Достапни линкови

Вести

Белоруската олимпијка која одби да се врати во Минск го напушти Токио

Белоруската атлетичарка на аеродромот во Токио од каде што се качи на летот за Виена, 4.8.2020

Белоруската атлетичарка Кристина Тимановскаја денеска замина од Токио со лет за Виена откако одби да замине дома од Олимписките игри пред два дена поради стравување дека ќе се соочи со казна од авторитарната влада на Александар Лукашенко.

Тимановскаја се очекува потоа да замине за Варшава откако полската влада и гарантираше хуманитарна виза. Таа замина во полската амбасада на втори август откако одби да му дозволи на белорускиот тим да ја присили да се качи на летот за Минск. Тимановскаја претходно за агенцијата Асошиејтед прес рече дека од белорускиот олимписки тим јасно и кажале дека по враќањето дома сигурно ќе се соочи со некаков вид на казна за јавното критикување на менаџментот на тимот. Шефот на делегацијата Дмитри Даухалионак одбил да даде коментар за агенцијата.

Претходно, белорускиот национален олимписки комитет за државната агенција соопшти дека ја набљудува ситуацијата и соработува со Меѓународниот олимписки комитет кој поведе истрага за обвинувањата од Тимановскаја кон нив.

Проблемите на атлетичарката почнаа кога, како што кажа, тренерите и рекле дека ќе учествува во трки во кои никогаш не се натпреварувала. Потоа таа објави видео на социјалните мрежи во кое го критикува белорускиот Сојуз за атлетика, кое подоцна го избриша.

види ги сите денешни вести

Откриен тунел за бегство во затворот Идризво

Затвор Идризово

Во затворот „Идризово“ денеска бил откриен тунел за бегство, потврди директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.

„По добиени информации денеска заедно со Директорот на затворот, Шпенд Тахири почнати се активности за отстранување на некои објекти за поголема безбедност и во соработка со други институции, по споделени сознанија, пронајден е тунел, изјави за МИА Стојановиќ.

Тунелот не е надвор од периметарот на затвореното одделение, што значи дека нема шанси за евентуално бегство низ него, вели Станковиќ.

Активностите се почнати денеска изутрина и надлежните институции ги преземаат сите потребни мерки.

Тунелот е во делот на затворот каде се сместени затвореници кои издржуваат високи казни.

Премиерот Димитар Ковачевски на денешна прес-конференција изјави дека сите инворамции ги има Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агнецијата за разузнавање и Управта за извршување на санкции и дека е преземено се што е потребно за унапредување на состојбата во КПД Идризови.

Инаку, на денешна владина седница е донесена одлука за разрешување на досегашниот директор на КПД Идризово, Шпенд Тахири, а на неговото место како в.д. директор е именуван генерал-мајор, магистер Зоран Јовановски, соопшти Ковачевски.


Ковачевски за Јовановски рече дека е врвен професионалец, кој има богата професионална кариера, пред се во Министерството за внатрешни работи.

Јовановски во текот на својата професионална кариера поминал обуки во Полициската академија во Луизијана, организирани од Американската амбасада во земјава, како други обуки во САД, Германија, Велика Британија и Турција, рече Ковачевски.

Владата ги замрзна цените на јајцата и оризот

министерот за економија Крешник Бектеши.

Владата донесе одлука за понатамошно замрзнување на ценит на основните производи и ги замрзна цените јајцата и оризот, со што нивото на нивните највисоки цени треба да останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Овие цени треба да важат до 30 април 2023 година.

Тој додаде дека трговците кои се регистрирани за вршење на трговска дејност имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца во количини што редовно се прибавуваме во јануари и февруари 2023 година.

„Во изминатиот период утврдивме значаен пораст на цените на ориз и јајца како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи. За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цела да се спречи евентуален дис баланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, производителите најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што се набавувала во јануари и февруари 2023 година“, изјави Ковачевски.

Просечната цена на јајцата на 15 март изнесувала околу 8,5 денари, а најскапото чинело 9,8 денари зависно од пакувањето, амбалажата и трошоците што ги имале компаниите, ијави министерот за економија Крешник Бектеши.

„Многу е важно да се нагласи дека е зголемена побарувачката за производоството на јајца од државава особено од нашите соседи каде што цените се движат од 14 до 20 центи и нагоре. Тоа значи дека ако се дозволи целосен извоз повеќето заради економски интерес би можеле да го насочат целото произвдоство во соседните држави“, рече Бектеши.

На денешната седница на Владата е разговарано и за евентуално за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, а анализите што ги направило Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство треба да се достават до Министерството за економија и до Кабинетот на премиерот.

Претходно имаше и други мерки за замрзнување на цените, како на пример на тестенините и млечните производи.

Претходно, владата ја замрзна и цената на белиот леб и полубелиот леб до 33 денари. Одлуката за замрзнати цени ќе важи до 31 мај.

На денешната седница на Владата е разговарано и за евентуално за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, а анализите што ги направило Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство треба да се достават до Министерството за економија и до Кабинетот на премиерот.

Украина ја поздрави посетата на јапонскиот премиер

Јапонскиот премиер Фумио Кишида го посети местото на масовна гробница, во градот Буча, среде рускиот напад врз Украина, надвор од Киев, Украина, 21 март 2023 година.

Украина денеска ја оцени посетата на јапонскиот премиер Фуми Кишида како „историска“ и додаде дека тоа е „знак на солидарност“ од Токио.

„Таа историска посета е знак на солидарност и силна соработка меѓу Украина и Јапонија. Благодарни сме на Јапонија за нејзината голема поддршка и придонес за нашата идна победа“, напиша на Твитер украинската заменик-шефица на дипломатијата Емина Џепар.

Кишида денеска пристигна во Киев, каде ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Јапонската телевизија НХК објави дека Кишида бил виден како излегува од возот на станица во Киев.

Кишида „ќе му пренесе на Зеленски почит за храброста и истрајноста на украинскиот народ кој ја брани својата татковина под негова команда, како и солидарноста и континуираната поддршка за Украина од Јапонија и Групата седум индустриски најразвиени земји во светот Г7“, се вели во соопштението на јапонската влада, пренесува Бета повикувајќи се на АФП.

Јапонскиот премиер е единствениот лидер на Г7 кој не бил во Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Кишида е првиот јапонски премиер кој посетил воена зона од крајот на Втората светска војна.

Токио се приклучи на западните санкции против Русија и му понуди помош на Киев.

Во февруари Јапонија најави нова помош од 5,5 милијарди долари (5,1 милијарди евра) за Украина. Јапонија, исто така, испрати одбранбена опрема и понуди да ги пречека оние кои бегаат од конфликтот.

Јапонија, сепак, не обезбеди воена помош, нејзиниот пацифистички устав ја обврзува да ги ограничи своите воени способности на одбранбени мерки.

Кулеба и Мецола разговарале за создавање специјален суд за злосторствата на Русија во Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека тој и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола разговарале за чекорите за формирање на специјален суд за злосторството од агресијата врз Украина.

Кулеба на Твитер напиша дека за време на повикот тој го охрабрил Европскиот парламент „да ја продолжи својата витална улога во справувањето со неказнивоста“.

„Во согласност со резолуцијата на Европскиот парламент, ги координиравме чекорите за формирање Специјален трибунал за кривично дело агресија против Украина“, напиша Кулеба на Твитер.

Во јануари, Европскиот парламент усвои препорака за формирање на специјален трибунал за гонење на агресијата на Русија врз Украина и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) едногласно гласаше за формирање таков трибунал.

Курти повика на осуда на Србија бидејќи не го потпишува договорот

Косовскиот премиер Албин Курти.

Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека меѓународната заедница треба да ја осуди Србија поради одбивањето да го потпише европскиот предлог за нормализација на односите и Анексот за негово спроведување.

Во изјавата за новинарите во Приштина на 21 март, Курти рече дека Косово ги смета овие два документи за договори, иако српскиот претседател Александар Вучиќ одбил да ги потпише.

Курти и Вучиќ на средбата во Охрид на 18 март го прифатија Анексот за имплементација на европскиот предлог, а високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика, Жозеп Борел, рече дека тој стана правно обврзувачки во моментот кога Европската унија излезе со соопштението.

Во меѓувреме, српскиот претседател Вучиќ изјави дека во Охрид не потпишал никаков документ „бидејќи Србија е меѓународно призната држава, а Косово не“, и дека меѓународно правен договор не може да се направи.

Тој рече и дека нема да спроведе „ништо поврзано со членството на Косово во Обединетите нации“.

Од друга страна, премиерот Курти очекува меѓународната заедница да ги осуди ваквите изјави.

„Другата страна не може вака да зборува против членството на Косово во меѓународните организации, вклучително и во Обединетите нации, тие не можат да зборуваат за тоа како никогаш нема да го признаат Косово, со оглед на тоа што Основниот договор е де факто признавање. Значи, верувам дека ова е од суштинско значење за процесот и важно е сите наши партнери, сојузници, пријатели на демократските земји на Запад да продолжат да стојат покрај Косово, кое е конструктивно, посветено и креативно како никогаш досега“, додаде тој.

Како што претходно најави ЕУ, имплементацијата на европскиот предлог и Анексот за негова имплементација ќе станат составен дел на процесот за приклучување на Србија и Косово во Европската унија.

Во предлогот на ЕУ не се споменува меѓусебно признавање, туку се наведува дека страните мора да ја почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет.

Предвидува и „посебен аранжман за српската заедница во Косово“, односно одредено ниво на самоуправување.

Овој предлог беше поддржан од западните земји, вклучувајќи ги и САД.

На новинарско прашање како гледа на барањето на САД веднаш да започне имплементацијата на договорот, Курти рече дека такво нешто требало да се случи уште во понеделник на 20 март.

Тој истакна дека „топката“ сега е кај Србија, објаснувајќи дека акцентот треба да се стави на фактот што Србија одби да го потпише договорот, а не на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

Тој изјави дека Заедницата е во постојан контакт со посредниците од ЕУ и САД.

„Ќе треба да се справиме со таа формулација за самоуправување за српската заедница... таквата формулација припаѓа на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, според Советот на Европа“, рече Курти.

Прашањето за формирање на Заедницата го блокираше напредокот на двете страни кон нормализација на односите.

Тоа беше договорено во Брисел како дел од дијалогот во 2013 година, но Уставниот суд на Косово во декември 2015 година утврди дека принципите на Унијата не се целосно усогласени со Уставот на Косово, но дека можат да се усогласат со правниот акт на Владата на Косово и статутот.

Почина актерот Димче Мешковски

Македонскиот актер Димче Мешковски.

Синоќа во Лос Анџелес почина македоснкиот театарски, филмски и телевизиски актер и хуморист Димче Мешковски на 77 годишна возраст.

Драмскиот театар изрази сочувство за смртта на Мешковски, кој беше негова матична сцена. Комеморацијата ќе се одржи во салонот на Драмски театар на 28 март во 12 часот.

Димче Мешковски е роден е на 31 октомври 1945 година во Скопје. Тој е добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.

Мешковски оствари улоги во многу театарски претстави, како „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Хамлет од Долно Гаштани“.

Во телевизиски серии тој глумеше во „Македонски народни приказни“, како и во радио-драми и хумористичните серии како „Хихирику“. Меѓу неговите најпознати улоги во играните филмови е во „Викенд на мртовци“.

Си Џинпинг го покани Путин да ја посети Кина во текот на годината

Рускиот претседател Владимир Путин се состана со кинескиот претседател Си Џинпинг во Кремљ во Москва на 20 март 2023 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска изјави дека го поканил својот руски колега Владимир Путин оваа година да ја посети Кина, пренесоа руските агенции.

„Го поканив претседателот Путин да дојде во Кина оваа година, кога ќе може“, рече Си за време на средбата со рускиот премиер Михаил Мишустин во Москва.

Кинескиот претседател рече дека Пекинг ќе продолжи да ги става руско-кинеските односи како приоритет.

Си рече дека двете земји се „соседни големи сили“ и „стратешки партнери“.

„Премиерот Ли Кианг ќе продолжи да дава приоритет на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Кина и Русија“, рече кинескиот претседател.

Си Џинпинг од 20 март е во тридневна посета на Русија. Тоа е негова прва посета на Русија во последните четири години, во услови на продлабочување на меѓународната изолација на Москва поради нејзината инвазија на Украина.

На средбата во понеделникот Путин и Си испратија порака дека оваа посета е можност да го продлабочат нивното „пријателство без граници“ и да ги отфрлат, како што наведоа, обидите на Вашингтон да ги изолира и да го запре нивниот развој.

Состаноците со Си даваат ретка можност Владимир Путин да утврди дека Русија не е целосно затворена од остатокот од светот и покрај тоа што е цел на налог за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека Путин најверојатно ќе му понуди на Кси „детално објаснување“ за акциите на Москва во Украина.

За денеска се закажани пошироки разговори меѓу руските и кинеските претставници на повеќе теми.

Зеленски - Се шири поддршката за создавање на трибунал за руската агресија

украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Се зголемува бројот на земји кои го поддржуваат создавањето на специјален трибунал со поддршка на Обединетите нации (ОН) кој ќе ја смета Русија одговорна за агресијата врз Украина, изјави на 20 март украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во своето вечерно обраќање, Зеленски рече дека претходно во текот на денот разговарал со австрискиот канцелар Карл Нехамер и ирскиот премиер Лео Варадкар за да им се заблагодари што се приклучиле на меѓународната група која го подготвува создавањето на специјален трибунал.

„Кругот на партнери кои се подготвени да работат заедно за да ја казнат Русија за агресија неизбежно се шири. И тоа ја прави перспективата за казнување сè пореална“, рече Зеленски.

Тој рече дека зборувал и за специјалниот трибунал на 20 март во обраќањето на конференцијата на европските министри за правда во Лондон.

„Упатив апел до учесниците на конференцијата и ги повикав да ги поддржат сите елементи на меѓународните напори за агресорот да биде прецизно казнет“, рече тој.

Во јануари, Европскиот парламент усвои препорака за резолуција за создавање на специјален суд за злосторството на руската агресија врз Украина. Една недела подоцна Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) едногласно гласаше за формирање на Трибуналот.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), сепак, рече дека се противи на предлогот на Европската унија. Карим Кан во декември рече дека неговиот суд е способен ефикасно да ги разгледа воените злосторства извршени од Русија во Украина.

На 17 март МКС издаде потерница против рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за лична одговорност за киднапирањето деца од Украина. Судот, исто така, издаде налог за апсење на Марија Лвова-Белова, руска службеничка за правата на децата, која наводно го насочува префрлањето на украинските деца во Русија.

Кремљ ја отфрли наредбата, тврдејќи дека таа е неважечка бидејќи Русија не е под јурисдикција на МКС. Украина исто така не е членка на МКС.

Украина тврди дека во експлозија на Крим биле уништени руски ракети

(Фото: крстаречка ракета со долг дострел Калибр лансирана од руски воен брод од непозната локација.)

Експлозија на северот на анектираниот украински полуостров Крим уништила руски ракети кои се транспортирале со железница, соопшти украинското Министерство за одбрана.

Рускиот шеф на градот Џанкој изјави дека областа била нападната со беспилотни летала.

Украина ги објави експлозиите, но не кажа експлицитно дека стои зад нападот, пишува Би-Би-Си.

„(Експлозиите) го продолжуваат процесот на руска демилитаризација и го подготвуваат украинскиот полуостров Крим за деокупација“, се вели во соопштението на украинското Министерство за одбрана.

Киев соопшти дека проектилите биле наменети да бидат лансирани од бродови на руската Црноморска флота и дека имаат оперативен дострел од повеќе од 2.500 километри на копно и 375 километри на море.

Ихор Ивин, администратор назначен од Русија, рече дека 33-годишен маж бил пренесен во болница откако се здобил со повреди од шрапнел од соборениот дрон. Тој не спомна дека биле оштетени воени цели.

Неколку згради се запалија, а електричната мрежа е оштетена, рече Ивин, објавија локалните медиуми.

Русија последен пат ја обвини Украина за напад со дрон врз Црноморската флота во пристанишниот град Севастопол на Крим во октомври 2022 година.

Се вели дека се користени девет беспилотни летала во нападот во кој бил оштетен воениот брод. Украина не ја презеде одговорноста за нападот.

Сергеј Аксенов, гувернер на Крим назначен од Русија, на социјалните мрежи изјави дека противвоздушно оружје било истрелано во близина на Џанкоја, каде што биле уништени крстаречките ракети, се вели во соопштението на украинската разузнавачка агенција.

Руските власти не потврдија дека проектилите биле уништени во нападот. Украинските медиуми јавија дека пред експлозијата во Џанкој се слушнал звук од мотор на дрон.

Извештаите за напади врз руски воени бази и други цели на Крим не беа невообичаени за време на војната, но Украина ретко, ако некогаш, презеде одговорност за таквите напади, но го поздрави нивниот исход.

Извештајот за уништување на пратката крстосувачки ракети на Крим следеше по ненајавената посета на рускиот претседател Владимир Путин на полуостровот во саботата, по повод деветгодишнината од анексијата на украинскиот регион.

Путин отпатува на Крим еден ден откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) објави дека распишал налог за негово апсење под сомнение за воени злосторства и илегална депортација на стотици деца од Украина. Судот, со седиште во Хаг, Холандија, издаде и налог за апсење на Марија Лвова-Белова, комесарка на Русија за правата на децата.

Русија тврди дека депортацијата на децата од Украина е хуманитарен чин.

Москва ги отфрли наредбите на МКС, додека Украина ги поздрави како голем чекор напред во барањето правда за жртвите на руските воени злосторства.

Москва го зазеде Крим во 2014 година, а потоа го анектираше полуостровот. Овој потег беше осуден како незаконски од многу земји.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја врати целата украинска земја што Русија сега ја окупира, вклучувајќи го и Крим.

Битката за Бахмут продолжува, ЕУ и САД ветија муниција за Украина

Припадниците на 3-та одделна јуришна бригада (Азовската единица) на вооружените сили на Украина пукаа со хаубица 2A65 Msta-B од 152 мм, среде рускиот напад врз Украина, во близина на Бахмут. Архивска фотографија - февруари 2023.

Украинските сили ги одбија новите руски напади врз Бахмут, соопшти Киев на 20 март, додека битката за разурнатиот град во источниот украински регион Доњецк продолжи.

На двете страни има голем број жртви, додека Европската унија и Соединетите држави ветија дека ќе ја снабдуваат Украина со многу потребната муниција.

Одбраната на Бахмут продолжува, изјави заменик-министерката за одбрана Хана Маљар, истакнувајќи дека оваа недела се навршуваат два месеци од интензивирањето на борбите за Бахмут.

Руските и украинските сили инвестираа многу во битката за Бахмут, иако аналитичарите велат дека градот има мала стратешка вредност.

Главната управа за разузнавање на украинското Министерство за одбрана доцна на 20 март соопшти дека експлозија во Џанкоја на северот на Крим ги уништила руските крстосувачки ракети Калибр НК, додека се транспортирале со железница.

Дирекцијата соопшти дека ракетите биле наменети за лансирање од руски воени бродови на Црното Море. Крстосувачките ракети Калибр НК имаат дострел поголем од 2.500 километри. Тврдењето не можеше да се потврди независно.

Амазон отпушти уште 9000 вработени

илустрација

Американскиот технолошки гигант Амазон објави дека отпушта уште 9 000 работници.

Со оваа одлука бројот на луѓе кои останаа без работа во изминатите неколку месеци го зголеми на околу 27 000.

Во известувањето до работниците објавено на интернет, извршниот директор на Амазон, Енди Џеси наведува дека одлуката е донесена по анализа на приоритетите и поради неизвесноста на економијата.

Претходните отпуштања беа фокусирани на комерцијалниот дел на Интернет и бизнисот со уредите и човечките ресурси, а сега компанијата ќе ги елиминира работните места во веб-сервисот на Амазон, рекламирањето и деловите за стриминг Твич.

Бројни технолошки гиганти, како Мајкрософт, Алфабет и Мета отпуштија илјадници работници во изминатите неколку месеци. Џејси истакнува дека компанијата вработила значителен број вработени во последните неколку години, но дека неизвесноста на економијата ги принудува да ги намалат трошоците и да отпуштаат работници.

Стејт департментот за човековите права во Македонија: висока корупција и бавна правда

илустрација

Извештаи за сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во затворите, насилство и закани за насилство врз новинари, злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон припадници на ЛГБТ-и заедницата. Овие се клучните забелешки за состојбите со човековите права во Северна Македонија во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент.

Во него, меѓудругото се наведува дека иако во земјата има закон кој предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица, сепак постојат извештаи за функционери кои се вмешани во корупција.

„Владата останува најголемиот работодавач во земјата, а невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Јавните анкети постојано ја наведуваа корупцијата како една од главните грижи на граѓаните“, се наведува во извештајот од Стејт департментот.

Извештајот укажува и на случаите на отсуство на судска независност и намалената доверба на јавноста во правосудството.

„Уставот предвидува автономни и независни судови, но Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото“, се наведува во извештајот.

Понатаму се наведува и дека „судовите работеа со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и предметите со повеќе обвинети“.

Извештајот, меѓудруготo укажува и на лошите состојби во затворите, нехумани услови во пренатрупаните затворски оделенија и корумпиран персонал во затворите, како и дека полицијата злоупотребувала притвореници и затвореници и кон нив употребувала прекумерна сила.

ОН издадоа „водич за преживување“ за спречување на климатска катастрофа

илустрација

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш изјави дека новиот, главен извештај за климатските промени „претставува водич за опстанок на човештвото“.

„Чистата енергија и технологијата може да се користат за да се избегне можна климатска катастрофа“, се истакнува во извештајот.

Сепак, на состанокот во Швајцарија за објавување на наодите, климатолозите предупредија дека клучната цел за глобалното затоплување најверојатно ќе се пропушти.

Во извештајот тие објаснуваат како брзото намалување на потрошувачката на фосилни горива може да ги спречи најлошите ефекти од климатските промени.

Како одговор на наодите од извештајот, Гутереш рече дека сите земји треба да ги опишат своите планови за нулта потрошувачка за една деценија. Овие цели треба брзо да ги намалат емисиите на стакленички гасови кои ја загреваат атмосферата на Земјата.

„Прозорецот на можности да се обезбеди животна и одржлива иднина за сите брзо се затвора“, се наведува во извештајот.

Владите претходно се согласија дека ќе дејствуваат за да се избегне пораст на глобалните температури над 1,5 степени Целзиусови. Сепак, светот веќе се загреа за 1,1 степен и сега експертите предупредуваат дека температурата најверојатно ќе надмине 1,5 степени во 2030-тите.

Со извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени се согласија сите вклучени влади. Нивната нова студија има за цел на едно место да претстави неколку значајни наоди за причините, влијанијата и решенијата за борба против климатските промени кои се објавени од 2018 година. Во него се наведуваат значајните влијанија што климатските промени веќе ги имаат врз светот и се предупредува дека во иднина тие ќе станат полоши.

Брисел го воведе шестиот пакет санкции против Техеран

илустрација

Европската унија го воведе шестиот пакет санкции против Иран поради кршење на човековите права, додавајќи осум поединци и една компанија на листата на санкционирани. Имам, свештеник и тројца судии од Иран се опфатени со новите санкции. Тие се обвинети за кршење на човековите права.

„Европскиот совет конкретно ги казнува членовите на судството одговорни за изрекување смртни казни при нефер судења и за мачење на осуденици“, се наведува во соопштението.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, пред да се постигне договор за санкциите рече дека најновите санкции покажуваат дека ЕУ „не ги затвора очите“ пред злоупотребата на човековите права во Иран и ја пофали храброста на демонстрантите.

„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека никој не е над законот, поради што ќе го воведеме шестиот пакет санкции овде во Брисел“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.

Велика Британија, од своја страна, изјави дека вовела санкции за високи функционери на иранската Револуционерна гарда, вклучително и оние кои се одговорни за управување со финансиските инвестиции на единицата.

Санкциите на ЕУ сега ќе важат за вкупно 204 поединци и 34 компании во Иран.

Турција ќе добие милијарда евра помош од ЕК

илустрација од разорните земјотреси во Турција и Сирија

Европската комисија ќе и даде милијарда евра помош на Турција, која беше погодена од земјотреси, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на почетокот на меѓународната донаторска конференција.

Таа говореше за земјотресот, кој однесе речиси 50 000 животи во Турција и Сирија, како најголема природна катастрофа што го погоди регионот во последните години.

„Милиони сега се бездомници и живеат во шатори во текот на зимата. Мора да се мобилизираме за обнова. Куќите, училиштата и болниците мора повторно да се изградат со највисоки стандарди за безбедност од земјотреси. Водата, канализацијата и другата клучна инфраструктура мора да се поправат. На јавните служби и претпријатијата им треба капитал за повторно да работат, за луѓето да можат да заработат за живот“, рече Фон дер Лајен.

Таа истакна дека Комисијата ќе обезбеди дополнителни 108 милиони евра за хуманитарна помош и за обновување на Сирија. Европската унија не одржува дипломатски врски со претседателот на таа земја, Башар ал Асад, од војната што започна во 2011 година.

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) проценува дека „вкупниот финансиски товар од земјотресот“ за Турција е околу 103,6 милијарди долари, што е девет отсто од проектираниот БДП на земјата за 2023 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG