од најавената оставка и оти на седницата зборувал за квалитетите на неговиот наследник.

Дел од медиумите вечерва објавија дека премиерот и лидер на СДСМ вечерва на седницата за свој наследник директно го предложил заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски.

Претходно СДСМ одржа и седница на Извршниот одбор од која, според информациите, произлегол предлогот внатрепартиските избори да се одржат на 12 декември.

Дискусијата на ЦО, велат за МИА извори од владејачката партија, е во тек. По седницата се очекува изјава или прес-конференција на која би се соопштиле детали од неа или евентуалните следни чекори.

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран заев најави оставка на двете функции на 31 октомври по поразот на партијата на локалните избори.

Тројца загинати во пукање врз автобус со ученици во Косово

Илустрација

Тројца луѓе загинаа, а еден е ранет во пукање врз автобус со ученици вечерва во Косово, потврди јавниот обвинител Блерим Исуфај.

Во автобусот, кој превезувал ученици, било пукано од калашников при што биле убиени возачот и двајца ученици, а еден ученик е ранет.

Автобусот се движел од Ѓаковица кон Глоѓане во општина Дечани.

Началникот на Брзата помош во Пеќ Бесник Ибрај рече дека возачот починал на лице место, додека двајца ученици починале на пат кон болницата во Пеќ.

Уште еден ученик е ранет и е вон животна опасност.

Истрагата е во тек, а засега нема осомничени за нападот. Сè уште не се јасни ни мотивите за нападот.

Алтернатива го овласти Гаши да преговара за влез во Владата

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши

Алтернатива по состанокот на Централното претседателството на партијата донесе одлука да преговара за влез во Владата. Портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани изјави дека разговарале за политичката состојба во земјата и констатирале дека земјата е во длабока политичка, енергетска и здравствена криза и дека ќорсокакот предизвикува многу неизвесност.

“Јас согледавме оваа ситуација и Алтернатива, како сериозна партија, сака да помогне да се одблокира оваа ситуација. Одлучивме да и дадеме шанса на стабилноста и континуитетот за земјава да се надева на датум за преговарање со ЕУ. Го овластивме претседателот да комуницира со актуелниот премиер или новиот мандатар за да се види дали има простор за заедничка владина програма. Се зависи од тоа што ќе се разговара и што ќе се договори. Одлуката дали ќе влеземе во владината коалиција зависи од Централното собрание, кое ќе може да се состави кога ќе има детали од преговорите“, рече Муртезани.

Централното претседателство требаше да се состане во вторникот, но поради автобуската несреќа во Бугарија средбата беше одложена за денеска. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и Гаши претходно имаа средба во Клубот на пратеници за да разговараат за влегувањето на Алтернатива во Владата.

Шилегов: Извесен е влезот на Алтернатива во Владата

Петре Шилегов

Членот на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, Петре Шилегов пред почетокот на седницата на ЦО на партијата изјави дека нема да се расправа за оставката на премиерот Зоран Заев, туку, според него, треба да разгледаат неколку сериозни позиции кои се однесуваат на формирањето на политичкото мнозинство, влезот на Алтернатива во Владата. Тоа, како што рече, е извесно да се случи и очекува тоа да биде примарно на дебатата.

„Многу состојби ќе дискутираме, ковид, енергетската и политичката состојба во државата потоа ќе донесеме соодветни одлуки. Не знам дали ќе се расправа за оставката на лидерот Зоран Заев. Ова е редовна седница која беше закажана во вторникот меѓутоа се одложи поради немилите настани во Бугарија“, изјави Шилегов.

По одложувањето на закажаните состаноци на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ поради деновите на жалост по автобуската несреќа во Бугарија, денеска партиските органи имаат средба. И раководството на Алтернатива денеска треба да реши дали влегува или не во владината коалиција на СДСМ и ДУИ. Заев претходно побара од ЦО и ИО на СДСМ само да ја констатираат неговата оставка најавена уште на 31 октомври по лошите резултати на локалните избори и да почне процедурата за избор на нов претседател на партијата.

Столтенберг со предупредување до Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го повтори предупредувањето дека Русија собрала борбени трупи, тенкови и тешка воена опрема во близина на границата со Украина и ја предупреди Москва дека секоја сила против нејзиниот сосед ќе има последици. Извештаите за распоредување на повеќе од 90.000 војници од Русија неодамна ги поттикнаа Соединетите Држави и Германија да ја повторат својата поддршка за украинската независност и територијален интегритет.

„Ако Русија употреби сила против Украина, тоа ќе има последици, рече Столтенберг во Брисел.

Москва негираше директна вмешаност во седумгодишната војна на Киев со сепаратистите во источна Украина и покрај доказите за руски војници и друга помош. Таа ги минимизираше неодамнешните извештаи за движењето на нејзините војници како внатрешно прашање.

„Ова е втор пат оваа година Русија да акумулира голема и невообичаена концентрација на сили во регионот“, рече Столтенберг.

Русија оваа недела започна воени вежби во регионот на Црното Море во близина на Украина. Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена за каква било руска ескалација и дека неидентификувани Руси и Украинци планираат да ја соборат неговата влада следната недела.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и 29 други министри за надворешни работи на НАТО треба да се сретнат во Летонија на 30 ноември, а активностите на Русија се високо на агендата. Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се очекува да присуствуваат на министерскиот состанок на ОБСЕ на 2-3 декември.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG